„Оне-Вип“ и „Телеком“ самоиницијативно ги исклучиле „Дискавери“ и „Еуроспорт“


Скопје, 3 јануари, 2018 - 15:28 (META) 

Документарните канали на „Дискавери“ и спортските канали „Еуроспорт“ се исклучени од понудата на операторите „Оне-Вип“ и „Македонски Телеком“ по одлука на самите оператори, информираа од агенцијата „Креативне идеје“, што ја застапува корпорацијата „Дискавери комјуникејшенс“, сопственик на исклучените канали.

„И покрај нашата отвореност и добра волја за преговори, изненадени сме и воедно разочарани од фактот што, двата оператори симултано ја донеле одлуката да ја прекинат нашата долготрајна соработка и воедно да ги лишат гледачите со драстичен и ограничен пристап, со остранување на глобално најгледаниот број еден спортски канал“, се вели во соопштението од агенцијата.

„Креативне идеје“ ги поттикнува клиентите да комуницираат со операторите и да изнесуваат барања за враќање на телевизиските канали во понудата. Од таму исто така соопштуваат дека продолжува долгогодишната соработка со „Телекабел“ и останатите регионални оператори во Македонија кои и понатаму ги пренесуваат каналите.

Агенцијата посочува дека „Еуроспорт“ може да се следи на Интернет.