Заев со германските бизнисмени разговарал за развој на средното стручно образование


Берлин, 21 февруари, 2018 - 12:37 (META) 

На средбата на премиерот Зоран Заев со претставници на германската Комора за индустрија и трговија во Берлин, денеска се зборувало и за концептите за средно стручно образование во Македонија и за енергетската ефикасност и за обвновливите извори на енергија, соопшти македонската влада.

На средбата на која бил придружуван од вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи, македонскиот премиер со својот домаќин, заменик-директорот на комората Волкер Трејер разговарал за концептите за развој на средно стручно образование во Македонија, за да се зајакне капацитетот на среднистите, со посебна важност на струките механичари и механик-електроничари. Посебно била потенцирана потребата од соодветен сооднос на теоријата и практиката при образованието.

На средбата било нагласено и дека постојат можности за соработка и во областите на енергетска ефикасност и употребата на обновливите извори на енергија.

„Претставниците на германската комора ги понудија своите капацитети како линк меѓу можностите за инвестирање во Македонија и германските компании со кои соработуваат и истакнаа дека сакаат да го поддржат процесот на зачленување на Република Македонија во Европската Унија“, соопшти македонската влада.

Сојузна Република Германија е трговски партнер број еден на Република Македонија со обем на трговија од над 40 отсто од вкупната вредност, а вредноста на трговската размена секоја година расте и во 2017 година достигна над 3 милијарди евра.

Инвестициите од оваа земја главно се насочени во текстилната, металопреработувачката индустрија и поддршката за автомобилската индустрија и транспортот. Растот на германските инвестиции во Република Македонија продолжува и во постоечките компании со германски капитал вработени се речиси 20.000 луѓе.


Општина Центар: Обезбедени 12 прочистувачи на воздух за градинката „Кочо Рацин“


Скопје, 20 декември, 2017 - 18:10 (META) 

Општина Центар, на денешната вонредна седница, донесе одлука за прифаќање на донацијата на прочистувачи на воздух за градинката „Кочо Рацин“, шест за објектот „Бели Мугри“ и шест за објектот „Наум Наумовски – Борче“, информираат од таму.

– Оваа донација од Ротари клубот Скопје „Камен Мост“ е повеќе од добредојдена, бидејќи со ова значително ќе се подобри квалитетот на воздухот и ќе се намали ризикот од заболување на дишните патишта на децата – рече градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Советниците исто така едногласно донеле одлука за прифаќање на неповратна финансиска помош од Министерскиот совет на Бугaрија во износ 135.000 евра за подобрување на енергетската ефикасност на ООУ „Димитар Миладинов“ Скопје.

„Поради лошата состојба во која се наоѓа училиштето и фасадата која се одронува и е опасност за децата, градоначалникот Богдановиќ се обрати со барање до Министерскиот совет на Република Бугарија за доделување на неповртана помош. Договорот го потпишаа градоначалникот и амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Петков“, се вели во соопштението на Општина Центар.


Владата усвои акционен план за енергетска ефикасност што го барала ЕУ


Скопје, 18 јули, 2017 - 20:52 (META) 

Владата на денешната седница го усвои третиот акционен план за енергетска ефикасност, што Република Македонија се обврзала пред ЕУ дека ќе го донесе до 30 јуни 2016 година, но тоа досега не е направено, соопшти владината прес-служба.

Овој акциски план, според проценките и очекувањата, ќе донесе заштеди на целокупната крајна потрошувачка на електрична енергија во Македонија за 2018 година.

Премиерот и министрите го усвоиле и предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување договор за статус меѓу Владата на Република Македонија и Европската Унија, како и нацрт-текстот на договорот, за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Македонија, како основа за водење на преговори. Со овој договор треба да се олесни учеството на пограничната агенција на ЕУ, Фронтекс, во заштитата на јужната граница и се однесува на начинот на кој ќе дејствува стражата на границата.

Владата на Република Македонија го разгледа и ги усвои извештајот за извршени преговори со владата на Република Косово за реципрочно признавање на возачки дозволи, како и информацијата за активности што треба да бидат преземени за отворање на новиот граничен премин со Косово, Белановце – Станчиќ.
На седницата било разговарано и за депонијата во Струга, при што е констатирано дека проблемот се појавува поради несоодветен третман на отпадот. Владата одлучила дека е потребно спроведување соодветно долгорочно решение, но и дека треба да се најде системско решение за сите депонии на територијата на Република Македонија.

Во однос на штетите од невремето што на 15 јули го зафати Струмичко-радовишкиот Регион, Владата донесе одлука да ги обесштети земјоделците, поради што го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да формира комисии што ќе извршат увид за утврдување на настанатите штети.


Анѓушев: Потребни се реформи во енергетиката кои неколку години беа замрзнати


Дурштајн, 11 јуни, 2017 - 11:34 (META) 

Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, учествувал на неформалниот состанок на министри за енергетика, индустрија и за трговија кој се одржал во Дурштајн, Австрија.

Неформалниот состанок се одржал на иницијатива на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, и на директорот на секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Главна тема на состанокот била измената и дополнувањето на Договорот за Енергетска заедница, во чие креирање Македонија активно учествува, информираат од кабинетот на вицепремиерот.

– Енергетската заедница е во право кога вели дека Македонија е една од земјите што има најмногу неусогласености на домашното законодавство со Договорот за енергетска заедница, а токму поради тоа и ја оценува нашата земја како последна во регионот во однос на спроведување на реформи во енергетскиот сектор. Неколку години реформите во енергетиката се замрзнати, нашата работа ја почнуваме како последни во регионот, но верувам дека тоа ќе го смениме и ќе го фатиме чекорот со другите земји од Западен Балкан. Ќе работиме посветено, професионално и одговорно за да ги забрзаме реформите во енергетскиот сектор – истакнал Анѓушев во обраќањето.

Анѓушев дополнил дека владата интензивно ќе работи на нов закон за енергетика, во кој би биле имплементирани одредби за третиот пакет на либерализација на пазарот за гас и за електрична енергија.

Воедно ќе се работело и на нов закон за енергетска ефикасност преку кој ќе се изврши усогласување со директивите за енергетска ефикасност и за енергетски перформанси на објектите.


Жбогар и „ЕУ за тебе“ утре во Ресен


Ресен, 29 март, 2017 - 11:18 (META) 

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, утре ќе биде во посета на Ресен, во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, каде ќе се сретне со градоначалникот Ѓоко Стрезовски и ќе го посети средното училиште „Цар Самоил“, кое беше направено енергетски ефикасно со пари од ЕУ.

Жбогар ќе ги посети и местата опфатени од проектот „Иновативни практики во заштитата на животната средина“ за квалитетна вода и за пречистување на водите во Преспанскиот Регион.

И двата проекта се финансирани од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.

Целокупната помош на Европската Унија за Македонија во областа на животната средина изнесува повеќе од 80 милиони евра во рамките на програмата ИПА1 (2007-2013), додека понатамошна поддршка од 100 милиони евра се планира во рамки на ИПА2.


Во Jугозападниот плански регион ќе се инвестира во енергетски ефикасни објекти


Охрид, 6 март, 2017 - 10:13 (META) 

Во Југозападниот плански регион, кој ги опфаќа општините Охрид, Струга, Дебрца и Вевчани, за годинава се планирани инвестиции во висина од 17,6 милиони денари, само за енергетски ефикасни објекти.

Според програмата, усвоена од Советот за рамномерен регионален развој, за вкупно 60 проекти ќе бидат инвестирани три милиони евра. Деветнаесет проекти се за развој на планските региони, 18 се за развој на селата, додека 23 се за развој на подрачјата со специфични развојни потреби.
Најголем дел од проектите, 48, или 75 отсто, се однесуваат на проектирање или изведување инфраструктурни зафати.

– Унапредувањето на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и на општините е одлична можност за зајакнување на конкурентноста и за поголем пораст на локалната економија, за создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и на рекреативниот дух, како и за обезбедување подобар животен стандард – информираат од Советот.


Намалена цена на парното ќе го намали загадувањето


Скопје, 2 март, 2017 - 14:54 (META) 

Искористување на парното греење и намалување на цената на услугата за корисниците за околу 25 проценти, ќе значи и намалување на проблемот со загадувањето во Скопје.

Ова е еден од главните заклучоци на студијата „Дефинирање на техно-економска оптимална и еколошки одржлива структура на греење и имплементирање на централизирано снабдување со санитарна топла вода на градот Скопје“, изработена од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и од Центарот за енергетска ефикасност на Макeдонија (МАЦЕФ).

„Споредбената анализа на различни типови и системи за греење покажува дека централниот систем за топловодно греење претставува економски исплатливо греење во густо населените региони. Во регионите по периферијата на градот, исплатливо е греење на топлински пумпи и инвертер клима-уреди, а конкурентно е и индивидуалното греење со природен гас“, вели професорот од Машински факултет, Ристо Филкоски.

Во главните заклучоци од студијата се наведува дека загадувањето во Скопје се должи на сообраќајот, особено при употреба на автомобилите на мали релации и во услови на сообраќаен метеж.

Заклучено е дека големото загадување се должи и на згуснатите урбанистички решенија, зголемениот број на жители и на неприродното растење на градот.

Во студијата се наведува и појавата на температурна инверзија, карактеристична за котлините, поради што долните слоеви на воздухот се задржуваат во „затворена состојба“, што значително ја ограничува можноста емисиите што се создаваат во градот да се дистрибуираат повисоко во атмосферата.


Министерот Миноски учествуваше на годишните средби на Светска банка и на ММФ


Вашингтон, 9 октомври, 2016 - 10:59 (META) 

„Најголем дел од приоритетите што ги има Владата во економијата се целосно усогласени со приоритетите на Светската банка. Размислуваме за проекти во кои главниот фокус ќе биде развојот на приватниот сектор, поврзувањето на домашните со компаниите во слободните економски зони, проекти во областа на изградба на патишта, јакнењето на енергетската ефикасност“, изјавил министерот за финансии, Кирил Миноски, на средбата со претставници на Светска банка и на Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Во рамките на годишната средба, тој разговарал за економските политики што ги спроведува македонската влада и за идните проекти што ќе бидат усогласени со целите што ги поставуваат овие две меѓународни институции.

Миноски се сретнал и со инвеститорите кои се купувачи на евроообврзниците што ги издава Македонија.


Преку проектот „Промоција на енергетската ефикасност“ до заштеда


Штип, 26 јануари, 2016 - 18:48 (META) 

Енергетската ефикасност беше тема на денешната презентација што се одржа во Штип, пред претставници на 11 општини, директорите на образовните и на други локални институции.

Според Билјана Черепналковска, консултантот на проектот, јавните објекти се едни од поголемите потрошувачи на електрична енергија, но исто така нивниот потенцијал за заштеда е најголем.

Черепналковска рече дека според статистиката, енергетски ефикасните објекти трошат третина помалку енергија.

– Со овој проект, енергетската ефикасност се поставува на едно повисоко ниво, каде што секоја општина ќе има точни податоци и точни резултати за тоа колку енергија троши, дали за јавни објекти, дали за улично осветлување, значи за сите сектори – рече Черепналковска.

Проектот е поддржан од Светска банка и од Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Општина Пехчево е една од општините од Источно-планскиот регион која е дел од проектот за зголемување на енергетската ефикасност. Преку овој проект е сменета фасадата и прозорците на детската градинка и на основното училиште „Ванчо Китанов“ од Пехчево. Поради одличните резултатите и заштедената енергија, Елица Јовевска од Општината Пехчево најави дека планираат уште реконструкција на Стариот пожарен дом.


Градежните работници ќе се сертифицираат за знаења за енергетска ефикасност


Скопје, 14 септември, 2015 - 12:59 (META) 

Градежните работници кои имаат неформално знаење, односно искуство во својата работа, ќе можат да се преквалификуваат и да добијат сертификати за енергетска ефикасност.

Во тек е повик за пријавување на фасадери, работници на покрив, столари, инсталатери на греење и на електрични инсталации, на кои ќе им се препознаат претходно стекнатите знаења и ќе имаат можност да се сертифицираат.

– Преку препознавањето на претходно стекантите знаења и вештини, работниците ќе имаат можност да стекнат сертификати, со што ќе се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд. Овие сертификати ќе им важат и во други земји, како во Хрватска, во Словенија и во Грција – изјави директорот на Центарот за образование на возрасни, Линдита Казими.

Целта на овој проект, кој се одвива во рамките на ЕУ-иницијативата „Билд ап скилс“ (Build up skills) и е во втора фаза, е унапредување на вештините на работниците од градежниот сектор за постигнување зголемена енергетска ефикасност во објектите.

Според професорката од ФЕИТ, Лихнида Стојановска-Георгиевска, луѓето во секојдневниот живот преку работата, односно неформални обуки стекнуваат неформално знаење кое треба да се вреднува. Овј вид сертифицирање, односно модели на препознавање на неформално стекнатото образование, е тренд и во Европа.

Повикот за пријавување трае до 31 октомври и е предвидено 1.000 работници да поминат низ процесот на препознавање на вештини за енергетска ефикасност.