!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Џафери – Брглез: Словенија континуирано ја поддржува Македонија на патот кон ЕУ и НАТО


Скопје, 12 септември, 2017 - 14:15 (META) 

Словенија континуирано ја поддржува Македонија во процесот на евроатлантските интеграции, бидејќи целосната интеграција на регионот придонесува за зајакнувањето на стабилноста, мирот и на просперитетот. Ова било истакнато на денешната средба меѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери, и неговиот колега – претседателот на Државниот збор на Словенија, Милан Брглез, кој е во посета на земјава.

Како што соопштија собраниските служби, за време на средбата Џафери го информирал својот словенечки колега за работата на Собранието, за претстојните локални избори и за динамиката на спроведувањето на реформите од планот „3-6-9“.

„Во однос на билатералната соработка, соговорниците се согласија дека таа е добра, но и дека може да биде продлабочена и проширена особено во доменот на парламентарната дипломатија. Двата парламенти соработуваат во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) со кое во моментов претседава Република Словенија, а кое воедно претставува важен форум за зајакнување и за проширување на регионалната соработка“, стои во соопштението за средбата.

Џафери и Брглез разговарале и за мигрантската криза – за состојбите и мерките што ги презема Македонија на овој план, заедно со земјите – партнери, меѓу кои е и Словенија.


Димитров во Лондон ќе се сретне со Данкан и со британските парламентарци


Лондон, 12 септември, 2017 - 9:35 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ќе биде во прва работна посета на Велика Британија на 12 и 13 септември.

Домаќин на Димитров во Лондон ќе биде британскиот државен министер за Европа, сер Алан Данкан. За време на посетата, Димитров ќе има билатерални средби со британските парламентарци, а ќе има одделна средба и со Комисијата за надворешни односи во Горниот дом на Парламентот.

Во рамки на посетата, министерот Димитров ќе се обрати и на конференцијата „Демократија Велика Британија: Глобални вредности во несигурен свет“ (Democracy UK: Global Values in an Uncertain World) што ја организира „Вестминстер фондацијата за демократија“ (WFD) по повод 25-годишнината од нејзиното основање.

За време на посетата се очекува потврда на британската поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, а ќе биде разговарано и за унапредување на билатералните односи, преку конкретни проекти во различни области на соработка.


Џафери со европратеничката тројка: Политичкиот дијалог во Собранието мора да се унапредува


Скопје, 31 август, 2017 - 17:53 (META) 

Претседателот на Собранието на Република Македонијa, Талат Џафери, денеска во Скопје имал средба со европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, на која ги информирал за актуелната политичка состојба во земјава, активностите на Собранието и за реформските активности што ќе се преземат на планот на европската и на евроатлантската интеграција на Македонија.

Џафери, како што соопштија од Собранието, укажал на зголемената активност на Собранието на меѓународен план и ја нагласил важноста од негување и градење добрососедски односи, за што го посочил потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Бугарија и средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, кој денеска е во посета на земјава.

Европратеникот Иво Вајгл и неговите колеги ја понудиле својата помош и поддршка за „креирање атмосфера за компромис меѓу различните парламентарни политички партии за полесно надминување на проблемите во транзициониот период“.

Џафери и тројцата европратеници се согласиле дека политичкиот дијалог мора постојано да се унапредува за непречено функционирање на Собранието.


Заев – Радев: Македонија и Бугарија делат иста визија за регионот


Софија, 20 јуни, 2017 - 18:28 (META) 

„Република Македонија и Република Бугарија делат иста визија за регионот, интеграција во европските и во евроатлантските структури и среќен сум што постои свесност и одговорност од двете страни за постигнување напредок“, истакнал премиерот на Македонија, Зоран Заев, на средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија.

Заев, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата ја нагласил цврстата определба на Македонија, низ реформски процеси и развивање на добрососедските односи, да го осигури патот на земјата кон стратешките цели – членството во Европската Унија и во НАТО.

„Во таа насока очекувам поддршка од нашиот сосед Бугарија за европските перспективи на Македонија, по преземањето на претседателството со ЕУ во јануари 2018“, рекол Заев.

Претседателот на Бугарија на средбата констатирал дека развојот и напредокот на Македонија се важни за балканскиот регион и за Европската Унија и, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов претходно, ја потврдил поддршката на Бугарија за членство на земјава во ЕУ и во НАТО.

Заев и Радев се согласиле дека преку „искрена и реална заемна почит и доверба и зрели политики на меѓусебна отвореност се отвора простор за соработка на политичко ниво, но и во други важни области за граѓаните на двете земји, што дополнително ќе ги зближи и ќе ги развива добрососедските односи“.

Македонскиот премиер на средбата соопштил дека земјава има интерес за отворање нови гранични премини со Бугарија, кои треба да ја олеснат комуникацијата меѓу луѓето од двете држави. Посочени биле и можности за инфраструктурно поврзување, во областа на трговската размена и во културата.

Заев по средбата со Радев го посетил Археолошкиот музеј на Бугарија. Претходно тој и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, заеднички се поклонија пред споменикот на цар Самоил во Софија.


ЛДП: Честитки за Црна Гора, наредна земја во НАТО да биде Македонија


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:24 (META) 

Либерално-демократската партија (ЛДП) го поздрави приемот на Република Црна Гора во НАТО, што, како што вели, ќе ја подобри стабилноста и безбедноста на регионот. Партијата изрази надеж дека наскоро ќе се случи истото и со Македонија и побара од новата власт сериозна работа на спроведувањето на реформите за евроатлантските вредности.

„Претходната влада, на чело со Никола Груевски, не успеа да ги исполни сите реформски императиви на алијансата, го смали буџетот за реформите на одбраната, покажа дискутабилни позиции во поглед на членството на Република Македонија во НАТО и перманентна критика на клучните членки на алијансата. ЛДП во координација со коалициските партии ќе преземе бројни иницијативи за да покажеме дека местото на Македонија е во НАТО и дека во најкус временски интервал, идна членка од регионот на Западен Балкан ќе биде токму Македонија“, се вели во соопштението од партијата.


Италијанско МНР: Изборот на нова влада е од суштинско значење за Македонија


Рим, 4 мај, 2017 - 19:49 (META) 

Италија со загриженост го следи продолжението и развојот на политичката криза во Македонија и ја осудува која било форма на насилство во институциите, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Италија, по повод насилствата во Собранието од 27 април.

Од италијанското МНР повикуваат дијалогот помеѓу политичките сили во земјата да се одвива во Собранието и во форми предвидени со нормалните демократски правила.

„Италија бара максимална посветеност од страна на сите што се носители на политичката одговорност, за да се избегне каква било форма на насилна конфронтација, како и каква било можност за девијација кон сценарија што би можеле да поттикнат опасни меѓуетнички несогласувања“, се вели во соопштението.

Италија, се додава во него, се надева дека изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието може да биде почеток на наоѓање на консензуално решение кое ќе ја води земјата кон избор на влада со соодветна парламентарна поддршка и во согласност со Уставот.

Оттаму нагласуваат дека овој развој на настаните е од примарен интерес за граѓаните на земјата и е од суштинстко значење за Македонија да може да продолжи по патот на реформите, со кои единствено може да напредува кон евроатлантските интеграции.

„Италија придава големо значење на напредокот на земјата кон европската интеграција, како и на другите држави од регионот, и е посветена на таа цел како актуелен претседавач со ротирачкото претседателство на процесот за земјите од Западен Балкан. Во тој контекст Италија се надева дека властите во Скопје ќе ги преземат сите неопходни чекори за земјата да може да има максимална корист од учеството во процесот, пред сè на самитот на земјите од Западен Балкан, кој ќе се одржи во Трст на 12 јули 2017 година“, порачуваат од италијанското МНР.


Амбасада на САД: Го следиме процесот на формирање и ќе работиме со идната влада


Скопје, 30 јануари, 2017 - 16:38 (META) 

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија го набљудува процесот на формирање на нова влада и очекува, откако ќе биде формирана, да соработува со неа, во контекст на напредокот на земјата во евроатлантските интеграции, велат од Амбасадата.

„Очекуваме да работиме со македонската влада, кога ќе се формира, за напредување во евроатланската интеграција преку спроведување на реформите предвидени со Договорот од Пржино, особено во однос на владеење на правото“, велат од Амбасадата на САД во земјава, по истекот на рокот од 20 дена, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кому му беше доверен мандатот, не успеа да состави владина коалиција.

Од американската амбасада додаваат дека во овие напори остануваат партнер на Македонија.

Претходно, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, на прес-конференција рече дека Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“.


Заев: Придонесот на САД за демократијата во Македонија е од огромно значење


Скопје, 21 јануари, 2017 - 15:36 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска упати честика до претседателот на САД, Доналд Трамп, по повод неговата инаугурација, во која изрази надеж дека САД ќе продолжат со поддршката за земјава на нејзиниот пат за евро-атлантска интеграција.

„За граѓаните на Македонија од огромно значење е придонесот на САД во развојот на демократските процеси и почитувањето на човековите слободи и права во земјава. Исто така, од големо значење е поддршката на САД за безбедноста на Република Македонија и на целиот регион. Иднината на Македонија како држава е во НАТО и во Европската Унија и се надевам дека САД ќе продолжат со политиките на поддршка на евро-атлантска интеграција“, вели Заев во честитката до Трамп.


Меѓуетничките односи се влошуваат поради партиите


Тетово, 6 октомври, 2016 - 16:08 (META) 

Во Македонија се влошуваат меѓуентичките односи, а главни виновници за тоа се политичките партии.

Ова беше заклучокот на трибината „Влијанието на евроатлантските интеграции врз меѓуетничките односи“, која се одржа на Државниот универзитет Тетово.

– Во Македонија партиите се со етнички предзнак, а тоа е многу погубно за самата демократија и за меѓуетничкиот соживот. Ваквите партии ги влошуваат меѓуетничките односи и треба конечно да се создаде силна граѓанска партија – изјави Трифун Костовски од бизнис-клубот во рамките на Евроатлантскиот совет на Македонија.

Исмет Рамадани од Евроатлантскиот совет на Македонија, кој учествуваше на трибината, изјави дека со зачленување на Македонија во ЕУ и во НАТО, меѓуетничките односи во Македонија ќе се подобрат.

– Ако во Македонија се прифатат правилата на игра што важат во Европската Унија, тогаш ќе созрее демократија, ќе има слободни медиуми, а со тоа ќе се релаксираат и меѓуетничките односи – изјави Рамадани.

Трибини од ваков вид ќе се одржат и во други градови во Македонија.