!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Асанж се согласи на екстрадиција во САД само ако му се гарантираат правата


Лондон, 18 јануари, 2017 - 19:20 (META) 

Основачот на „Викликс“, Џулијан Асанж, ќе патува во САД само ако му бидат гарантирани неговите права, објави денеска „Викиликс“ на официјалниот профил на „Твитер“.

– Асанж ќе дојде во САД само ако му се гарантираат неговите права иако Белата куќа вели дека помилувањето на Менинг не било за „трампа“ со Асанж“ – пишува „Викиликс“ на „Твитер“.

Ова е објавено откако претседателот на САД во заминување, Барак Обама, донесе одлука за помилување односно ослободување на повеќе од 200 затвореници меѓу кои е и Челси Менинг.

Менинг, чие вистинско име е Бредли, осудена беше во август 2013 година на 35 години затвор за шпионажа откако објави документи на „Викликс“. Според одлуката на Обама, Менинг од затвор ќе излезе во мај.


Рама ја поздрави одлуката за условно ослободување на Харадинај


Тирана, 12 јануари, 2017 - 20:42 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама, денеска ја поздрави одлуката на францускиот суд условно да го ослободи Рамуш Харадинај, кој на 4 јануари беше уапсен и притворен од француските власти врз основа на потерница од Србија поради воени злосторства, извршени во текот на 1998 и 1999 година.

Рама рече дека во моментот треба да се истакнат политичките и дипломатиските напори на властите во Тирана и во Приштина. Албанскиот премиер им заблагодари на сите граѓани кои дале придонес и го кренале гласот против „спектакуларната неправда“.

Лидерот на албанската опозиција, Лулзим Баша, побара правдата да биде што поскоро исполнета и Харадинај да се врати во Косово. Тој додаде дека потерниците на Србија не само што се неправедни кон Харадинај, туку и кон тие што се жртвувале за слободата на Косово.

„Овие потерници се напад на независноста на Косово и на нејзиниот политички интегритет“, рече Баша.

Рамуш Харадинај денеска беше условно ослободен од францускиот суд, а одлуката е донесена два дена откако српското министерство за правда побара негова екстрадиција.

Харадинај, според одлуката на судот, нема да може да ја напушти Франција и ќе мора двапати неделно да се јавува во француската полиција.


Владата на Србија без реакција за пуштањето на Харадинај, сè уште чека испорачување


Белград, 12 јануари, 2017 - 15:11 (META) 

Потпретседателот на српската влада и шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ, рече дека владата на Србија денеска нема да реагира на одлуката на францускиот суд да го пушти Рамуш Харадинај од притвор.

Апелациониот суд во Колмар денеска наложи пуштање на лидерот на Алијансата за иднина на Косово и еден од некогашните команданти на ОВК на условна слобода, со ставање под судски надзор сè до приемот на барањето за негова екстрадиција во Србија.

Се очекува владата на Србија за пуштањето на Харадинај од притвор да расправа на седница која е закажана за утре.

Во меѓувреме, српското министерство за правда соопшти дека постапката за екстрадиција и понатаму трае и дека францускиот суд денеска одлучувал само за мерките кои се однесуваат на притворот на Харадинај, што е целосно одвоена постапка. Од министерството наведуваат и дека Харадинај не мора да биде во затвор додека трае екстрадиционата постапка.

Адвокатот на Харадинај на новинарите во Приштина им рече дека Харадинај е должен двапати неделно да се јавува во француската полиција и дека не смее да ја напушти територијата на Франција.


Харадинај на условна слобода во Франција


Париз, 12 јануари, 2017 - 13:27 (META) 

Судот во Колмар одлучи условно да го ослободи Рамуш Харадинај, кого француските власти го притворија на 4 јануари на аеродромот во Базел, по потерница од Србија за воени злосторства, извршени во текот на 1998 и 1999 година, соопшти неговиот адвокат Арианит Кочи, кој присуствувал на денешното рочиште.

Харадинај нема да може да ја напушти Франција и ќе мора двапати неделно да се јавува во француската полиција.
Судот донел ваква одлука на барање на одбраната на Харадинај. Барањето следеше откако судот претходно одлучи Харадинај да остане во притвор до службеното барање на Србија.

Во меѓувреме, неговите адвокати побараа условно ослободување, а Србија и официјално поднесе барање за екстрадиција, заедно со документацијата врз основа на која Франција ќе одлучува за испорачувањето.

Во Косово претходно се одржаа протести, на кои граѓаните бараа ослободување на Харадинај.

Собранието на Косово, кое заседаваше на 10 јануари и кое на дневен ред имаше резолуција за Харадинај, по 11 часа расправа не донесе никаков заклучок.


Проширени обвинувањата против Харадинај


Белград, 11 јануари, 2017 - 12:47 (META) 

Обвинителството за воени злосторства на Србија ги прошири обвинувањата против еден од поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, кој беше уапсен во Франција по налог на Србија која го товари за воени злосторства.

Одлуката е донесена затоа што обвинителството дошло до нови докази.

Се работи за собрани докази за одговорноста на Харадинај за воените злосторства на Косово, кои не биле предмет на разгледување во Хашкиот трибунал и претставување на дополнителни докази кои веќе се испратени во Франција.

Новата документација ќе биде испратена до надлежен суд во Франција откако ќе биде преведена на француски јазик. Се очекува дека тоа би можело да биде завршено пред крајот на оваа недела.

Министерството за правда на Србија вчера во Франција го проследи барањето за испорачување на Харадинај, кој беше уапсен на 4 јануари по налог на Србија поради сомневања дека во 1998 и 1999 година на Косово извршил воени злосторства над Србите и над други неалбански етникуми.

Судот во Франција одлучи на 5 јануари Харадинај да го задржи во притвор додека Србија не го достави барањето за екстрадиција.

Харадинај беше суден пред Хашкиот трибунал за воени злосторства, но во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.

Тој по налог на Србија беше уапсен и во 2015 година на аеродромот во Љубљана, но по неколку дена беше ослободен.


Србија достави барање до Франција за екстрадиција на Харадинај


Белград, 10 јануари, 2017 - 14:57 (META) 

Министерството за правда на Србија денеска им испратило на правосудните органи во Франција барање за екстрадиција на некогашниот лидер на Ослободителната војска на Косово и претседател на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кого Белград го товари за воени злосторства за време на вооружените судири во 1998 и 1999 година, јавуваат српските медиуми.

Со барањето за испорака испратена е и документација преведена на француски јазик, врз основа на која француското правосудство ќе одлучува за тоа дали се исполнети условите за екстрадиција на Харадинај во Србија.

Рамуш Храдинај е уапсен минатата среда по налог на Србија од 2004 година, поради сомневање дека во текот на 1998 и 1999 година извршил воени злосторства врз Срби и врз лица од други етникуми.

Судот во Франција одлучи да го задржи Харадинај во затвор додека го добие барањето од Белград за испорака.

Харадинај во 2015 година беше уапсен на аеродромот во Љубљана, но по неколку дена беше ослободен.

Тој беше суден во Хашкиот трибунал за воени злосторства и во 2012 година беше ослободен од сите обвиненија.


Вучиќ: Ќе бараме екстрадиција на Харадинај


Белград, 5 јануари, 2017 - 12:46 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека Србија ќе бара екстрадиција на претседателот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, кој е уапсен во Франција, врз основа на меѓународна потерница распишана од српските власти.

Вучиќ пред новинарите во владата на Србија рече дека обвинителството има повеќе основи за кои го товари Харадинај и дека никој нема право да ги урива одлуките на обвинителството на Србија, како независен орган.

„Што има друго да правиме освен да бараме негова (на Рамуш Харадинај, н.з.) екстрадиција“, рече Вучиќ и додаде дека очекува оти Франција како правна држава ќе постапи во согласност со правото.

Француската полиција вчеравечер го уапси Харадинај врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија. Потерницата против Харадинај, Србија ја распиша во 2006 година поради сомневања за извршени воени злосторства во 1998 и во 1999 година, во времето кога беше еден од командантите на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Обвинителството за воени злостроства на Србија денеска соопшти дека се собрани нови докази што го дополнуваат обвинението против Харадинај.

На Харадинај му се судеше и во Хашкиот трибунал за воени злосторства, но во 2012 година тој беше ослободен од сите обвиненија.


Новите докази ги дополнуваат обвиненијата против Харадинај, вели српското обвинителство


Белград, 5 јануари, 2017 - 10:41 (META) 

Српското обвинителство за воени злосторства соопшти дека се добрани уште докази што ги дополнуваат обвиненијата за кои се товари лидерот на Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај.

Раководителот на обвинителството, Милан Петровиќ, за Радио-телевизија Србија рече дека е задоволен што по потерницата на српското правосудство се постапува во земјите на ЕУ.

Кога станува збор за забрзување на постапката за екстрадиција, Петровиќ рече дека тоа е можно само со согласност на лицата против кои се бара екстрадиција.

– Србија тука не може ништо да направи затоа што процесот за забрзано испорачување зависи од лицето кое е уапсено и против кое се бара екстрадиција. Значи, забрзаната постапка е можна само со негова согласност, во спротивно трае многу долго – рече Петровиќ.


Апелација ја потврди 20-годишната затворска казна на Хаџиски за убиството на Јошевска


Скопје, 26 декември, 2016 - 15:06 (META) 

Апелацискиот суд Скопје ја потврди првостепената пресуда од 20 години затвор на Миле Хаџиски за убиството на Мери Јошевска, кое се случи во јуни 1993 година во Скопје, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

Кривичниот суд во Скопје го осуди Хаџиски на 20-годишна затворска казна лани во декември, во повторен судски процес, бидејќи обвинетиот повеќе од 20 години беше во бегство пред да биде уапсен и екстрадиран во земјава од француските власти.

„Апелацискиот суд Скопје до Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја достави пресудата со КЖ број 626/16, со која ја потврди првостепената пресуда на Кривичниот суд К.бр 2927/15 против обвинетиот М.Х. за кривичното дело убиство по член 37, став 2, точка 1 и 4 од Кривичниот законик, сторено 18 јуни 1993 година, во Скопје. Со второстепената пресуда, Апелацискиот суд ги одбил жалбите на обвинетиот М.Х. изјавена преку неговите бранители и жалбата на неговата мајка, како неосновани и во целост ја потврди првостепената пресуда на Основниот суд Скопје 1 – Скопје од 14 декември 2015 година, со која обвинетиот М.Х. судот го огласи за виновен за кривичното дело убиство и го осуди на казна затвор во траење од 20 години“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Миле Хаџиски од земјава побегна во 1995 година и во отсуство беше осуден на 20 години затвор. Додека беше во бегство, Хаџиски ѝ се приклучи на француската легија на странци, а во меѓувреме го смени идентитетот и стана Зоран Томановиќ. Пред четири години, тој беше уапсен од швајцарската полиција, под сомнеж дека е член на познатата криминална група Пинк Пантер, но успеа да побегне од затвор за потоа да биде повторно уапсен од француските власти и екстрадиран во земјава.

Во повторениот судски процес, кој почна лани во октомври, Хаџиски ја отфрли вината за убиството на Јошевска и тврдеше дека не се сеќава на ништо.


Бугарија уапси и депортира во Турција седум поддржувачи на Ѓулен


Софија, 19 октомври, 2016 - 1:01 (META) 

Седум лица осомничени за поврзаност со движењето на исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен се фатени при обид со камион илегално да пребегнат од Бугарија во Романија, јавува дописникот на „Мета“ од Софија. Меѓу приведените има тројца шефови на полиција, универзитетски професор, наставник и поранешен новинар.

Возачот на камионот е уапсен поради шверц на луѓе, а другите лица експресно се депортирани во Турција, откако биле сослушани.

Турските власти поднесоа повеќе обвиненија против седумте лица, веднаш по нивното пристигнување во Турција. Возачот, кој исто така е турски државјанин, ќе биде депортиран во Турција, откако ќе ја отслужи затворската казна во Бугарија.

Бугарските власти соопштија дека осомничените влегле во Бугарија на 12 октомври, преку граничниот премин Капикуле.

Бугарското МВР соопшти дека седумте лица се испорачани на властите во Анкара, во согласност со договорот меѓу Бугарија и Турција од 1968 година.

Официјална Анкара го обвини Ѓулен, кој живее во егзил во САД, за организирање на државниот удар.