!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов – Иваниќ: Македонија и БИХ треба да ја интензивираат економската соработка


Скопје, 20 април, 2017 - 13:56 (META) 

Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина (БИХ) се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка, на која мора да се работи во следниот период. Ова е задничката оценка на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум што се одржа во Скопје.

Иванов и Иваниќ посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската сораборка и изразија подготвеност за создавање правна рамка за зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Македонскиот претседател посочи дека статистичките податоци, кои покажуваат дека БИХ е дури 20-ти трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари, не соодветствуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

Во насока на продлабочување на економската соработка, Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и на компаниите од Босна и Херцеговина.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и на председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.


Иранскиот претседател во посета на Москва


Москва, 28 март, 2017 - 12:43 (META) 

Претседателот на Иран, Хасан Рохани, денеска во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а глвна тема на разговорите, според најавите, треба да бидат војната во Сирија и економската соработка, јавуваат светските агенции.

Рохани, кој во својата прва посета на Москва пристигна вчеравечер, веќе имаше средба со рускиот премиер, Дмитриј Медведев. По состанокот тој изразил надеж дека неговата посета на Москва ќе биде пресвртница во билатераните односни меѓу двете земји.

Претседателите на Русија и на Иран, кои се главни сојузници на властите во Дамаск, ќе разговраат за регионалните прашања, особено за кризата во Сирија и за можните решенија за нејзино што брзо завршување, изјавил портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Бахрам Гасеми, во пресрет на посетата.

Тој истакнал дека Путин и Рохани ќе разговараат и за борбата против тероризмот и екстремизмот.

Претседателот на Иран, кој во Москва пристигнал со министерот за надворешни работи и министерот за нафта, ќе потпише десетина договори за економска соработка меѓу двете земји.


Ципрас утре во дводневна посета на Белград


Грчкиот премиер Алексис Ципрас утре ќе ја посети Србија и во фокусот на дводневната посета ќе биде зајакнување на билатералната, пред сè, економска соработка.

Ципрас во Белград ќе разговара со српскиот премиер, Александар Вучиќ, и со членовите на владата и ќе учествува на работен форум помеѓу Србија и Грција.

Пред посетата, тој изразил очекувања дека покрај интензивниот политички дијалог, ќе има и нов поттик за зајакнување на економската соработка, за што, како што оцени, има доста простор.

Покрај за економска соработка, грчкиот и српски премиер ќе разговараат и за приближување на Србија кон ЕУ и за ситуацијата во регионот.

Во интервју за денешна „Политика“, Ципрас изјави дека Грција ќе продолжи да ја поддржува Србија кон европскиот пат и ја гледа како клучна земја за Балканот.

Зборувајќи за соседите, изјави дека Грција има конкретни и цврсти надворешно-политички ставови при што активно се заложува за мир и за соработка, но истовремено непоколебливо ги чува своите суверени права врз основа на меѓународното право.

Една од темите на разговор би можеле да бидат и односите со Скопје.

За разлика од Грција, Србија ја призна Македонија под нејзино уставно име, но министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, на почетокот на годината во интервју за агенцијата „Бета“ изјави дека Белград погрешил со таа одлука бидејќи ја налутил Грција, која, за разлика од Македонија, не ја признала независноста на Косово, а не го поддржала ниту влезот на Косово во УНЕСКО.

Ова е прва посета на Ципрас на Србија откако е избран за премиер, а во Белград бил во декември 2014 година како лидер на СИРИЗА, тогаш најголемата опозициска партија.

Грчки премиер кој последен ја посетил Србија беше Јоргос Папандреу на почетокот на јануари 2010 година.


Азески – Чадеж: Економијата да биде пред политиката помеѓу Македонија и Србија


Скопје, 24 јануари, 2017 - 12:59 (META) 

Економската соработка помеѓу Македонија и Србија треба да биде пред политиката, истакнаа претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во текот на последната работна средба, која се одржа во Скопје.

Од Стопанска комора на Македонија информираа дека тие апелирале до владите на двете земји да направат сè што е потребно да не се нарушат добрососедските односи.

– Негувањето на добрите политички односи е услов да се отстранат другите пречки за зголемување на билатералната трговска размена, како и меѓусебните инвестициони активности – било истакнато на средбата.

Последните пет години обемот на трговската размена помеѓу Македонија и Србија преминува 600 милиони евра годишно, со тенденции за понатамошно зголемување.

– Ефикасната соработка во областа на градежништвото и на индустријата за градежни материјали помеѓу сите стопански комори од регионот на Западен Балкан ќе придонесе за заедничка реализација на конкретни проекти и заеднички настап на трети пазари – беше заклучено на средбата.


Русија побара објаснување од Швајцарија зошто нејзин авион ја следел руската делегација


Москва, 19 ноември, 2016 - 16:40 (META) 

Русија побара објаснување од Швајцарија, откако воени авиони со швајцарски ознаки неколку минути го следеле авионот со руска делегација во воздушниот простор на таа земја.

– Изразивме недоверба и побаравме објаснување од швајцарската страна поради инцидентот со рускиот владин авион на небото над Швајцарија – се наведува во соопштението на руската амбасада во Швајцарија објавено на „Твитер“.

Вчера, воени авиени со швајцарско знаме го следеле авионот со руска делегација на небезбедно растојание.

Во авионот се наоѓале членови на руската делегација, меѓу кои и шефот на Федералната служба за воено-техничка соработка, Александар Формин, како и новинари кои патувале кон Перу на самит на Азиско-пацифичка економска соработка.


Иванов – Николиќ: Во регионот има премногу историја, но не треба да живееме во минатото


Белград, 28 октомври, 2016 - 15:07 (META) 

Македонија и Србија од воспоставувањето на дипломатските односи успеаја да изградат искрени и пријателски односи и заеднички интерес на двете земји е да продолжат да ја унапредуваат соработката, изјави македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, по средбата со својот домаќин, претседателот на Србија, Томислав Николиќ.

Иванов рече дека „во регионот има премногу историја и многу историски настани и личности кои треба да бидат одбележани“, но дека не треба да се живее во минатото.

– Треба заемно да се почитуваме и да учиме од историјата, но не и да живееме во минатото… Не можеме да ја менуваме историјата, но можеме да влијаеме на иднината – изјави Иванов.

Македонскиот претседател нагласи дека меѓу Србија и Македонија нема отворени прашања, но дека двете земји имаат различни видувања за некои прашања, што „не треба да биде пречка за соработка во другите области“.

Тој наведе дека заеднички интерес на Македонија и на Србија е да ја унапредуваат соработката во сите области и дека на средбата со претседателот на Србија особен акцент ставил на зајакнување на економската соработка и на вложувањето во инфраструктурните проекти, како што би бил проектот за поврзување на реките Морава и Вардар со Егејското Море.

Српскиот претседател по разговорот оцени дека политичките односи меѓу Србија и Македонија се многу добри и дека двете земји „во периодот преполн со различни предизвици покажале дека преку соработка и разговор можат да се спречат и надминат сите тешкотии“.

Николиќ изјави дека „нема стабилна Србија без стабилна Македонија“ и дека „Србија секогаш ќе биде потпора за својот јужен сосед и пријател“.

Српскиот претседател го замоли својот колега од Македонија принципиелно да ја поддржи Србија и да гласа против приемот на Косово во УНЕСКО.

Тој рече дека е уверен оти претстојните парламетарни избори во Македонија ќе бидат одржани во согласност со меѓународните стандарди и дека новата македонска влада ќе направи сè за зачувување на стабилноста во регионот и за понатамошно унапредување на добрите односи со Србија.

Македонскиот претседател е во посета на Србија по повод одбележувањето на 70-годишнината од доселувањето на Македонците во Војводина. Николиќ, кој заедно со Иванов ќе присуствува на централната свеченост в недела во Панчево, рече дека македонското малцинство во Србија и српското малцинство во Македонија „се вистинскиот и најважен мост за соработка“.

Иванов во Белград ќе се сретне и со српскиот премиер Александар Вучиќ, а денеска попладне со Николиќ ќе го отворат македонско-српскиот бизнис-форум.