Заев: Очекувам решение за името до крајот на јуни, Уставот ќе се отвора пред влезот во ЕУ


Скопје, 3 мај, 2018 - 9:48 (META) 

Со овие продемократски, прозападни и проевропски манири со коишто се однесуваме и двете страни во разговорите верувам дека ќе смогнеме сили до самиот крај да изнајдеме решение кое биде од корист на двете страни. Верувам дека може Македонија заедно со Грција да постигне решение пред одржувањето на Советот на министри, односно Советот на Европа. А веднаш после него е и Европскиот совет. Тоа е крајот на јуни. Би сакал да постигнеме решение дури и до Самитот на Европската Унија за Западен Балкан. Тоа е 17, 18 мај, но поважно е да постигнеме решение.

Ова во одговор на новинарски прашања го порача премиерот Зоран Заев вчера по потпишувањето на меморандум за разбирање меѓу Владата и Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили. Тој нагласи дека за власта е многу важно зачувувањето на достоинството и идентитетот.

– Кога веќе направивме сериозни чекори, а има сериозни чекори направено, ве уверувам дека движејќи се кон она што ни е важно, а тоа е да го сочуваме достоинството и идентитетот и на нашата страна и на грчката страна ќе се обидеме да го постигнеме решението коешто секако на Македонија ќе и обезбеди автоматска покана од НАТО и датум за преговори со Европската Унија.

Во однос на промените на Уставот што ги бара Грција како бескомпромисен момент, Заев вели дека промените ќе уследат пред зачленувањето во ЕУ, односно тогаш кога ќе се предаде суверенитетот на Брисел.

– Граѓаните треба да знаает дека Уставот се отвора пред непосредно влегување во полноправно членство во ЕУ. Зошто? Оти тогаш го предаваме нашиот суверенитет. Така што, за такви работи можеме да разговараме, треба да знаат граѓаните, но за останатите делови поврзани со Устав, промени или слично јас не би давал никакви коментари. Зошто? За да му дадам шанса на преговарачкиот процес до крај. Верувам се дека колку и да е безбедно, невлијателно врз преговарачкиот процес, да бидеме внимателни, за да постигнеме решение коешто ќе биде од обостран интерес на граѓаните на двете земји и на двете земји – рече премиерот.


Доналд Туск на македонски порача дека ЕУ стои зад Македонија


Скопје, 27 април, 2018 - 12:28 (META) 

Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, по средбата со премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата во Владата на македонски јазик зборуваше пред новинарите и порача дека ЕУ стои зад Македонија, исто како што Македонија ја поддржа Европската унија во случајот Солзбери.

Тој рече дека многу работи се сменети во земјава од 2015 година, кога бил овде по повод мигрантската криза.

– Од тогаш т.н. западно балканска рута е затворена и така мора да остане. Да ви се заблагодарам за вашата поддршка тогаш и за вашето континуирано будно следење на ова прашање. ЕУ ќе ви помогне во вашите напори за реализација на реформите. Ги имате сите неопходни состојки да успеете. Постигнавте договор со Бугарија, а се надевам истото ќе го постигнете со Грција. Ја имате мојата беузсловна поддршка. Јас верувам во вас – порача Туск.

Туск, кој е од Полска, рече дека чувствува промена во политичкиот менталитет во Скопје и вистинска политичка волја за придвижување кон евро-атпанските интеграции.

– Воедно забележувам храбро лидерство кај премиерот Заев насочено кон иднината. ЕУ е и ќе остане најдоверливиот партнер за целиот регион, ЕУ е најголем инвеститор, најголем донатор и најголем трговски партнер за целиот регион. Ова се однесува и на вашата земја. Околу 80 отсто од вашиот извоз оди во ЕУ, а 13 отсто во Западен Балкан. Само 1,5 отсто во Турција, а 1% со Русија и 1% со Кина. Освен трговија и инвестиции убеден сум дека ЕУ е најголема надеж за подобра иднина на вашите граѓани. Ова го кажувам од лично искуство како Полјак, денес во рамките во ЕУ можеме да го негуваме нашиот национален идентитет додека сме дел од поголемата заедница во која сите можеме да просперираме – рече Туск.

Според него, препораката за отпочнување на преговори на Македонија со ЕУ е најдобриот доказ дека напорите на граѓаните и на властите импресионираат во Европа. Туск посочи дека претстојниот самит во Софија во мај треба да донесе нова енергија во односите и треба пред се да ја реафирмира европската перспектива на регионот.

– Со Бугарија докажавте дека кога постои волја да се надминат духовите од минатото, постои начин да се оди кон иднината. Се надевам дека истото ќе постигнете со Грција. Ја имате мојата безусловна поддршка и јас верувам во вас – рече Туск.

Премиерот Заев изјави дека посетата на Туск е големо признание, охрабрување, но и одговорност. Тој порача дека нема време за опуштање, а реформите ќе станат поконкретни, повидливи и поефикасни.


Заев: Граѓаните се најзаслужни за позитивната препорака од ЕК


Скопје, 17 април, 2018 - 17:25 (META) 

Граѓаните се најзаслужни за позитивната препорака од Европската Комисија, порача премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата, откако беше објавена неусловената препорака за почеток на преговорите со Македонија што Европската Комисија (ЕК) ја упати до Европскиот Совет.

– Дел од успесите има и опозицијата зошто направивме заеднички компромиси. Владата е подготвена да прифати различни размислувања. Владата посветено ги сработи реформите. Одлуката да се стави крај на штетната политика, ја донесоа граѓаните. Власта ги послуша граѓаните, кои знаат што е важно за чекорењето на Македонија кон ЕУ. Ќе продолжиме со реформскиот пакет. Власта покажа дека е инклузивна и прифаќа различно мислење, а опозоцијата покажа дека е свесна за сопствената одговорност – порача премиерот на прес конференцијата, на која присуствуваа десетина министри од клучните ресори.

Заев рече дека  со иста посветеност се разговара со Грција за решавање на спорот со името и како што вели, да се затвори и ова прашање.


Тимоние: Препораката за ЕУ виси поради начинот на донесување на законот за јазиците


Скопје, 15 март, 2018 - 16:36 (META) 

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние за СДК.мк вели дека може да се проблематизира безусловната препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ, поради тоа што без минимум консензус и без цивилизирана дискусија вчера беше донесен Законот за употреба на јазиците во Собранието.

– Вчера беше разочарувачки ден бидејќи видовме настани за кои мислевме дека веќе сме им го свртиле грбот, дека немало минимум консензус за процедура за усвојување закон и нема цивилизирана дискусија за теми од интерес на граѓаните. Не е мое да судам, но глетката што ја видовме беше сѐ само не глетка од еден парламент на европска држава. Во период кога земјите членки на ЕУ треба да се произнесат за препораката за преговори, посебно за условеноста на препораката, ќе се постави прашањето дали агендата на Прибе ќе биде брзо усвоена и формално ќе се отвори и прашањето за почитување на Копенхагенските критериуми. Европската Унија може да интегрира само функционални демократии – изјави Тимоние за „СДК.мк“.


Могерини и Хан: ЕУ ќе прима нови членки, ако си ја сработат домашната работа


Стразбур, 6 февруари, 2018 - 15:24 (META) 

Албанија и Македонија прават значителен напредок на европската патека и Европската комисија е подготвена да даде препораки за отворање на преговори за зачленување, врз основа на исполнети услови, беше кажано денеска во Стразбур.

Стратегијата предвидува зголемување на ЕУ до 2025 година, за оние што ќе ги исполнат условите од членот 49 од Спогодбата за Европската унија, вклучувајќи ги и критериумите од Копенхаген.

– Следните месеци ќе бидат пресвртни за ЕУ и за изборот на иднината на ЕУ, како иднината на Европа. ЕУ потенцијално ќе има нови членки, не е врзана на сегашната бројка од 27 и ќе има повеќе, но очигледно ова бара иста решеност и одлучност кај нашите партнери во регионот – порача високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и заменик претседателка на европската комисија, Федерика Могерини на денешната презентација Стратегијата за Западен Балкан на Европската комисија во ЕУ парламентот во Стразбур.

Таа порача дека првите шест месеци на 2018 година може да бидат решавачки за сите, а бараат конзистентност, храброст и решителност, за да може сите земји од Западен Балкан да влезат во ЕУ, каде што припаѓаат, уште во нашата генерација.

– Стратегијата ја поддржува агендата со шест конкретни иницијативи, кои ги покриваат сите области: Владеење на правото, безбедност и миграции, социо-економски развој, транспорт и енергетска поврзаност, дигитална агенда и помирување и добрососедски односи – рече Могерини, посочувајќќи дека има конкретни активности што се предвидени за регионот меѓу годинава и 2020 година.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан пак порача дека годинава е историска можност за регионот, кој од сите страни граничи со членки на ЕУ.

– Можам само да додадам дека ова е историска можност за регионот, кој припаѓа на регионот, кој е опкружен од членки на ЕУ, и единствено логично е да има ЕУ перпспектива за сите земји во регионот – рече тој, појаснувајќи дека тоа значи оти сите во регионот мора да бидат заинтересирани да работат на ЕУ-перспективата и да се поддржуваат едни со други.

– Би можело една од земјите да се приклучи. Тоа е амбициозно, но можно само ако сите услови се исполнети. Ова е позитивен момент за ЕУ перспективата на 6 земји. Условите сепак мора да се исполнат. Членките на ЕУ нема да прифатат земја што не ги прифатил проблемите – рече Хан.

Само во 2018 година, за Западен Балкан се предвидени 1,07 милијарди евра како претпристапна помош, како надоврзување на речиси девет милијарди евра дадени во периодот 2007-2017 година.

– Многу работа е пред нас, ние ги поплочавме сите патеки, ова е позитивен момент и дава оптимизам и мотивација, но секој мора да ја сработи домашната работа и ние од ЕУ мора да ја сработиме домашната работа – рече Хан.


Граѓаните оптимисти за придобивките доколку влеземе во ЕУ


Скопје, 5 февруари, 2018 - 14:10 (META) 

Доколку Македонија влезе во ЕУ, драматично ќе се подобри демократијата во земјава, јавната администрација, судството, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и човековите и малцинските права, сметаат големо мнозинство од вклучените во дебатната анкета на Институтот за европска политика – Скопје.

Дебатната анкета (Deliberative Polling) е форма на политички консултации со спојување на испитување на јавното мислење и јавната расправа и има цел да го претстави јавното мислење на одредена тема, пред и откако група граѓани ќе се запознаат со темата преку настани со меѓусебна дискусија и разговори со експерти.

Институтот за европска политика (ИЕП) првично спровел анкета со 1.200 испитаници во ноември минатата година, од кои Македонци биле 67,4 отсто а Албанци 24 отсто. Речиси две седмици се одржал дебатниот настан со 150 граѓани кои дискутирале на истите теми и поставувале прашања на експерти, а потоа биле замолени да го кажат својот став на прашањата поставени во анкетата.

Така, ако пред дебатата 52,2 отсто од граѓаните целосно го поддржувале членството во ЕУ, по нејзиното одржување поддршката била 63,7 отсто. На прашањето дали Македонија ги исполнува демократските критериуми за влез во ЕУ на големата анкета со тоа се согласиле 11,5 отсто од испитаниците, додека само 5,3 отсто од луѓето што учествувале на дебатниот настан, се согласиле со тоа.

Што се однесува до името на земјава, отприлика 1,5 проценти повеќе луѓе се противеле на промена на името за да може Македонија да влезе во ЕУ, односно претходно на анкетата 31,4 отсто испитанции имале таков став, а потоа, по дебатата, така размислувале 32,9 отсто.

Во однос на прашањето дали по влегување на Македонија во ЕУ многу би се подобриле демократијата во земјава, јавната администрација, судството, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и човековите и малцинските права, разликите во ставовите искажани на анкетата и по дебатата се многу големи, односно најмалку 10 отсто поголем оптимизам имале луѓето што биле на дебатата и разговарале со експертите.

Во однос на демократијата, наспроти 43 отсто на анкетата, дури 60 отсто од луѓето на дебатата покажале оптимизам. Во однос на јавната администрација, бројките се 45 отсто и 63 отсто потоа, а слични се смената на ставовите и во дргите категории, при што значителна разлика во ставовите е забележана за унапредување на човековите и малцинските права, односно наспроти 48 отсто на анкетата со 1.200 испитаници, по дебатата увереноста дека ќе има подобрување пораснала на 70 отсто.


Груби: Државата е пред големи предизвици и има потреба од одговорна опозиција


Скопје, 30 јануари, 2018 - 12:23 (META) 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби денеска се сретна со амбасадорката на Австрија во Македонија, Ренате Коблер.

​На средбата, Груби истакнал дека коалицијата работи посветено, со цел во Годишниот извештај за земјата во април, да биде тргната условеноста на препораката за почеток на преговори за наше членство во ЕУ, и во јуни Советот во Софија да ја потврди оваа препорака.

Во случајот со Законот за употреба на јазиците, Груби потенцирал дека опозицијата продолжува со деструктивната политика.

„Државата е пред големи историски предизвици и има потреба од одговорна опозиција“, рекол Груби.

Тој исто така истакнал дека се очекува во текот на австриското претседавање, почеток на отварање на поглавјата.

​Амбасадорката Коблер информирала за подготовките за австриското претседавање со ЕУ, кое започнува во втората половина на годинава, при што ја потврдила поддршката на Австрија за евроинтегративните процеси на Македонија, како и на останатите земји од Западен Балкан.


Османи: Подготвени сме да ги дочекаме клучните датуми за евроинтеграцијата


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:04 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретна со Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан, во рамките на генералниот Директорат за соседство и проширување во Европска Унија, (ДГ НЕАР).

„Остваривме значаен напредок на сите полиња, имплементацијата на реформите во наредниот период ќе се интензивира и Македонија во 2018 година подготвена ќе ги дочека клучните датуми за нашите европски интеграции“, информитрал Османи.

Тој ја презентирал имплементацијата на планот „3-6-9“, реформите на безбедносните служби и на јавната администрација, реформи во правосудството, а очекувањата на Владата се дека, заедно со Собранието, потребните реформи ќе бидат имплементирани заклучно со февруари, пред излегување на стратегијата за проширување на Европската комисија.

На средбата со Калавера се разговарало и за искористувањето на средствата од ИПА, како и напредокот на т.н. ИПА мастер-план кој се подготвува во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

„Имавме исклучително успешна апсорпција на ИПА средствата во 2017 година, и најмалку што очекувам е во 2018 да продолжиме со исто темпо, но и да обезбедиме унапредување на капацитетот на ИПА-структурата, што ќе овозможи уште поголема искористеност на средствата од ИПА и директно ќе влијае на приближувањето на Македонија до стандардите и вредностите на ЕУ“ – истакна Османи.


Владата ќе расправа за евроатлантската интеграција и за борбата против корупцијата


Скопје, 9 јануари, 2018 - 13:21 (META) 

Владата на Република Македонија денеска со почеток во 15 часот ќе ја одржи редовната, 48. седница, на која ќе се расправа и за напредокот на напорите за интеграција во ЕУ и во НАТО, но и за користење на европските фондови, како и за Рамковниот договор.

На предлог на министерството за правда, министрите ќе го разгледаат предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи по скратена постапка.

Ќе биде разгледана и информација за реализација на препораките на ГРЕКО (Група на држави против корупција) на Советот на Европа дадени со Извештајот за евалуација на Република Македонија.

Ќе се разгледува и информација за проверката за тоа дали се уште се исплаќаат пензии на починати лица.


Кирацовски за бојкотот: Пратениците да работат за граѓаните и за државата, а не за партијата


Скопје, 6 декември, 2017 - 16:41 (META) 

Најавите од ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на работата на Собранието на Република Македонија воопшто не се во интерес на граѓаните и на државата и пратениците од таа партија треба да се вклучат во битните реформи што претстојат пред нас, кои се од суштинска важност за државата, смета Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ и пратеник.

– Треба да ги надминат теснопартиските интереси, да не штитат нешто за што самите тие не се виновни, туку да се посветат на суштинските реформи, клучни за евроинтеграцискиот процес. Треба да се реализира планот „3-6-9“, кој ќе донесе придобивки за граѓаните и за државата и тие треба да работат за граѓаните и за државата, а не за партијата. Се надевам ќе имаат доблест да излезат од однесувањето на штитење нешто за што самите не се виновни, а партијата да направи смени, да го истисне криминогеното ткиво од себе, односно високото партиско раководство кое завлегло во криминал – вели Кирацовски во изјава за „Мета“.

Претходно портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, исто така апелираше ВМРО-ДПМНЕ да има разбирање за состојбите и за потребата од забрзување на евроинтеграциите.