Жбогар: Сакаме луѓето полесно да патуваат и да се овозможи економски развој


Велес, 23 мај, 2018 - 16:55 (META) 

Вицепремиерите Кочо Анѓушев, Бујар Османи, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и шефот на делегацијата на Европската унија во Македонија, Самуел Жбогар, извршија увид на реконструираните железнички станици во Велес и во Чашка, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“ со која се промовира поддршката од ЕУ за подобрување на инфраструктурата во земјата.

Во рамките на соработката, реновирани се 10 железнички станици лоцирани на паневропскиот железнички Коридор 10 и кракот 10-д, за што се наменети околу 2,5 милиони евра, од кои најголемиот дел или околу 2,1 милиони евра се средства од ИПА-програмата.

– Во тек е изградба на пруга со која Македонија се поврзува со Бугарија, каде што Европската унија обезбеди грант од 70 милиони евра како дел од средства за изградбата на делницата Бељаковце – Крива Паланка и дополнителни 60 милиони евра неповратни средства за третата делница Крива-Паланка – граница со Бугарија. Вкупната вредност на целиот проект за изградба на пруга кон Бугарија е околу 500 милиони евра, а поддршката од ЕУ е навистина значајна – нагласи Анѓушев.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Жбогар посочи дека инвестициите на Унијата не треба да се гледаат само низ призмата на изградена инфраструктура, туку дека тоа се инвестиции за граѓаните.

– Сакаме луѓето полесно да патуваат, лицата со хендикеп да имаат услови да патуваат со железница, патувањето да биде побезбедно и секако да се овозможи економски развој. Европска унија досега во транспортниот сектор има инвестирано околу 250 милиони евра, а добра вест е дека може да се очекува поддршка и во иднина, особено во железницата, која се смета за брза и поеколошка транспортна опција – подвлече Жбогар.


Донаторите и земјите од Западен Балкан се координираат во Брисел


Брисел, 13 март, 2018 - 14:07 (META) 

Координација на донаторите за Западен Балкан се одржува денеска во Брисел под покривителство на Регионалниот совет за соработка (РСС), на која се собрани сите поважни учесници во економскиот развој на регионот, вклучувајќи ги и претставниците на земјите, меѓу кои и Македонија.

„Состанокот претставува одлична можност земјите приматели на помош и донаторите да разменат информации за актуелните потреби, за недостатоците и можностите за финансирање, се со цел да се завршат преземените обврски и задачи“, изјави на отворањето генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан се целосно посветени на спроведување на Стратегијата Југоисточна Европа 2020 и Повеќегодишниот акционен план за остварување на Регионалниот економски простор.

Колин Волф, шефот на одделот за регионална соработка и програми за Западен Балкан при Генералната дирекција за политиката на добрососедство и проширување на Европската комисија, ја подвлече важноста од регионалната соработка која се одвива и под покровителство на РСС.

„Треба да се искористи моментот што е создаден за Западен Балкан со најновата стратегија на ЕУ за перспективите за проширување. Регионот треба да покаже дека може да работи заеднички за остварување на значителни резултати“, изјави Волф.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, исто така присуствува на овој состанок и зборуваше за приоритетите на Македонија, за интеграција во дигиталниот пазар на Европската Унија.

„МИОА во моментов работи во повеќе различни сфери со цел целосна дигитализација на земјата. За првпат во Македонија подготвуваме национален оперативен план за широкопојасен интернет. Конечно, Македонија ќе има стратегија за сајбер-безбедност, на што активно работиме периодов. Исто така, работиме на зголемување на бројот на е-услуги кои ќе бидат дел од првиот национален портал, со цел да се подобри и олесни животот на граѓаните“, информираше Манчевски.

Тој додаде дека за реализација на овие проекти од особено значење е поддршката на меѓународната заедница и донаторите.

На состанокот министерот информираше и за Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, што ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 април.


50 говорници и 400 делегати на самитот „Македонија 2025“


Скопје, 27 октомври, 2017 - 15:50 (META) 

Самитот „Македонија 2025“ на кој се најавени да учествуваат 50 врвни говорници од 25 земји, 400 делегати и 50 акредитирани медиумски претставници, ќе се одржи на 1 и 2 ноември.

На отворањето на настанот ќе се презентираат успешните економски модели на Сингапур и на Ерменија, преку излагањата на претседателот на одборот за економски развој во Сингапур, Суан Хианг Ли, и на партнерот во ерменско-руската фондација за економски развој, Пјер Гурџијан.

Потоа ќе се дискутира за можноста тие најдобри практики да се применат во Македонија.

Пред официјалниот почеток на самитот „Македонија 2025“, на 31 октомври, организаторот ќе им даде можност на младите иноватори да ги презентираат своите бизнис-идеи на натпреварот „Влези во кругот“ (Get in the Ring) каде жирито ќе додели награда во вредност од 1.500 долари за најдобриот средношколски тим.


Бизнисмените од дијаспората ќе помогнат во економскиот развој на Македонија


Њујорк, 19 септември, 2017 - 11:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, придружуван од шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и од министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, во Њујорк се сретна со претседателот на групата „Македонија 2025“, Роберт Арсов, познатиот бизнисмен од дијаспората, Џон Битов, како и со повеќемина други претставници на оваа група, соопшти владината прес-служба.

– Владата на Република Македонија се отвори кон сите кои можат да придонесат за економски напредок на државата. Дијаспората и конкретно активирањето на претставниците на групата „МК 2025“ во Македонија, ќе значи силен импулс за нови инвестиции во државата, особено зашто станува збор за почитувани и успешни бизнисмени на светско ниво – рекол Заев на средбата.

Претставниците на групата „МК 2025“, како што информираат од Владата, изразиле поддршка на реформските политики во кои гледаат реална можност за вклучување и за придонес на дијаспората за развој на економијата во Македонија.

Инаку, за денеска попладне предвидени се првите конкретни активности поврзани со 72. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, на кои ќе учествува и македонската делегација предводена од премиерот Заев.


УСАИД финансира 27 проекти за развој на економијата и на демократијата во Македонија


Штип, 16 мај, 2017 - 16:27 (META) 

Американската развојна агенција УСАИД во Македонија во моментот финансира вкупно 27 проекти, посветени на економскиот развој, демократијата и на развојот на општеството. Како и во изминатите 25 години, колку што УСАИД работи во Македонија, проектите се реализираат во блиска соработка со приватниот сектор, владата и со граѓанските организации.

Ова денеска во Штип, пред присутните во Американското катче, го објаснуваше Едвард Гонзалес, директор за генерален развој во УСАИД Македонија.

– УСАИД има прецизна цел – да ги поддржи развојните цели на Македонија. Едно од клучните нешта, за кое сите политичките партии изјавуваат дека се посветени, е приближувањето на Македонија кон Европската Унија. УСАИД е тука за да ја поддржи Македонија во сите тие напори да стане членка на ЕУ – рече Гонзалес.

Тој пред членовите на Американското катче објаснуваше што работи УСАИД во Македонија и информираше за актуелните и за поранешните проекти финансирани со американски пари.

Конкретно во Штип, УСАИД поддржува проекти што се посветени на работа со младите. Еден од нив е „Ангажирање на младите и општеството во различни проекти“, кој има цел да создаде врска меѓу граѓаните и локалната власт.


Европски грант за дигитализација на културното наследство во Охрид


Охрид, 16 март, 2017 - 15:47 (META) 

Охрид е еден од четирите града на Балканот под патронат на УНЕСКО, кој доби нов европски грант од првиот повик на програмата на Европската Унија, „Интеррег Балкан – Медитеран“ 2014-2020 (Interreg Balkan- Mediterranean), во висина од 169.000 евра за европскиот партнерски проект „Е-систем за управување со интер-регионалното културно наследство“ (Inter Regional Cultural Heritage Management e-System – IRC- HERMES).

Со овој проект ќе се изврши дигитализација на културното наследство. Покрај документирањето и дигитализацијата, овој проект ќе опфати и заштита и промоција на културното наследство.

Покрај Охрид, средства добија и Крф и Самос од Грција, како и Ѓирокастро од Албанија.

За проектот аплицираше и ќе го реализира секторот за туризам и локален економски развој, при Општина Охрид.


Пролонгирање на работата на СЈО ќе ја продолжи и политичката криза, смета Груевски


Штип, 2 декември, 2016 - 21:46 (META) 

Тој што бара да се пролонгира работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се залага за пролонгирање на политичката криза и нема добри намери за државата, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот на Коалицијата за подобра Македонија во Штип.

– Потребно е победата да биде силна за да не може никој да ја пролонгира политичката криза и хаосот во Македонија. Единствена гаранција дека политичката криза ќе заврши на 11 декември се 63 пратенички места за ВМРО-ДПМНЕ и за Коалицијата за подобра Македонија – истакна Груевски.

Тој додаде дека потоа Македонија ќе добие стабилна влада и политичка атмосфера за да се остварат целите на коалицијата, а тоа се економски развој на државата и членство во евроатлантските структури.

На митингот се обрати и унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој утринава се сретна и со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.

Тој на митингот порача Македонците да не попуштаат при обидите за надворешно мешање во државата, како што Унгарците биле борци и не попуштиле под надворешните притисоци пред неколку години.

Сијарто истакна дека според сработеното, Македонија досега требала да биде примена во НАТО, но и да ги почне пристапните преговори за влез во Европската Унија.


Мерење на прогресот на економскиот развој на самитот на „Македонија 2025“ во Скопје


Скопје, 17 октомври, 2016 - 15:36 (META) 

Невладината и независна организација за промовирање на бизнис-потенцијалите на нашата земја „Македонија 2025“ го одржува самитот на кој ќе учествуваат водечки интернационални експерти од светот на бизнисот, науката и на технологијата на 20 и 21 октомври.

Ова е петти самит во организација на „Македонија 2025“, а целта на овие настани е да стимулираат напредно размислување во поглед на бизнисот, меѓународната деловна соработка, иновациите и примената на технологијата кон одржлив економски развој.

Фокусот на годинешниот самит е запознавање со новите насоки на водење бизнис низ светот, со особено внимание на обновливите извори на енергија и иновациите кои овозможуваат одржлив развој, а кои веќе се применуваат во многу земји во светот.


Измени во законот за сместувачки капацитети


Охрид, 13 октомври, 2016 - 12:16 (META) 

Предлогот за измени и за дополнувања на законските решенија за сместувачките капацитети, предизвикаа интерес и внимание меѓу охридските хотелиери и издавачите на соби.

Со новите решенија, капацитетите на физички лица што издаваат соби или апартмани треба да имаат најмногу пет соби во еден објект, а доколку располагаат со повеќе од пет соби, мора да се регистрираат како правни лица и да се категоризираат соодветно.

Овие лица побараа јавна расправа за разгледување на можноста и давање предлози и сугестии во врска со предложената измена.

На тоа се одзва секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид, кој денеска засегнатите страни и надлежните институци ги собра во големата сала во Општината, на организирана јавна расправа во врска со предлозите за измени и за дополнувања на законските решенија за сместувачките капацитети.