Електричен автобус ќе сообраќа шест месеци на линијата „15“ во Скопје


Скопје, 4 мај, 2018 - 12:23 (META) 

Новиот електричен автобус, за кој Град Скопје пред неполни три месеци потпиша договор со израелската компанија „Чериот Моторс“ за пробно користење, од денеска во наредните шест месеци ќе сообраќа на линијата „15“.

– Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече градоначалникот Шилегов на денешната презентација на новиот електричен автобус.

Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени од ЕВН.

Во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2.

– Решавањето на деценискиот проблем со јавниот превоз во Скопје е дел од листата приоритети на градот. Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси  во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари зашто Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. Свесни сме дека ова не го решава во целост проблемот со загадувањето на Скопје во зимскиот период, но затоа работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите за загадувањето, на долг рок – нагласи Шилегов.


Шилегов: Ќе го решавам проблемот со воздухот и ќе ги изградам тунелите под Кале!


Скопје, 27 април, 2018 - 15:47 (META) 

Со проекти во вредност од 300 до 350 милиони евра во текот на неговиот мандат, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов очекува дека ќе ги реши во целост или барем во голем дел најголемите проблеми на градот, како што се загадениот воздух, преоптоварениот сообраќај, притоа плаќајќи, како што вели, разумни суми, за разлика од претходното раководство. Фасадата на Сити Галери чинела 2 милиони евра, а  новиот мост што треба да почне да се гради во септември и да ги спои Аеродром и Гази Баба би чинел 3-4 милиони евра, потенцира тој.

Во интервјуто за „Вистиномер“ направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy), скопскиот градоначалник вели дека ќе се зафати со решавање на проблемот со загадениот воздух во Скопје, колку и да чини тоа.

Една од неговите идеи за тоа е Град Скопје да ја преземе топловодната мрежа и топланите, а потоа напоредно да ја врши и гасификацијата до крајните потрошувачи, притоа работејќи по стратегија за тоа кој дел треба да добива централно греење, а кој дел гас.

Планира и концесии за помали топлани кои би работеле на гас, а би обезбедувале централно греење за помали области.

Делот на градската територија северно од Вардар, според Шилегов, е местото каде што треба да се насочи идниот развој на градот. Затоа во мај ќе биде распишан тендер за тунели по Кале, зацртани во Генералниот урбанистички план на Скопје од 1965 година, за кои вели дека ќе го поттикнат развојот на северната територија, заедно со продолжување на булеварите „Словенија“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, како и претворање на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар кој ќе се надоврзе на „Словенија“.

Јавниот превоз треба да се врши со еколошки автобуси – на струја или на гас, а тие би биле и поисплатливи од сегашните, објаснува скопскиот градоначалник.

Целото интервју на градоначалникот Шилегов може да го прочитате тука.


СДСМ: Погрешните политики на Трајановски се причината за загадениот воздух во Скопје


Скопје, 3 октомври, 2017 - 17:16 (META) 

Коце Трајановски ја продолжува практиката на неговиот шеф, Никола Груевски, и лицемерно се однесува кон граѓаните на Скопје, реагираат од СДСМ, на најавата на актуелниот градоначалник дека ако добие уште еден мандат, ќе набави 20 нови двојни електрични автобуси што не го загадуваат воздухот

„Човекот кој ги исече дрвјата во Скопје и придонесе градот да стане најзагаден град во Европа, кој дозволи да се потрошат милиони евра на споменици и на барок, на автобуси кои не задоволуваат еколошки стандарди, денеска се сети дека нешто треба да се преземе за загадениот воздух. Лицемерни се ветувањата на Коце Трајановски за нови електрични автобуси. Што чекаше тој во изминатите години?“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ наведуваат дека и покрај укажувања на граѓаните и на стручната јавност дека на градот му се потребни нови електрични или автобуси на метан, Трајановски потроши милиони евра за дизел-автобуси што повеќе загадуваат.

„Заврши времето кога Трајановски можеше нешто да најавува. Времето на Трајановски и на Груевски во Скопје заврши. Граѓаните на Скопје нема да дозволат уште еден мандат за продолжената рака на Никола Груевски. На 15 октомври тие ќе ги казнат погубните политики на Трајановски и на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и ќе изберат нова градска власт што ќе работи отворено, одговорно и во интерес на граѓаните“, велат од СДСМ.


Груевски најави електрични автобуси кои ќе глумат трамвај


Скопје, 26 септември, 2016 - 16:48 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска најави дека Градот Скопје ќе почне со набавка на целосно електрични автобуси кои освен што ќе го постигнат истиот ефект како трамвајот, тие и ќе личат на него.

Груевски, во своето обраќање во Музеј на македонската борба за државност и самостојност, каде што објави нови мерки од областа на автомобилизмот и заштита на животна средина, рече дека ќе се набават 30 минибуси и 20 големи автобуси кои ќе сообраќаат на линијата што беше предвидена за трамвајот.

– Набавката на 20 зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај, не само што ќе го постигне истиот еколошки ефект, истиот број на кабини со ист број патници во него, истата брзина овозможена со резервираната лента, исто како кај трамвајот, удобност и слично, туку што е клучна разлика, ќе избегне раскопување на целиот град во период од неколку години и побрза реализација и најважно цена за сè, на сè, само околу 12 милиони евра, проценета вредност, кои ќе се исплаќаат во неколку годишни рати – рече Груевски.