!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жбогар: Политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без заплашувања и насилство


Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:01 (META) 

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, денеска преку видео-обраќање по повод локалните избори в недела ги повика граѓаните да го исполнат своето право на глас, а политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без „заплашувања и насилство“.

Жбогар порака ја испрати на македонски јазик.

– Локалните избори на 15 октовмри се можност за вас граѓаните да ги изразите вашите гледишта за правецот по кој вашите општини треба да се движат во иднина. Ги повикуваме политичките лидери и членовите на партиите да ги спроведат изборите без заплашување и насилство. Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности пред, за време и по изборите. Ние сметаме на државните институциите како што е полицијата, независните институциите, како што е Државната изборна комисија, како и граѓанското општество да го исполнат својот дел од одговорноста за одржување на демократски, слободни и фер избори. И, на крајот, секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини – рече Жбогар во обраќањето.

Претходно денеска и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија преку соопштение порача дека претстојните локални избори се важни за иднината на Македонија како просперитетна, стабилна демократија, целосно интегрирана во евроатлантските институции и ги повика граѓаните да излезат и да гласаат.


Заев – Жбогар: Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија оди напред


Скопје, 11 септември, 2017 - 16:42 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар, а на средбата Заев порачал дека владата е решена да гради квалитетен живот за сите граѓани. Евроамбасадорот, како што извести Владата, рекол дека во Брисел постои оптимизам за идните чекори на Македонија и дека земјата ја има досега најголемата шанса за напредок во евроинтеграциите.

– Постои голем оптимизам во Брисел дека Македонија е конечно подготвена да оди напред во интерес на иднината на граѓаните и на државата. Република Македонија  ја има најголемата шанса за успех досега за остварување на стратешките евроатлантски цели – рекол евроамбасадорот Жбогар на средбата со премиерот Заев, како што пренесе владината служба за информирање.

Заев рекол  дека Владата фокусирано го реализира реформскиот план „3-6-9“ низ инклузивни политики на соработка во општеството, работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и на пријателска, принципиелна и конструктивна соработка со соседите и со земјите членки на ЕУ и на НАТО.


Шекеринска и Бартол го честитаа Денот на независноста од врвот Мусица кај Крушево


Крушево, 8 септември, 2017 - 15:52 (META) 

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО, денеска од врвот Мусица на Бушева Планина им го честитаа 8 Септември, Денот на независноста, на сите граѓани на Република Македонија.

Придружувани од амбасадорите на ЕУ, Самуел Жбогар, на Обединетото Кралство, Чарлс Герет, одбранбени атаеши во Македонија, членовите на планинарското друштво „Ристо Карпуш“, голем број граѓани на Крушево денеска беа дел од настанот „Заедно кон врвот“ кој се организира по повод Денот на независноста.

– Дозволете ми на граѓаните на Република Македонија да им го честитам 8 Септември – Денот на независноста и да посакам следните 26 години да имаме поголема благосостојба и стабилност. Во 26-те години независност поминавме низ добри и тешки моменти, но покажавме дека кога се има иста цел, кога сме упорни и истрајни, таа цел е достижна. Денеска ни треба заедништво околу нашата заедничка стратешка цел – членство во НАТО и во ЕУ – рече министерката.

Морнаричкиот капет Бартол го честиташе Денот на независноста и изрази уверување дека сите 29 земји членки на НАТО ја поддржуваат Република Македонија да стане 30. членка на Алијансата.

– Вашата земја помина избори, има нова влада и нови идеи. Имам чувство дека вашата земја е решена да продолжи на патот кон членство во НАТО и во ЕУ. Можам да ве уверам дека сите 29 земји даваат поддршка на вашата земја и со нетрпение очекуваме вашата земја да стане 30. членка на алијансата. Мојата канцеларија е тука да ви помогне – рече Бартол.


Заев и Жбогар разговарале за реформите во правосудството и во медиумите


Скопје, 21 јули, 2017 - 15:51 (META) 

Македонскиот премиер Зоран Заев и амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар, денеска имале средба на која се разговарало за претстојните реформи во правосудниот систем, медиумите и за воспоставувањето професионални државни институции, извести Владата.

„На состанокот е реафиримирана поддршката на Брисел за реформската Влада во Македонија, која изрази подготвеност за суштински промени во државата за подигнување на квалитетот на животот на граѓаните, демократизација на општеството и за отворање на евроатлантските перспективи на државата.
Ставот што го пренесе евроамбасадорот Жбогар е дека Брисел и земјите членки на Унијата сега гледаат можност за напредок на Македонија и се подготвени на принципиелно и експертско ниво да ѝ помогнат на Македонија во реформскиот процес“, се вели во соопштението од Владата.

Во однос на реформите предвидени со планот „3-6-9“, Заев го уверил евроамбасадорот дека владејачката коалиција останува на патот на негова реализација.

– Владата е цврсто определена за создавање услови за независно судство, објективни медиуми, ефикасни државни инстититуции, чија цел се единствено потребите на граѓаните. Реформите на кои се обврзавме во планот „3-6-9“ ќе продолжиме да ги реализираме инклузивно, со можност за вклученост на сите, поединци, групи, граѓанскиот сектор, опозицијата. Од големо значење е и поддршката и помошта што ја добиваме од нашите пријатели од Европа, кон која се стремиме како држава – порачал македонскиот премиер.


Жбогар и Вангеловски разговарале за назадувањето на судството


Скопје, 25 април, 2017 - 18:56 (META) 

Евроамбасадорот Самуел Жбогар денеска имал средба со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, на која било разговарано за состојбите во македонското судство.

Детали од средбата нема, но Жбогар на социјалната мрежа „Твитер“ кратко соопшти дека: „Со претседателот на Врховниот суд разговаравме што сè треба да се направи за да се запре назадувањето во судството. Правото треба да важи за сите еднакво“.

Од Врховниот суд денеска немаше никаква информација за средбата, а нема ниту соопштение на нивната интернет-страница, односно на судскиот портал, на кој од неодамна се објавуваат сите новости и соопштенија на судовите во земјава.

Претседателот на Врховниот суд, Вангеловски, во моментов е актуелен во јавноста со контроверзните реферати што ги стави на дневен ред на судот, а кои се однесуваат на тоа дали прислушуваните разговори можат да се употребуваат како докази во судските постапки и за тоа кој може да поднесува барања за заштита на законитоста.

Општата седница на која судиите требаше да расправаат по овие прашања беше одложена, бидејќи дел од нив биле на боледување, а кога ќе се одржи, засега нема информации.


Иванов го известил Жбогар дека ќе почне консултации со партиите за состав на влада


Скопје, 30 јануари, 2017 - 17:16 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска имал средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Семуел Жбогар, на која било разговарано за актуелната политичка состојба, по неуспешниот обид на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да формира нова влада.

Амбасадорот Жбогар, како што информираат од кабинетот на Иванов, ги пренел ставовите на Европската Унија во врска со ова прашање.

Иванов на средбата го известил евроамбасадорот дека „откако ќе добие официјално известување од Собранието на Република Македонија дека не е поднесена програма и предлог за состав на нова влада, ќе почне консултации со надлежните институции и со политичките партии“.

Портпаролката на Евроската комисија, Маја Коцијанчич, денеска на прес-конференција истакна дека Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“.


Незири: Евроамбасадорот Жбогар бара партиите да се воздржат од националистичка реторика


Тетово, 30 ноември, 2016 - 14:37 (META) 

Според задничката оценка на шефот на изборниот штаб на ДУИ, Беким Незири, и на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кои денеска се сретнаа во седиштето на ДУИ во Мала Речица, Тетовско, изборната кампања поминува во мирна и фер атмосфера.

– Неговиот став беше дека се исполнети сите услови за веродостојни и фер избори. Но, до 11 декември има уште време, се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме во овој дух, во дух на мирна, демократска и фер изборна атмосфера – изјави Незири.

Незири рече дека евроамбасадорот укажал на националистичката реторика во говорите на дел од политичките партии.

– Видете, на секои избори малку се зајакнува реториката, за тоа имаше и забелешка и од евроамбасадорот Жбогар, кој апелираше што помалку да има националистичка реторика, односно што помалку да има реторика која, на некој начин, директно би влијаела да дојде до тензични избори кои би ескалирале. Меѓутоа, искрено кажано, не очекуваме дека би дошло до ескалација до 11 декември – изјави Незири.

Попладнево евроамбасадорот Самуел Жбогар оствари средба и со членови од изборниот штаб на ДПА.


Жбогар: Очекувам фер кампања и веродостојни избори


Тетово, 18 ноември, 2016 - 15:00 (META) 

Амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, очекува фер предизборна кампања, која треба да почне в понеделник, на 21 ноември. Тој денеска од Тетово, каде се сретна со градоначалничката Теута Арифи, апелираше институциите веднаш да реагираат доколку се случи и најмал проблем за време на предизборието.

– Очекувам фер кампања, очекувам политичките партии да ги престават своите визии во врска со иднината на вашата земја. Од понеделник ќе почне кампања, дури ако нешто се наруши и ако кампањата не оди по вистински пат, самите институции во државата треба да го решат тоа. Ако произлезат вакви ситуации, треба да се погрижиме за тоа, ќе се смисли нешто, но како што вели изреката, кога ќе дојдеме на мостот, тогаш ќе размислиме како да го поминеме – изјави Жбогар.

Тој додаде дека иднината на земјата и нејзината евроатланската интеграција, зависат од овие избори, кои ќе бидат, како што рече, набљудувани од голем број меѓународните преставници. Нивната проценка, според Жбогар, за тоа како поминале изборите, целосно ќе се земе предвид од Европската Унија.

Евроамбасадорот рече дека новите случаи што ги отвора Специјалното јавно обвинителство, треба да се остават да се процесираат во самите судски институции.

– Ние не ги коментираме судските процедури, немаме коментар во врска со тоа. Но, сите политички партии се обврзаа да дадат подршка на Специјалното јавно обвинителство, таа институција треба да се остави да си ја работи својата работа, таа веќе и го прави тоа и мислам дека треба да ги оставиме работите да течат во самите судови – додаде евроамбасадорот.

Евроамбасадорот Жбогар, заедно со амбасадорот на Шпанија во земјава, Рамон Абароа Каранса, денеска ја посетија Општина Тетово, каде остварија средба со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, на која ѝ понудија финансиска помош за реализација на инфраструктурни и на комунални проекти за Тетово.


Експертите од ЕУ почнаа со проценка на штетите од невремето


Скопје, 9 август, 2016 - 16:01 (META) 

Експертскиот тим на Европската Унија почна да ги врши проценките на штетите од невремето кое во саботата вечерта го погоди Скопје и околината, информираше денеска евроамбасадорот на ЕУ во земјава, Аиво Орав.

Експертите беа испратени, откако Македонија вчера го активираше Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.

Тимот покрај проценка на штетите, треба да им даде препораки на властите за цивилна заштита на национално и локално ниво околу санирањето на последиците.

Од Дирекцијата за заштита и спасување денеска соопштија дека откако ќе се добие финалната листа на потреби од страна на надлежните институции ќе се достави дополнително барање до механизмот за цивилна заштита на ЕУ.


Орав: Збогум и помагајте му на СЈО


Скопје, 5 август, 2016 - 15:41 (META) 

Евроамбасадорот Аиво Орав преку порака на својот твитер-профил и официјално се збогува од функцијата шеф на Мисијата на Европската Унија во Македонија.

Тој попладнево твитна „збогум“ (bye) со негова фотографија пред резиденцијата на ЕУ во Пржино.

Орав на функцијата амбасадор на ЕУ во Македонија беше именуван во 2012 година, а сега е делегиран за шеф на мисијата во Црна Гора.

 

Orav tvitЗа време на неговиот мандат во Македонија, Орав беше вклучен во решавањето на најтешките политички кризи во историјата на земјава, од кои најсложената, актуелната политичка криза, сè уште чека разврска по една година исцрпувачки преговори и по два договори.

Орав е оптимист дека условите од последниот договор меѓу политичките партии ќе бидат исполнети и дека до крајот на годината ќе се стави крај на политичката криза.

„Има неколку елементи што мора да се спроведат пред 31 август, кога лидерите ќе се сретнат и ќе речат „да, сè е направено“ и подоцна годинава да се оди на избори. Верувам дека никој нема да има никакво оправдување да се повлече од договорот и се надевам дека кризата ќе заврши оваа година. Друго прашање е што ќе се случи по изборите, бидејќи ова е само едно поглавје и она што треба да се направи сега се многу сериозни реформи за да се напредува кон ЕУ“, вели Орав во интервју за порталот „МКД.мк“

На прашањето кои се опасностите ако политичките партии не ги почитуваат роковите, тој вели дека „во тој случај повторно ќе има бескрајни преговори“.

Како најтежок момент во преговорите за излез од политичката криза, Орав ја посочува аболицијата на 56 политичари и нивни соработници од претседателот Ѓорге Иванов, за која вели дека била „нуклеарна експлозија која никој не ја очекуваше“.

„Зборуваме за земја-кандидат, а за да се приклучите кон ЕУ и да напредувате, би сакале да видиме демократски реформи. Овој акт од претседателот не може да се вклучи во оваа категорија… Тоа беше како нуклеарна експлозија која никој не ја очекуваше. Таа одлука ја одолжи многу кризата. Потоа, имаше многу моменти кога роковите не се почитуваа, што беше многу фрустрирачки и повторно многу доцнења… Мислам дека ќе се памети и ќе се анализира долго време“, вели Орав.

Околу изјавите на Иванов дека „македонските политичари треба помалку да одат во странските амбасади“, евроамбасадорот во заминување одговара оти смета дека „би било подобро ако претседателот на државата беше тој што ќе посредуваше во решавање на кризата во последните четири години“.

И кратењето на средствата од ИПА-фондовите од страна на ЕУ пред еден месец, Орав мошне експлицитно го поврзува со аболицијата.

„Овие пари, пред сè, одат до владата за инфраструктура, за јавна администрација, за екологија, за земјоделство, како и за граѓанското општество. Една од клучните работи е владеењето на правото. За жал, пред неколку месеци видовме нешто прилично интересно, негативно изненадување – аболицијата од претседателот, а потоа и парцијалното повлекување на аболицијата. Ова не е нешто што ЕУ го спонзорира овде, ако зборуваме за концептот на владеење на правото. Сакаме да видиме напредок и кога се случи кратењето на ИПА-фондовите, имаше многу различни причини зошто е тоа направено, но политичката ситуација беше еден од елементите, јасно. Но, морам да кажам дека изјавите во јавноста дека ЕУ не дава пари за вашата земја, воопшто не се корисни, бидејќи, како што реков, даваме 100 милиони евра годишно. Второ, не е многу корисно ако ЕУ финансира големи инфраструктурни проекти, а од медиумите добиваме впечаток дека овие пари доаѓаат од државата. Кога ги даваме парите, треба да бидеме сигурни дека се трошат коректно. Сега многу пари одат за судството, но видовме проблеми во реформите во судството, односно како се користат тие пари. Потоа дојде аболицијата, што беше навистина шокантно. Тоа не е нешто што ЕУ може да го прифати или да го разбере“, вели Орав.

За работа на Специјалното јавно обвинителство, Орав вели дека од аспект на ЕУ, развојот на настаните околу СЈО и финализирањето на негивата работа ќе биде еден од клучните тестови за демократијата во земјава.

„Се грижиме за тоа многу и многу внимателно набљудуваме како ќе продолжи тој процес. Има многу тешкотии и мислам дека политичарите треба да овозможат да се заврши работата на СЈО, сите државни институции треба да го поддржат СЈО како што го поддржуваат и Јавното обвинителство и само на тој начин е можно да се стави крај на кризата. Кога велам „поддршка“, мислам да не се прават опструкции на работата на СЈО, но повторно ќе кажам дека има многу емоции. Емоциите треба да исчезнат“, вели евроамбасадорот.