!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Двајца загинати и 55 повредени во експлозија во ресторан во Кина


Пекинг, 21 јули, 2017 - 11:17 (META) 

Најмалку две лица загинаа, а 55 се повредени во експлозија во ресторан во прометна улица во кинескиот град Хангџоу.

Според наводите на градската канцеларија за информации, повредените се хоспитализирани, а од нив 12 лица биле со тешки повреди.

По експлозијата избил пожар во една од соседните продавници, кој набргу бил изгаснат.

Истрагата за инцидентот е во тек, а властите се сомневаат дека до експлозијата дошло поради протекување на гас.

Во Кина често се случуваат експлозии поради непочитување на безбедносните правила.


Девет загинати и 10 повредени при експлозија на резервоар за гас во Нигерија


Абуџа, 17 јули, 2017 - 11:41 (META) 

Најмалку девет лица загинаа, а 10 добија тешки повреди при експлозија на резервоар за гас во комплекс за гориво на југозападот на Нигерија.

Засега нема објаснување како дошло до експлозијата во објектот на нигериската компанија „Линк оил анд гас“ во Калабара, соопшти полицијата.

– Засега е потврдена смртта на девет лица, а многумина добиле различни изгореници и во моментов се на лекување во локалната болница – соопшти портпаролот на полицијата.

Според очевидци, би можело да се очекува бројот на загинатите да се зголеми.

Како што се наведува, експлозиите на гас се чести во Нигерија, најголемиот африкански произведувач на нафта, затоа што нафтата се транспортира по лоши патишта, во камиони кои се во лоша состојба.

Несреќите редовно се случуваат бидејќи крадците често ги оштетуваат гасоводите.


Експлозија во фабрика во Бангладеш – осум загинати и 50 повредени


Дака, 4 јули, 2017 - 17:51 (META) 

Најмалку осум лица загинаа, а 50 се повредени откако котел експлодира во фабрика за текстил во Бангладеш, соопштија локалните власти.

Меѓу повредените има и луѓе кои во моментот на несреќата минувале покрај фабриката, соопшти директорот на противпожарната служба, Мохамед Ахтерузман, додавајќи дека експлозијата била толку силна што уништила делови од фабриката.

Според директорот на фабриката, Месебе Фаруки, главната зграда била затворена во моментот на експлозијата, но група работници го надгледувала сервисирањето на котелот.

Текстилната индустрија во Бангладеш е позната по лошите услови за работа, односно во халите нема ниту вентилација ниту клима-уреди.


Три лица загинале во пожар во бегалски камп во Либан


Бејрут, 2 јули, 2017 - 17:30 (META) 

Голем пожар денеска избувнал во камп за сириски бегалци во Либан, во кој, според информациите на локалните медиуми, загинале три лица.

Кампот се наоѓа во долината Бека, во близина на градот Каб Елиас, недалеку од Бејрут.

На снимките што ги објавила либанската телевизија можела да се види најмалку една експлозија. Безбедносни извори изјавиле дека причините за пожарот се сè уште непознати.

Во Либан се наоѓаат најмалку еден милион регистрирани бегалци од Сирија, додека според владата, нивниот број најверојатно е околу 1,5 милиони лица.


Двајца загинати и 11 исчезнати во експлозија во рудник за јаглен во Колумбија


Богота, 24 јуни, 2017 - 10:43 (META) 

Најмалку две лица загинаа, а 11 се водат како исчезнати по експлозија во нелегален рудник за јаглен во Колумбија, соопштија локалните власти.

Како што пренесуваат локалните медиуми, во експлозијата, која е последица на запалив гас, повредено е едно лице.

Инцидентот се случил во централниот департмент Кундинамарка, на околу 90 километри од главниот град Богота.


Напад со автомобил бомба во Авганистан, најмалку 20 загинати


Кабул, 22 јуни, 2017 - 12:05 (META) 

Авганистанските власти денеска соопштија дека најмалку 20 лица загинале, а десетици се повредени во експлозија на автомобил бомба пред банка во јужната авганистанска провинција Хелманда.

Како што пренесуваат агенциите, по експлозијата, вооружени напаѓачи влегле во банката, по што дошло до престрелка со обезбедувањето.

Според извештаите, меѓу жртвите има цивили и припадници на обезбедувањето на банката.

Одговорноста за нападот сè уште не ја презел никој, иако талибанците и милитантите на Исламска држава претходните месеци извршија неколку слични напади.


Експлозија во близина на воен објект на НАТО во Турција


Анкара, 22 јуни, 2017 - 11:11 (META) 

Послаба експлозија одекна утринава во близина на воен објект на НАТО во провинцијата Измир, во западниот дел на Турција, објавија турските медиуми.

Како што се наведува, во експлозијата е оштетен ѕид во близина на воен објект на НАТО, но во инцидентот никој не е повреден.

Полицијата ја обезбедила областа и ја истражува причината за несреќата.


Еден повреден во експлозија на бомба во Тајланд


Бангкок, 16 јуни, 2017 - 11:12 (META) 

Едно лице е повредено во експлозија во главниот тајландски град Бангкок, предизвикана од т.н. пинг-понг бомба, скриена во пластична кеса, соопшти полицијата.

– Пластичната кеса во која била сместена малата импровизирана експлозивна направа, била скриена во грмушка, а кога работниците од комунална хигиена ја собрале и ја отвориле, таа експлодирала – соопшти претставник на полицијата.

Експлозијата се случила еден ден откако властите објавија дека уапсиле лице кое е осомничено дека е поврзано со експлозијата во воената болница што се случи пред еден месец, а при која беа ранети повеќе од 20 лица.


Експлозија во градинка во Кина – седум загинати и 59 повредени


Пекинг, 15 јуни, 2017 - 15:01 (META) 

Седум лица загинаа во експлозија во градинка во Фенгксиан во источната кинеска провинција Џиангсу, јавуваат кинеските медиуми.

Полицијата сè уште нема официјално потврдено колку лице загинаа, но кинеските медиуми јавуваат дека освен седумте загинати, во експлозијата има и 59 повредени лица.

Кинеската држвна телевизија „Си-си-ти-ви“ јави дека две лица загинале при самата експлозија, додека другите починале во болница.

Агенцијата „Ксинхуа“ јави дека експлозијата се случила во време кога родителите доаѓаат да си ги земат децата од градинка. Засега не се знае што ја предизвикало експлозијата.


Осуммина загинати во експлозија во хемиска фабрика во Кина


Пекинг, 5 јуни, 2017 - 15:58 (META) 

Осум лица загинаа, а девет се повредени при експлозија и пожар што се случија во фабрика за хемикалии во источната кинеска провинција Шандонг.

Несреќата била предизвикана од експлозија на танкер со течен гас на терминал за полнење во фабриката.

Експлозијата запалила неколку цистерни со гориво во економската зона Линји. Околното подрачје е евакуирано.

Сопственикот на фабриката е повреден и веднаш пренесен во локалната болница.

Пожарот го локализираат повеќе од 900 пожарникари.