!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димитров и Хан во Брисел разговарале за реформите


Брисел, 26 септември, 2017 - 19:46 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Брисел имал работна средба со еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, на која го информирал еврокомесарот за досегашното спроведување на реформите во согласност со планот „3-6-9“, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).

Димитров ја повторил заложбата на Владата за целосна вклученост во спроведувањето на реформите за набргу да се отвори патот за обновување на препораката за почеток на пристапните преговори.

„Министерот Димитров изрази убедување дека напредокот на земјата ќе овозможи отворање на дискусија за донесување одлука за почеток на пристапните преговори, како чекор кон остварување на стратешката цел на Македонија – членство во Европската Унија. Еврокомесарот Хан ја повтори посветеноста на Европската комисија за понатамошна соработка со Владата на Република Македонија во функција на успешна реализација на итните реформски приоритети и забрзување на евроинтегративниот процес на Република Македонија“, стои во соопштението од МНР.


Хан на средба со Димитров во Талин дал поддршка за владините реформи


Талин, 8 септември, 2017 - 14:39 (META) 

На маргините на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите кандидати за членство во ЕУ во Талин, денеска шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, имал средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, соопшти македонското министерство за надворешни работи.

„На средбата шефот на македонската дипломатија го запозна еврокомесарот со досега постигнатото во првите 100 дена од Владата на Република Македонија, кој пак го поздрави напредокот и даде поддршка на процесот, како и на европските чекори и добрососедството на новата надворешна политика“, стои во соопштението.

Исто така, министерот Димитров учествувал и на работниот ручек со земјите кандидати, на кој се дискутирало за политиката на ЕУ за проширувањето и за статусот на реформи во земјите кандидати. Притоа Димитров разговарал со  колегите од Бугарија, Грција, Холандија, Велика Британија и од Словенија.

Неформалниот состанок беше организиран од високата претставничка за надворешни работи и за безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и од министерот за надворешни работи на Република Естонија, Свен Миксер, а во неговата главна програма беа дискусии за спречувањето и за борбата против радикализацијата и насилниот екстремизам, како заеднички безбедносни предизвици за земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.

– Интеграцијата на нашиот регион во ЕУ е исклучително важна за безбедноста на Европа. Насилниот екстремизам, радикализам и тероризам не познава граници. Затоа, нашиот заеднички одговор мора да биде единствен и целосно координиран – истакнал шефот на македонската дипломатија на состанокот.

Тој  изразил благодарност на естонското претседателство со Советот на ЕУ за поддршката кон политиката на ЕУ за проширувањето, додавајќи дека оваа политика на Унијата треба да се смета како комплементарно средство на нејзината безбедносна политика и ја реафирмира заложбата на Македонија за постигнување на суштински напредок во имплементацијата на реформите.


Заев: Со Хан в понеделник ќе ги договараме првите реформски приоритети


Тетово, 7 јуни, 2017 - 11:04 (META) 

Премиерот Зоран Заев вчера, при посетата на Порој, одговарајќи на новинарско прашање, потврди дека в понеделник ќе ја оствари првата официјална посета на Брисел и првата средба со еврокомесарот Јоханес Хан, на која ќе се договараат првите реформски приоритети што треба да ги реализира новата влада. На првата официјална посета, премиерот ќе биде придружуван од вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров и од други владини функционери.

– Во моментот таа посета ни е најважна поради тоа што треба да го постигнеме договорот за првите реформиски приоритети со кои ќе се зафати Владата во согласност со извештајот на Прибе, како и во согласност со извештајот на Европската Унија. Тимовите се подготвени, со засукани ракави, подготвени сме да се втурнеме во процесот на работа. Се надевам дека ќе оствариме средби и со други високи претставници на Евопската Унија, како што се Јункер, Туск, Могерини, за да можеме генерално да ги сублимираме сите очекувања на високите институции на ЕУ за да работите што ќе се спроведат во Република Македонија да бидат прецизни, точни, навремени и во согласност со очекувањата на граѓаните, но, секако, и на ЕУ – рече Заев.

Премиерот појасни дека најверојатно потоа првата посета ќе биде на Бугарија, која на почетокот на следната година ќе го преземе претседателството со ЕУ.

– Веднаш потоа веројатно следува посета на една од соседните земји, јас верувам дека тоа ќе биде Република Бугарија, поради тоа што Република Бугарија ќе биде претседавач со ЕУ од 1 јануари, а е целосно подготвена да ѝ помогне на Македонија како свој сосед во интегративните процеси. Ваквите најави значат засилена активност, сериозно мотивирана прво внатре во државата, а со помош на пријателите од ЕУ и на соседите на Р.Македонија, да ја придвижиме силно Македонија кон полноправно членство во НАТО и во ЕУ – рече Заев во Порој.


Бугарката Марија Габриел ќе биде еврокомесар за дигитална економија


Брисел, 16 мај, 2017 - 13:29 (META) 

Марија Габриел, која беше номинирана од Бугарија за нов еврокомесар, ќе го води ресорот дигитална економија и дигитално општество, соопшти претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по средбата со бугарската кандидатка за нов член на „владата“ на ЕУ.

Бугарија нема свој претставник во ЕК од почетокот на годинава, откако Кристалина Георгиева поднесе оставка на функциите заменик-претседател и еврокомесар за буџет во ЕК за да ја преземе функцијата извршен директор на Светска банка.

Јункер ја потврди компетентноста на Марија Габриел за позицијата и кажа дека за одлуката за ресорот го информирал и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Како комесар за дигитална економија и дигитално општество, Габриел ќе го поддржува исполнувањето на стратегијата за единствен дигитален пазар, која беше прифатена од Европската комисија пред точно две години. Задолженијата на новата еврокомесарка се и поставување на темелите за дигиталната иднина на Европа, кои вклучуваат телекомуникациски мрежи од континентални размери, прекугранични дигитални услуги и бран на нови иновативни европски фирми.


Европратеничката Марија Габриел номинирана од Бугарија за еврокомесар


Софија, 10 мај, 2017 - 14:01 (META) 

Марија Габриел, пратеничка на Европската народна партија (ЕПП), е номинирана за еврокомесар од Бугарија, соопшти шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, по седницата на владата на Бугарија. Габриел, која е пратеничка во Европскиот парламент од 2007 година, сега треба да биде одобрена од нејзините досегашни колеги.

Најверојатно ресорот на 37-годишната Габриел во Европската комисија (ЕК), ќе биде дигитализацијата.

Бугарија нема свој претставник во ЕК од почетокот на годинава, откако Кристалина Георгиева поднесе оставка на функциите заменик-претседател и еврокомесар за буџет во ЕК за да ја преземе функцијата извршен директор на Светска банка.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го информирал Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, за кандидатурата на Марија Габриел и очекува наскоро обајцата да разговараат за кандидатурата, како и да стигне и одобрение од Јункер, како што предвидува Договорот за ЕУ.


Димовски до Хан: Вторпат го кршите ветувањето дека нема да се мешате


Скопје, 27 февруари, 2017 - 10:40 (META) 

Пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска реагираше на изјавата на Јоханес Хан, од саботата, со забелешка до еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика дека „пред само десет дена во Скопје јавно кажал дека нема да се меша, а сега објавува на „Твитер“ дека претседателот Иванов треба да го даде мандатот на овој или оној…“

„Дали тоа не е мешање?“, прашува Димовски во реакцијата објавена на неговиот фејсбук-профил, во која го повикува Хан да каже што мисли за предлогот наместо 67, идната влада да има поддршка од 100 пратеници.

– Кога веќе решивте на претседателот на Република Македонија, избран од граѓаните, да му кажувате што да прави околу мандатот, добро е и да кажете што мислите за предлогот наместо 67, идната Влада да има поддршка од 100 пратеници, но без редефинирање на државата, без двојазичност на целата територија, без бинационалност, а со зачувување на унитарноста, името и на македонскиот идентитет? Велевте дека треба поширока поддршка на владата, еве ја. Ако еднаш го прекршивте ветувањето дека нема да се мешате, повелете и вторпат, одговорете – стои во реакцијата на Димовски на „Фејсбук“.

Вчера, со слична изјава како таа на Хан излезе и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој истакна дека откако се собрани потписите, очекува „властите во Скопје да го исполнат следниот чекор во демократскиот процес“.

Тој ги повикува сите страни на воздржаност во изјавите и во дејствата и да донесуваат одлуки во корист на граѓаните.


Хан за „Цајт“: Во Македонија треба да се постигне промена во еден еволуциски процес


Брисел, 11 февруари, 2017 - 13:01 (META) 

Ако не извезуваме стабилност, ќе увезуваме нестабилност – тоа важи како за Балканот, така и за преостанатото соседство на ЕУ, оценува еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за електронското издание на германскиот весник „Цајт“, а во кое зборува и за Македонија, пренесува „Дојче веле“.

„Во наш интерес е во ПЈР Македонија да има стабилност и развој на правна држава. Секоја земја на Балканот треба да има европска перспектива. Тоа значи дека треба да се постигне промена во еден еволуциски процес. Ние се ангажиравме многу. Издејствувавме низа резултати. Имаше слободни и фер избори. За земјата, се разбира со извесен напор, е подобро ако тој развој продолжи мирно“, вели Хан, во кусиот одговор на прашањето за Македонија.

На прашањето дали Европската Унија е заинтересирана само за стабилност на Западниот Балкан и дали е важно само да биде мирно, Хан вели дека би било „наивно да се верува дека промена на режим може да се наметне однадвор“.

„Тоа не е ниту наша намера. Ние ги почитуваме нашите партнери како суверени држави. Нашиот ‘мек пристап’ (Хан го користи англискиот термин „soft power“) се состои во тоа да се постигне стабилност и благосостојба со мирнодопски средства. Не можеме од една страна да зборуваме за правна држава и демократски процеси, а истовремено луѓето на Западен Балкан да ги поместуваме овде-онде како на шаховска табла“, вели еврокомесарот за проширување и добрососедска политика.

Тој Западниот Балкан го споредува со тава полна со масло и вели дека „доволно е само едно чкорче и сѐ би пламнало“.

„Долгорочно смирување на регионот е можно само преку перспектива за зачленување во ЕУ“, вели Хан.

Во опширното интервју тој зборува и за влијанието на Русија и вели дека „Москва не седи со скрстени раце“, а околу прашањето дали Русија води хибридна војна на Балканот, нагласува дека „не би одел толку далеку и не би зборувал за војна“.

„Но, постојат дезинформации и обиди за остварување целно влијание за да се поттикне определено расположение и да се создадат одредени слики. Тоа во меѓувреме се класични методи. Но, тоа нема трајно да влијае врз развојот на настаните, во тоа сум уверен. Европа тука има добра позиција, зашто во државите на Западен Балкан ориентираноста кон Европа е толку силна, што секој политичар кој сака да биде реизбран се насочува во правец на Европа“, вели Хан.

Еврокомесарот за проширување неделава беше во дводневна посета на Македонија каде учествуваше на шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната соработка во областа на енергетиката. Тој имаше и средби со лидерите на политичките партии кои на изборите на 11 декември обезбедија пратенички места во Собранието со кои разговараше околу актуелната ситуација за формирање на нова влада.


Кристалина Георгиева: Не ја напуштам Европската комисија поради кампањата во ОН


Софија, 30 октомври, 2016 - 15:30 (META) 

Поранешната еврокомесарка Кристалина Георгиева во интервју за бугарското национално радио вели дека напуштањето на Комисијата не е поради кампањата за генерален секретар на Обединети нации. Како што вели, таа ја одобрила промената на кандидатите за генерален секретар на ОН.

– Моето учество во кампањата за Обединети нации беше поради тоа што одредени држави од Источна Европа му предложија на нашиот премиер да направиме последен обид Источна Европа да ја добие оваа позиција – рече Георгиева.

Таа позитивно го оцени потегот на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и рече дека е многу благодарна на Бугарија што ѝ дала шанса седум години да биде  еврокомесар. Георгиева му заблагодари и на претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер, за прекрасната соработка.

– Работев со прекрасни луѓе и имав добри колеги на кои сум многу горда. Работата што ми е понудена во Светска банка е шанса која се добива еднаш во животот. Навистина ми е жал што морам да си заминам, но оваа одлука е добра за мене, за Европа и за Бугарија – рече Георгиева.


Хан не нè спомна, побара Западен Балкан прво економски да се обедини, па да влезе во ЕУ


Париз, 4 јули, 2016 - 13:53 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, во своето обраќање на бизнис-форумот во рамките на Самитот за Западен Балкан во Париз, со ниту еден збор не ја спомна Македонија, за разлика од Црна Гора, Албанија, Србија и од Косово.

Еврокомесарот смета дека иако во моментов ЕУ е во тешка фаза, потенцијалот за членство во ЕУ продолжува да биде фактор на промени и сидро на стабилност за земјите од Југоисточна Европа.

Хан притоа нагласи дека мерките што ЕУ ги предлага треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред земјите и официјално да станат членки на Унијата.

„Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот пораст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Нашиот пристап е да го зајакнеме економското владеење. Тоа е единстевниот начин за регионот да доживее долгорочен економски пораст и подоборување на продуктивноста и на компетитивноста“, вели Хан.

Според еврокомесарот, повеќето земји покажале силна посветеност на економскиот реформски процес и го поставиле како централен елемент во своето стратешко планирање во економијата. Неговата имплементација, додава Хан, се одвивала со различна динамика во секоја земја, особено во однос на клучните препораки за структирни реформи.

„Секоја влада за следната година треба да преземе конкретни чекори за спроведување на секоја од реформите“, рече Хан, додавајќи дека ЕУ била многу јасна кога посочила дека станува збор за реформи кои се неопходни за да им се даде вредност на инвестииците.

Тој вели дека поврзувањето не значи само градење на нова инфраструктура, туку се огледува и во начинот како таа најдобро да се искористи.

„Инвестициите без реформи немаат многу смисла. Зошто некој би инвестирал во нови патишта ако постојната мрежа не се одржува правилно? Ние решивме да дадеме 96 милиони евра за три железнички инфраструктурни проекти во Србија, Албанија и во Касово. Исто така, ќе дадеме 50 милиони евра за „зелени проекти“, како што се енергетската ефикасност на стабени згради и мали хидроцентрали. Ова покажува дека ние сме сериозни во нашата решеност до 2020 година висината на грантовите за кофинансирање на поврзувачки проекти да изнесува 1 милијарда евра. Сите овие мерки треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред приклучувањето на земјите во ЕУ“, рече Хан.


Аврамопулос: ЕК е подготвена за санкции кон земјите што одбиваат да прифатат бегалци


Атина, 23 јуни, 2016 - 19:58 (META) 

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, денеска изјавил дека Европската комисија е подготвена да воведе санкции за земјите членки на Европска Унија кои одбиваат да прифатат бегалци, во согласност со договорениот план за прераспределба, јавуваат светските агенции.

Аврамопулос, на бизнис-конференција во Атина, ги критикувал „популистичките и националистичките лидери“ на европските земји, кои изјавуваат дека нема да се придржуваат на планот.

Тој оценил дека лидерите кои се против прифаќањето на бегалците, ја подриваат солидарноста во ЕУ и во нивните држави.

Неколку источноевропски земји, меѓу кои Унгарија и Словачка, остро се противат на планот за прераспределба на бегалците и бараат од ЕУ негово преиспитување.