!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов упати сочувство до кралицата Елизабета Втора и го осуди нападот во Лондон


Скопје, 4 јуни, 2017 - 17:31 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска упати сочувство до британската кралица Елизабета Втора по повод терористичкиот напад во Лондон, во кој загинаа седум лица, а 48 беа повредени.

„Со шок и со огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Лондон, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде има голем број повредени. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и во решителноста во борбата со насилството и со злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија најостро осудува секакви терористички напади, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, и силно го поддржува Обединетото Кралство во решителната борба против тероризмот, како услов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите“, стои во телеграмата од претседател Иванов.

Телеграма со сочуство до премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до Вас, до семејствата на настраданите и до мирољубивиот народ на Англија. Нашите мисли и молитви се со Вас. Овој срамен чин кој се случи вчера ги вознемири и потресе македонските граѓани. Овој срамен чин вчера беше директен и брутален напад врз општеството и човечките вредности. Сите ние заедно сме исправени пред предизвикот наречен тероризам. Република Македонија и граѓаните одлучно се решени, заедно со цивилизираниот и демократскиот свет, да дејствуваат во борбата против тероризмот. Таа борба против тероризмот никогаш нема да запре, а ние никогаш не смееме да се откажеме“, стои во телеграмата од Груевски.


Кралицата Елизабета слави „сафирен јубилеј“ – 65 години владеење


Лондон, 6 февруари, 2017 - 10:40 (META) 

Елизабета Втора (90), актуелна кралица на Обединетото Кралство со најдолго владеење во светот, денеска ќе прослави „сафирен јубилеј“ и на тој начин ќе стане првиот британски монарх кој обележал 65 години владеење со кралството.

По повод прославата, канцеларијата на британската кралица објави нејзин портрет од 2014 година, на кој кралицата е прикажана како носи сафирен накит, кој го добила од својот татко како подарок за венчавката во 1947 година.

Кралицата, сепак, веројатно ќе го прослави денот зад затворени врати, на својот имот во Сандрингхам во Норфолк.

По повод јубилејот, ќе бидат истрелани 41 плотун во лондонскиот Грин парк, како и 62 плотуни од Лондон тауер.

Кралицата сè поретко се појавува во јавност, а поради болест не присуствуваше ниту на божиќната ниту на новогодишната верска служба.


Честитка од британската кралица Елизабета Втора за Денот на независноста


Скопје, 8 септември, 2016 - 15:28 (META) 

Кралицата на Велика Британија, Елизабета Втора, денеска упати честитка до претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија.

­„Ми причинува огромно задоволство да Ви испратам најтопли честитки за прославата на вашиот Ден на независноста, заедно со моите најдобри желби за среќа и за напредок на народот на Македонија во годината што следува“, се вели во честитката на британската кралица.

Република Македонија и Велика Британија воспоставија дипломатски односи на 16 декември 1993 година и оттогаш, како што стои во прилог на честитката, двете земји изградија партнерство „базирано на соработка и отворено и искрено пријателство“.

Денеска преку својот твитер-профил, Денот на независноста го честиташе и амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, кој се поклони пред Споменикот на паднатите херои во паркот Жена-борец.

„Среќна 25-годишнина од независноста, Македонија! Очекувам да продолжи нашето пријателство и партнерство“, напиша денеска на „Твитер“ амбасадорот на Соединетите Американски Држави во земјава, Џес Бејли.


Британските тајни служби стравуваат од напад на кралицата Елизабета од исламистите


Лондон, 9 август, 2015 - 13:28 (META) 

Британските тајни служби дојдоа до вознемирувачки информации дека Исламската држава подготвува атентат на кралицата Елизабета Втора, за време на прославата од годишнината од Втората светска војна.

Атентатот кој, наводно, бил планиран од џихадистите од Сирија, ја крена на нозе известувачката агенција МИ5, но Скотланд јард тврди дека плановите околу одбележувањето на 70-годишнината од победата над Јапонија, можат да продолжат без паника.

Како што пишува британскиот таблоид „Мејл од сандеј“, терористите планирале да го извршат атентатот врз кралицата со активирање импровизирана бомба во експрес-лонец, слична на таа што предизвика крвопролевање на маратонот во Бостон.

Кралицата и покрај заканите, не се откажува од намерата да им оддаде почит на паднатите борци за време на Втората светска војна.