Воена база во Македонија побарал Ердоган од Заев, тврди Теодоракис


Атина, 22 март, 2018 - 14:17 (META) 

Лидерот на центристичката, социјално-либерална грчка партија Река, Ставрос Теодоракис, во емисијата „Сега“ на грчки „Скај“ изјави дека „Таип Ердоган му побарал на Зоран Заев да Турција отвори воена база“ како контра услуга за поддршката и помошта што земјата би ѝ ја давала на Македонија, пренесува десничарскиот грчки „Елефтерос типос“.

И Грција и Турција се членки на НАТО, но постојано се во судир околу поморската граница во Егејот и кипарското прашање.

– Ќе дозволиме ли да се формира турска воена база на нашата северна граница и толку близу до Солун – запрашал Теодоракис, чија партија има шест пратеници во грчкиот парламент и двајца во Европарламентот.

Теодоракис ова го кажал во контекст на преговорите за името и како поткрепа на заложбата дека проблемот треба што поскоро да се реши.

Тој неодамна имаше средба со премиерот Ципрас на која разговараа за потребата од формирање Совет за национална безбедност.

Сложено име за севкупна употреба, но и бришење на „агресивниот дух кон Грците“ од Уставот, учебниците и секојдневниот живот во соседната земја, се позициите на Теодоракис за прашањето за името.

– Едно сложено име за севкупна употреба, паралелно со конкретни обврски од нашите соседи дека ќе има бришење во нивниот Устав и во учебниците. Многу инсистирам на учебниците затоа што тие ја градат свеста, дека од нивното секојдневие, од нивната култура, ќе се избрише овој агресивен дух кон Грците и кон грчката Македонија – вели Теодоракис за „Скај“.

Лидерот на „Река“ одби директно да одговори каква ќе биде позицијата доколку договорот дојде во грчкиот Парламент.

Гласањето, според него, ќе зависи од самиот предлог и што тој точно ќе содржи.


За Ердоган е скандалозно поднесувањето обвиненија во САД против неговите телохранители


Анкара, 1 септември, 2017 - 10:07 (META) 

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска го оцени како „скандалозно“ поднесувањето обвинение во САД против неколку негови телохранители, обвинети за насилството во Вашингтон за време на неговата посета на градот.

– Тоа е скандал. Тоа е скандалозна демонстрација на начинот на кој функционира американското правосудство – рече Ердоган.

Вкупно 19 лица, вклучувајќи и 15 агенти на безбедносните служби и телохранители на Ердоган, се осомничени дека на 16 мај ги нападнале мирните курдски демонстранти во главниот град на САД.

Обвинението против тројца од нив е поднесено во вторникот.

Судирите избија на вечерта 16 мај, пред резиденцијата на турскиот амбасадор во САД, каде Ердоган бил по разговорите во Белата куќа со претседателот Доналд Трамп.

Во судирите се повредени 12 лица, меѓу кои и еден полицаец.


ВМРО-ДПМНЕ изразува сочувство за убиените во обидот за државен удар во Турција


Скопје, 16 јули, 2017 - 11:14 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ изразува најдлабоко сочуство за сите што ги загубија животите при обидот за државен удар во Република Турција, посочуваат од партијата во соопштение.

„Сликите и снимките од минатогодишниот 15 јули засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата не само на турскиот народ, туку и на сите кои имаат посебна почит и симпатии кон Турција. Република Турција и турскиот народ биле и остануваат докажан пријател на Република Македонија. Меѓусебните односи секогаш биле проткаени со заемна почит и пријателство и очекуваме врските со Република Турција да се продлабочуваат и во иднина. Демократските избори се единствениот начин на кој една власт може да ја добие честа да ја управува државата“, се вели во соопштението.


Во Турција се одбележува годишнина од неуспешниот пуч


Анкара, 15 јули, 2017 - 11:29 (META) 

Во Турција денеска се одбележува првата годишнина од неуспешниот обид за државен преврат. Според турските власти, организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, прогласена од безбедносните структури за терористичка, е одговорна за пучот извршен ноќта на 15 спроти 16 јули минатата година.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган објави вчера дека во државата ќе почне „национално демократско бдеење“ и ќе трае до полноќ на 16 јули. Закажана е седница на парламентот со специјална програма. Попладне во Истанбул ќе почне поход на национално единство на Ердоган, ветерани од превратот и роднини на загинатите. Претседателот ќе има говор и ќе биде прикажан документарен филм за 15 јули. Ќе биде отворен и споменик на жртвите од неуспешниот пуч.

Турските власти, инаку, вчера отпуштија повеќе од 7.000 полицајци, војници и јавни службеници. Декретот за отпуштање претставува дел од мерките по обидот за пуч. Турција досега суспендира повеќе од 150.000 официјални лица и уапси околу 50.000 припадници на армијата, полицијата, вработени во судството, академици и луѓе од други сектори. Во најновиот декрет меѓу отпуштените од работа се 2.303 полицајци, како и 302 вработени на универзитети во државата.


Турската опозиција ќе побара поништување на референдумот


Анкара, 18 април, 2017 - 12:40 (META) 

Главната опозициска партија во Турција, Народно-републиканската партија (НРП), најави дека денеска ќе ѝ достави на Државната изборна комисија барање за поништување на референдумот, кој се одржа во неделата.

Заменик-претседателот на НРП, Булент Тезџан, изјави дека ќе ја поднесе жалба до комисијата.

НРП вчера повика на поништување на гласањето и изјави дека ќе го постави прашањето и до Европскиот суд за човекови права, откако Државната изборна комисија во последен миг ги прифати како важечки гласачките ливчиња без печат.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пак, денеска се јави со осуда за „крстоносниот менталитет на Западот“, откако европските набљудувачи го критикуваа референдумот што му дава нови поголеми овластувања. Ердоган пред маса поддржувачи со развеани знамиња кажа дека набљудувачите од странство „треба да си го знаат местото“, како и дека Труција не ги признава критиките дека гласањето не било според меѓународните стандарди.


Обама и Ердоган на телефон договориле напади против ИД


Вашингтон, 27 октомври, 2016 - 11:53 (META) 

Реџеп Таип Ердоган и Барак Обама вчера во телефонски разговор ги планирале следните чекори во вооружените дејства против терористичката организација Исламска држава, соопшти прес-службата на Белата куќа.

Обама високо го оценил учеството на Турција во акциите, особено поддршката на Анкара за сириските вооружени групи, кои ги притиснаа џихадистите од сириско-турската граница. Американскиот претседател посочи дека е неопходна тесна координација меѓу Вашингтон и Анкара за да има поуспешно елиминирање на заканата наречена Исламска држава. Обама, исто така, го поздравил и постојниот дијалог меѓу Анкара и Багдад за меѓусебна соработка во Ирак.

Двајцата претседатели биле согласни околу почитувањето на територијалниот интегритет на Ирак и дека Курдската работничка партија што и Вашингтон и Анкара ја сметаат за терористичка организација, не треба да добие засолниште во Северен Ирак.


Почнува судењето на Фетулах Ѓулен, најголемиот противник на Ердоган


Истанбул, 6 јануари, 2016 - 11:22 (META) 

Денеска во Турција почнува судењето на Фетулах Ѓулен, турски проповедник и политичар и најголем ривал на турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.

Судењето ќе се одржи во главниот суд во Истанбул и претставува дел од острите мерки против движењето на Ѓулен, кои владата ги опишува како борба против „паралелна држава“.

Ѓулен (74) му беше сојузник на Ердоган кога неговата Партија на правдата и развојот дојде на власт во 2002 година.

На Ѓулен, кој живее во егзил во Пенсилванија, во САД, ќе му се суди во отсуство.

– Тој се товари за обид за соборување на владата и за водење терористичка организација – изјави неговиот адвокат Нурулах Албајрак.


Ердоган ја одобри привремената влада


Ankara, 29 август, 2015 - 11:16 (META) 

Составот на привремената влада, предложена од премиерот Ахмет Давутоглу, синоќа ја одобри турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во предложената привремена влада првпат е вклучена и една курдска партија.

Али Хајдар ќе биде министер за прашања за Европска унија, а Муслим Доган ќе биде министер за разој. Двајцата се членови на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), а досега беа пратеници во Парламентот.

Министер за надворешни работи ќе биде досегашниот заменик-министетр Феридун Синирлиоглу. Министрит за економија и за финансии остануваат Нихат Зејбекчи и Мехмет Шимшек, а за министер за енергетика е назначен Али Риза Алабојун.

Давутоглу пред три дена ги повика опозициските партии да преземат дел од одговорноста и да се вклучат во привремената влада, нудејќи им министерски места.

Ердоган го овласти Давутоглу да формира привремена влада, која ќе раководи со земјата до новите избори, што ќе се одржат на 1. ноември.

Привремената влада е формирана откако пропаднаа двомесечните за формирање на владејачка коалиција по изборите на 7. јуни, кога владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) првпат од 2002 година го изгуби мнозинството.


Новинар од Турција добил отказ зашто ја критикувал политиката на Ердоган


Анкара, 23 јули, 2015 - 15:15 (META) 

Турскиот весник „Милиет“ му дал отказ на еден од најпознатите коментатори затоа што ја критикувал политиката на претседателот Ердоган, во однос на џихадистите од Исламска држава.

Раководството на весникот објави дека договорот со новинарот Кадри Гурсел го прекинале затоа што тој на „Твитер“ објавил коментар што бил спротивен на уредувачката политика.

Новинарот го обвинил претседателот дека е главниот фактор за подемот на ИД и дека е срамно што светските лидери изразија сочувство пред него поради жртвите од нападот во Суруч извршен од џихадисти.
„Застрашувачки е што изразија сочувство за Суруч. Светските лидери се јавија на човекот кој е број еден како фактор за појава на тероризмот на ИД во Турција“, напиша коментаторот.


ЕУ изненадена од изјавите на Ердоган


Брисел, 16 декември, 2014 - 11:46 (META) 

Федерика Могерини, министерка за надворешни работи на Европска Унија, денеска на прес-конференција изјави дека е многу изненадена од изјавите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Таа рече дека кога минатата недела била во Турција, со него имала многу конструктивен разговор за тоа како да се тргне напред во односите меѓу Европска Унија и Турција.

-Би сакала да ја искористам можноста да го искажам сето мое, а мислам и на сите присутни министри, личното и емоционално сочувство до сите луѓе што се вклучени во оваа многу шокантна епизода – рече Могерини.

Турската антитерористичка полиција во неделата спроведе рации во 13 градови и уапси најмалку 27 луѓе, главно новинари. Тоа го осуди Европска Унија, на што жестоко врати Ердоган.

– Европската Унија не треба да интервенира во чекорите што се преземени од страна на турските безбедносни сили во рамките на владеењето на правото против елементите што се закануваат на нашата национална безбедност. Тие треба да си ја гледаат својата работа – рече Ердоган.