Нови тринаесет заболени од морбили, дете и возрасен во тешка состојба


Скопје, 19 февруари, 2019 - 15:57 (META) 

Тринаесет заболени од морбили се регистрирани во текот на вчерашниот ден од кои седум се примени на болничко лекување, информираат од Министерството за здравство согласно податоците од Клиниката за инфективни болести.

„Станува збор за четворица возрасни од Скопје и Велес, меѓу кои една 37-годишна жена е со потешка клиничка слика. Другите тројца возрасни се со непознат вакцинален статус. Примени се и три деца меѓу кои едногодишно дете од Тетово со тешка клиничка слика кое е на Одделот за интензивно лекување и во тек е дијагностичка обработка, 20-месечно дете од Кисела Вода, кое има пневмонија и четиримесечно дете од Куманово со пневмонија. Сите деца се невакцинирани“, информираат од Министерството.

На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 21 пациент со морбили од кои седум се возрасни и 14 деца, повеќето од нив под една година.

„На Одделот за интензивно лекување освен детето во тешка состојба има и еден возрасен пациент на 56 години, кој е ставен на апарат за механичка вентилација, а за кој во текот на денов ќе се добие потврда дали станува збор за морбили. Амбулантски се прегледани шест пациенти кои се пуштени на домашно лекување од кои тројца се возрасни, двајца невакцинирани и еден со непознат вакцинален статус, а три се деца од кои едно е со една доза вакцина додека другите две се невакцинирани. Сите се од Скопје. На домашно лекување ќе бидат пуштени пет пациенти“, соопштија од МЗ.

Од прогласувањето на епидемијата во декември, досега, се регистрирани 280 заболени, а тројца починаа.


Нови мерки за борба со епидемијата на мали сипаници од Комисијата за заразни болести


Скопје, 11 февруари, 2019 - 20:30 (META) 

Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство донесе нови дополнителни мерки за заштита и справување на населението од епидемијата на морбили. Истовремено се вели дека сите предходни мерки кои ги донесе Комисијата се уште се на сила, односно дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, а се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет, како и да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого е забранета посета на болни во сите здравствени установи.

Ова се новите препораки:

  • Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот Скопје, од утре треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината.
  • Родителите пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца кои живеат во Македонија. Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација.
  • Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили, или имаат висока температура или пак веќе имаат осип на кожата прво да се јават на преглед во пунктови во Здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
  • За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.
  • Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови.

Одделението за јавност вели дека  вакцините во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

Комисијата укажува дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања.

Морбилите се високо заразно заболување кое лесно се пренесува по капков пат.

Едно лице со морбили (мали сипаници) може да зарази 9 од 10 лица околу него кои не се вакцинирани.

Досега се вакцинирани 6.276 деца само во Скопје, а пред прогласувањето на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП вакцина.

Од Министерството потсетуваат дека покрај вакцинацијата, не постои друг лек во светски рамки кој е познат на медицината базирана на докази и дека со апстиненција од вакцинација, родителите го доведуваат своето дете во огромен ризик.


Морбили, вакцинација, заразени: Епидемијата низ бројки и факти


Скопје, 11 февруари, 2019 - 16:11 (META) 

Не стивнува епидемијата на морбили. Бројот на лица со симптоми на морбили секојдневно се прегледуваат и хоспитализираат во болниците, а најкомплицираните случаи се на Клиниката за инфективни болести. Денеска поради компликации од ова заразно заболување, почина тринаесетмесечно бебе, кое е трета жртва во рок од само неколку дена.

– Болеста може да се спречи единствено со вакцинација. Апелираме уште еднаш до сите родители најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината која заштитува од ова сериозно заболување. Вакцините се со проверен и гарантиран квалитет – велат во Министерството за здравство.

Во епидемијата, досега евидентирани се 201 лице заболено од морбили. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 години. Како што информираат во Институтот за јавно здравје, од вкупниот број на заболени, 115 (57,2 отсто) се на возраст до 4 години, а 44 лица (21,9 отсто) на возраст над 30 години.

– Според вакциналниот статус, 144 или 71,6 отсто од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од вкупниот број на заболени, 103 лица односно 51,2 отсто се лабораториски потврдени. Од почетокот на на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица изнесува 8.434, од кои 5.900 лица се на територијата на град Скопје – велат оттаму.

Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација.

ФАКТОГРАФИЈА  

На почетокот на епидемијата (3 јануари) 15.000 деца во Скопје на возраст до 14 години немаа примено МРП вакцина

Во екот на епидемијата, на ниво на држава досега се вакцинирале влупно 8.434 лица, од кои 5.900 се на територија на град Скопје

Во екот на епидемијата, наместо на 12 месечна возраст, вакцина се прима на 9 месечна возраст

Секој ден се прегледуваат од 3 до 10 пациенти на ден со симптоми на мали сипаници

Досега во епидемијата во Скопје, од морбили заболело 201 лице

Во рок од неколку дена, 3 деца починаа од компликации од морбили


Филипче: Ќе одговараат сите кои требало да забележат дека вакцините имаат погрешна декларација


Скопје, 29 јануари, 2019 - 20:35 (META) 

Вакцините со погрешни декларации се тргнати на страна и ако нема ништо спорно од законски аспект, јас ќе инсистирам тие вакцини да се покажат во јавноста, рече министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизијата „Телма“.

Тој рече дека сериозно размислува да ја прекине соработката со „Македонија лек“, компанијата која го направи пропустот со погрепните декларации.

– Ова е последица на долги години неводење сметка. Размислував и многу порано околу санкциите, многу пред Основното јавно обвинителство да покрене постапка. Беа повикани директорите на здравствените домови, а ќе се повикаат на одговорност сите кои требало да ги регистират тие вакцини со погрешна лепенка, а тоа не го сториле. Ве уверувам дека вакцините се со уреден рок. Тоа го уврдивме со проверка во сите здравствени домови. Ќе бидеме на располагање на ОЈО и ќе бидеме достапни за соработка во секој момент за да се расчисти оваа афера. Сакаме со компаниите со кои соработуваме, да имаме фер соработка – рече Филипче.

Тој ја уверуваше јавноста дека Македонија увезува само проверени европски вакцини.

– Вакцините никогаш не биле предмет на паралелен увоз. Строго е контролиран процесот на достава на вакцините, на транспортот. За вакцини, за период од две години, трошиме 700 милиони денари. Буџетот го зголемивме за 30 отсто зошто воведовме две нови вакцини, за рота вирус и пнеумокока. Сите вакцини кои ги имаме се од европски производители, проверени од европска лабораторија и од самиот производител. За тој квалитет гарантираме. Тоа се истите кои се користа т во ЕУ. Вакцините што наши граѓани ги купуваат во Грција, е од истиот производител. Огромен ризик преземаат родителите ако ја ставаат во мало фрижидерче оти и во најмала промена во температирата може да настане проблем. Со лекарите кои препорачуваат тие да се купат од Грција, понуваме процес на едукација – рече Филипче.

Според Филипче, невакцинирањето е кршење на сите принципи на одржување на колективен имунитет и јавното здравје. Информираше дека 11.000 деца во Скопје кои одат на училиште, не се вакцинирани.

Од вкупно 40.000 деца на возраст од 1 до 5 години, во периодот на епидемија се вакцинирале скоро 5.000. Додаде дека во градинка ќе продолжи мерката да не се примаат невакцинирани деца.

– Бројката на заболени од морбили достигнува 100 лица, од кои 30 се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Иако очекувано, не сакавме ова да се случи. Секој ден се примаат по пет случаи. Сепак верувам дека бројот можеше да биде поголем. Епидемјата почна во Радишани, каде што направивме сериона анализа па утврдивме дека тоа се невакцинирани деца за жал, и утврдивме исто така дека за време на инкубациониот период, тие биле со многу деца во контакт. Да ги преземевме мерките подоцна, бројот на болни сега ќе беше многу поголем – изјави министерот.

Засега, Комитетот за заразни болести не презема мерки на заштита во другите градови во Македонија, бидејќи таму има само инцидентни случаи на заболени.


Еден пријавен случај на морбили во Тетово


Тетово, 24 јануари, 2019 - 11:18 (META) 

Здравствен работник, вработен во Скопје е првиот пријавен случај на морбили во Тетово. Случајот е регистриран на 18 јануари, а пациентот е на домашно лекување, информираат од Центарот за јавно здравје Тетово. Надлежните континуирано работаат на сите пунктови за пребарување и пронаоѓање на невакцинираните и непотполно вакцинираните лица со МРП. Од таму потврдуваат дека најголем е бројот на невакцинирани лица во пунктот за предшколска возраст во Тетово.

– Тие кои немаат примено вакцина, преку здравствените пунктови, ќе бидат повикани во службите за вакцинација со цел да бидат опфатени. Кај лицата на кои треба да се изврши ревакцинација, досега се нема јавено никаков проблем, што не е случај кај оние кои треба да ја примат првата вакцина-истакнуваат од Центарот за јавно здравје Тетово.

Што се однесува до другите видови на сипаници, во Тетово во 2018, вкупно се регистрирани 411 случаи на варичела. До сега пак, во 2019 година, регистрирани се 72 случаи, а генерално преовладува возрасна група од 7 до 9 и 7 до 11 години, односно деца од школска возраст, но се јавува и кај 5-годишните деца. Од Центарот за јавно здравје Тетово, велат дека се работи за очекувани бројки, особено за зимскиот период, а и заразноста на сипаниците е голема.

Надлежните и натаму потенцираат дека единствена превентивна мерка за морбилите е вакцината, која се прима на 13 месеци и е дел од законска рамка.


Не попушта епидемијата на морбили, денеска четири нови заболени со компликации


Скопје, 22 јануари, 2019 - 11:24 (META) 

Министерството за здравство ќе прогласи крај на епидемијата на морбили кога ќе се случи да нема ниту еден заболен во период од четири недели, информираат оттаму за „Мета“.

„Процесот на инкубација трае две недели. Кога ќе има два пати по две недели без ниеден заболен пациент, тогаш ќе се стопира епидемијата. Засега тоа нема шанси да се случи, бидејќи само денеска има четири нови случаи, и тоа комплицирани, кои се хоспитализирани на Инфективната клиника“, информираат од Министерството.

Оттаму додаваат дека од почетокот на епидемијата и од почетокот на забраната за примање невакцинирани деца во градинка со МРП вакцина, досега се вакцинирани повеќе од 3.400 деца.

„Нашиот страв е дека ако ја тргнеме забраната за прием на невакцинирани деца во градинка, тогаш сите без вакцина ќе се разболат. Затоа се и толку интензивни советите за претпазливост и вакцинирање“, велат од МЗ.

Во меѓувреме, скопските градинки продолжуваат да не примата невакцинирани деца. Државните здравствени инспектори прават увид на терен дали има градинки што примаат невакцинирани деца. Како што оттаму информираат, засега нема регистрирано таков случај.


На Инфективна од морбили се лечат 20 пациенти


Скопје, 14 јануари, 2019 - 12:42 (META) 

На Клиниката за инфективни болести во моментов од морбили се лечат вкупно 20 пациенти. Од пред два дена, примени се шест нови заразени пациенти, од кои пет се деца на возраст од девет месеци до две и пол години, како и една девојка на возраст од 24 години. На инфективната клиника има посебни оддели за овие пациенти.

Докторите прогнозираат дека бројот на заболени допрва ќе расте.

Од Министерството за здравство, за „Мета“ информираат дека до крајот на неделава, Комисијата за заразни болести ќе донесе конечна одлука дали ќе се пролонгира распустот.

Министерот Венко Филипче изјави дека се размислува за можноста, со теренска вакцинација, да бидат вакцинирани со МРП вакцина сите невакцинирани ученици на првиот ден од почетокот на второто полугодие.

– Процентот на невакцинирани деца е голем кај децата кои одат во градинка. Нешто подобар е процентот на школски деца. Сепак, на состанок со епидемиолозите ја дискутиравме оваа можност, ако продолжи епидемијата, опција да биде теренската вакцинација на првиот училиштен ден – рече Филипче.

Здравствените власти препорачуваат, сите кои имаат клиничка слика за морбили (откако тоа ќе го утврдат матичните педијатри), да одат на Клиниката за инфективни болести, а не на Клиниката за детски болести.
Епилог во врска со случајот со залепени погрешни декларации на вакцините, се очекува до крајот на неделава.

Во моментов, Агенцијата за лекови „Малмед“ прави увид во вакциналните пунктови во кои имаше вакцини со погрешни декларации. Филипче уверуваше дека грешката е техничка и дека сепак вакцините се исправни, квалитетни и безбедни за користење.

Откако беше прогласена епидемија пред 11 дена, досега со МРП се вакцинирани околу 1.900 деца.


Сипаниците може да го одложат почетокот на второто полугодие


Скопје, 11 јануари, 2019 - 14:34 (META) 

Министерството за образование и наука ја следи ситуацијата со епидемијата од сипаници, во координација е со министерствата за здравство и за труд и социјална политика и врз основа на состојбата на терен, ќе одлучи за евентуално одложување на второто полугодие, кое по правило треба да започне на 21 јануари, изјави денеска министерот за образование Арбер Адеми.

Во МОН потсетуваат дека согласно Законот за основно образование, при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

– Според тоа што ќе го имаме на терен, ќе преземеме мерки во пресрет на второто полугодие. Ќе биде преземено тоа што е неопходно од наша страна како надлежна институција. Треба да водиме грижа и за следење на воспитно-образовниот процес во основно и за вакцинацијата на нашите деца. И во постојниот закон е предвидено дека при упис на децата во основно, нивните родителите треба да докажат дека биле вакцинирани – рече Адеми.

Членот во законот со кој се предвидува задолжително приложување потврда за примени вакцини, го има и во новиот Закон за основно образование кој е во фаза на изработка, а ќе биде ставен и на јавна консултација.


Седум нови сомнителни случаи на заразени од морбили


Скопје, 10 јануари, 2019 - 13:37 (META) 

Седум нови сомнителни случаи на заболени од морбили се пријавени денеска во Институтот за јавно здравје. Прим. д-р Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот, нагласува дека ова не се регистрирани случаи, туку за нив допрва ќе следат лабораториски анализи и испитувања, а потоа ќе види дали ќе бидат потврдени случаи или не.

– Сомнителните случаи се добиени од Инфективната клиника. Тие чекаат лабораториска дијагностика, а дополнително ќе се знае дали ќе добиеме пријава дека се работи за заразна болест. Во новата епидемија, на територија на Скопје, без оние седум случаи од Радишани, во моментов има 13 потврдени случаи – информира д-р Кузмановска.

Како што неофицијално дознава „Мета“, станува збор за деца од градинка во Аеродром.

Од 3 јануари е прогласена епидемија на морбили на ниво на Скопје. Во исто време беше донесена мерка за забрана за прием на невакцинирани деца со МРП вакцина. Од денот на забраната, досега вакцинирани се над 1.300 деца.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат врши контроли по градинки, дали тие примаат деца кои не ја имаат примено оваа вакцина. Директорката Ирина Бухова за „Мета“ информира дека до овој момент не се регистрирани случаи на примање невакцинирани деца.

– Ние можеме да правимe проверки само кај што има решение за забрана. Затоа нашите инспектори делуваат само во Скопје. Во моментов нема пријави за примени невакцинирани деца во градинка – вели Бухова.


Филипче: Невакцинирани деца нема да се примаат ниту на училиште


Скопје, 3 јануари, 2019 - 23:06 (META) 

Нашите заложби се во насока вакцинацијата да стане задолжителна и невакцинираните деца да не смеат да се примаат ниту во градинка, ниту во училиште, изјави во гостувањето на „1тв“ министерот за здравство, Венко Филипче. Тој најави дека се подготвуваат законски измени, според кои, дете кое не е вакцинирано, нема да може да биде примено во градинка или на училиште.

– Тоа е единственото, вистинско и долгорочно решение. Заради тоа што во многу земји во светот каде ги имале сите овие исти проблеми, така го решиле проблемот, со задолжителна вакцинација. На последниот состанок инициран од Светската здравствена организација, пред неколку месеци во Подгорица, на која главна тема беше имунизацијата, се разговараше за истите овие проблеми, типот на вакцини, опфатот на имунизација. Истите проблеми ги имаат сите земји во регионот, ги имаат развиените земји, ги има Израел. Израел го решил проблемот со тоа што станала вакцинацијата задолжителна, тие немаат проблем со вакви заболувања – вели Филипче.

Според него, има европски земји во кои вакцинирањето е мандаторно.

– Тие земји, Италија Франција, Финска и Романија, заради појава на многу поголеми епидемии со смртни случаи, сега ги менуваат законите. Ги прават такви, вакцинирањето да е задолжително. Дали бројката од 12 случаи на заболени од морбили е доволна за да се прогласи епидемија? Одговорот е „да“. Романија не може да ја смири епидемијата веќе две години, а смртни случаи има и во Србија, а тоа е доволен показател за нас да преземеме вакви мерки – додава министерот.

Правото на детето да биде вакцинирано и заштитено од болести, смета тој, е поважно од волјата на родителот.

– Колективното право и јавното здравје е поважно да го штитиме отколку индивидуалното. Секој си одговара за своето здравје, но никој нема право да го загрозува општото здравје. Што ќе се случи ако умре некое дете? Кој ќе одговара ако заболи некое дете кое не можело да се вакцинира од икс причини и, не дај боже, умре? Ние имаме сериозна обврска пред нас, да преземеме чекори кои ги презимаме, за да го заштитиме јавното здравје. Се` дoдека има можност децата да се запишуваат во јавни установи и притоа не се вакцинирани, ние проблемот нема да го решиме – дециден е министерот.

Министерството за здравство прогласи епидемија на мали сипаници на ниво на Скопје, поради  12 нови случаи и донесе и забрана за носење во градинка на деца кои не примиле МРП вакцина