!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Голема сончева бура може да ја погоди Земјата утре и задутре


Вашингтон, 7 септември, 2017 - 16:06 (META) 

Од утре попладне до сабота околу пладне, голем дел од светот би можел да ги почувствува последици од големата соларна ерупција што се случила вчера, алармираше Центарот за вселенска метеоролошка прогноза при американската Национална администрација за океаните и атмосферата.

Русија, балтичките републики, Јужна Шведска, Данска, Обединотото Кралство и голем дел од северните држави на САД ќе бидат земјите кои веројатно ќе ги почувствуваат најсилно последиците од сончевата бура, предизвикана од ерупцијата на Сонцето со сила Х 9,3, која е најсилниот „факел“ исфрлен од Сонцето во последните 10 години.

Три часа претходно имало ерупција, односно „факел“, со сила Х 2,2, која избила од голема дамка на површината на Сонцето, а потоа уследила и гигантската ерупција од Х 9,3б, за која се очекува да предизвика магнетни бури и други последици на Земјата од утре попладне до задутре до пладне.

Последната толку силна ерупција, која имала сила Х 9, се случила во 2006 година, кога на осончаната површина на Земјата предизвикала прекин на радиосигналите во период од еден час и ги нарушила фрекфенциите. Научниците сметаат дека новата ерупција може да предизвика штети на сателити, комуникациски апарати и системи, па дури и на електропреносната мрежа.

Новата силна ерупција се случила во сончевата дамка во активниот регион 2673, помалата од двете масивни дамки на Сонцето. Оваа дамка е седумпати поширока од Земјината топка а висока колку девет Земји, објаснува астрофизичарот Карл Батамс.


Кратка ерупција на вулканот на Алјаска


Вашингтон, 3 јули, 2017 - 14:49 (META) 

Вулкан на Алјаска денеска на кратко еруптираше исфрлајќи пепел до висина од околу 11.000 метри, соопшти денеска американската опсерваторија за надгледување на вулканските активности.

Службата навела дека ерупцијата на вулканот се случила по полноќ, на Алеутскиот Архипелаг и траела 16 минути.

Вулканот на Богословскиот Остров, околу 1.400 километри југозападно од Енкориџ, периодично испушта пепел од средината на декември минатата година.

Алеутскиот Архипелаг, кој се наоѓа во Беринговото Море, има вулканско потекло.


Вулкан на Суматра еруптирал седум пати за 24 часа


Џакарта, 6 февруари, 2017 - 9:57 (META) 

Вулкан на планината Синабунг на северот на Суматра вчера еруптирал седум пати.

Ветерот носел пепел сè до Берастаги, туристички град на висорамнината Каро, југоисточно од вулканот.

На локалното население и на туристите им е речено да носат маски и заштита за очите за да избегнат контакт со вулканската пепел.

Околните места во се состојба на зголемена готовност, а лицата кои се наоѓаат во радиус од седум километри се евакуирани и префрлени во засолништа.

Планината Синабунг неколкупати еруптираше во септември 2013 година и секојпат беа раселувани илјадници лица.


Откажани летови во Индонезија поради ерупција на три вулкани


Џакарта, 3 август, 2016 - 11:02 (META) 

Ерупција на три вулкани во Индонезија го замати небото над архипелагот, поради што одложени се некои авионски летови.

Во изминатите неколку дена еруптираа вулканот Рињани на островот Ламбок, бо близина на Бали, вулканот на планината Синабунг и вулканот Гамалама.

Нема повредени во ерупциите, но летовите на некои аеродроми се одложени.
Меѓународниот аеродром во Ламбоку и уште неколку околни аеродроми денеска неколку часа беа затворени.


Седум лица загинаа во нова ерупција на вулканот во Индонезија


Џакарта, 30 мај, 2016 - 16:23 (META) 

Во ерупција на вулканот Синабунг во Индонезија загинаа најмалку седум лица од селото Гамбер, четири километри оддалечено од вулканот.

Синабунг синоќа исфрлил голема количина на пепел и чад, а потокот создаден од лава ги загрозува животите на луѓето во селата околу вулканот.

Првата ерупција во модерната историја на таа локација се случила во 2010 година по повеќе векови мирување. Тогаш загинаа две лица, а повеќе од 30.000 беа евакуирани.

Во ерупцијата која се случи во 2014 година загинаа 16 лица.


Седуммина загинати во ерупција на вулкан во западна Индонезија


Џакарта, 22 мај, 2016 - 14:28 (META) 

Седум луѓе загинале на западот на Индонезија при ерупција на вулканот Монт Синабунг, кој почнал да исфрла облаци вулканска пепел на висина од три километри, јавува „Би-би-си“.

Загинатите работеле на своите фарми во селото Гамбер, кое било прогласено за небезбедна област поради неговата близина до вулканот.

Според информациите вулканот и денеска исфрлал пепел што ги отежнува операциите на војската и на спасувачките екипи.

Повеќе десетици луѓе загинаа при ерупцијата на истиот вулкан во 2014 година. Монт Синабунг, исто така, еруптираше во 2010 година по 400 години мирување.

Спасувачките екипи сè уште ја обиколуваат областа, барајќи нови можни загинати и луѓе со тешки изгореници од жешкиот гас и облаците пепел ослободени при ерупцијата.


Се активирал вулканот Попокатепетл


Вашингтон, 28 март, 2016 - 13:42 (META) 

Вториот највисок вулкан во Северна Америка, Попокатепетл се активирал, јавуваат светските медиуми.

Последната ерупција се случи пред 16 години, кога беа евакуирани 40.000 лица.

Попокатепетл во воздух исфрла чад и пепел во висина од две илјади метри.


Јапонија: Еруптира вулкан во близина на нуклеарната електрана „Сендаи“


Кјото, 5 февруари, 2016 - 15:13 (META) 

Јапонскиот вулкан Сакурајима, оддалечен околу 50 километри од нуклеарната електрана „Сендаи“, еруптирал, исфрлајќи пепел два километри во ноќното небо и големи количества лава, но засега нема извештаи за штети во електраната.

Поради „експлозивна ерупција“, јапонската метеоролошка агенција објави тревога од највисоко ниво, што значи дека луѓето не смеат да ѝ се приближуваат на планината.

– Сепак, добро е што тоа подрачје е многу далеку од населбите – рече Казухиро Исхихара, професор на универзитетот во Кјото.

Телевизиската снимка прикажува лава како тече по планината, но Исхијара рече дека мисли оти ерупциите нема да бидат толку сериозни.


Поради ерупција на вулканот Етна, затворен е аеродромот во Катанија


Катанија, 5 декември, 2015 - 16:07 (META) 

Поради ерупција на вулканот Етна на островот Сицилија, денеска е затворен аеродромот во Катанија, јавува италијанската новинска агенција АНСА.

Ерупцијата на Етна, придружена со исфрлање лава, почна на 3 декември. Специјалистите од италијанскиот институт за геофизика и за вулканологија го опишаа како најмоќнниот од 1999 година.

Аеродромот во Катанија работеше во нормален режим, но синоќа беше затворен поради зголемена концентрација на вулканска пепел во воздухот.

Ерупцијата на вулканот не го загрозува локалното население.


Во Еквадор вонредна состојба поради активација на вулкан


Кито, 16 август, 2015 - 10:45 (META) 

Претседателот на Еквадор, Рафаел Кореа, прогласи вонредна состојба во земјата поради засилените активности на вулканот Котопакси и како мерка на претпазливост нареди евакуација на повеќе стотици луѓе од селата во близина на вулканот.

Вонредната состојба им дава на властите поголемо овластување како и користење на средства од буџетот за реагирање во случај на ерупција на вулканот.

Советникот на претседателот Корее Алексис Мера изјави дека властите биле поттикнати да ги евакуираат селата поради брзиот проток на топол гас и камења.

Вулканот Котопакси, кој се наоѓа во близина на главниот град Кито, во петокот исфрлил облак со пепел висок дури пет километри, а сива прашина ги покрила патиштата, куќите и автомобилите во околината, но дури и на 50 километри оддалеченост од Кито.

Властите го ограничиле пристапот до паркот кој го опкружува вулканот и забраниле искачување на неговиот врв кој е популарен помеѓу планинарите.

Котопакси кој е висок 5.987 метри, започнал да покажува засилена активност уште во април. Последната негова ерупција се случила во 1877 година.