!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

СДСМ: ЕЛЕМ е под контрола на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 14 јануари, 2017 - 18:58 (META) 

Криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ инсталирано во ЕЛЕМ е фатено во злоупотреба на штета на граѓаните на Република Македонија, велат од СДСМ.

Од СДСМ информираат дека извештај на Регулаторна комисија за енергетика покажува дека ТЕЦ Осломеј во 2016 година произвел само 8 проценти од струјата што ја произведувала компанијата во 2006 година.

sdsm tec oslomej

„Во 2017 година, ТЕЦ Осломеј има произведено нула мегават-часови струја. Не работи ни ТЕЦ Неготино, а РЕК Битола не произведува струја со полн капацитет. Да работеа ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј, и стабилно да работеше РЕК Битола, граѓаните немаше да мора да платат огромни 4,2 милиона евра за струја од увоз, за само две недели. Криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ инсталирано и во ЕЛЕМ, се вознемири зашто станува јасно за чии интереси е уништено домашното производство на струја – за Македонија да мора да увезува скапа струја“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека граѓаните гласале за нова и одговорна влада, која ќе го крене домашното производство на струја и ќе се грижи за нивните потреби.


ЕЛЕМ: Потрошувачката на струја е зголемена за 30 отсто во последните 24 часа


Скопје, 13 јануари, 2017 - 11:56 (META) 

Снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и за помалите компании на регулираниот пазар за електрична енергија се одвива континуирано и во согласност со потребите, велат од „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ).

Во изминатите 24 часа е регистрирана за повеќе од 30 отсто поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на вообичаената за овој период, но и покрај тоа, од ЕЛЕМ велат дека „целосно е одговорено на потребите на потрошувачите со оптимизација на домашните производствени капацитети и преку набавка на електрична енергија“.

„За потрошувачите на регулираниот пазар се испорачани 21.459 мегават-часови електрична енергија, од кои 17.859 мегават-часови, или 83 отсто, се обезбедени од домашните електроенергетски капацитети на ЕЛЕМ, а 3.600 мегават-часови, односно 17 отсто, се набавени од увоз. За првите 11 дена од годинава, домашното производство е натфрлено за 8,39 отсто во однос на планираното во енергетскиот биланс“, стои во соопштението од ЕЛЕМ.

Оттаму информираат дека сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на ЕЛЕМ се ставени во погон и испорачуваат во согласност со потребите на тарифните потрошувачи.

Според „Електрани на Македонија“, за денеска не е предвидена дополнителна набавка на електрична енергија и целосните потреби на потрошувачите на регулираниот пазар се обезбедени преку производство од домашните електроенергетски капацитети.

„Потрошувачката на електрична енергија постојано се следи и производството од домашните капацитети се адаптира во согласност со потребите на регулираниот пазар. Со оглед на најавите од ЕВН дека и претстојните денови се очекува и до 30 отсто поголема потрошувачка во однос на вообичаената за тој период, согласно распишаниот јавен оглас на ЕЛЕМ од 10 јануари за периодот од 14 до 22 јануари, во текот на вчерашниот ден е извршена набавка на вкупно 22.824 мегават-часови по просечна цена од 79,38 евра за мегават-час. Оваа цена е постигната при редовна постапка со негативна аукција“, се вели во соопштението од ЕЛЕМ.

Од „Еелектрани на Македонија“ нагласуваат дека набавката на електрична енергија што се врши во овој период, во услови на рекордна потрошувачка и екстремно ниски температури од кои е зафатен поголемиот дел од земјите во Европа, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство кои се на регулираниот пазар за електрична енергија.


ЕЛЕМ: Трошењето струја е зголемено за 30 проценти во однос на последните пет години


Скопје, 10 јануари, 2017 - 12:33 (META) 

Поради екстремно ниската температура, регистрирана е 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија во однос на истиот период за последните пет години, се вели во соопштение на АД ЕЛЕМ.

–  Сите расположливи капацитети за производство на електрична енергија на АД ЕЛЕМ се ставени во погон. Дел од количествата се обезбедуваат на слободниот пазар во согласност со постојните правила и процедури усвоени од Регулаторната комисија за енергетика – посочуваат од компанијата.

Оттаму додаваат дека за дополнување на потребите во периоди од денот со најголема потрошувачка, вчера се набавиле 3.600 мегават-часа електрична енергија преку лиценцираните компании за трговија со електрична енергија.

– Набавката што ја изврши АД ЕЛЕМ е по просечна цена од 101,43 евра за мегават-час и е поевтина во однос енергијата што се продаваше на берзите во регионот. Временските услови од кои се погодени земјите од Југоисточна и од Централна Европа, директно влијаат и на цените на тој енергент. Во текот на вчерашниот ден, на берзата во Унгарија мегават-час електрична енергија во периоди на зголемена потрошувачка се продаваше за 126,3 евра, на берзата во Бугарија чинеше 123 евра, додека на берзата во Србија за истиот период се нудеше по цена од 140,3 евра – објаснуваат од ЕЛЕМ.

Од компанијата нагласуваат дека набавката на електрична енергија, што се врши во овој период, нема да влијае врз цената на електричната енергија за домаќинствата и за малото стопанство.

Термоелектраната „Битола 3“ очекуваат да проработи следните 72 часа.


ЕЛЕМ: СДСМ манипулира со податоците за производство и за увоз на електрична енергија


Скопје, 8 јануари, 2017 - 18:36 (META) 

СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста со тези и со податоци за производството на електрична енергија, конзумот и увозот кои немаат врска со реалноста, заради ситни дневно-политички поени и ги извртува информациите искажани на денешната прес-конференција на АД ЕЛЕМ за електро-енергетските состојби во Македонија, стои во реакцијата на ЕЛЕМ на соопштението на СДСМ.

Според компанијата, неосновани се обвинувањата од СДСМ дека АД ЕЛЕМ кажало оти цената на набавената електрична енергија за потребите на тарифните потрошувачи изнесува 40 евра за еден мегават-час.

– Напротив, на денешната прес-конференција, АД ЕЛЕМ детално информираше по која цена е набавената електрична енергија, периодот за кој е набавена, како и за постапката која е спроведена согласно сите востановени пазарни правила, утврдени од Регулаторната комисија за енергетика. Впрочем, цените, количествата и периодот за набавка уште во текот на вчерашниот ден транспарентно се објавени на веб-страницата на АД ЕЛЕМ – се вели во соопштението на компанијата.

Оттаму потсетуваат дека со одлука на менаџментот на АД ЕЛЕМ во ноември и во декември минатата година, не само што немало увоз, туку била реализирана продажба на вишоци на електрична енергија по повисоки цени, а со додадената вредност што била остварена се набавува електрична енергија во период со екстремни временски услови, кога и побарувачката и потрошувачката на електрична енергија во Европа е на највисоко ниво.

– Повторуваме дека станува збор за набавка на електрична енергија по поволна цена, со оглед на фактот што поради екстремните временски услови и проблемите со производните капацитети со кои се соочуваат многу земји од Југоисточна Европа, други енергетски системи во регионот набавуваат електрична енергија и по цени од 100 евра за мегават час, се наведува во соопштението.

Воедно, се нагласува дека не станува збор за интервентен увоз, туку за набавка спроведена согласно сите правила и процедури донесени од Регулаторната комисија за енергетика.


СДСМ: Нема доволно струја, ЕЛЕМ интервентно увезува 36 проценти поскапа струја


Скопје, 8 јануари, 2017 - 16:20 (META) 

СДСМ денеска соопшти дека струја се увезува веќе три дена, а не само четири часа во текот на вчерашниот ден.

„Лага е дека има струја. Лага е дека нема интервентен увоз на струја. Лага е дека е набавена струја за само четири часа од вчерашниот ден. Лага е дека набавената струја чини 40 евра за мегават-час, како што изјавија на прес-конференција претставниците на власта во заминување во државната компанија ЕЛЕМ“, соопштија од СДСМ и притоа приложија документи од увозот.

Од партијата истакнуваат дека Македонија е оставена без потребните количества домашна струја.

„Вчера, на Божиќ, власта во заминување, за да го покрие скандалот, распишала интервентен увоз на струја. Во документот во прилог, точка три, каде се зборува за трошокот за прекуграничен капацитет, може да се види дека станува збор за интервентен увоз на струја. Струја не се барала само за синоќа, од 20 до 24 часот, туку се барала струја и за денеска, 8 јануари, и за утре, 9 јануари, како што може да се види од документот“, се вели во соопштението.

Од СДСМ истакнуваат дека набавената струја е со неверојатно висока цена, која ја надминува горната граница за увоз.

„Набавена е струја по цена од 59,3 евра за мегават-час! Тоа е 36 проценти повеќе од дозволената цена за увоз од страна на Регулаторната комисија за енергетика во последната одлука (38 евра/МWh). Интервентната набавка на струја за само два дена ги чини граѓаните 300.000 евра“, стои во соопштението.

Директорот на ЕЛЕМ, Христијан Мицковски, денеска соопшти дека електроенергетската состојба е стабилна и оти се задоволуваат сите потреби на потрошувачите.

Мицкоски истакна дека ЕЛЕМ во целост ги има ставено на располагање сите свои производствени капацитети кои работат, а оти хидроелектраните се во резерва. Доколку дојде до зголемување на потребите на потрошувачите, Мицковски рече дека компанијата ќе ги ставени во функција и хидроелектраните за да одговорат на потребите на потрошувачите.

Мицковски потврди дека во текот на вчерашниот ден извршиле интервентен увоз на струја поради дефект на блокот 3 од РЕК Битола, кој е случил утрото помеѓу Бадник и Божиќ, во 3.45 часот.


ЕЛЕМ: Електроенергетската состојба е стабилна, се задоволуваат сите потреби на потрошувачите


Скопје, 8 јануари, 2017 - 13:48 (META) 

Електроенергетската состојба е стабилна и граѓаните и целата индустрија што е на регулираниот пазар ги добиваат сите потребни количества енергија, соопшти денеска директорот на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

– Во првите седум денови од годинава АД ЕЛЕМ своето производство го има надминато за 10,9 проценти и во целост одговори на потребите на граѓаните и на индустријата – рече Мицкоски и додаде дека деновиве, откако земјата е зафатена со студен бран, потрошувачката на енергија е зголемена за десетина проценти во споредба со истиот период минатата година.

Мицкоски истакна дека АД ЕЛЕМ во целост ги има ставено на располагање сите свои производствени капацитети кои работат, а оти хидроелектраните се во резерва. Доколку дојде до зголемување на потребите на потрошувачите, компанијата ќе ги стави во функција и хидроелектраните за да одговорат на потребите на потрошувачите.


ЕЛЕМ го поништи тендерот за „Рајска градина“ во општина Аеродром


Скопје, 27 октомври, 2016 - 18:14 (META) 

Државната компанија „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) го поништи тендерот за избор на фирма за изградба на проектот „Рајска градина“ во општината Аеродром.

Денеска на интернет-страницата на електронскиот систем за јавни набавки беше објавено известување дека јавната набавка е поништена, а во образложението како прачина за нејзиното поништување е наведено дека „се поднесени прифатливи понуди кои не можат да се споредат поради различниот пристап во техничките или финансиските понуди“.

Засега нема информации дали и кога ќе се објави нов тендер за реализација на проектот „Рајска градина“.

„Јавната постапка за избор на изведувач за изградба на Рајски парк е поништена поради процедурални причини. АД „Електрани на Македонија“ нема финансиски импликации кон други субјекти повразни со овој предмет, а низ органите на компанијата дополнително ќе се одлучува за понатамошните активности и за идниот статус на проектот“, велат од ЕЛЕМ, пренесува „Телма“.

Идејата за изградба на рајска градина во општината Аеродром, која треба да се простира на површина од 15 хектари и ќе чини 14 милиони евра, во 2012 година ја најави тогашниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Идејното решение, кое го изработи фирмата „Архитектоника“, беше избрано од Општина Аеродром, а ЕЛЕМ во март годинава доби задача да го спроведе тендерот за избор на фирма што ќе го гради паркот.

Рајската градина, според проектот, треба да има декоративни елементи во стилот неокласицизам, павилјон, летниковец, статуи и скулптури во фонтани.

Проектот „Рајска градина“ предизвика реакции кај опозицијата и граѓанските организации кои бараа тој веднаш да биде запрен.


ЕЛЕМ планира да гради конгресен центар во Охрид


Охрид, 6 април, 2016 - 12:25 (META) 

Електрани на Република Македонија (ЕЛЕМ) планира во Охрид да гради конгресен центар, кој треба да го поттикне развојот на конгресниот туризам. Компанијата веќе го објави конкурсот за избор на идејно решение за изградба на центарот.

За вреднување на пристигнатите трудови е формирана жири-комисија, во состав: Звонко Кушоски, Миле Славковски и Снежана Галовска.

ЕЛЕМ планира да го изгради конгресниот центар со сопствени финансиски средства, а работата е предвидено да почне во првата половина од 2017 година.

Конгресниот центар ќе има една голема сала со капацитет од 1.500 до 2.000 седишта и четири до шест помали сали со капацитет од 200 лица.


ЕЛЕМ ќе инвестира во автокампот „Ливадиште“ во Струга


Струга, 26 јуни, 2015 - 12:02 (META) 

ЕЛЕМ планира да инвестира 2,7 милиони денари во обнова на автокампот „Ливадиште“ во Струга. Со проектот е планирано да се санира електричната инсталација, водоводот, соларниот систем за топла вода, а ќе се обнови и плажата.

Освен веќе постоечките приколки, ќе има и кошаркарско и фудбалско игралиште, мини-голф и нови бунгалови.

 


Струјата од август поскапа за 10 проценти?


Скопје, 10 јуни, 2015 - 10:05 (META) 

Нова цена на струјата, повисока и за 10 проценти, ќе плаќаат граѓаните од август годинава, велат извори од енергетските компании. Стручните служби на Регулаторната комисија за енергетика веќе ги разгледуваат поднесените материјални трошоци од државните ЕЛЕМ и МЕПСО и од приватната ЕВН, по што ќе следи одлука.

Неофицијално, државната ЕЛЕМ поднела материјални трошоци до Регулаторна, со кои се бара зголемување на цената на струјата и за 10 проценти.

Од вкупната цена на струјата што ја плаќаат граѓаните, 50 проценти отпаѓа на ЕЛЕМ, 44 проценти на ЕВН и 6 проценти на преносот, односно на МЕПСО.

За колку проценти ќе се зголеми цената на струјата ќе се знае до крајот на јули, а новата цена во сметките ќе биде испорачана од август годинава. Минатата година цената на струјата се зголеми за 3,5 проценти.

Според податоците на Еуростат, Македонците плаќаат најниска цена за струјата во регионот. Податоците покажуваат дека граѓаните во Македонија плаќаат просечна цена од 0,0785 евра за еден киловат-час, додека во Косово просечната цена е 0,0552, а во Србија просечната цена на еден киловат-час изнесува 0,0607 евра.

Во Бугарија, пак, едно просечно семејство плаќа 0,0832 евра за еден киловат-час, во Грција 0,1767 евра за киловат-час, а во Словенија еден килват-час има просечна цена од 0,1630 евра. Во Босна и Херцеговина цената на килват-часот е 0,0791 евра , во Црна Гора 0,0985 евра. Цената на еден киловат-час што ја плаќа едно просечно домаќинство во Албанија изнесува 0,1156 евра.

Иако цената на струјата во Македонија е висока за граѓаните поради нискиот стандард и големата невработеност, споредено со регионот, Македонија има најниска цена на струјата заедно со Косово и со Србија. Во споредба со другите земји во регионот, цената е меѓу најниските и покрај тоа што земјава речиси една третина од потрошувачката ја набавува од увоз.