!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ: Заев и Анѓушев ги лажат 1.700 вработени во „Фени“, „Колска“ и „Еурокомпозит“


Скопје, 9 ноември, 2017 - 15:12 (META) 

СДСМ си поигрува со судбините на над 1.700 вработени од фабриките „Фени Индустри“, „Колска“ и „Еурокомпозит“ и од доаѓањето  на власт па се до денес ги лаже вработените во овие три фирми, обвини Дарко Костовски на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Костовски, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев во два наврати од септември досега ги уверувале вработените во „Фени Индустри“ дека владата се грижи за нивните интереси и ќе најде решение за проблемот, но наспроти тоа дошло само до блокирање на сметката на компанијата.

–  Единствено што се погрижија СДС и Анѓушев за „Фени Индустри“ според медиумите е да ја блокираат сметката заради набавката на струја од страна на ЕДС – фирма која е на Кочо Анѓушев – обвини Костовски.

Според него, Анѓушев и Заев од 28 јуни ги излажале вработените на прилепски „Еурокомпозит“ дека ќе им се исплатат платите и ќе се најде решение за фирмата, но тоа не е остварено досега. Костовски вели дека ситуацијата е иста и со вработените во велешка „Колска“.


Владата ќе го решава статусот на „Еурокомпозит“


Скопје, 24 октомври, 2017 - 16:23 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со синдикални претставници на фирмата „Еурокомпозит“, со кои разговарал за решавање на проблемите на 240 вработени.

На средбата, Заев ги информирал синдикалните претставници дека следната недела на владина седница ќе се донесе одлука за обезбедување средства за една плата на вработените во „Еурокомпозит“.

– Се разгледува можноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените, кои со месеци не примаат плата, преку Законот за материјално обезбедување невработени лица, поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата. Ставот на Владата е да се разгледа можноста за системско решавање на статусот на претпријатието „Еурокомпозит“ – соопштил Заев.

Владата разгледува колку средства се потребни за набавка на потребните репроматеријали, за да се овозможи производство. Една од опциите е претпријатието да биде во државна сопственост и да продолжи да функционира.

– Со добро менаџирање и ако се има добра волја да му се помогне на претпријатието, „Еурокомпозит“ може добро да работи и да произведува за потребите на Министерство за внатрешни работи, Министерство за одбрана, други договорни страни – е ставот што го пренесоа синдикалните претставници, на премиерот Заев.

Потребно е да биде решен и проблемот со неисплатени придонеси на вработените во временски период од пет години, поради што сметката на претпријатието е блокирана.


Протест на вработените од „Еурокомпозит“


Прилеп, 11 декември, 2014 - 16:05 (META) 

Пред зградата на Општина Прилеп, денеска протестираа вработените во прилепскиот загубар „11.Октомври-Еурокомпозит“, барајќи ги своите плати и придонеси.

Најголемиот дел од вработените имаат повеќе од 30 години работен стаж и тврдат дека решението на проблемот лежи кај Владата.

Вработените велат дека утрово не им било дозволено да влезат во фабриката.