ЕП ја почна битката против враќање на километражите на автомобилите


Брисел, 1 јуни, 2018 - 11:08 (META) 

Европскиот Парламент (ЕП) вчера изгласа резолуција со која бара од Европската Комисија (ЕК) во рок од една година да изготви законска рамка со која ќе се забрани враќањето на километражите на автомобилите и километражата ќе се контролира при секој технички преглед.

Проблемот е толку голем, што во земји како Бугарија, Словачка и Полска, бројката на продадени користени автомобили со вратена километража достигнува до 80 отсто.

– Од пет до 12 отсто од користените возила што се продаваат во ЕУ и 30 до 50 отсто од оние што се продаваат надвор од границите на ЕУ се со вратена километража. Има потреба да се формираат национални бази на податоци за километражата на секое возила и да се воспостави прекугранична размена на тие податоци. Доколку ЕК подготви закони, тоа би значело придобивка од шест до девет милијарди евра годишно и би ја вратило довербата на купувачите во користените возила, а исто така ќе придонесе и за безбедноста на патиштата – рече во ЕП известувачот, европарламентарецот од Германија, Исмаил Ертуг.

Покрај тоа, се бара од производителите да воведат технологии што ќе го оневозможат враќањето на бројчаниците.

Според резолуцијата што беше изгласана во ЕП вчера, проверката на километражата треба се прави при секое сервисирање, при секој технички преглед, почнувајќи од првото регистрирање на возилото.

Враќањето на километражата предизвикува директни штети не само на купувачите, туку и на животната средина и на безбедноста во сообраќајот, се вели во резолуцијата.

Редовна проверка на километражата засега функционира во Белгија и Холандија, а само шест членки на ЕУ имаат закони со кои враќањето на бројчаниците се смета за кривично дело. Во другите земји тоа се смета само за прекршок.


Захариева: Реално е очекувањето преговорите со Македонија да почнат до јули


Брисел, 23 јануари, 2018 - 19:43 (META) 

Мислам дека е многу реално преговорите со Македонија да започнат за време на бугарското претседавање со ЕУ и, секако да го видиме извештајот во кој ќе биде вклучен и акциониот план 3-6-9 и кој е поврзан со реформите во администрацијата, разузнавачката служба и судскиот систем. Ние ќе бидеме среќни и целосно ќе го поддржиме тој развој, исто и за Албанија, рече бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева додека ги презентираше приоритетите на Бугарија за време на претседавањето на земјата со ЕУ пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.

Таа рече дека Бугарија е многу охрабрена од сигналите од Македонија и Грција во врска со преговорите за спорот за името.

– Западен Балкан е од големо значење за благосостојбата на Европа. Нема како да има сигурна и стабилна Европа без безбеден и стабилен Балкан – истакна шефицата на бугарската дипломатија пред европратениците и додаде дека самитот во мај годинава во Софија ќе биде прв настан на такво ниво по состанокот во Солун во 2003 година.

Бугарската министерка за надворешни работи ги наведе четирите главни приоритети на Претседателството: иднината на Европа и младите луѓе – економскиот раст и општествената кохезија, европска перспектива и поврзаност на Западен Балкан, дигиталната економија и вештините потребни за иднината и безбедноста и стабилноста во силна и обединета Европа.


Ветер во грб побара Димитров од европарламентарците


Брисел, 10 октомври, 2017 - 15:45 (META) 

„Градењето модерна европска демократија е, пред сè, во интерес на нашите граѓани, во интерес на земјите од регионот и од интерес на ЕУ. Стабилна, економски просперитетна и успешна Република Македонија подразбира стабилен и просперитетен регион“, порачал министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во денешното обраќање пред Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (АФЕТ), соопшти Министерството за надворешни работи.

Во освртот Димитров ги презентирал мерките за спроведување на клучните реформи во земјата, како и посветеноста на Владата на градењето регионална и меѓународна соработка. Тој на европарламентарците им порачал дека е време за поголема стимулација на Македонија.

– Предолго искусуваме ветер в лице, дајте ни ветер во грб, а ние ќе возвратиме со мирни води и со плодна жетва – рекол шефот на македонската дипломатија, нагласувајќи дека сега е вистинското време да се препознае моментот за енергичен и позитивен ангажман кон повеќе, а не помалку ЕУ-интеграција.

По обраќањето пред парламентарната комисија, Димитров се сретнал со неколку европратеници, повторувајќи го притоа апелот за поддршка за Република Македонија да направи суштински чекор во процесот на европските интеграции во текот на 2018 година.


Европскиот парламент денеска ќе гласа за резолуцијата за Македонија


Стразбур, 14 јуни, 2017 - 10:41 (META) 

Европскиот парламент (ЕП) денеска во Стразбур ќе гласа за резолуцијата за Република Македонија, која е препорака на парламентот поврзана со извештајот на Европската комисија за 2016 година.

За резолуцијата предложена од европратеникот Иво Вајгл од Словенија, инаку специјален известувач на ЕП за Македонија, се дебатираше на 5 април, а денеска се очекува нејзино изгласување во рамките на тридневната пленарна седница. На дневен ред на седницата се и резолуциите за Србија и за Косово, а ќе се решава и за други работи во надлежност на ЕП.

Се очекува гласањето да биде пред 15 часот.

Со оваа резолуција, која беше усвоена од Комисијата за надворешни работи на ЕП, се препорачува почнување на преговорите за членство на Република Македонија со Европската Унија.


Од утре до 10 јули, Франција е домаќин на Европското првенство во фудбал


Париз, 9 јуни, 2016 - 12:53 (META) 

Oд утре до 10 јули, Франција ќе биде домаќин на 15. Европското првенство во фудбал. Тоа ќе биде трет континентален шампионат што ќе се игра во француската држава.

Само уште Белгија и Италија повеќе од еднаш биле организатори на ЕП.

Првпат во историјата, на едно ЕП ќе учествуваат 24 репрезентации. Тие ќе бидат поделени во шест групи:

Група А: Франција, Албанија, Романија и Швајцарија;

Група Б: Англија, Велс, Словачка и Русија;

Група Ц: Германија, Северна Ирска, Полска и Украина;

Група Д: Шпанија, Турција, Чешка и Хрватска;

Група Е: Белгија, Република Ирска, Шведска и Италија;

Група Ф: Португалија, Исланд, Унгарија и Австрија.

Пласман во следната фаза ќе обезбедат:
– шестте првопласирани,
– шестте второпласирани и
– четирите најдобри третопласирани репрезентации.

Натпреварите ќе се играат во десет градови: Бордо, Ленс, Лил, Лион, Марсеј, Ница, Париз, Сен Дени, Сен-Етиен и Тулуз.

ЕУРО 2016 почнува на 10 јуни, во 21 часот, со натпреварот меѓу домаќинот Франција и Романија, а ќе заврши на 10 јули со финалето. Овие два натпревара ќе си играат на „Стад Д’ Франс“ во Сен Дени.

Најуспешни земји во историјата на Европските фудбалски првенства се Германија и Шпанија со три титули, Франција има две, а по еднаш победници биле Чехословачка, Данска, Грција, Италија, Холандија и СССР.


ЕП ќе формира комисија за документите од Панама


Стразбур, 8 јуни, 2016 - 21:23 (META) 

Комисија составена од 65 члена ќе има 12 месеци за да изработи и да достави извештај до Европскиот парламент за документите од Панама, соопштија од прес-службата на ЕП.

Комисијата ќе разгледува обвиненија за непочитување на законите на ЕУ против перење пари и избегнување даноци.

Мандатот на комисијата беше одобрен на 2 јуни од претседателот и од лидерите на политичките групи, а денеска беше прифатен и од Европскиот парламент.


Вајгл до Величковски: Не кажав дека Заев е единствениот одговорен за неуспехот во Брисел


Брисел, 13 јуни, 2015 - 20:57 (META) 

„Морам силно да ја отфрлам Вашата инсинуација дека сум бил пристрасен во корист на Владата на господинот Груевски, за време на нашиот процес на посредништво и мојата работа на Извештајот за Македонија во Европскот парламент (ЕП) и пред да сугерирате нешто такво, би требале да ги прашате претставниците на партиите што заедно и јас лично ги среќававме во Брисел и во Стразбур, и да го прочитате Извештајот што го поднесов до ЕП“, се вели во одговорот на словенечкиот европтатеник, Иво Вајгл, на отворенето писмо на лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски.

Во одговорот, Вајгл вели дека во ниту една пригода не рекол дека лидерот на опозицијата, Зоран Заев, бил единствениот одговорен за неуспехот на преговорите на 10 јуни во Брисел.

„Не сум во состојба со Вас да ја споделам причината за мојата лутина и разочарувањето по последната средба со македонските лидери во Брисел. Може да ги имате Вашите убедувања и искуство, но од мое гледиште и од моето искуство во политиката, предлозите на масата беа најдобрата понуда и можност да се реши кризата во Македонија и да се овозможи да се преземе следниот чекор кон евроатланските интеграции. Извинете што не сум во можност и немам намера јавно да ги изнесам деталите за преговараното и предложеното компромисно решение. Би можеле, и искрено се надевам дека ќе се навратиме на него и ќе избегнеме можна натамошна ескалација на кризата во Македонија.
Патем, во ниту една пригода не реков дека господинот Заев е единствениот одговорен ниту за кризата, ниту за неуспешните обиди за нејзиното решавање. Не можам да преземам одговорност за тоа што македонските медиуми го пишуваат или како тие ги интерпретираат моите зборови и постапки и оние на другите. Од оваа причина во најголем број случаи се обидувам да избегнам средби со новинари, иако, како долгогодишен новинар, ги разбирам нивните професионални потреби.
Дозволете ми да кажам нешто што во овој контекст нема апсолутна вредност или релевантност, но јас се сметам дека сум добар и од доверба – долгогодишен – пријател на Вашата земја и народ.