МАНУ за загадувањето: Да се забрани увоз на возила постари од осум години


Скопје, 6 ноември, 2018 - 15:11 (META) 

Да се забрани увоз на возила постари од осум години во земјава, да се спроведуваат постојани контроли на издувните гасови на возилата и воведување казни за оние кои ги извадиле катализаторите од возилата. Постојано да се зголемува и акцизата на дизел горивото за неговата цена да се изедначи со цената на акцизата на дизелот.

Тоа се дел од препораките за намалување на загадувањето на животната средина, пред сè на воздухот, изнесени во новата студија на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), „Транспорт во Скопје реалност и предизвици – Патека кон зелен транспорт“, која беше презентирана на минатонеделната конференција „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, која се одржа во МАНУ.

Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) на МАНУ, составен од академик Глигор Каневче, проф. д-р Наташа Марковска, д-р Александар Дединец, м-р Верица Тасеска-Ѓоргиевска и доц. Д-р Александра Дединец, препорачува на централната власт да се стимулира купување нови возила преку нови методологии за пресметување на еколошките такси и при увоз и при регистрација, како и да се зголеми еколошката такса.

Препораката на научниците да се зголемува акцизата за дизелот, за неговата цена до 2025 година да се изедначи со таа на бензинот, носи и предупредување зголемувањето да биде придружено од акциски план за да се спречи појава на инфлација.

Се препорачува и мерка за зголемување на продорот на електричните возила, кои воопшто не загадуваат, но и за хибридните возила. Научниот тим на МАНУ и препорачува на Владата да се доделува субвенција од 5.000 евра за електрични возила со акумулатори, а по 2.000 евра субвенција за хибридни возила.

„Ако се субвенционираат сите возила во сценариото „Движење во вистинска насока“ (5.200 електрични, 3.500 „Plug-in“ хибридни електрични возила и 27.000 хибридни електрични возила потребно е да се издвојат околу 10 милиони евра за директни субвенции на годишно ниво во периодот до 2025 година“, се вели во препораките до Владата од МАНУ.

Во поглед на градската власт на Скопје, за да се намали енормното загадување на воздухот, македонските научници препорачуваат да се преземат мерки сегашните такси автомобили да се заменат со строго електрични (60 отсто од вкупниот број такси возила) или со хибридни кои може да се полнат и на електричната мрежа (40 отсто).

„Електричните возила се исплатливи кога се поминуваат повеќе од 40,000 km што значи дека за оваа категорија на возила се потребни многу мали субвенции за да се овозможи реализација на предложената мерка. Овие субвенции би биле пред сè од град Скопје. Покрај ова, град Скопје би можел дополнително да ги подржи такси превозниците кои ќе ги заменат своите возила со тоа што во центарот на градот ќе може да се движат само „Зелени“ такси возила, ќе инвестира во брзи полначи и ќе има бесплатен паркинг на местата каде што ќе има места за полнење на такси возилата“, препорачува студијата на МАНУ изработена под раководство на Павлина Здравева.

Следни мерки што би требало да ги презема Град Скопје се продолжување на давање субвенции за купени велосипеди, како и придружување на европскиот тренд за намалено користење на дизел возилата во градски средини велат авторите на студијата на МАНУ, која е изработена со финансиска и техничка поддршка од Град Скопје и Глобалниот фонд за животна средина и Програмата за развој на ОН (УНДП).


Охрид доби два полначи за електрични и хибридни возила


Охрид, 2 ноември, 2018 - 15:30 (META) 

Два „Волби“ полначи за електрични и хибридни возила се деновиве поставени на локации во строгиот центар на градот и се очекува наскоро да бидат ставени во функција.

Со тоа, проектот „Е-мобилност“ пристигна и во Охрид, со заложби на Општина Охрид и ЕВН Македонија. Сега се врши брендирање на станиците и нивно одбележување по што ќе бидат ставени  во функција.

Полнењето со струја од овие полначи, како и од другите што на повеќе места во државата ги постави ЕВН Македонија, ќе биде бесплатно до крајот на годинава.

-За електронските полначи едноставно ви е потребна картичка од ЕВН. Го паркирате вашето електрично возило бесплатно на еден од назначените паркинзи за полнење, потоа се регистрирате со картичката и го поврзувате вашиот автомобил со полначот. Тоа е тоа. Потрошената електрична енергија ќе ви дојде во вашата месечна фактура – објасни Штефан Петер претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Со цел да се стимулираат охриѓани да купуваат електрични и хибридни возила, кои не загадуваат или загадуваат многу помалку од возилата со мотори со внатрешно согорување, Општина Охрид, со одлука на Советот, овозможи бесплатно паркирање за сопствениците на вакви возила на целата територија на Охрид во текот на целата година.


Само 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ е гаранција за излез од кризата, порача Груевски од Карпош


Скопје, 24 ноември, 2016 - 23:09 (META) 

Исклучително е важно кризата да заврши, а ќе заврши само со 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата, порача лидерот на владејачката партија, Никола Груевски, од вечерашниот митинг во општина Карпош.

– Тоа е главната гаранција за завршување на кризата и сигурност дека Зоран Заев и неговата банда нема да продолжат да ја дестабилизираат Македонија со нивните игри, манипулации. Ако некогаш биле потребни 63 пратеници за иднината на Македонија, тоа е сега – рече Груевски.

Тој истакна дека некој од надвор се обидува да го растури соживотот во Македонија и затоа, како што рече, се измислуваат тези дека ВМРО-ДПМНЕ се националисти.

– Не знам како сме националисти кога 10 години сме во коалиција со албанска партија. И кога имавме мнозинство во парламентот пак земавме албанска партија. Тогаш ли бевме националисти? Националисти бевме кога ги зголемувавме субвенциите и не делевме никој. Сите добиваа исто. Од нашите реформи од наши дела, проекти секој добива, не ги делиме луѓето по ништо, ниту по нација, ниту по вера – рече лидерот на владејачката партија.

Груевски од митингот во Карпош, на кој зборуваше околу еден час, најави повеќе економски проекти, меѓу кои и план за субвениции за набавка на електрични возила од 3.500 до 5.000 евра во зависност од цената на возилата, а увозот да биде без царински давачки и акцизи и со намалено ДДВ од 18 на 5 отсто.

– Покрај ова низ цела Македонија ќе овозможиме полначи за електричните возила по бензинските пумпи, по катните гаражи и по паркиралиштата, односно целосна инфраструктура – најави Груевски, додавајќи дека во нивната изборна програма се планирани и субвеници од 300 евра за оние граѓани кои имаат возила со евространдард нула, еден, два или три да можат да ги преадаптираат од бензин на плин и да заштедат на гориво, но и за да се намали загаденоста на воздухот.

Претходно вечерва, ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во општината Аеродром од каде носителот на кандидатската листа на партијата во изборната единица 1, Никола Попоски, порача дека доколку граѓаните се обединети, никој не може да им наштети на националните интереси на државата.