Тевдовски: Од 2019 година ќе почнеме со среднорочно буџетирање


Виена, 16 јануари, 2018 - 15:50 (META) 

Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најавил денеска министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Јуромани“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23 година по ред во Виена.

Според министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.

Тевдовски исто така истакнал дека Македонија издаде еврообврзница со историски најниска камата, но и дека интересот бил огромен.

– Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политики не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа која би ја истакнал е дека Македонија сега за првпат влезе во проактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата која доспева 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа која доспеваше наредните години, по двојно пониска камата – рекол Тевдовски.


Тевдовски: Најновата еврообврзница е со досега најниска каматна стапка


Скопје, 12 јануари, 2018 - 16:31 (META) 

Парите од еврообврзницата, со која Македoнија на странскиот пазар се задолжи за половина милијарда евра, ќе бидат потрошени за покривање на буџетскиот дефицит, враќање на стари долгови, реализација на капитaлни инвестиции, зголемување на средствата за одбраната и за зголемени плати во образованието и здравството, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според него, историски најниската каматна стапка од 2,75 проценти за еврообврзницата е показател дека на меѓународниот финансиски пазар и меѓу инвеститорите постои доверба во перспективите на македонската економија и стабилноста на земјата.

Просечната каматна стапка на претходните еврообврзници изнесуваше 5,34 проценти.

– Парите од оваа евробврзница нема да се трошат за непродуктивни работи, споменици и фасади. Дел од овие пари ќе се потрошат и за покривање на стари долгови по овие ставки. Во буџетот, кој што е изгласан од Собранието, е проектирано за кои капитални инвестиции ќе бидат потрошени парите – нагласи министерот за финансии.

Тој додаде дека, првпат во историјата каматната стапка на еврообврзницата е пониска од проектираниот пораст на економијата од 3,2 проценти. Со еврообврзницата ќе бидат вратени и претходно направени долгови, па така на 29 јануари ќе се отплати првата рата на „Пи би џи“ (PBG) кредитот земен во 2013 година во износ од 95 милиони евра.

– Исто така, ги искористивме поволните услови на меѓународните пазари и срушивме дел од огромниот ѕид на долгови со кои се соочува Македонија во 2020 година. Предвреме вративме една третина од еврообврзницата од 270 милиони евра издадена во 2015 година, која достасува во декември 2020, и чија што каматна стапка на издавање од 4,875 проценти е значително повисока од каматна стапка на новоиздадената еврообврзница од 2,75 проценти. Со ова го намаливме долгот кој достасува во 2020 година и обезбедивме значително понизок ризик на рефинансирање – додаде Тевдовски.

Тој појасни дека, имајќи предвид што со еврообврзницата враќаме речиси 200 милиони евра претходно наталожени долгови, нето-задолжувањето со оваа еврообврзница изнесува околу 300 милиони евра.

На новинарско прашање во однос на транспарентноста на целата постапка за задолжување со еврообврзницата, министерот за финансии рече дека и при претставувањето на буџетот во Собранието најавил дека дефицитот ќе се финансира од позајмување од домашниот или од странските пазари, но под услов каматните стапки да се поволни.

Одлуката за новото задолжување била објавена во Службен весник, но не е најавена на прес-конференција оти ако било соопштено дека се планира издавање на еврообврзница, тоа би можело да ја крене цената, бидејќи станува збор за ценовно чувствителна информација.

– Со тоа што излеговме на меѓународен пазар, средствата на домашните банки ги оставивме слободни и може да се употребат за финансирање во домашната економија – дополни Тевдовски.


Министерство за финансии ќе позајмува повеќе пари дома, а може да издаде и еврообврзница


Скопје, 28 јуни, 2017 - 13:54 (META) 

Од почетокот на мандатот новата влада не се задолжи дополнително заради покривање на буџетскиот дефицит, туку преку продолжување на роковите на хартиите од вредност што достасуваат, а наскоро ќе се задолжува и на домашниот пазар, рече на денешната прес-конференција министерот за финансии, Драган Тевдовски.

– Од моментот на стапување на должност на новата влада, Министерството за финансии не креираше ново задолжување, туку само ги презапишуваше државните хартии од вредност што во тој момент достасуваа. Во буџетот за 2017 година е предвидено финансирање на буџетскиот дефицит од домашниот пазар и од странско задолжување – рече Тевдовски.

Тој посочи дека државата, преку Министерството за финансии, отсега ќе се задолжува повеќе на домашниот пазар отколку на странскиот. Како аргументи ги наведе пониските камати на домашните обврзници, кои во најголемиот износ се за околу 40 отсто пониски отколку за еврообврзниците. Аргумент за тоа е и поголемиот интерес за купопродажба на домашните обврзници, но и можноста за враќање на долгот на подолг рок отколку во случајот на еврообврзниците, наведе Тевдовски.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ немаат легитимитет да зборуваат за цената за еврообврзницата


Скопје, 21 јуни, 2017 - 17:14 (META) 

„СДС немаат легитимитет да зборуваат за цената која ја плаќаат за еврообврзницата. Поради нивната антидржавна политичка кампања што ја водеа минатата година, сега граѓаните плаќаат 20 милиони евра повисока камата“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на Министерство за финансии.

Од партијата додаваат дека „пазарот на пари беше и тогаш и сега ликвиден, односно има пари, но СДС секогаш е причината поради кои граѓаните скапо плаќаат.“

„Благодарение на писмата кои тие како партија ги пишуваа до инвеститорите и ги повикуваа да не ја купуваат еврообврзницата тие ги чинеа македонските граѓани 20 милиони евра. Ова беше рамно на финансиски тероризам против својата земја“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Финансиските пазари позитивно гледаат на политичката стабилизација во Македонија


Скопје, 21 јуни, 2017 - 15:04 (META) 

Пазарите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија, информираат од Министерство за финансии.

Оттаму велат дека показател за тоа е намалувањето на стапката на принос на македонските еврообврзници кои се тргуваат на меѓународните финансиски пазари.

„Од средината на мај, приносите на сите три еврообврзници бележат постојано намалување.Така, стапката на принос на последната еврообврзница што доспева во 2023 година, до средината на мај постојано беше над 4,5 проценти, а денеска е сведена на 3,9 проценти, што е историски најниско ниво за оваа еврообврзница“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.


Миноски: За исплата на субвенциите, чекаме да се објави одлуката на Уставен суд


Скопје, 11 мај, 2017 - 13:37 (META) 

Министерот за финансии, Кирил Миноски, денеска изјави дека буџетот е ликвиден, а за исплата на земјоделските субвенции ќе се чека да се објави одлуката на Уставниот суд на официјалната веб-страница или во „Службен весник“.

– Треба да ја видиме одлуката и да видиме кога ќе биде објавена. Доколку не е спорна и ако не постои законска пречка, ќе може да се почне со исплата на субвенции – изјави Миноски, одговорајќи на новинарски прашања во Градски парк, на одбележување на Денот на финансиската едукација.

Тој изјави дека во моментов не постои потреба од ребаланс на буџетот, како и за издавање еврообврзница, бидејќи постои доволна ликвидност на домашниот пазар и наплатата на приходите е на соодветно ниво.


Техничката влада на Димитриев се спрема за издавање на нова еврообврзница оваа есен


Лондон, 26 април, 2017 - 20:05 (META) 

Актуелната власт размислува и презема подготвителни активности за издавање на нова еврообврзница во четвртиот квартал од годинава, за да ги отплати долговите кои достасуваат за наплата идната година, извести деловниот информативен сервис „Интелињус“ (Intellinews), повикувајќи се на извори од австриската банка „Рајфајзен“.

Ако новата еврообврзница биде издадена, се вели понатаму во веста, најкраток можен рок на достасување за отплата би бил 1 декември 2020 година. Кој би бил износот на оваа идна еврообврзница, не е наведено.

Од Министерството за финансии за „Интелињус“ изјавиле дека одлуката дали и кога ќе биде издадена новата еврообврзница ќе зависело само од актуелните услови на пазарите на капитал. Тие додале дека „Македонија е компетитивна на меѓународните пазари на капитал и постојано одржува контакти со инвеститорите.“

Сепак, според „Рајфајзен“, власта веќе правела подготвителни „роуд-шоуа“ на кои ги информирала инвеститорите за економската и за политичката состојба во земјава.

„Продолжената политичка криза се заканува со нови предвремени избори. Исто така, се чувствуваме помалку вознемирени во однос на владините инвестициски планови кои би го зголемиле јавниот долг на Македонија од сегашните 48 проценти од домашниот бруто-производ на 55 проценти на среден рок. Ова нè потсетува на случајот со една друга мала балканска земја, Црна Гора, чија преамбициозна инвестициска програма доведе до значително нарушување на јавните финансии и на надворешната ликвидносна позиција“, велат од австриската банка, за овој можен чекор на македонските власти.


СДСМ: Миноски побара 16,1 милиони евра, но ги задолжи граѓаните 24 милиони евра повеќе


Скопје, 24 јануари, 2017 - 15:38 (META) 

Недозволиво е министерот за финасии во заминување, Кирил Миноски, да ги задолжи граѓаните со преку 24 милиони евра повеќе од пристигнатите обврски за плаќање, без да објасни зошто, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека Миноски побарал 16,1 милиони евра за доспеаните обврски, но ги задолжи граѓаните со 24 милиони евра повеќе.

– За само 24 дена, министерот за финансии во заминување им натовари на граѓаните нов нето-долг од речиси 40 милиони евра. Како да е малку ова, Кирил Миноски на меѓународна конференција пред неколку дена најави дека сакал да издаде нова еврообврзница – се вели во соопштението на СДСМ.


Јавниот долг изнесува 50,6 проценти од БДП, објави Министерство за финансии


Скопје, 31 октомври, 2016 - 15:25 (META) 

Министерството за финансии денеска ги објави податоците за државниот и за јавниот долг, кои изнесуваат 41,9 отсто и 50,6 проценти за третиот квартал од 2016 година.

Како што велат од Министерството за финансии, зголемувањето на државниот и на јавниот долг во однос на вториот квартал се должи на издавањето на еврообврзницата во јули 2016 година, која е наменета за покривање на буџетскиот дефицит во 2016 и во 2017 година.

– Со еврообврзницата ќе се покријат повеќе обврски кои доспеваат во текот на оваа и на наредната година, како отплата на 130 милиони евра која ќе се изврши во ноември врз основа на доспеан кредит – велат од Министерство за финансии.


Наумов: Jавниот долг зголемен за нови пет милиони евра


Скопје, 6 септември, 2016 - 15:29 (META) 

„Министерството за финансии денеска запиша 34 милиони евра во државни хартии од вредност. Иако за враќање доспеваа 29 милиони евра, министерот Кирил Миноски одлучи да го зголеми јавниот долг за нови пет милиони евра“, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик-министер за економија, Кире Наумов.

Според Наумов, „незаконската еврообврзница од 450 милиони евра за оваа неодговорна власт не е доволна за сервисирање на редовните обврски на буџетот“.

– Наместо во најмала рака задолжувањата на домашниот пазар на хартии од вредност да се во рамките на износот на долговите што доспеваат за враќање, министерот Миноски продолжи со трупање нови долгови. Повторно укажувам дека секое вакво задолжување на Владата без согласност на дополнителниот заменик-министер за финансии е незаконско – вели Наумов.

Тој предупреди дека ќе ги искористат сите правни средства што им стојат на располагање за да го оспорат ваквото незаконско задолжување на товар на граѓаните и сите задолжувања ќе бидат преиспитани во предизборниот период.