!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Либански компании презентирале проекти за енергетиката и за туризмот


Скопје, 22 јуни, 2017 - 13:36 (META) 

Претставници на либански компании во Македонија, на средбата со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, презентирале неколку потенцијални инвестициски проекти од енергетиката, со посебен фокус на обновливите извори на енергија, туризмот, лесната индустрија и од областа на мултимедијално рекламирање.

„Владата е отворена за странски инвестиции, добродојдени се нови инвеститори кои ќе донесат иновации, современи технологии и производи со повисока додадена вредност, а секој проект ќе биде вреднуван и од аспект на тоа какво влијание ќе има врз економијата“, истакнал Анѓушев.

Македонско-либанските деловни релации се интензивираа пред околу две години, додека Либанско-македонскиот бизнис-совет е воспоставен минатата година.


Финансиските пазари позитивно гледаат на политичката стабилизација во Македонија


Скопје, 21 јуни, 2017 - 15:04 (META) 

Пазарите позитивно ја перципираат стабилизацијата на политичката состојба во Македонија и перспективите за македонската економија, информираат од Министерство за финансии.

Оттаму велат дека показател за тоа е намалувањето на стапката на принос на македонските еврообврзници кои се тргуваат на меѓународните финансиски пазари.

„Од средината на мај, приносите на сите три еврообврзници бележат постојано намалување.Така, стапката на принос на последната еврообврзница што доспева во 2023 година, до средината на мај постојано беше над 4,5 проценти, а денеска е сведена на 3,9 проценти, што е историски најниско ниво за оваа еврообврзница“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.


Богов: Жалам ако впечатокот бил дека како гувернер не сум бил доволно јасен и гласен


Скопје, 20 јуни, 2017 - 16:25 (META) 

„Доколку се стабилизираат политичката состојба и неизвесноста околу евроинтеграциите, во наредните две години може да дојде до значајно раздвижување на економијата во однос на инвестициите и граѓаните ќе можат да го почувствуваат бенефитот од нив“, рече гувернерот Димитар Богов пред членовите на Комисија за финансирање и буџет која денеска го разгледуваше годишниот извештај на работењето на Народна банка.

Пратениците на Богов му забележаа дека Народната банка, како институција, можела да даде многу поголем придонес за решавање на одредени кризни ситуации во економијата.

– Со Вашето однесување и со Вашата недоволна гласност кон одредени економски појави, придонесовте да има уште многу помали шпекулации од таа со девалвацијата на денарот. Поради нејасноста на долгот, беа одвраќани инвеститори. Требаше јасно да кажете колкаво е нивото на задолженост на земјата. Каде беше и Вашиот коментар за еврообврзницата? – забележа претникот на СДСМ, Сашо Поцков.

Богов одговори дека жали што е таков впечатокот и дека како гувернер, секогаш настапувал независно и транспарентно.

– За дејствувањето изминатите две години, НБРМ прва кажа дека политичката нестабилност ќе има последици за економскиот пораст. Секогаш сме ги кажувале јасно работите, а јас сум можеби единствениот гувернер кој зборувал за фискалната политика – рече Богов.

Во однос на еврообврзницата, тој кажа дека не ја издава гувернерот, туку се издава со владина одлука. За неговото присуство на т.н. „роуд-шоуа“, рече дека таму бил за да даде попрецизни информации кои инвеститорите ги бараат за државата.

– Инвестициите во последните години го зголемија процентот на извоз. Педесет отсто од извозот се должи токму на овие инвестиции – појасни Богов.

На првата седница на Комисијата за финансирање и буџет, се разгледуваше и извештајот за работењето на Државниот завод за ревизија во 2016 година.


Автопатот што ги поврзува Македонија и Косово треба да се пушти во октомври


Скопје, 14 јуни, 2017 - 14:27 (META) 

Автопатот „Арбен Џафери“, кој ги поврзува Косово и Македонија, се очекува да биде пуштен во употреба во октомври, информирал амбасадорот на Косово во Македонија, Илбер Хиса на средбата со министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши и Хиса разговарале за политичката и за економската состојба во двете земји, како и за потребата од проширување на меѓусебната трговска соработка.


СДСМ: За зајакнување на економијата, украдените пари ќе се враќаат во буџетот


Скопје, 11 јуни, 2017 - 12:26 (META) 

„Граѓаните ќе дознаат и ќе видат какви злоупотреби се правени и за каков луксуз се трошени нивните пари во изминатите 11 години што предизвика 500.000 граѓани, заради таквото расипничко однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, да живеат под прагот на сиромаштијата“, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека тоа е најголемиот страв на криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски.

„Украдените пари ќе се враќаат во буџетот и тоа е еден од начините како ќе се зајакнува економијата и како ќе се отвораат реални работни мести. Заврши времето кога иселувањето на младите, бришењето на невработените од евиденција и нарачаните бројки од контролирани институции, ВМРО-ДПМНЕ можеше да го прикажува како намалување на невработеноста“, велат од СДСМ.


Надлежните институции ќе изработат Програмa на економски реформи


Скопје, 9 јуни, 2017 - 12:38 (META) 

Министерството за финансии го отвора процесот за изработка на Програма на економски реформи, за периодот од 2018 до 2020 година.

„Овој документ ќе претставува основа за клучните реформски процеси на Владата кои дополнително ќе го интензивираат нашиот дијалог со ЕУ“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски на иницијалниот состанок на кој учествуваа и претставници од Директоратот за соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија и од ОБСЕ.

Тевдовски додаде дека Програмата за економски реформи е документ кој е замислен да претставува заеднички резултат на сите важни чинители во општеството.

„Во соработка со Владата и надлежните министерства и институции, посветено ќе работиме на интегративните процеси во Македонија ставајќи посебен акцент на имплементирање на заклучоците од економско-финансискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција каде фокусот е на управувањето со јавните финансии, зајакнување на активните мерки за вработување со посебен акцент на младите, долгорочно невработените и лицата со ниски вештини“, изјави Тевдовски.


Форум во Белград: Македонија да спроведе реформи во управувањето со јавни финансии


Скопје, 8 јуни, 2017 - 16:16 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, и министерот за економија на Албанија, Милва Економи, го отворија „Форумот за унапредување на инвестициската клима меѓу ЕУ и Западен Балкан“, во организација на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија.

На првата панел-сесија, Хан и Арсовска дискутираа за неопходноста од структурните реформи за подобрување на инвестициската клима, регионалната економска интеграција, како и за приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ.

Еврокомесарот Хан во своето обраќање истакна дека условот за креирање, имплементација и за следење на структурните реформи не се дополнителна пречка за земјите на нивниот пат кон членство во ЕУ.

Од заклучоците за економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ, државите од Западниот Балкан и Турција, произлезе потребата Македонија да усвои сеопфатна и веродостојна програма за реформи во управувањето со јавните финансии, како и да ја намали употребата на постапката за итност во законодавството за да се обезбедат соодветни и систематски консултации со засегнатите страни.


Тевдовски: Буџетот е тенок, но има пари за плати и за пензии


Скопје, 8 јуни, 2017 - 14:44 (META) 

На сметката на буџетот заклучно со 31 мај има 6,5 милиони евра, а на девизната сметка 209 милиони евра, пари од еврообврзницата, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека во буџетот има доволно пари за сервисирање на тековните трошоци и за исплата на плати и на пензии. Парите од еврообврзницата, пак, ќе се користат за враќање на долговите до крајот на годината.

Тевдовски информираше дека секторот за буџет во Министерство за финансии веќе работи на подготовка за ребаланс на буџетот, кој можеби ќе се случи и порано од септември.

„Со ребалансот на буџетот сакаме да ги исчистиме неефикасните трошења, да видиме колку простор останува за да воведеме некои од мерките што се предвидени со програмата на Владата, како што е зголемување на минималната плата. Во јули веќе ќе треба да се почне и со проекциите за буџетот во 2018 година, во кој ќе бидат имплементирани најголем дел од економските мерки“, изјави Тевдовски.

Во однос на долгот на државата кон буџетските корисници, јавните претпријатија, јавните здравствени установи, институции и општините, Тевдовски додаде дека до сите нив се испратени барања за да ги достават потребните податоци, за да се види колку точно изнесуваат доспеаните неплатени побарувања. Тој податок треба да се има на истекот од првите 100 дена од работењето на Владата.

Јавниот долг, според министерот за финансиии, изнесува повеќе од 50 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).

Прва поголема сума за враќање на кредит има во јануари следната година (90 милиони евра), но според Тевдовски, покритични се 2020 и 2021 година, кога треба да се враќа повеќе од една милијарда евра.

– Во стопанството има вишок ликвидни средства од 250 милиони евра кои се замрзнати. Една од опциите е да ги користиме овие пари, бидејќи граѓаните би плаќале помала камата. На средбата со гувернерот Димитар Богов разговаравме и за оваа опција на користење на овие евтини пари, чијашто камата би била помала од процентот на пораст на економијата. Затоа, кога ќе носиме одлуки, треба да гледаме долгорочно и да мислиме на долгот што треба да го враќаме за две-три години – додаде Тевдовски.

Во однос на даноците, ќе има зголемување на персоналниот данок, додека трошоците за придонеси на фирмите нема да се зголемат, а нема да има зголемување ни на данокот на додадена вредност (ДДВ).

Тевдовски информираше дека за една недела исплатиле поврат на ДДВ од две милијарди денари, што е половина од сумата исплатена во првите четири месеци од годината. Според него, со редовното враќање на овие средства ќе се раздвижи економијата и компаниите ќе почнат да размислуваат за инвестиции.

Тевдовски не најави намалување на платата на административците туку, напротив, ниската плата ја посочи како проблем поради кој во некои важни сектори, како на пример во Министерство за финансии, недостигаат кадри, како квалитетни ИТ-инженери.

На прашањето кој ќе биде прв човек на Управата за јавни приходи, Тевдовски кажа дека тоа сè уште се дискутира помеѓу коалициските партнери.


Денеска Владата одржува нова седница


Скопје, 6 јуни, 2017 - 12:08 (META) 

Втората седница на Владата почна во 12 часот. Се очекува и на оваа седница да се расправа за кадровските решенија во министерствата и во институциите.

Владата вчера на првата седница ги формираше работните тела и комисии. Премиерот Зоран Заев за вицепремиери ги именуваше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска-Јанковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како и министрите без ресор Бујар Османи, Кочо Анѓушев и Хазби Лика.

За нов генерален секретар на Владата беше назначен професорот Драги Рашковски.


Светска банка предвидува пораст на македонската економија за 2,8 проценти


Вашингтон, 5 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Според најновата прогноза на Светската банка, македонската економија годинава ќе има пораст од 2,8 проценти, следната 3,3 и во 2019 година – 3,8 проценти.

Во најновиот извештај на Светската банка за регионот, најголем пораст на економијата се предвидува за Косово со 3,9 проценти, Албанија се прогнозира дека ќе има економски пораст од 3,5 проценти, БИХ – 3,2 проценти, Црна Гора – 3,3 проценти, Србија – 3 проценти и Хрватска – 2,9 отсто.

Прогнозата на Светска банка е слична со априлската проекција на Народна банка, која ја ревидираше октомвриската проекција за порастот на домашниот бруто-производ (БДП) од 3,5 на 2,5 проценти.

Оваа корекција, според објаснувањето на НБРМ, беше направена поради политичката криза, која продолжи и на почетокот на 2017 година, иако при октомвриската прогноза се сметаше дека таа набргу ќе заврши.