Најмногу дожд во Куманово и Скопје, поплавени куќи и прекини на струјата


Скопје, 7 мај, 2018 - 9:27 (META) 

Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврнал во Куманово, 36 литри на метар квадратен и во Скопје – Петровец – 34 литри на метар квадратен, информираат од УХМР.

Во Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје пристигнале дојави за поплавени објекти во скопските села Црешево и Стајковци.

Невремето, во одредени делови од Скопје, предизвика проблеми и во одвивањето на сообраќајот, како и времени прекини на снабдувањето со електрична енергија.

Според најавата од УХМР, попладне поинтензивни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со можна појава на град.


ЕЛЕМ објави тендер за купување на механизација за РЕК Битола


Скопје, 26 март, 2018 - 16:47 (META) 

ЕЛЕМ денеска објави тендер за купување на помошна механизација за РЕК Битола, бидејќи ангажирањето механизација при ископот е еден од главните трошоци на компанијата, информираат од таму.

– За таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми, бидејќи сопствена механизација нема. Планираме за 41 милион евра да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија – изјави директорот Драган Миновски.

За ископ на јаглен, преку ангажирање на надворешни фирми ЕЛЕМ последните пет години платиле 212 милиони евра.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, машините треба да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019 година помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на пресот на Миновски и во соопштението велат дека „управувањето на ЕЛЕМ од страна на СДСМ го чинело претпријатието осум месеци без сопствена опрема.“

„Откако СДСМ ја поништи набавката отпочнато во време на ВМРО-ДПМНЕ, набавка која во целост ги задоволуваше потребите на РЕК  Битола, сега распиша парцијален оглас за опрема, која не може во целост да ги покрие потребите на претпријатието“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


МЕПСО ќе гради нов далекувод од Штип до Пробиштип


Скопје, 28 декември, 2017 - 11:33 (META) 

МЕПСО ќе инвестира 2,45 милиони евра во изградба на нов 110-киловолтен далекувод што ќе ги поврзува Штип и Пробиштип, информираат од компанијата.

Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски и Ерион Муши, претставникот на конзорциумот изведувачи „Пинг гао груп“ од Кина и „Ндрекај“ од Албанија го потпишаа договорот за изградба на новиот далекувод.

„Далекувод што ќе ги поврзе трансформаторските станици „Штип“ и „Пробиштип“ ќе биде долг 27,2 километри. Овој линиски енергетски објект ќе се гради на истата траса на која сега поминува 110-киловолтен далекувод што ги поврзува двете трансформаторски станици и е во функција 45 години, од 1972 година. Изградбата на новиот далекувод ќе трае 12 месеци“, информираат од МЕПСО.

Во соопштението се додава дека, овој проект значајно ќе го зголеми капацитетот на преносната мрежа во источниот регион, а особено е значајно подобрувањето на условите за снабдување со квалитетна електрична енергија за Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка.

Изградбата на нов далекувод меѓу Штип и Пробиштип е дел од проектот за ревитализација на преносната мрежа што опфаќа изградба на вкупно шест далекуводи од мрежата на МЕПСО.


Домашното бруто-производство на струја учествува со 75,4 проценти во потрошувачката


Скопје, 26 декември, 2017 - 10:58 (META) 

Во октомври годинава, потрошени се 564.378 мегават-часови електрична енергија, 23.802 милиони кубни метри природен гас, 407.265 тони јаглен и 86.884 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 75,4 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 96,9 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Јанева: Груевски е повикан за предистражна постапка за земање провизија


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:15 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска беше повикан во Специјалното јавно обвинителство за финансиска истрага за земање провизија, што ја отворило СЈО за случај поврзан со електрична енергија, соопшти специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во изјава за медиумите пред седиштето на СЈО.

Таа, одговарајќи на новинарски парашања, рече дека станува збор за нов случај, кој не е поврзан со други претходни истраги, и дека е отворен врз основа на два прислушувани разговори кои не се објавени во јавноста.

Јанева рече дека случајот е во предистражна постапка и дека се испитуваат повеќе лица во својство на сведоци.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по излегувањето од СЈО, каде се задржа околу два и пол часа, рече дека сето ова е од политички причини, за да се отргне вниманието од основните проблеми со кои се соочуваат државата и граѓаните.

– Денеска бев повикан како сведок во една нивна предистражна постапка. Им реков дека ова што го работат е незаконски, дека мандатот им е истечен и дека ова е малтертирање на граѓаните во услови кога не можат да поднесуваат обвиненија. Сепак, дојдов, им го кажав тоа што го кажав и одговорив на неколку прашања… Целта на ова е наместо да се зборува за промената на името, за незголемувањето на платата на лекарите, за двојазичноста, да се зборува за тоа дека сум бил повикан во СЈО – рече Груевски и додаде дека не може да зборува за предистражната постапка, но негираше дека станува збор за увоз на струја, посочувајќи дека се работи за „нешто друго“.

Околу употребата на прислушуваните разговори како докази во судските постапки на СЈО, Груевски рече дека членот 12 од Законот за кривична постапка е јасен и дека, според него, незаконски прибавени материјали не можат да бидат доказ во суд ниту од нив да се изведуваат други докази.

Претходно, одговарајќи на новинарско прашање, специјалната јавна обвинителка изјави дека случајот „Талир“, кој се однесува на донациите и на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, сè уште е во фаза на истражна постапка.

Во врска со првата правосилна пресуда за обвинет во случаите „Тврдина“ и „Таргет“, за кој СЈО информираше денеска, Јанева изјави дека осудениот на условна казна не е еден од „најсериозно обвинетите“, како поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски, за кои, како што рече, очекува од судот да им одреди највисоки казни.


Домашното бруто-производство на струја учествува со 79,6 проценти во потрошувачката


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:53 (META) 

Во август годинава, потрошени се 564.426 мегават-часови електрична енергија, 22.137 милиони кубни метри природен гас, 422.280 тони јаглен и 100.127 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 79,6 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 95,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Формирана работна група за реформските мерки во енергетиката


Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:54 (META) 

Владата на Република Македонија ја усвои информацијата за степенот на имплементација на реформските мерки во областа на енергетиката и донесе одлука за формирање работна група за реализација и за следење на активностите.

Работната група, како што соопштија од владата, ќе ја сочинуваат претставници од канцеларијата на претседателот на Владата, кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Министерство за економија, Министерство за финансии, Регулаторна комисија за енергетика, АД МЕПСО, АД ЕЛЕМ и од Комисија за заштита на конкуренцијата.


И БЕГ утре ќе пушти парно греење


Скопје, 6 октомври, 2017 - 10:49 (META) 

Од утре почнува новата грејна сезона за потрошувачите кои се приклучени на системот на снабдување со топлинска енергија „Балкан енерџи“ во Скопје, информираат од компанијата.

Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) дала одобрение за почеток на грејната сезона пред вообичаениот почеток на 15 октомври поради падот на температурата.

„Почетокот на грејната сезона порано од вообичаено нема да донесе зголемување на авансните сметки што ги добиваат граѓаните. Од 15 октомври до 15 април се врши редовна испорака на топлинска енергија, во согласност со утврдените правила и во континуитет“, се вели во соопштението.

Иако почнува новата грејната сезона, во моментов во околу 200 објекти потрошувачите и заедниците на станари сè уште не ги имаат исполнето своите обврски, односно не се обезбедени бараните услови за навремена и квалитетна испорака на топлинска енергија.

„Повторно апелираме до потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација и тоа веднаш да го пријават во „Балкан енерџи“. Истовремено, заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија, платени сметки за електрична енергија, за топлинската станица и за функционална електрична инсталација“, додаваат од БЕГ.

Компанијата ги информира сите потрошувачи дека евентуалните дефекти се пријавуваат на телефонскиот број  02/3076-200, на следниот линк http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/ или со СМС-порака на следниве телефонските броеви: 076/350-298, 078/207-056 и 070/369-337.


Извозот во првите осум месеци поголем за 13,2 проценти во однос на лани


Скопје, 4 октомври, 2017 - 14:33 (META) 

Во периодот од јануари до август 2017 година, извозот изнесувал 3.530.976.000 долари и бележи пораст од 13,2 проценти во однос на истиот период од лани, објави Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4.777.516.000 долари, што е за 8,6 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит во првите осум месеци изнесува 1.246.540.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и со Бугарија.


МЕПСО привремено го суспендира „ЕНГ сервис трејд“ од пазарот на електрична енергија


Скопје, 20 септември, 2017 - 13:56 (META) 

МЕПСО привремено ја суспендира компанијата „ЕНГ сервис трејд“ и таа од денеска до 1 ноември го губи правото да работи како снабдувач на пазарот за електрична енергија, соопштуваат од компанијата.

Согласно со правилата за пазар на електрична енергија (ППЕЕ), како организатор на пазарот на електрична енергија, МЕПСО изрекува суспензија во услови кога компанијата не ги исполнува своите обврски, кои во овој случај се создадени поради преземена, но неплатена електрична енергија.

„Суспензијата ќе биде продолжена до крај на ноември доколку во тој период снабдувачот не ги намири обврските. Ако и до крајот на ноември не бидат намирени обврските, МЕПСО, во согласност со ППЕЕ, ќе го раскине договорот со компанијата снабдувач „ЕНГ сервис трејд“. Новиот менаџмент на МЕПСО во период од еден месец ги презеде сите располживи мерки: издаде опомени, активираше финансиска гаранција и, на крај, заради ненамирување на обврските, привремено ја суспендираше компанијата снабдувач со електрична енергија согласно со ППЕЕ. Освен овие мерки, МЕПСО ги презеде и сите расположливи законски мерки и активности за наплата на своите побарувања“, се вели во соопштението на МЕПСО.

Од таму додаваат дека значајно е тоа што сите компании потрошувачи кои досега биле клиенти на „ЕНГ сервис трејд“ во изминатиов период, обезбедиле нови снабдувачи со електрична енергија. Со тоа се обезбедило редовно и непрекинато снабдување на тие компании со електрична енергија.

Долгот на снабдувачот „ЕНГ сервис трејд“ кон МЕПСО е направен во најголема мера во првиот квартал годинава, но од засега непознати причини претходниот менаџмент не ги активирал инструментите за наплата на долгот, за што МЕПСО ги извести надлежните државни инстанци.

Одлуката за суспензија на „ЕНГ серис трејд“ е објавена на корпоративната интернет-страница на МЕПСО.