Народна банка и ЕЦБ склучија меморандум за соработка во сферата на супервизијата


Скопје, 4 декември, 2018 - 9:55 (META) 

Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и Европската централна банка (ЕЦБ) склучија меморандум за соработка во сферата на супервизијата.

Од Народна банка велат дека соработката дефинирана со овој меморандум е од суштинско значење за натамошното унапредување на интегритетот, стабилноста и ефикасноста во работењето на банките.

„Согласно со неговите одредби, соработката меѓу двете институции ќе биде насочена кон обезбедување ефективна размена на супервизорски информации, имајќи ја предвид домашната и меѓународната регулатива, вклучително и Основните принципи за ефикасна банкарска супервизија донесени од Базелскиот комитет. Спроведувањето на неговите одредби ќе биде многу значајно и за остварувањето на определбата на НБРМ за постојано развивање на супервизијата во Република Македонија според најновите европски и меѓународни стандарди и препораки“, се вели во соопштението на НБРМ.

Во него се додава дека со иницирањето на овој многу значаен стратегиски документ, ЕЦБ ја вброи НБРМ меѓу централнобанкарските институции кои што ги смета за свои стратешки партнери во процесот на унапредување на супервизијата, а со тоа и во јакнењето на банкарските системи во Европа.


Почна конференцијата на претставници од ММФ, ЕЦБ, Светска банка, гувернери и банкари


Скопје, 16 февруари, 2018 - 9:23 (META) 

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, која што ја организира Народна банка, почна денеска во хотел „Мериот“.

На конференцијата учествуваат високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка, гувернери, вицегувернери, претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

Темата на која што се дискутира е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

На прес-конференцијата во 11 часот предвидено е да се обрати членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, а во 13 часот заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Тао Џанг.

Она што Џанг и другите ќе го кажат денеска, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.


Очите и ушите на светските финансиери утре ќе бидат вперени кон конференцијата во Скопје


Скопје, 15 февруари, 2018 - 11:01 (META) 

Високи претставници од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската централна банка (ЕЦБ), Светска банка утре во Скопје ќе дебатираат за тековните состојби во глобалната економија и во кој правец таа ќе се движи.

Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства ја организира Народна банка, а темата е „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“.

Она што утре ќе го каже заменикот на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, со внимателност ќе го проследат сите најважни светски финансиски институции и ќе има влијание врз финансиските пазари.

– Светските финансиски пазари се пред нови предизвици поради нестабилната монетарна политика. Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), минатите години вбризгаа огромно количество пари, за да се избегнат импликациите од светската економска криза. Но, со стабилизирање на светската економија и со нејзиниот пораст во последните две години, најавеното повлекување на тие средства предизвика реакција на светските финансиски пазари, како што беше падот на американската берза. А, токму ова е предизвикот со кој ќе се соочува светската економија следните години – смета гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Во рамките на конференцијата предвидени се четири сесии, а една од темите на која ќе се зборува се предизвици со кои се соочуваат централните банки при остварување на нивните цели за одржување на ценовната и финансиската стабилност.

Носителите на политики, експерти и академски претставници ќе дебатираат за тековните предизвици во однос на мандатот на централните бани за одржување на финансиска стабилност.

За оваа година, за светската економија се проектира раст од 3,7 процетни, но учесниците треба да дадат одговор дали е одржлив овој раст. Какви се ефектите на геополитичките и политичките ризици врз изгледите на светската економија.

Во светски рамки, долгот е на рекордно високо ниво. Во 2016 година состојбата на долгот на не-финансискиот сектор во земјите од групата Г20 изнесуваше 220 проценти од домашниот-бруто производ БДП, што е за 40 процентни поени повисоко од 2007 година.

На конференцијата, исто така ќе учествуваат и членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС), претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).


Заев: Изградбата на новиот клинички центар е еден од приоритетите за оваа година


Скопје, 23 јануари, 2018 - 14:43 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска со министерот за здравство Венко Филипче, имале средба со делегација на Банката за развој на Советот на Европа (ЕЦБ), предводена од регионалниот менаџер на банката, Витомир Мајлс Рагуз, на кој тема бил „најновиот статус за изградбата на новиот клинички центар во Македонија“, за кој е обезбеден кредит од ЕЦБ.

На средбата, како што соопштија од Владата, биле презентирани фазите за реализација, односно локацијата на клиничкиот центар, изградбата, опремувањето на клиниките „соодветно на најновите достигнувања во медицинската технологија“, како и инфраструктурните проекти за поддршка на работењето на центарот и сообраќајните решенија.

„На состанокот со претставниците на банката беше искажана јасната определба на Владата на Република Македонија дека ова е еден од најважните приоритети во оваа година, и дека се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградба на Јавната здравствена установа клинички центар „Мајка Тереза“ да биде донесена на една од наредните седници на Владата“, стои во соопштението.

Последните измени на проект за новиот клинички центар, кои главно се однесуваат на инфраструктурните и сообраќајните решенија, ќе бидат презентирани и пред целиот состав на Владата на денешната седница.


ЕЦБ нема да ја зголеми каматната стапка


Брисел, 7 април, 2017 - 14:09 (META) 

Каматните стапки нема да се зголемат сè додека не заврши програмата за откуп на обврзници, која ќе продолжи до декември, изјави претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги.

Тој додаде дека откупот на обврзници ќе биде со темпо како и досега, во износ од 60 милијарди евра месечно.

Според првиот човек на ЕЦБ, закрепнувањето на економијата во еврозоната е резултат на зголемувањето на потрошувачката, вработеноста и на платите, како и на намалувањето на задолженоста.

Европската централна банка (ЕЦБ) лани ја намали својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел беше да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.


Драги: Потребна е подобра координација на централните банки во светот


Синтра, 28 јуни, 2016 - 15:33 (META) 

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, денеска апелираше на подобра координација меѓу водечките централни банки во светот за подобро соочување со предизвиците на денешната глобална економија.

Ова Драги го истакнал на специјалниот форум во организација на ЕЦБ во лускузното одморалиште Синтра во Португалија.

Претседателот на Европската централна банка ги повикал светските лидери да се усогласат околу тоа кои се ризиците што ја загрозуваат глобалната економија и да преземат конкретни акции за промовирање на економскиот пораст и за отворање нови работни места.


Наумов: Енормно зголемување на каматните стапки во услови на пад во Европа


Скопје, 22 март, 2016 - 16:11 (META) 

Министерството за финансии за само една година енормно ги зголеми каматните стапки на државните записи, во услови кога каматните стапки во цела Европа опаѓаат, вклучително и референтната каматна стапка на Европската централна банка, која е на историско најниско ниво од 0,05 отсто, се вели во соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Според него, на денешната аукција на државни хартии од вредност, со која се запишаа 93,6 милиони евра, каматните стапки на шестмесечните и за 12-месечните записи се зголемени за 84 отсто и за 53 отсто соодветно.

– Ако шестмесечните записи кои доспеваат за враќање оваа недела пред шест месеци беа запишани со каматна стапка од 1,25 проценти, денеска за истите да бидат вратени, се запишани нови со каматна стапка од 2,3 проценти. Слично е и кај 12-месечните записи. Ако пред една година каматната стапка изнесувала 1,7 отсто, денеска за истите да бидат вратени, Министерството за финансии запиша нови записи со рок на враќање од една година, ама сега со каматна стапка од 2,6 проценти – вели Наумов.


ЕЦБ првпат во историјата ја намали референтната каматна стапка на нула


Франкфурт, 10 март, 2016 - 16:22 (META) 

Европската централна банка (ЕЦБ) ја намали денеска својата референтна каматна стапка на нула од 0,05 отсто, во рамките на пакетот мерки чијашто цел е да ја поттикне ослабената економија на еврозоната.

Референтната каматна стапка првпат во историјата на оваа банка е намалена на нула.

– Централната банка ја намали каматната стапка на депозитите на банките во централната банка од минус 0,30 отсто што беше воведено во декември, на минус 0,40 отсто – изјави портпаролот на оваа банка.

Тоа значи дека банките сега мораат да платат повеќе за да ги депонираат средствата во централната банка. Во рамките на досегашниот пакет на мерки, ЕЦБ ја прошири својата програма за откупување обврзници од 60 на 80 милијарди евра месечно.

Како одговор на овој потег на Европската централна банка, веднаш рипнаа индексите на берзите.


Грција и исплати 3,4 милиони евра на ЕЦБ


Атина, 20 август, 2015 - 13:39 (META) 

Грција денеска и испрати на Европската централна банка 3,4 милијарди евра долг, откако министрите за финансии на еврозоната одобрија исплата на правата транша од 23 милијарди евра нова помош за Грција.

Ратата која се состои од 3,2 милијарди евра главница и 200 милиони евра камата утринава е уплатена, како и 7,16 милијарди евра за враќање на заемот за премостување кој ЕЦБ и го даде на Грција минатиот месец со цел да може да ги исполни доспеаните обврски кон ММФ и кон банката.

Земјите од еврозоната синоќа одобрија на Грција да и се исплати првата транша од 23 милијарди евра од новиот, трет меѓународен пакет финансиска помош, вреден вкупно 86 милијарди евра.

Министрите за финансии на 19 земји од еврозоната со тоа и овозможија да Грција денеска да го исплати долгот од 3,4 милијарди евра долг кон ЕЦБ, соопшти Европскиот механизам за стабилност (ЕМС).

 


Гласањето за вториот пакет мерки, нов удар за СИРИЗА и за Ципрас


Атина, 23 јули, 2015 - 9:36 (META) 

Новите приоритени мерки за Грција поминаа, но не помина одново барањето на Ципрас за посилна поддршка од СИРИЗА. Во маратонската парламентарна дискусија, која финишираше со гласање во 4 часот изутрина, мерките ги поддржаа 230 од 298 присутни пратеници, против гласаа 63 пратеници, а воздржани беа пет.

Дури 36 пратеници од левичарската партија се спротиставија на мерките и покрај последниот повик од Ципрас да преземат сите одговорност за спас на државата, што, сепак, врати тројца пратеници за разлика од 39-те кои гласаа против минатиот пат.

Против и овојпат беше претседателката на парламентот, Зои Константинопулу, чија позиција е под знак прашалник и се шушка дека од неа ќе биде побарано сама да се повлече. Нејзината иднина останува да се види по денешниот тет-а-тет состанок со Ципрас во владиниот кабинет. На општо изненадување, поранешниот министер за финансии, Јанис Варуфакис, гласаше за мерките, иако минатиот пат беше против нив.

Премиерот Алексис Ципрас во парламентот повтори дека владата била пред тешки избори и соочена со потреба за многу тежок компромис за да ја спаси државата од економски и од банкарски колапс. Призна дека се направени грешки, но порача дека тој не планира да се откаже од обврските што ги има прифатено како премиер за да ја води и исправи на нозе државата.

Оцените во Грција се дека со толку голем број „бунтовници“ и противници на мерките во парламентот, Ципрас е соочен со дилемата и со потребата да се случи некаква поделба и чистка во партијата наскоро, за да може со посилно партиско единство и со помалку пречки од сопственото левичарско семејство да ги води преговорите и да го заклучи договорот со европските кредитори за да се осигури грчката финансиска стабилност.

Зад мерките и овојпат застанаа, иако со жестоки критики, опозициските партии Река, ПАСОК и Нова демократија. Лидерот на Река, Ставрос Теодоракис, отворено побара од Ципрас да ја смени претседателката на собранието, која и вчера се обидуваше да ја опструира и да ја одолговлечи парламентарната дискусија.
Гласањето се одвиваше во вжештена клима и во и пред парламентот, каде одново се водеше борба меѓу полицијата и демонстрантите против пакетот мерки. Додека во собранието се разменуваа остри критики меѓу партиите, пред него се разменуваа солзавец, молотови, камења и шок-бомби.

Среде политичкиот и граѓански земјотрес, пристигна и една позитивна вест од Европската централна банка, која одлучи да ја зголеми финансиската помош од итниот пакет за помош за дополнителни 900 милиони евра, со што се зацврстува банкарската стабилност и ликвидноста на грчките банки.