!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Арачиновец уапсен пред Врховниот суд, околу појасот носел прачки налик на експлозив


Скопје, 2 ноември, 2017 - 17:39 (META) 

Припадниците на полицијата што денеска го обезбедуваа судскиот комплекс додека траеше изрекувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, уапсија педесет и седумгодишен жител на Арачиново со иницијали И.И., кој околу појасот имал четири прачки кои личеле на експлозив.

Како што потврдуваат од МВР, осомничениот е одведен во полициската станица во Центaр, каде со него се разговара.

Прачките ќе бидат предадени на вештачење за да се утврди за што точно станува збор.

На видеоснимка од инцидентот што ја објави „А1 он“ се гледа машко лице со тобра како му приоѓа на полицаец пред судот, кратко му се обраќа, по што веднаш следи интервениција на полицаецот и на повеќемина негови колеги кои го приведуваат лицето.


Илјадници луѓе евакуирани во Москва поради дојави за подметнати бомби


Москва, 13 септември, 2017 - 18:26 (META) 

Повеќе од 20.000 лица денеска биле евакуирани од трговските центри, железничките станици, театри и од универзитети во Москва поради речиси симултани дојави дека на повеќе места во градот е поставен експлозив, јавуваат светските агенции.

Иако се претпоставува дека станува збор за лажни дојави, полициски специјалци со кучиња трагачи ги пребаруваат местата. Според информациите на агенциите, досега биле пребарани пет локации, но не бил најден експлозив.

Слични дојави за поставен експлозив изминатите денови имаше и во неколку други градови во Русија.

Првата дојава и евакуација се случи на 10 септември, во канцеларијата на градоначалникот на Омск, кога непознато лице се јавило на телефон и пријавило дека во зградата има бомба.

Зградата беше евакуирана и пребарана, но не беше најден никаков експлозив.

Вчера повеќе од 5.700 ученици и наставен кадар во седум училишта во уралскиот град Перм во Русија беа евакуирани поради дојава и закана со подметната бомба.


Појасите со експлозиви на петтемина терористи од Камбрилс биле лажни


Камбрилс, 18 август, 2017 - 18:58 (META) 

Појасите, што ги носеа петтемина ликвидирани терористи во Камбрилс биле лажни, изјави каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон за локалното радио.

Синоќа пет лица со автомобил ауди прегазија луѓе во летувалиштето Камбрилс во обид да го повторат нападот од Барселона од вчера попладне.

Полицијата ги ликвидира терористите во Камбрилс, кои повредија петмина граѓани и еден полицаец.


Пукање и полициска потера по возило со експлозив во Брисел


Брисел, 8 август, 2017 - 19:50 (META) 

Бриселската полиција пукала во возило во квартот Моленбек и повикала единица за деминирање откако возач им соопштил дека во автомобилот има експлозив.

Белгиското федерално обвинителство и локалната полиција засега не се достапни за коментар.

Локалните медиуми јавуваат дека полициската потера по возилото завршила откако возачот заглавил во сообраќајниот метеж во Брисел. Дел од медиумите јавуваат дека станува збор за возило со германски регистарски таблички.

– Го извлековме возачот, а тој веднаш ни рече дека во автомобилот има експлозив – изјавил портпаролот на полицијата за белгиската телевизија „Ер-те-ел“.

Моленбек е сиромашен кварт со голем број жители по потекло од Мароко. Овој дел од Брисел стана озлогласен откако ќелија на Исламска држава со седиште во овој дел на градот ги организираше самоубиствените напади во Париз во ноември 2015 година.

За време на минатогодишните терористички напади во Брисел загинаа 32 лица.


Напаѓач со автомобил полн со експлозив удрил во полициско возило во Париз


Париз, 19 јуни, 2017 - 18:58 (META) 

Француската полиција ја евакуираше познатата париска авенија Елисејски полиња откако напаѓач со автомобил удри во полициско возило.

Автомобилот на напаѓачот потоа се запалил, а тој починал од повредите, потврди министерот за внатрешни работи на Франција.

Антитерористичка единица ја презеде истрагата, а инцидентот се третира како терористички чин. Во автомобилот е пронајден „калашников“, пиштол и димни бомби. Во автомобилот имало и поголемо количество експлозив.

Полицијата на „Твитер“ ги советуваше граѓаните да ја избегнуваат областа каде што се случи инцидентот.


Во Германија уапсени две лица со 155 килограми експлозив


Берлин, 14 јануари, 2017 - 12:24 (META) 

Германската полиција во местото Лаутеркен пронашла 155 килограми експлозив, поради што уапсила две лица. Против двете лица на возраст од 18 и 24 години ќе бидат поднесени обвиненија поради поседување експлозив и поради подготвување терористички напад.

Државното обвинителство ги проверува информациите според кои осомничените имаат врска со терористичката група „Олд скул сосајети“.

Се смета дека таа терористичка организација е разбиена откако во мај 2015 година повеќето од членовите биле уапсени.

За време на сослушувањето, двајцата уапсени негирале дека планирале терористички напад и дека пронајдениот експлозив бил наменет за приватна употреба.

За време на претресот на семејниот стан на 18-годишникот, полицијата пронашла експлозивна направа која тој самиот ја направил, повеќе од 150 килограми илегални пиротехнички средства и експлозиви, како и неонацистички симболи.


Четири лица уапсени во Русија поради планирање терористички напади


Москва, 15 декември, 2016 - 16:13 (META) 

Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека уапсила четири лица, осомничени за планирање терористички напади во Москва, јавуваат светските агенции.

Уапсените, како што било наведено во соопштението, се државјани на Молдавија и на Таџикистан. Тие планирале со импровизирани експлозивни направи да изведат серија напади, со кои, според ФСБ, требало да управува еден од водачите на Исламска држава, чија база била во Турција.

Од ФСБ додаваат дека по организаторот на нападите, чие име не е наведено, властите во Таџикистан веќе имале распишано потерница за повеќе кривични дела.

Молдавските и таџикистанските државјани биле уапсени во Москва и во околината и кај нив биле пронајдени автоматско оружје и експлозив.


Одбележани 15 години од убиството во „Бриони“ кај селото Челопек


Скопје, 26 август, 2016 - 15:51 (META) 

Денеска се одбележа петнаесетгодишнината од грозоморното убиство на Боге Илиевски и на Светислав Трпковски од Челопек. Двајцата вработени во мотелот „Бриони“ беа свирепо убиени на денешен ден, додека дежураа на ноќната смена во мотелот. Беа врзани за еден од столбовите на објектот и со експлозив разнесени во воздух.

Петнаесетгодишнината се одбележа со помен парастос на православните гробишта во Челопек и на местото на масакрот.

Семејствата на убиените се револтирани што случајот „Бриони“ сè уште не е расветлен.

– Помина 15 години од крвавиот масакр, но досега ниту една власт не почна истрага за убиството на нашите најмили. Бараме правда за случајот, беа неправедно убиени, со никого не беа замерени, но, за жал, убиени додека го печалеа лебот за своето семејство – изјави Љупчо Начевски, зет на Светослав Трпковски.

Двајцата загинати беа цивилни жртви на припадници на ОНА.

Мотелот каде беа убиени Светислав и Боге и понатаму е разурнат, а на задругата „Единство“ не ѝ дозволуваат да го обнови мотелот, затоа што сметаат дека земјиштето каде стојат урнатините од овој објект е општонародно.


Лажна тревога во Милано, метрото повторно во функција


Милано, 25 јули, 2016 - 20:30 (META) 

Подземната железница во Милано повторно почна да сообраќа, по краткиот прекин кој следуваше откако на станица во центарот на градот беше пронајден сомнителен пакет.

Истрагата покажала дека пакетот не содржи експлозив, соопшти миланската служба за јавен превоз.

Сообраќајот претходно беше целосно во прекин, а централната метро-станица беше евакуирана додека стручни лица за експлозив го прегледувале сомнителниот пакет, кој содржел батерија и жици, соопшти полицијата.


Во Ница пронајден уште еден камион со експлозив


Ница, 15 јули, 2016 - 13:39 (META) 

Француските специјални сили на автопат во близина на Ница пронашле уште еден камион полн со експлозив, јавуваат локалните медиуми.

Специјалците го деактивирале експлозивот, а поради тоа евакуирани се две станбени згради.

Како што јавуваат светските медиуми, камионот бил паркиран неколку стотини метри од стан кој бил мета на рација, по терористичкиот напад кој се случи во четвртокот вечерта, во кој загинаа 84 лица.