!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Емануел Макрон застана на чело на Франција


Париз, 14 мај, 2017 - 18:18 (META) 

Новиот француски претседател, Емануел Макрон, со емотивен говор по преземањето на претседателската должност во Елисејската палата вети дека на „Французите ќе им ја врати верата во животот, бидејќи Франција долго беше ослабена“, и оти сака да ја ревитализира Европската Унија.

– Франција ги избра надежите и духот на победата, а јас нема да потклекнам ниту пред едно политичко ветување. Европа, каква што ни е потребна, ќе биде обновена на нови вредности и ревитализирана, бидејќи ни дава заштита. Французинките и Французите кои се чувствуваат заборавени во овој глобализиран свет ќе бидат подобро заштитени. Сакам да работам на помирувањето и на обединувањето – изјави центристот Емануел Макрон, кој е на 39-годишна возраст и најмладиот претседател на Франција досега.

Макрон и неговиот претходник, Франсоа Оланд, се ракуваа на црвениот тепих во претседателската резиденција пред неколку стотини гости и многубројни фотографи и новинари од светските медиуми, како и телевизиски екипи кои присуствуваа на примопредавањето на претседателската должност.

Првата активност на Макрон ќе биде неговата посета на Германија утре, што е уште една потврда за неговата намера да ја обнови француско-германската оска.