!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Коце Трајановски вети 20 електрични автобуси


Скопје, 3 октомври, 2017 - 14:46 (META) 

Актуелниот градоначалник на град Скопје и кандидат за оваа функција на престојаните локални избори, Коце Трајановски, денеска на прес-конференција најави дека доколку повторно ја добие функцијата, ќе набави 20 нови двојни електрични автобуси што не го загадуваат воздухот.

– Предвидуваме неколку мерки за модернизација на возилата на сите кои учествуваат во системот на јавниот сообраќаен превоз во Скопје. Првата мерка е набавка на 20 нови двојни (хармоника) електрични автобуси, кои се еколошки и не го загадуваат воздухот. Со втората мерка, првпат ќе ги вклучиме и приватните превозници во автобускиот сообраќај и ќе доделуваме до 10.000 евра за купување автобуси со стандард „еуро 5“ и „еуро 6“ или за поставување уреди на гас во автобусите. Со третата мерка ги опфаќаме и автотакси-превозниците во Скопје, на кои ќе им доделуваме субвенции во износ до 3.000 евра за купување електрични возила – рече Трајановски.

Тој додаде дека со реализацијата на овие проекти ќе се добие нов модерен јавен превоз, кој е еколошки и не го загадува воздухот, а со тоа и директно ќе се влијае во насока на намалување на загадувањето на воздухот.


Скопјани денеска ќе протестираат за чист воздух


Скопје, 21 септември, 2017 - 11:41 (META) 

Коалицијата О2 за чист воздух и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска ќе го одбележат светскиот ден на мирот (21 септември) со мирен марш за право на чист воздух.

Маршот, како што е најавено, ќе почне пред Владата во 17 часот, по што ќе продолжи по булеварот Илинден, а на булеварот 8 Септември, граѓаните ќе се спојат со здруженијата од Карпош, кои претходно ќе одржат протест пред Општина Карпош.

Здруженијата велат дека проблемот со загадениот воздух сериозно треба да го сфатат како централната, така и локалната власт и бараат нивните предлог-мерки да бидат вградени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

– На прагот на зимата сме, сите вредности за загаден воздух ќе скокнат драматично, а потоа ќе биде предоцна да реагираме. Последиците се чувствуваат во сите поголеми градови, во Скопје, Тетово, Битола. Срамно е за државата, од 10 најзагадени градови во Европа три да се во Македонија – вели Ели Пешева од Коалицијата О2.

Како причинители за загадувањето здруженијата ги наведуваат работата на индустриските капацитети без филтри и непочитување на пропишаните законски процедури, намалување на урбаното зеленило, лошото управување со отпадот.

Тие велат дека новата Влада покажала интерес за решавање на оваа проблематика.


Светскиот ден на мирот утре граѓаните ќе го одбележат со протест за чист воздух


Скопје, 20 септември, 2017 - 12:55 (META) 

Светскиот ден на мирот (21 септември), Коалицијата О2 за чист воздух и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ ќе го одбележат со мирен марш за право на чист воздух.

Маршот ќе почне пред Владата со почеток во 17 часот, ќе продолжи по булеварот Илинденска и на булеварот 8 Септември, граѓаните ќе се спојат со здруженијата од Карпош, кои претходно ќе одржат протест пред Општина Карпош.

Здруженијата порачаа дека проблемот со загадениот воздух сериозно треба да го сфатат како централната, така и локалната власт. Тие ќе бараат нивните предлог-мерки да бидат вградени во изборните програми на кандидатите за градоначалници.

– На прагот на зимата сме, сите вредности за загаден воздух ќе скокнат драматично, а потоа ќе биде предоцна да реагираме. Последиците се чувствуваат во сите поголеми градови, во Скопје, Тетово, Битола. Срамно е за државата, од 10 најзагадени градови во Европа три да се во Македонија. Се зголемува бројот на заболени деца и на возрасни, но и на смртни случаи како последица на загадениот воздух – вели Ели Пешева од Коалицијата О2.

Меѓу мерките што здруженијата ги предлагаат е и усогласување на регулативата со меѓународната. Исто така, бараат одговорност за загадувачите, зголемување на свесноста на граѓаните, здрави животни навики, алтернативни решенија за чист воздух, санација на критични извори на загадување, кои иако не работат, загадуваат, како ОХИС и Топилница во Велес. За РЕК Битола бараат затворен систем на отпрашување, а посочуваат дека индустриските капацитети треба да се градат најмалку 10 километри надвор од населените места.

Како причинители за загадувањето ги наведуваат работата на индустриските капацитети без филтри и непочитување на пропишаните законски процедури, намалување на урбаното зеленило, лошото управување со отпадот.

Предлог-мерките кои се итни, среднорочни и долгорочни тие ги доставиле до Министерство за животна средина и до Владата, а ќе ги достават и до кандидатите за градоначалници.

– Долг и бавен е процесот за менување на свеста. Ако сега се почне, резултати ќе има за пет години. Потребна е соработка со локалната и со централната власт. Без оглед на разликите, чистиот воздух и здравата животна средина се прашање на здравје и од заеднички интерес за сите – додава Пешева.

Драги Змијанац од „Меѓаши“ изјави дека децата се ранлива група, така што сè поголем е бројот на оние со респираторни заболувања.

Тој додаде дека утре основните и средните училишта ќе се вклучат во акцијата за подигнување на еколошката свест кај децата.

Граѓанските здруженија велат дека новата влада покажала интерес за решавање на оваа проблематика.


На владина седница ќе се расправа за дислокацијата на тетовската депонија


Скопје, 30 јуни, 2017 - 18:00 (META) 

Се работи на решение за дислокација на депонијата во Тетово и тоа прашање наскоро ќе се најде на владина седница. Што се однесува до комбинатот „Југохром“,  прашањето ќе се решава со писмени гаранции за преземени обврски од сите засегнати страни.

Тоа премиерот Зоран Заев на денешната средба, на која биле и вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, им го соопштил на претставници од невладината организација „Еко-герила“ од Тетово, соопшти Владата.

Заев, зборувајќи за „Југохром“, кој сега не работи поради ненавременото решавање на проблемот со загадувањето, односно непоставување филтри, рекол дека при наоѓање решение ќе се земаат земаат предвид и еколошките и егзистенцијалните потреби на граѓаните.

Досега веќе е разговарано со претставници на синдикатот на вработените во фабриката „Југохром“, како и со менаџментот.


Активистите собра 2.213 потписи за референдум во Валандово, се закануваат со блокади


Валандово, 9 јуни, 2017 - 13:26 (META) 

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ извести дека ги собрала потребните потписи за распишување на референдум на локално ниво во општина Валандово и денеска, во име на сите 2.213 потпишани граѓани на Општина Валандово, до Советот на општина Валандово ќе поднесе предлог за распишување референдум. На ова изјаснување, граѓаните ќе треба да кажат дали се за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол” и дали се за или против изградба на рудници на металични суровини на територија на Општина Валандово сега и во иднина.

„Спас за Валандово“ ќе побара, согласно законските рокови и Статутот на општината, референдумот да се одржи за точно еден месец, односно на 9 јули, и очекува до понеделник, 12 јуни, Советот на општината да донесе одлука за одржување на референдумот. Во спротивно, ќе се организираат протести и блокади на патиштата.

„Доколку градоначалникот на општина Валандово, претседателот на Советот и Советот на општина Валандово не ги донесат горенаведените одлуки заклучно со 12 јуни 2017, како граѓани на Општина Валандово сплотени во граѓанската иницијатива Спас за Валандово, почнувајќи од 13 јуни ќе пристапиме кон радикални чекори користејќи ги сите демократски облици за изразување незадоволство: секојдневни блокади и протести на крстосница Валандово-Пирава-Марвинци, сè додека нашите барања не бидат исполнети од страна на Советот на општина Валандово“, порачуваа граѓанските активисти.


Еколозите бараат Шар Планина да стане национален парк за да се спаси од уништување


Тетово, 11 мај, 2017 - 16:44 (META) 

Шар Планина што поскоро да се прогласи за национален парк, зашто само на тој начин ова подрачје ќе се заштити од уништувањето на биодиверзитетот, истакнаа учесниците на завршната конференција на проектот „Предизвици за заштита на природата на Шара во идното прекугранично заштитено подрачје Шара, Кораб, Шари“.

– Сведоци сме дека има неконтролиран незаконски лов, а најопасно е неконтролираното градење на Шара, дури и во високите предели. Затоа бараме што поскоро да се заштити ова подрачје. На тој начин ќе има поголема контрола на овој масив, кој, за жал, сега се уништува – изјави проф. д-р Љупчо Меловски од Македонското еколошко друштво.

Со заштита на шарпланинскиот масив и локалното население ќе има големи придобивки.

– Има тука разни плодови, боровинки, шарпланински чај. Овие работи се берат неконтролирано, не се чуваат. Во националниот парк ќе биде многу поинаку – вели универзитетскиот професор Гоше Стефков.

На конференцијата присуствуваше министерот за животна средина, Башким Амети, кој рече дека конференција е чекор напред кон процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк,

– Прогласувањето на Шар Планина за национален парк е предвидено со урбанистичкиот план на Македонија години наназад, а досега и во други пригоди Министерството давало заложби за ова да се случи. Со проектот финансиран од УНЕП и од ГЕФ, се подготвува студија за валоризација на природните ресурси за Шар Планина, како и други дополнителни документи за заокружување на овој процес, кои во следните две-три години ќе се финализираат – изјави Амети.

На конференција се презентираа резултатите од активностите на тригодишниот проект „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо искористување на ресурсите на Шар Планина“, спроведуван од Македонско еколошко друштво и од платформата „Пријатели на Шара“. Истовремено и се презентираа заедничките активности од повеќе домашни и меѓународни чинители во прекуграничното подрачје на шарпланинскиот масив.

Инаку, иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк е стара повеќе од една деценија, но оваа иницијатива сè уште не е влезена во законска процедура. На косовската страна, Шар Планина за национален парк е прогласена во 1983 година.


Денот на реката Дрим се одбележува со повеќе активности во Струга и во Охрид


Струга, 6 мај, 2017 - 12:46 (META) 

Денот на реката Дрим се одбележува со низа активности, во Охрид и во Струга.

Еко-караванот ќе посети неколку села каде што со жителите ќе се разговара за добрите земјоделски практики за да се зачува сливот на реката Дрим, за тој да биде во добра еколошка состојба.

Еко-активистите, но и претставници од надлежните институции ќе ја посетат станицата за пречистување комунални отпадни води, кај село Ложани.


„Чист Охрид“ бара итно отстранување на отпадот од Галичица


Охрид, 25 април, 2017 - 10:22 (META) 

Граѓанската организација „Чист Охрид“ спроведува низа акции за чистење, а иницира и други граѓански иницијативи да организираат слични акции низ Охрид и во околината.

Младите активисти од ова здружение сметаат дека и понатаму треба да се мобилизира населението со слични потфати.

– Граѓаните мора да станат многу посвесни во однос на темата за отпадот, чистата животна средина и како тоа влијае на нивното здравје. Само со свесни и активни граѓани може да се подобри ситуацијата, во спротивно, би стагнирале. Сметаме дека општо земено, населението треба повеќе да се мобилизира, зависно од своето време, граѓаните самите да се организираат, затоа што секој поединечен напор е чекор кон здравје и чиста животна средина – нагласуваат од „Чист Охрид“.

За грдата слика што се остава на одделни локации, покрај во неажурноста на повиканите, од „Чист Охрид“ вина гледаат и во ниската свест кај граѓаните.

– Ништо помалку значајна не е ни самата достапност, на пример, на кантите за отпадоци. На речиси сите локации каде што сме чистеле, воопшто немало канти. Во таков случај граѓаните многу бргу и лесно одлучуваат да го фрлат отпадот на самото место, наместо да го носат со себе во потрага по соодветно место за фрлање отпад – реагираат од „Чист Охрид“.

„Чист Охрид“ во изминатиот период одржа три акции на една иста локација, на патот за Рамне од страната на Видобишта. Таму, според нивните кажувања, има уште работа, а при секое навраќање се среќаваат со нов отпад, за што сметаат дека е крајно алармантно.

– Од информациите што ги имаме, ништо подобро не е ниту на патот за Рамне, кој поминува, верувале или не, покрај канцелариите на Национален парк „Галичица“. Ги повикуваме граѓаните да престанат со депонирање отпад на овие локации, а надлежните итно да ги мобилизираат своите капацитети и да го отстранат отпадот од површината на националниот парк. Овие информации се познати во јавноста веќе подолг период, но не гледаме подобрување – апелираат младите еко-активисти од „Чист Охрид“.


Груевски – лидер и експерт за електрични автомобили, двоседи, акумулатори и полначи


Скопје, 26 септември, 2016 - 17:34 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, објави нови мерки од областа на автомобилизмот и на заштита на животна средина и во детали говореше за карактеристиките на електричните автомобили.

Груевски за автомобилите:

– Постојат различни видови на електрични автомобили, а тенденцијата е зголемување на нивниот капацитет, односно капацитетот на батериите кои се главниот сегмент во автомобилот. Енергенсот кој што го употребуваат е електричната енергија, а полнењето се одвива преку специјализирани полначи кои генерално се со различен капацитет.

Груевски за полначите:

– Постојат брзи полначи кој целосно ја полнат батеријата на автомобилот за дваесетина минути и чинат околу 15.000 евра и бавни полначи кои за целосно полнење на батеријата во зависност на моќноста на автомобилот ја полнат до крај до 4 часа и чинат околу 1.000 евра.

Груевски за приклучниците (штекерите):

– Постои и трет начин на полнење, а тоа е најбавно, во обичен трофазен штекер, со кој полнењето до крај е околу 8 часа и најчесто се користи во сопствени гаражи или гаражни места. Многу од европските држави нудат различни пакети на поволности со кои се стимулира користењето на електричните возила. Нашата цел е следење на трендот електричните возила да станат наше секојдневие и во приватниот и во јавниот превоз. Наполнетата батерија, во зависност од капацитетот на возилото, може да вози без ново полнење од 300 до 400 километри.

Груевски за батериите (акумулаторите?):

– Секоја година овие перформанси се подобруваат. Имено, секоја година индустријата вади поевтини, а истовремено побрзи полначи, батерии кои подолго може да се користат и кои се сè полесни. За оние кои не се доволно упатени, да подвлечам дека полнењето не преставува големо трошење на струја и трошок. И уште нешто: оваа индустрија почна со производство на поскапи вакви автомобили, сега произведува и поевтини и помали, а на последната годишна конференција за електрични автомобили во Барселона, пред десетина дена, се констатира дека иднината е производство и на мали и евтини електрични автомобили, вклучувајќи и двоседи.


„Охрид СОС“ на „Д-фестивал“ со документарци за заштитените зони


Дојран, 16 јули, 2016 - 13:43 (META) 

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, заедно со еколошкото здружение „Еко свест“, денеска е дел од програмата на „Д-фестивал“ во Дојран.

Од „Охрид СОС“ ќе презентираат кратки документарни филмови за последиците од инфраструктурни објекти во заштитени зони. Исто така, ќе го презентираат „Смарт Охрид“ – концептот за одржлив транспорт во Охрид и галерија од фотографии со еколошки катастрофи низ светот предизвикани од рудници, за да ја информираат јавноста за катaстрофата што го чека Огражден.

„Ќе имаме време и за дискусија. Ќе има и книга за посетители каде ве каниме сите да си оставите коментари за планираните проекти и/или да ни кажете зошто го сакате Охридско Езеро“, најавуваат од „Охрид СОС“.