Мицкоски на амбасадорите на земјите-членки од ЕУ им се пожалил на злоупотреби од власта


Скопје, 10 април, 2018 - 16:15 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во просториите на
Делегацијата на ЕУ, имал работна средба со шефот на мисијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, на која изнел бројни обвинувања кон власта, информираше ВМРО-ДПМНЕ.

„Мицкоски ги информираше амбасадорите за бројните системски злоупотреби кои се извршуваат од страна на претставници на владејачката коалиција. Недостатокот на демократскиот капацитет, креирањето на поделби, како и нереализацијата на реформите државата ја оддалечува од европската агенда и нè сврстува во редот на најкорумпираните држави“, рекол Мицкоски.

Претседателот на најголемата опозициска партија нагласил дека „ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што верува дека е стратешки интерес државата што поскоро да стане дел од Европската унија и ќе го поддржи секој процес кој што е во таа насока“.


Жбогар и евроамбасадорите повикаа на избори без заплашување и без насилство


Скопје, 13 октомври, 2017 - 11:25 (META) 

Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите членки на ЕУ денеска порачаа дека локалните избори на 15 и на 29 октомври се можност за граѓаните да ги изразат своите гледишта за правецот во кој нивните општини треба да се движат во иднина.

„ЕУ ги охрабрува политичките лидери, нивните партии како и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и да ја покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото. Ги повикуваме политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство“, стои во заедничката изјава.

Делегацијата на ЕУ и амбасадите потсетуваат на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности и ресурси пред, за време на изборите и по нив.

„Ги повикуваме медиумите да им обезбедат на граѓаните разновидно и објективно информирање, кое им е потребно за да донесат информирана одлука на денот на изборите. Ја подвлекуваме важноста од меѓународни набљудувачи на изборите, особено на ОБСЕ/ОДИХР. Секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини“, се вели во изјавата.


Османи го презентирал планот „3-6-9“ на амбасадорите од ЕУ и на Рот


Скопје, 11 јули, 2017 - 13:28 (META) 

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, во просториите на Делегацијата на Европската Унија го презентирал планот „3-6-9“ пред амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ.

– Во овој план се опфатени реформите што Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од три месеци, односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на прецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните шест и девет месеци – рекол Османи, нагласувајќи дека Владата се залага за обезбедување транспарентност и инклузивност, со вклучување на опозицијата.

Планот претходно тој го презентирал и на Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.

– Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и за зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажа со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција. Тоа се потврди на последователните самити во Виена и во Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела – истакнал Османи.

„Двајцата соговорници се оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен и дека со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ“, се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.