Анѓушев: Рударството е важно, треба да се смени перцепцијата на граѓаните


Скопје, 12 јуни, 2018 - 13:39 (META) 

Во Македонија кога ќе се спомне рударство се раѓаат негативни чувства, мора да отвориме дискусија зошто е тоа така рече денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на отворањето на 3. Европски форум за рударство и истражување „Minex Europe 2018“  организиран од Стопанска комора на Македонија.

– Мој заклучок е дека таквата состојба е генерирана од неодговорниот однос на дел од концесионерите кои не ги запазувале критериумите на совесно работење и на совесни стопанственици, со цел да направат поголем профит. Иако профитот е основниот генератор на бизнисот од кој и државата има интерес преку собирање данок, исто така, мора да се води сметка и за заштита на човекот и на животната околина – рече Анѓушев.

Во своето обраќање, вицепремиерот ја истакна важноста што рударството ја има во целокупната индустрија, како сектор каде се вработени над 10.000 луѓе.

– Според последните податоци во април 2018 година во споредба со април 2017 регистрирано е  зголемување од 1,3 отсто на вработените во овој сектор . Рударството и вадењето камен учествува со 8,31 отсто во индустриското производство на земјата. Овие бројки покажуваат дека придонесот во индустријата е значаен, пред се преку рудниците кои се отворени пред многу години и денеска работат успешно – додаде тој.

Анѓушев ги повика компаниите од овој сектор поблиску да соработуваат со локалното население и да ги разјаснат сите отворени прашања и дилеми. Комуникацијата, според вицепремиерот, треба да се одвива во насока на едукација и информирање за стандардите и процесите што ги применуваат во експлоатацијата на минералите, како и непостоењето закана за животната околина и земјоделското производство.

Анѓушев најави усогласување на македонското законодавството со европското законодавство со цел заштита на интересите на државата.


„Еуромакс ресорсис“ ја објави структурата на 488 работни места во Иловица-Штука


Гевгелија, 23 мај, 2018 - 14:54 (META) 

„Еуромакс ресорсес“ објави список на 488 директни работни места во проектот Иловица-Штука, за кои ќе организира конкурси откако ќе ги добие потребните дозволи за експлоатација, информираат од компанијата.

Од таму додаваат дека опсегот на работните места е усогласен со потребите објавени во Физибилити студијата за проектот, а земени се предвид сугестиите од локалните засегнати страни.

„Еуромакс има стратешка определба за вработување на локалното население во проектот. Компанијата ќе организира серија Саеми за вработување и други настани од отворен тип за да објасни како потенцијалните вработени можат да аплицираат за работните места откако ќе ја добие потребната дозвола за експлоатација. Процесот на одбирање ќе се одвива со индивидуален пристап со цел на кандидатите да им се помогне да го најдат најдоброто работно место за себе. „Еуромакс“ ќе обезбеди и сеопфатна обука за работните места во рамките на Проектот, директно или преку своите изведувачи“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека со почетокот на работењето на рудникот во Иловица – Штука, ќе се отворат и три пати повеќе дополнителни индиректни работи места за локалните добавувачи, како резултат на определбата на компанијата да соработува со локални компании.


Владата бара правна рамка за стопирање на изградбата на рудникот Казандол


Скопје, 14 март, 2018 - 10:25 (META) 

На 58. седница, Владата ја разгледала и усвоила информацијата за степен на изграденост на рударскиот комплекс Казандол.

Од Влада соопштуваат дека го задолжиле Министерството за економија во рок од седум дена да информира условите за раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина, бакар, злато и сребро Казандол и за одземање на дозволата за експлоатација на минерални суровини доделена на 20 јули 2015 година.

Владата исто така го разгледала и утврдила новиот текст на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судски совет.

„Со измените што се предлагаат се зајакнува квалитативниот критериум во оценувањето на судиите и претседателите на судовите во однос на квантитативниот. Истовремено се направени и вградувања на препораките од Венецијанската комисија дадени во последните изменувања и дополнувања на Законот за Судски совет на Република Македонија, за транспарентното работење на Советот. Се внесуваат и измените предвидени согласно Стратегијата за реформа на правосудниот сектор“, се вели во соопштението на Владата.

Двата предлог-закони, за Судскиот совет и за судовите, ќе бидат доставени до Собранието. На усвојување во Собранието, владата го пушти ново-усогласениот текст на предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции.

„Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во Македонија. Овој закон претставува своевидна шема за поддршка согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош за инвестициите“, информираат од Влада.


„Гардијан“: Во Македонија се прават скапи брендирани чевли за минимални плати


Скопје, 23 август, 2016 - 11:06 (META) 

„Работници во Албанија и во Македонија земаат толку ниски плати што не можат да ги прехранат своите семејства, а јазот меѓу законски загарантираната минимална плата и висината на исплатените дневници е поголем отколку во Кина. На овој начин некои светски брендови за производство на чевли остваруваат огромен профит на грбот на сиромашниот работник“, се вели во текстот на „Гардијан“ во врска со тоа дека скапите чевли што носат предзнак „произведено во Италија“, всушност, се прават во земји со евтина работна сила каде што се експлоатираат работници.

Истрагата за производството на чевли ја повела Европската чевларска индустрија, која открила шокантни услови за работа во фабриките што произведуваат чевли за пазарот во Велика Британија, а во кои работат работници платени под законскиот миниум.

Во текстот на „Гардијан“, исто така, се наведува дека „една македонска фабрика што го произведува брендот за чевли „Геокс“, работниците ги плаќа 131 евро месечно, сума во која а вклучена и прекувремената работа“. Текстот потсетува дека минималната плата кај нас изнесува 145 евра и дека во таа сума не влегуваат прекувремените часови на работа.

Како земји во кои се експлоатира работната сила за производство на скапи италијански и германски чевли, покрај Македонија и Албанија, се споменуваат и Полска, Романија и Словачка.


Новиот рудник за гранит ја вжешти политичката сцена во Битола


Битола, 2 јули, 2016 - 15:39 (META) 

Дебатата за новиот рудник за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил kамен, ја вжешти политичката сцена во Битола.

Рудникот кој е оддалечен околу два и пол километри од централното градско подрачје и околу 800 метри од првото населено место, ги спротивстави власта и опозицијата во еден од најзагадените градови во земјава.

Главното прашање, дали рудникот ќе има штетни последици по здравјето на битолчани, денеска го постави потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски.

– Дали е направена соодветна студија за оправданост на експлоатацијата, а доколку има студија зошто таа не е доставена на увид на советниците во Советот на Општина Битола? Дали сообраќајното решение е соодветно со оглед дека рудникот излегува на магистрален пат, кој во иднина е планиран за експресен пат? Знаејќи дека Општина Битола поради РЕК-Битола е еден од најзагадените градови, овие дилеми на граѓаните се повеќе од оправдани – рече Кирацовски.

Со новиот рудник стопанисуваат лица блиски до бизнис-елитата на партијата на власт во Битола, велат опозиционерите.

– Бидејќи сите овие прашања се отворени, а знаејќи на кој начин се добиваат дозволи за работа и концесии кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, бараме од компанијата „Стентон градба“ и друштвото за производство, трговија и услуги „Стентон увоз-извоз“, како и од Општина Битола, во најскоро време да приложат соодветна документација и испитувања со кои ќе се потврди влијанието на рудникот врз неговата околина – рече Кирацовски.

Портпарлот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Валентина Марковска, пак, вели дека иако насекаде во светот искористувањето на рудните богатства во функција на економски развој е приоритет, за СДСМ тоа е само тема за собирање политички поени.

– Оваа инвестиција нуди и нови работни места, кои за СДСМ изгледа и не значат ништо. За нив најдобро би било кога работите би останале исто како во нивно време, да не се менуваат, бидејки нивната цел е манипулација на јавноста и ширење паника – рече Марковска.

На прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, со писмено соопштение се огласија од „Стентон градба“, од каде што тврдат дека рудникот за експлоатација на минерална суровина гранит на локалитетот Билбил камен нема штетно влијание врз здравјето на граѓаните, за што, како што велат, имаат потврда од соодветни испитувања, и ја повикуваат јавноста да се увери во тоа.

– Договорот за концесија на минерална суровина гранит од локалитетот Билбил камен од Министерството за економија е доделен преку соодветна документација, запазувајќи ја целосната законска процедура – велат од „Стентон градба“.

Концесијата за стопанисување со овој рудник е издадена на 30 години.

 


Компанијата „Минстрој холдинг“ ја доби концесијата за рудниците Злетово и Тораница


Скопје, 24 март, 2016 - 15:04 (META) 

Министерот за економија, Беким Незири, ја претстави најповолната понуда за доделување концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на олово и на цинк во рудниците Злетово и Тораница, која беше поднесена од страна на компанијата „Минстрој холдинг“ АД – Софија, Република Бугарија.

Според него, влезот на „Минстрој холдинг“, како лидер во рударството во овој дел од Европа, ќе овозможи отворање на нова страница во секторот за минерални суровини во Македонија.

Понудената вредност од страна на „Минстрој“ на електронската аукција, на која учествуваа три компании од вкупно 32 што подигнале документација од системот за електронска аукција, а пет поднеле понуди, изнесувала тројно повеќе од почетната сума, односно 2 милиони евра, а проценетата почетна инвестиција на „Минстрој“ ќе изнесува околу 10 милиони евра.

По комплетното завршување на постапката, односно кога одлуката за избор на најповолна понуда ќе стане конечна и ќе се потпише договорот за концесија, „Минстрој холдинг“ е подготвена веднаш да ги рестартира двата рудника и да инвестира во современа технологија.