!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


Демонтирана бомба од Втората светска војна во Солун, евакуирани 75.000 лица


Солун, 12 февруари, 2017 - 13:49 (META) 

Властите во Солун денеска евакуирале 75.000 жители на градот поради демонтирање на бомба од Втората светската војна, тешка 227 килограми, пронајдена во темелите на бензинска пумпа, јавуваат грчките медиуми.

Евакуацијата почнала утрово во 7 часот, кога полицијата тргнала од куќа до куќа, во круг од два километри во западниот кварт Корделио, повикувајќи ги жителите да ги напуштат своите домови.

Пиротехничарите на грчката војска бомбата ја демонтирале и неутрализирале за само 30 минути, соопштиле локалните власти.

Сепак, допрва претстои нејзино транспортирање, поради што на жителите на квартот сè уште не им дозволено да се вратат во своите домови.

Поради интервенцијата денеска биле затворени главната автобуска и железничка станица, а црквите ја откажале неделната служба.

Градската управа закупила хотел со 175 соби, каде вчера биле сместени лица со тешкотии во движењето и нивните негуватели. Меѓу евакуираните биле и 450 бегалци, сместени во една поранешна фабрика во квартот.


Десетици илјади жители на Хаифа евакуирани поради голем пожар


Хаифа, 24 ноември, 2016 - 17:36 (META) 

Десетици илјади лица се евакуирани од своите домови поради големиот пожар кој веќе трет ден беснее во делови од израелскиот град Хаифа, јавуваат светските медиуми. Поголемо разгорување на огнот, кој беснее во станбениот дел на градот со 250.000 жители, предизвикал и топлиот и сув ветер, а пожари им се закануваат и на населбите во близина на Ерусалим и на Западниот Брег.

Министерот за внатрешна безбедност на Израел, Гилад Ердан, за локалните медиуми изјавил дека дел од пожарите, наводно, биле намерно подметнати, но засега од полицијата нема потврда за ваквите наводи.

Четворица Палестинци биле уапсени и треба да бидат изведени пред суд под сомнение дека предзвикале пожари од небрежност, пренесува „Би-би-си“.

Градоначалникот на Хаифа, Јона Јахав, изјавил дека постојат индиции дека еден од пожарите почнал откако „некој фрлил цигара во област полна со нафта и со запаливи течности“ во една од индустриските зони во градот.

Засега нема пријавено случаи на загинати или тешко повредени лица, а од националната служба за итна помош соопштиле дека имале 55 интервенции кај лица кои вдишале чад, од кои 36 биле хоспитализирани.

Поради сериозноста на ситуацијата, стотици воени резервисти биле мобилизирани за да помогнат во гаснењето на пожарите.

Неколку земји, меѓу кои Кипар, Русија, Италија, Хрватска и Грција, испратиле помош и опрема, вклучувајќи и авион за гаснење пожари.


Над 80 илјади лица евакуирани поради огнената стихија во Калифорнија


Сан Бернардино, 17 август, 2016 - 19:26 (META) 

Стотици пожарникари се борат со шумскиот пожар кој го зафати јужниот дел на американската сојузна држава Калифорнија. Поради огнената стихија, која досега опустошила површина од 12.140 хектари, евакуирани се над 80.000 луѓе, јавуваат светските агенции.

Пожарот, кој избувнал вчера утро северно од градот Сан Бернардино, во подрачјето на планинскиот премин Кахон, досега уништил голем број на објекти, соопштиле претставници на противпожарните екипи.

Властите вчера издале наредба за евакуација на околу 34.500 куќи во подрачјето околу патот кој ги поврзува градовите Лас Вегас и Лос Анџелес.

Гувернерот на Калифорнија, Џери Браун вчера, поради пожарот, прогласи вонредна состојба во округот Сан Бернардино.


Поплави во Кина, загинаа 22 лица


Пекинг, 20 јуни, 2016 - 18:33 (META) 

Дваесет и две лица загинаа, а 197.000 луѓе се евакуирани од своите домови поради поплавите предизвикани од силните летни дождови во централниот дел на Кина.

Дваесетина луѓе сè уште се водат како исчезнати.

Директната економска штета од поплавите достигна речиси 410 милиони долари, соопшти министерството за цивилни прашања.

Осум луѓе се заглавени во поплавен рудник на јаглен во Југозападна Кина.

Според прогнозите, поројните врнежи од дожд ќе паѓаат и наредните три дена.


Три лица се полесно повредени при експлозија на бомба во Турција


Истанбул, 10 април, 2016 - 1:03 (META) 

Три лица се полесно повредени, откако во саботата во близина на автобуска постојка експлодирала бомба.

Експлозивната направа била ставена во најлонско ќесе на автобуска во центарот на градот.

Посетителите од блискиот трговски центар се евакуирани, а областа на експлозијата е блокирана и ја надлетуваат хеликоптери.

Само неколку часа пред експлозијата, амбасадата на САД во Турција издаде предупредување за своите државјани дека се многу веројатни напади во Истанбул и во Анталија.

Слично предупредување издаде и амбасадата на Израел и ги повика своите граѓани да ја напуштат Турција поради директна опасност од напади во туристичките места.


Полициска операција во квартот Етербек во Брисел


Брисел, 9 април, 2016 - 14:42 (META) 

Голема полициска акција се одвива во бриселскиот кварт Етербек, јавуваат белгиските медиуми.

Според очевидците, во квартот се распоредени околу 50 полицајци, меѓу кои има и припадници на единицата за деминирање и снајперисти.

Жителите во квартот се евакуирани, а на местото пристигнале и спасувачки служби.


Тајфунот Копу ги погоди Филипините, евакурани повеќе од 10.000 луѓе


Манила, 18 октомври, 2015 - 10:58 (META) 

Силниот тајфун Копу рано утрово го погоди североисточениот дел на Филипините, уривајќи голем број куќи, поради што околу 10.000 луѓе биле евакуирани, соопшти филипинската агенција за вонредни ситуации, јавуваат светските агенции.

Тајфунот Копу, кој е од четврта категорија и кој се движи многу бавно, донел ветрови со брзина од околу 200 километри на час и силен дожд, предзвикал поплави и оштетување на патиштата, мостовите и на електроенергетската и на комуникациска мрежа. Засега нема информации за настрадани и за загинати лица.

„Нема извештаи за човечки жртви, но имаме информации дека се уништени голем број куќи, паднати се електроводите, а откорнати дрвја блокираат некои од најважните патишта“, изјавил директорот на советот за намалување на ризикот од катастрофи, Александар Пама, пренесува „Би-Би-Си“.

Според филипинската метеоролошка служба, тајфунот ќе се задржи над најголемиот филипински остров Лузон и во наредните три ден.

Центарот на бурата се движи со брзина од само три километри на час.

„Се надеваме дека тајфунот ќе ја зголеми брзината и ќе нè поштеди од понатамошни штети“, додал Пама.