Заев ќе учествува на Светскиот економски форум во Давос на 25 и 26 јануари


Скопје, 12 јануари, 2018 - 11:57 (META) 

Премиерот, Зоран Заев и владина делегација ќе учествуваат на Светскиот економски форум кој се одржува во Давос, Швајцарија на 25 и 26 јануари.

Проектите и програмските иницијативи кои ќе бидат презентирани на 48-от годишен состанок на Светскиот економски форум се на темa „Креирање на заедничка иднина во поделениот свет“.

Светскиот економски форум е меѓународна организација која што на светско ниво работи за воспоставување на модел на корпоративно управување, во кој вредностите се почитуваат еднакво како и правилата.

На овој форум, Македонија последен пат беше претставена во 2003 година.


Груевски на економски форум во Тирана


Тирана, 28 мај, 2015 - 10:21 (META) 

Премиерот Никола Груевски, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, ќе учествува на сесијата на Виенскиот економски форум, која се одржува во Тирана.

Темата на актуелниот Виенски економски форум е „Од Берлин до Виена – враќање на геополитичката сигурност за Западниот Балкан“.

Македонскиот премиер Никола Груевски ќе има обраќање на форумот, во кое се очекува да говори за стратешките цели и интереси на државата, иницијативите за зајакнување на односите и меѓусебната соработка на државите, како и за напорите за зацврстување на економијата како сигурен начин за напредок и за остварување на зацртаните цели.

Виенскиот економски форум е формиран во 2004 година, како форма на соработка иницирана и поддржана од австриската влада за промоција на економската соработка и на инвестициите, како и зајакнување на односите и на врските меѓу Европа и земјите од Западен Балкан.