!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Состојбата во економијата се подобрува, оцени Народна банка


Скопје, 9 август, 2017 - 14:26 (META) 

По стагнацијата на економската активност во првото тримесечје, показателите за вториот квартал од годинава упатуваат на подобрување на состојбата на економијата, било заклучено на редовната седница на комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка.

„Оваа констатација е поддржана од порастот на индустриското приозводство, по неговото намалување во првото тримесечје, забавувањето на падот на градежната активност, како и по забрзувањето на порастот во трговијата“, се вели во соопштението на Народна банка.

Домашниот бруто-производ се очекува да биде 2,5 проценти за 2017 година поради пониските остварувања во првото тримесечје.


Економскиот тим во Министерството за финансии се сретна со амбасадорот Бејли


Скопје, 12 јуни, 2017 - 17:15 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, заедно со својот економски тим, се сретнал со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, информираат од Министерството.

Тевдовски на средбата истакнал дека активно ќе работат на реформи што ќе значат подобро управување на јавните финансии во Македонија, што ќе резултира со зголемување на економскиот пораст и со подобрување на животниот стандард на граѓаните.

На средбата соговорниците размениле мислења и за глобалните предизвици.


Пазарната вредност на обврзниците е намалена за 337 милијарди долари по победата на Тамп


Вашингтон, 10 ноември, 2016 - 15:44 (META) 

Вкупната пазарна вредност на обврзниците во светот е намалена за 337 милијарди долари за само еден ден, поради победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.

Оваа победа ја зголеми загриженоста на инвеститорите дека неговиот план за поттикнување на економски пораст ќе доведе до зголемување на инфлацијата, јавува „Блумберг“.

И американската банка „Бенк оф Америка Мерил Линч“ потврди дека се намали пазарната вредност на глобалните обврзници за овие два дена.


НБРМ ги намали проекциите за порастот на економијата


Скопје, 12 ноември, 2015 - 14:33 (META) 

Народната банка ги намали проекциите за пораст на економијата за оваа година на 3,2 проценти, соопшти денеска гувернерот на НБРМ, Димитар Богов. Во април годинава проекцијата за порастот на економијата изнесуваше 4,1 отсто.

За наредните две години се очекуваат 3,5 отсто, односно 4 проценти пораст, чијшто двигател ќе бидат инвестициите и извозот.

Надолната ревизија на порастот се должи на двата шока што годинава се случија во државата, политичката криза и случувањата во Куманово, но и на лошите изгледи на економијата од надворешното опкружување, поточно грчката економска криза.

– Има остварен пораст кај сите компоненти, кај инвестициите, личната и кај јавна потрошувачка, но е понизок од очекуваното во април. Тоа се должи на двата силни шока, кои го забавија порастот на сите компоненти од домашниот бруто-производ – изјави Богов.

Порастот во 2015 година ќе произлегува главно од извозот, но и од домашната побарувачка.

– Новите извозни капацитети и понатаму се двигател на порастот, а се очекува и закрепнување на извозот на традиционалниот извозен сектор во 2016 година и постепено закрепнување на странската побарувачка – додаде Богов.

Позитивниот тренд на порастот на економијата, според ревизијата на макроекономските проекции, се должи на државниот инвестициски стимул, позитивините ефекти од постоечките и новите капацитети ориентирани кон извоз, поволните движења на пазарот на трудот и солидната кредитна поддршка.

Инфлацијата за 2015 година изнесува 0 проценти, како резултат на надолните ревизии на цените на нафтата и на храната. За 2017 година се очекува стапка на инфлација од 1,6 отсто во услови на пораст на цените на храната, енергијата и на странската ефективна инфлација.

На тековната сметка во 2015 година има помал дефицит во однос на априлските проекции од ефектот од ниските цени на суровата нафта.

Странската ефективна побарувачка во 2015 година е во согласност со априлските проекции. Направена е надолна ревизија на очекувања за странска побарувачка за 2016 година во однос на претходната проекција, пред сè, поради послабите прогнози за економијата во Грција.

За годинава се оценува забавување на депозитниот пораст и негово сведување на околу 4 проценти под влијание на неизвесноста и на политичките ризици. За следните две години се очекува забрзување на порастот и достигнување на 6,8 проценти и на 9,1 отсто годишно.

Кредитниот пораст во 2015 е солиден и се проценува на 7,7 проценти, а во следните две години се очекува дека ќе се задржи на нивото од 7 до 8 проценти годишно.