Увозот на стари возила двојно поголем поради стравот од нови прописи (инфографик)


Скопје, 10 октомври, 2018 - 16:01 (META) 

Драстично зголемен, во некои моменти и двапати поголем, бил увозот на користени возила во првите седум месеци од годинава во однос на истиот период во 2017 година, а ова количество на увезени стари автомобили, автобуси и товарни возила од јануари до јули годинава е многу блиску до количеството увезени возила во целата мината година. Тоа го покажуваат бројките објавени на веб-страницата на Царинската управа.

Според Ана Чоловиќ – Лешоска, директорка на „Еко-свест“, тоа најверојатно се должи на стравувањето на поединците и фирмите што печалат од продажбата на стари возила од неодамна најавените заострувања на бариерите за увоз, односно забрана за увоз на постарите возила со еуро 4 и еуро 5 стандард.

Одредени измени за намалување на загадувањето се веќе изготвени, и тие треба да придонесат за намалување на загадувањето.

– Новите норми за кои една година наназад се дискутираше во владината Интерсекторска работна група за справување со аерозагадувањето, во која учествувам и јас како претставник на еколошките организации, како што беше известено, наскоро ќе бидат потпишани од министерот за економија. Со нов правилник, возилата според степенот на емисии кој го покажуваат при техничкиот преглед ќе добијат категоризација со боја, односно лепенка во боја и ќе се воведе систем за сообраќајно зонирање во Скопје. При енормно загадување на пример, во зелена зона ќе може да возат само возила со зелена налепница, односно со највисок стандард и најниски емисии – објаснува таа.

Бројките што ги објави Царинската управа за увезени автомобили од јануари заклучно со јули годинава говорат оти биле увезени 16.734 употребувани автомобили, наспроти 3.562 нови. Во истиот период, увезени се 1.386 товарни моторни возила наспроти 459 нови и само три нови автобуси наместо 108 купени во странство на старо.

Во цела пак 2017 година во земјава се увезени 22.964 користени автомобили, 2.135 товарни возила и 140 стари автобуси.

Како што вели директорката на „Еко-свест“, иако донекаде може да се има разбирање за мерката да се дозволи увоз на стари автомобили за да се овозможи личен комфор и обнова на возниот парк на граѓаните, таа е дел од лошите стратегиски одлуки во врска со превозот што се донесувани во изминатите три децении.

– Од една страна, јас го разбирам моментот секому да му се дозволи да има комфор. Но тоа е многу комплексно прашање, оти дали со тоа што ние овозможуваме комфор на некои граѓани, не го влошуваме останатиот „комфор“ на живеење во почиста средина на сите граѓани. И дали сите тие луѓе што купија стари возила не можеа пред тој момент да прераснат во критична маса и да побараат да се уреди јавниот сообраќај, за да може сите да имаат културен, економичен, достапен, навремен, јавен сообраќај?  Но, политиката на популизам отиде во друга насока. а јавниот сообраќај се доведе во страшно лоша ситуација – заклучува Ана Чоловиќ – Лешоска.

Во борбата со загадувањето на воздухот, Албанија е во финалната фаза на забранување увоз на возила кои не ги исполнуваат еуро 5 стандардите, односно возила што се постари од 10 години. Во Македонија последното ограничување стапи на сила на 1 јули 2016 година, кога беше забранет увозот на возила со еуро 3 стандардот, така што земјава со дозволата за увоз на возила со еуро 4 каска зад Албанија.


Екологистите до Макрадули: Водно е заштитено, ќе ви подариме примерок од Законот


Скопје, 6 септември, 2018 - 15:21 (META) 

Не е точно дека Водно не е заштитено подрачје. Водно е заштитено со закон, категорични се екологистите кои застанаа во одбрана на планината, откако пролетва беше најавено започнување на изградбата на делницата 5 од гасоводот Скопје – Тетово – Гостивар.

Одговарајќи на изјавата од понеделникот на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, еколошките здруженија велат дека на Водно не можела туку-така да му исчезне заштитата која ја имало уште од неговото прогласување за парк-шума, само затоа што не е направен план за менаџирање со ова природно подрачје, во склад со Законот за заштита на природата од 2004 година.

На јавната дебата во понеделникот во салата на Советот на Град Скопје, во која учествуваа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на МЕР, Бајрам Реџепи и претставниците на еколошките здруженија кои се обединија во иницијативата „Го сакам Водно“, Макрадули и порача на јавноста дека Водно во моментов не е заштитено подрачје и допрва треба да се заштитува.

Екологистите ги оспоруваат неговите тврдења, тврдејќи дека според еден член од законот, нема потреба од такви процедури.

– Парк-шума Водно е прогласена за заштитено подрачје согласно Законот за заштита на природните реткости од 1973 година. Што значи, продолжува да ја ужива заштитата на заштитено подрачје. Според тоа не стои воопшто аргументацијата на господинот Макрадули дека Водно не е заштитено – вели Андреа Јанков од „Го сакам Водно“.

На заменик-министерот Макрадули со речиси идентична порака му одговараат и од „Фронт 21/42“, велејќи дека се подготвени да му подарат примерок од тој закон.

– На господинот заменик-министер на првата наредна средба ќе му подариме примерок од Законот за заштита на природата, за да се увери и самиот дека според важечките закони на Република Македонија, Водно веќе ужива заштита!  Друга е работата што со години државата свесно толерира градење и уништување на Водно и на други заштитени подрачја со истиот изговор – дека не била завршена нивна ревалоризација и се се врти во истиот маѓепсан круг – вели Александра Бујароска од ова здружение.

Ана Чоловиќ – Лешоска од еколошкото здружение „Еко-свест“ порачува дека во моментот кога ќе се направи таква ревалоризација, ќе мора да престане секоја градежна активност од вакви размери и сите натамошни интервенции од кој било вид ќе мора да бидат во склад со законот за заштита на природата.


„Еко-свест“ предупредува дека на парк шумата Водно ѝ се заканува уништување


Скопје, 15 август, 2018 - 15:24 (META) 

На парк шумата Водно ѝ се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја на природа богати со биодоверзитет, велат од невладината „Еко-свест“ и додаваат дека минатата недела испратиле дописи до меѓународни институции и банки со цел да алармираат за повеќе проблеми кои ги има изградбата на гасовод низ Водно.

„Во последните неколку месеци еколошките организации и иницијативи водат битка со институциите за да го зачуваат единственото поголемо парче зеленило кое му остана на градот Скопје. Станува збор за спорната делница пет Скопје-Гостивар-Кичево на проектот за национален гасификациски систем на Република Македонија за чии потреби е одбрана траса која минува по сртот на парк шумата Водно и низ значајни подрачја на природа чие уништување е неповратно“, велат од „Еко-свест“.

Трасата низ парк шумата Водно, според нив, минува низ значајни растителни подрачја со ретки и загрозени билки, а нејасно е какво ќе биде влијанието на изградбата на трасата и градежните активности врз Матка, Пештерата Убавица и Буково кое е исто значително растително подрачје.

„Во фазата на планирање биле разгледани повеќе можни траси за овој дел од гасоводот, меѓутоа, останува нејасно зошто сите биле отфрлени и била избрана токму трасата низ парк шумата Водно. Во постапката за Оценката за влијание врз животната средина биле спроведени јавни расправи во засегнатите општини на кои не биле поканети засегнати граѓани и граѓански организации кои работат во сектор животна средина. Единствени кои се потпишани на списоците се вработени во општините и присутните институции. Поради сите овие причини, а и важниот факт дека на одбраната траса постојат барем две ерозивни подрачја чија дефорестација би значела зголемување на ризикот од лизгање на земјиштето и загрозување на безбедноста на скопјани уште еднаш апелираме до властите, гасоводот за овој дел да не поминува низ Водно, меѓутоа и бараме почитување на законите и подзаконските акти“, додаваат од „Еко-свест“.


Екологистите бараат од владата мораториум за градење на брегот на Охридското Езеро


Охрид, 20 април, 2018 - 13:43 (META) 

Еколошките здруженија, „Фронт 21/42“, „ОхридSOS“ и „Еко-свест“ преку отворено писмо побараа од премиерот Зоран Заев итно воведување мораториум на сите крајбрежни и и урбани трансформации во Охридскиот регион, според препораките на УНЕСКО.

Во дописот, здруженијата укажуваат на активности на терен кои веќе значат непочитување на препораката од УНЕСКО – како продолжување на изградбата на спорниот хотел во Лагадин, тампонирање, уништување на трската и поставување на бетонска основа во строго заштитениот крајбрежен појас.

„Бараме од Владата на Република Македонија во најбрз можен рок, не подоцна од 30 дена, да прогласи мораториум за сите крајбрежни и урбани трансформации на територијата на Светското природно и културно наследство – Охридскиот регион. Очекуваме Владата да ги напушти одамна застарените концепти за развој кои јасно покажаа дека завршуваат со деструкција токму на вредностите кои се основа за одржлив економски развој, односно недвосмислена определба за заштита на нашето најголемо национално природно богатство, во согласност со современите економски и еколошки стандарди“, се вели во дописот.

Здруженијата потсетуваат дека мораториумот морало да биде прогласен најдоцна до 2 февруари годинава, како што минатата година побарале реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, но тоа е игнорирано.

„Препораката за прогласување на мораториум беше во групата на итни мерки, кои Владата требаше да ги спроведе до 01.02.2018. Сепак, токму оваа препорака беше целосно игнорирана од страна на Владата во Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од УНЕСКО. Владата на Република Македонија не само што ја испочитува оваа препорака, туку на својата 53та седница одржана на 06.02.2018 Владата усвои информации кои се однесуваат на активности во Охридскиот регион, а кои предвидуваат крајбрежни трансформации на Охридското езеро“, посочуваат еколошките здруженија.


Заев: Важните одлуки за животната средина ќе ги носиме заедно со екологистите


Скопје, 20 јули, 2017 - 16:16 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со екологистите од невладината организација „Еко-свест“, со кои разговарал за потребата од подобрување на пристапот до информации, како и за можностите за поголемо учество на јавноста, особено на стручната, при носењето одлуки што се однесуваат на животната средина.

Заев изразил подготвеност Владата да го поддржи активизмот за да се најдат најдобри решенија за проблемите што се однесуваат на животната средба, особено тие што се однесуваат на аерозагадувањето.

Од владиниот кабинет информираат дека Заев истакнал дека е пуштен во процедура закон со кој се предвидува планирање на поголеми зелени површини во урбаните средини при носењето на урбанистичките планови.

– Ве охрабрувам да бидете критични кога треба и да давате предлози кога сметате дека е неопходно за подобрување на состојбата, затоа што здравјето на граѓаните е еден од врвните приоритети на нашата влада. Нема да изгубиме ништо ако се здружиме. Напротив, можеме само да добиеме со тоа што ќе ги споиме сите наши капацитети – изјавил Заев на средбата.


Собранието усвојувало „европски“ закони со заобиколување на процедурата


Скопје, 18 мај, 2017 - 15:19 (META) 

Собранието усвојувало повеќе „европски“ закони заобиколувајќи ја целата процедура предвидена за законите со европско знаменце во периодот од 2014 до 2016 година. Во годишниот извештај за работата на Собранието во 2016 година се вели дека Собранието донело вкупно 14 закони што произлегуваат од Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија и претставуваат усогласување со правото на ЕУ. Притоа, симптоматично е што 13 закони воопшто не се разгледувани на седница на Комисија за европски прашања, за нив нема европско знаменце, нема изјава за усогласеност ниту коресподентна табела, иако се прикажани како „европски“ закони.

Ова се дел од клучните наоди на истражувачите на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), објавени во краткиот документ за јавни политики „Ефективен собраниски надзор: Отсликување на реалноста во процесот на правна хармонизација со ЕУ“, изработен заеднички од организациите „Евротинк“, „Еко-свест“, „Реактор“ и „Зенит“.

„Загрижувачки е податокот дека Комисијата за европски прашања се заобиколува и притоа се оневозможува да ја извршува својата примарна надзорна и контролна функција, имено, следење на процесот на усогласување на националното со законодавството на ЕУ“, порачува ИДСЦС.

Исто така, според ИДСЦС, загрижувачки е фактот што ниедна од политичките партии присутни во Собранието, не ја забележала оваа практика и не интервенирала со препорака таа да се напушти.


Годишна средба на граѓанските организации корисници на ИПА2


Охрид, 16 мај, 2017 - 11:57 (META) 

Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, „Реактор – истражување во акција“ и Асоцијација за развојни иницијативи „Зенит“, денеска и утре, во Охрид, ја одржуваат годишната средба на корисниците на механизмот за граѓански организации ИПА2.

Овие и други поканети граѓански организации и асоцијации, во хотелот „Метропол“ во Охрид, дебатираат и бараат решенија за секторските предизвици и идеи за секторска комуникација и за вмрежување.

Исто така, ќе бидат презентирани досега спроведените активности на механизмот ИПА2, како и активностите планирани за иднина.


„Еко-свест“: Потребни се храбри мерки кои ќе се спроведат итно иако се непопуларни


Скопје, 6 февруари, 2017 - 18:19 (META) 

Граѓаните на Скопје повеќе од 10 дена дишат воздух кој е екстремно загаден, што претставува сериозна закана за здравјето на сите, без разлика на возраста и на здравствената состојба, велат од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Според нив, потребни се храбри мерки кои ќе се спроведат итно и покрај тоа што се непопуларни.

„Ја поздравуваме веста од Град Скопје за воведувањето бесплатен јавен превоз за граѓаните од утре, меѓутоа би сакале да истакнеме дека доколку целосно не се забрани движење со автомобили во централното градско подрачје, ваквата мерка сама по себе нема да постигне никакви резултати во насока на намалување на аерозагадувањето. Итно бараме да се преземат дополнителни активности и мерки за намалување на аерозагадувањето кои ќе бидат насочени кон сите чинители – граѓаните, приватниот и јавниот сектор еднакво. Овие активности и мерки не може да ги спроведе само Град Скопје, ниту само Министерство за животна средина, потребно е вклучување и координирани активности на сите институции во државата“, велат од „Еко-свест“.

За да се реши проблемот со аерозагадувањето, од „Еко-свест“ велат дека е потребно да се опфатат сите сектори. Според нив, потребен е хибриден и зачестен јавен превоз, шински урбан транспорт, фонд за енергетска ефикасност, диверзификација на изворите на енергија и насочување кон обновливи извори на енергија и зголемување на зелените површини.


Еко-свест бара нови опции во енергетскиот систем и одржлив развој на Охрид


Охрид, 4 февруари, 2017 - 13:02 (META) 

Центарот за истражување и информирање на животната средина, „Еко-свест“, препорачува разгледување на нови опции за развој на електроенергетскиот систем на Македонија кои би обезбедиле поголема сигурност во снабдувањето и би придонеле кон намалување на енормното аерозагадување.

– Во услови кога има енормно загадување на воздухот во повеќе градови низ Македонија, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) најавува дури четири нови термоелектрани на јаглен кои значително ќе придонесат кон аерозагадувањето во делови од земјата кои во моментов не се оптоварен со загадување од термоелектрани- велат во „Еко свест“.

Од таму барат надлежните да направат истражувања за искористување на обновнливите потенцијали, особено потенцијалите за сончева и ветерна енергија.

Еко свест уште еднаш потсетува на потребата од изнаоѓање решенија за одржлив развој на Охрид, кога е во прашање енормното испуштање на вода од Охридско Езеро.

Од АД ЕЛЕМ одговорија дека немало неконтролирано испуштање на вода.

– АД Електрани на Македонија во насока на целосно информирање на јавноста уште еднаш повторува дека го прилагодува испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според котата на езерото во согласност со референтните податоци на УХМР, како и според страничните дотеци во сливот на ХЕЦ Глобочица – појаснуваат од ЕЛЕМ.


„Еко-свест“: Неопходен е модел за еколошка одржливост на Охрид


Охрид, 27 јануари, 2017 - 16:31 (META) 

Активистите од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, бараат средба со претставници на локалната самоуправа од Охрид за, како што велат, да се отвори соработка за наоѓање решенија за одржлив развој на Охрид.

Минатата година „Еко-свест“ имаше средби со граѓански иницијативи, со домашни и со странски експерти.

„Се надеваме на средба и наоѓање решенија за развој на овој регион од исклучително природно и туристичко значење, кои ќе бидат прифатливи и исплатливи за сите засегнати страни“, велат од „Еко-свест“.

Оттаму потсетуваат на едно од решенијата што ги даде проф. д-р Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер, во однос на одржливиот транспорт во националниот парк Галичица, кој смета дека треба да се примени модел за еколошка одржливост, кој ќе ги задржи туристите на територијата на националниот парк.