!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Ураганот Офелија се движи кон Европа, издадено црвено предупредување


Даблин, 14 октомври, 2017 - 17:50 (META) 

Ураганот Офелија преку Атлантскиот Oкеан се движи кон Европа, а прва на удар би можела да биде Ирска на почетокот на следната недела, соопштија метеоролозите.

Ветрови со јачина од 130 километри на час би можеле да ја погодат Ирска поради што е издадено црвено предупредување, соопшти Националната метеоролошка служба.

Силни и потенцијално разорни ветрови може да предизвикаат поплави, зголемено ниво на морето и оштетување на инфраструктурата, се наведува во предупредувањето.

Британската метеоролошка служба предупредува на силни ветрови во Северна Ирска, Шкотска и на југот на Англија.

Стручњаците наведуваат дека ураганот најверојатно ќе ослаби в понеделник и во вторник.

Ураганот Офелија е прв ураган што ќе го погоди европското подрачје по 1961 година и е десетти силен ураган кој оваа година се разви на Атлантикот.


Димитров во Талин на неформален состанок за безбедносните предизвици на Европа


Талин, 7 септември, 2017 - 16:02 (META) 

На покана на високaта претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, и на министерот за надворешни работи на Република Естонија, Свен Миксер, шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, денеска во Талин учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите кандидати за членство во ЕУ: Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

Дискусиите на дводневниот состанок, како што информира македонското МНР, ќе се фокусираат на спречувањето и на борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам, како заеднички безбедносни предизвици за земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати.

На маргините на состанокот министрите на земјите кандидати ќе учествуваат и на работен ручек, на кој ќе се дискутира за политиката на ЕУ за проширувањето и за статусот на реформите во земјите кандидати.


Мора да се затворат сите рути за да се спречи миграцијата, смета Курц


Виена, 8 август, 2017 - 14:06 (META) 

Илегалната миграција кон Европа ќе постои сè додека не се затворат сите, оцени шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц.

– Наша задача е да ја затвориме медитеранската рута. Мораме да осигураме дека сите рути ќе бидат затворени. Сè додека медитеранската рута е отворена, додека има рута кон Европа, луѓето ќе се движат кон нашите земји – рече Курц.

Тој, исто така, рече дека сè додека спасувањето од море осигурува билет за Европа, сè поголем број луѓе ќе се движат кон Стариот Континент.

Курц изразил задоволство што во Австрија, но и во Европа дошло до промена во вистинска насока, односно што е сфатено дека рутите мора да бидат затворени.

– Има промени, но тоа не е доволно – рече Курц и додаде дека ќе продолжи да се бори против илегалната миграција и за помагање на земјите од кои мигрантите потекнуваат.


Пронајден список со 173 припадници на ИД, шестмина се од Европа


Берлин, 3 август, 2017 - 19:11 (META) 

Досие со имиња на 173 припадници на Исламска држава е пронајдено во засолниште на терористичката организација во Мосул, пишува германскиот весник „Велт“.

Како што се наведува, станува збор за список на потенцијални бомбаши самоубици кои се спремни да ја нападнат Европа во знак на одмазда за поразите на ИД во Ирак и во Сирија.

Досието пред неколку месеци го пронашле ирачките специјални сили при ослободување на Мосул. Тие го проследиле до американските разузнавачки служби, а оттаму до Интерпол.

Германскиот весник наведува дека Интепол во мај го испратил списокот со сите европски тајни служби.

Во досието, покрај имињата на џихадистите, се наоѓаат и нивните фотографии, како и податоци од кои земји потекнуваат. „Велт“ наведува дека некои од фотографиите изгледаат како оние од пасош.

Повеќето од лицата на списокот се од Ирак, но има и од Тунис, Мароко, Јордан, Саудиска Арабија и од Таџикистан.
Сепак, шест од терористите на списокот се од Европа – Белгија, Холандија, Франција и Германија.

Единствениот германски државјанин на списокот е Сами Ј. (27), кој од претходно е познат како водач на вахабистичката органиација „Милату Ибрахим“, која е забранета во Германија.

Како и другите странски борци на Исламска држава, и тој има свој псевдоним – Абу Асид ал Алмани, што значи „германски“ на арапски јазик. Тој во 2012 година отпатувал во Египет, па во Либија, а на крај завршил во Сирија каде се приклучил на ИД. Подоцна му се приклучиле сопругата и детето.

Исламска држава во јули објави дека Ал Алмани загинал, но не наведе како.

Западните разузнавачки служби поради тоа се посомневаа дека станува збор за намерна дезинформација. Тие сметале дека Исламска држава сака да го прикрие планот да го прокриумчари Ал Алами во Европа за да изврши самоубиствен напад.

Се проценува дека дури 6.000 европски муслимани досега отишле да се борат во Сирија и во Ирак за Исламска држава, од кои 940 се од Германија. Некои во меѓувреме се вратиле, а многу загинале во самоубиствени напади. Колку од нив сè уште има на подрачјето на сè помалиот „калифат“, не е познато.


Хојт Ји: Најтемниот момент на Балканот беше 27 април во Собранието на Македонија


Дубровник, 1 јули, 2017 - 16:12 (META) 

Најтемниот момент на Балканот годинава беше 27 април во Собранието на Република Македонија, а најдобрата вест во целиот регион – формирањето на новата реформска влада. Ова го истакнал заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Хојт Брајан Ји, во рамките на панел-дискусијата на „Дубровник форум 2017“, што се одржува денеска на тема „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“.

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, во своето обраќање на панел-дискусијата, истакнал дека „Балканот мора да порасне и тоа брзо, пред младата генерација целосно да дигне раце и да оди самата во Европа“.

Во контекст на мигрантската криза, Димитров додал дека поуката од неа е дека ниту една држава не може да се справи сама со големи предизвици, туку дека е потребна „координирана акција и заеднички одговор, особено превентивно делување во корените на проблемот“.

„И на домашен план, по внатрешно-политичката криза во Република Македонија научивме важни лекции: Стабилноста, демократијата и правната држава одат заедно. Една држава не може да биде стабилна на долг рок ако има фрагилни институции. Стабилноста доаѓа од силни институции, владеење на првото, независно судство, економски просперитет, слободни медиуми. Новата реформска влада посветено работи да ја врти државата на европскиот пат“, рекол Димитров, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Инаку, министерот Димитров и Хојт Брајан Ји имале средба на која била потенцирана поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Македонија.

На форумот, како што информираат од МНР, биле дискутирани актуелните теми во регионот, решавањето на заедничките предизвици за безбедноста и стабилноста во Јадранско–медитеранската област, а во фокусот, исто така, биле „меѓузависноста на состојбите на Блискиот Исток, Северна Африка и Европа, како и мобилноста и образованието на младите“.


Исламска држава се реорганизира и се фокусира на напади во Европа, оцени ОН


Њујорк, 9 јуни, 2017 - 10:24 (META) 

Џихадистичката Исламска држава, и покрај воените неуспеси во Ирак и Сирија се реорганизира и ги насочува своите напади во странство, посебно во Европа, соопштија Обединетите нации.

Потсекретарот на ОН за политички праташа Џефри Фелтман изјави дека џихадистите пружаат отпор во Мосул и Рака, но и дека ги реорганизираат своите воени структури, давајќи им поголеми овластувања на локалните водачи и фокусирајќи се на напади вон зоните на конфликт.

Фелтман како примери ги наведе нападите во Белгија, Франција, Велика Британија, Русија, Шведска, Турција и Германија. Тој рече дека во последните 16 месеци намалени се пораките на исламистите на социјалните мрежи, но заканите остануваат затоа што нивните приврзаници делуваат надвор од Ирак и Сирија и продолжуваат да ја шират нивната пропаганда.

Тој оцени дека ИД месечно добива по неколку десетици милиони долари од продажба на нафта, изнуда на пари, откуп од киднапирани лица, шверц на антиквитети и експлоатација на други ресурси на териториите под нивна контрола, како што е продажбата на фосфат.


Заев: На Македонија, повеќе од кога било ѝ е потребна Европа


Скопје, 9 мај, 2017 - 14:06 (META) 

„Mожно и остварливо e Македонија да биде дел од обединета Европа. Граѓаните се обединети како никогаш досега во вредностите што го штитат човековото достоинство, што гарантираат еднаквост пред законот и правда за сите, што обезбедуваат економска стабилност на семејствата и безбедносна стабилност на државата“, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во своето обраќање по повод Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот (9 Мај).

Тој додава дека на Македонија, повеќе од кога било ѝ е потребна Европа зашто таа ги повлекува граѓаните на нашата земја во еден просперитетен и надежен свет.

„Пред нас има многу предизвици за кои се потребни уште многу труд, енергија, ентузијазам. Тоа не може да го направи еден човек, ниту неколкумина политичари. Потребни сте сите. Секој со своето знаење, секој со она што е, може да придонесе за изградбата на современа, демократска и европска Македонија. Го заслужуваме тоа по сите предизвици низ кои поминавме“, додава Заев во честитката.

Тој, исто така, вели дека македонското општество 10 години се борело со автократски режим и дека сега е на прагот на слободата, демократијата и на европските перспективи.


Денеска се одржува вториот круг од претседателските избори во Франција


Париз, 7 мај, 2017 - 12:52 (META) 

Во Франција утринава, во осум часот, беа отворени избирачките места на кои 47 милиони Французи во вториот круг од претседателските избори ќе одлучуваат за новиот шеф на државата.

До 12 часот, излезноста на гласачите е 28,23 отсто. Своето право на глас го остварија и претседателските кандидати, лидерката на ултрадесницата, Марин ле Пен, и проевропски ориентираниот претседателски кандидат, Емануел Макрон.

Францускиот претседател во заминување, Франсоа Оланд, исто така гласаше и ги повика гласачите да го поддржат Макрон.

Аналитичарите оценуваат дека овие избори во Франција може да бидат одлучувачки за иднината на Европа.

Првите официјални резултати се очекуваат по затворањето на избирачките места, во 20 часот.


САД со предупредување до своите државјани што патуваат во Европа, поради тероризам


Вашингтон, 2 мај, 2017 - 11:13 (META) 

Стејт департментот на САД издаде предупредување до американските државјани што имаат намера да патуваат во Европа, укажувајќи на континуираната закана од терористички напади.

„Додека локалните влади ги продолжуваат операциите за сузбивање на тероризмот, Стејт департемнтот сепак останува загрижен од можноста за идни терористички напади. Државјаните на САД секогаш треба да имаат на ум дека симпатизери на терористите или саморадикализирани екстремисти можат да изведат напади со мало или без никакво предупредување“, се наведува во соопштението на одделот за конзуларни работи на Стејт департментот на САД.

Во предупредувањето се потсетува на неодамнешните напади во Франција, Русија, Шведска и во Велика Британија, со напомена дека екстремистите се фокусираат на главните туристички локации.


ИОМ: Повеќе од 43.000 мигранти пристигнале во Европа од почетокот на 2017 година


Женева, 25 април, 2017 - 13:12 (META) 

Повеќе од 43.000 мигранти и бегалци пристигнале во европските земји од почетокот на оваа година, откако успаеле да го преминат Средоземно Море, соопшти денеска Меѓународната организација за миграција (ИОМ), пренесуваат агенциите.

Во извештајот се наведува дека во овој период исчезнале околу 1.000 луѓе за време на опасното патување преку Медитеранот во Европа.

Инаку, бројот на мигранти што во изминатите четири месеци пристигнале на грчките острови изнесува 4.843 лица, што е значително помалку во споредба со истиот период минатата година кога пристигнале повеќе од 154.000 луѓе.

Од почетокот на оваа година, преку море во Италија влегле 36.851 мигрант, што е зголемување од 45 отсто во однос на бројот на пристигнувања на мигранти во оваа земја по централната средоземна рута.