За три години, тројно се намалени пријавите за несакани реакции од вакцини (инфографик)


Скопје, 31 октомври, 2018 - 13:54 (META) 

За три години, тројно е намален бројот на пријави од граѓани за несакани реакции од вакцините, покажува евиденцијата на Институтот за јавно здравје. Во 2015 година, регистрирани се 48 пријави за несакани ефекти од вакцини, додека во 2016 се регистрирани 16, а во 2017 само 13 пријави.

Значителното намалување на несаканите реакции може да се поврзе со воведувањето на поливалентните вакцини од пред три години. Со поливалентните вакцини компонентата на ацелуларната вакцина против голема кашлица ја замени целуларната вакцина која во минатото била причина за повеќе од 90 отсто несакани реакции после вакцинацијата, во исто време се намали и бројот на убоди, а со тоа е намалена и можноста за локална реакција на местото на апликација на вакцината.

Опфатот со вакцината против хуман папилома вирусот (ХПВ) која беше воведена во 2009 година,  досега во просек за сите години наназад, е 48 отсто. Според бројките во извештајот за имунизација, може да се заклучи дека ХПВ вакцината има најнизок опфат од сите вакцини. Вакцината е безбедна според епидемиолозите, но како и сите медицински средства може да предизвика несакани реакции кои се ретки и обично многу лесни, локални реакции како болка, црвенило и оток на местото на убодот.

Досега во Институтот не се пријавени несакани реакции предизвикани од оваа вакцина. Вакцината против ХПВ се употребува во многу земји во светот, но кај нас одзивот за вакцинација е се` уште слаб.

Ако се погледнат подетално бројките од извештајот на Институтот за јавно здравје, се забележува дека вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од ХПВ во државата изнесува 48 отсто. Опфатот се движи од 12,1 отсто во Битола, до 100 отсто на територијата на само неколку подрачни единици – Кавадарци, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово, Дебар и Пробиштип. Опфат понизок од вкупниот опфат во земјата (48 отсто) е регистриран во Тетово, Гостивар, Струмица, Охрид, Скопје и Битола.

Maкедонија е една од првите земји во регионот кои ја имаат воведено во редовниот календар за вакцинација.


Катерина Ставридис: Имунизацијата е едно од најголемите достигнувања на медицината


Скопје, 29 октомври, 2018 - 10:16 (META) 

Вакцинацијата директно придонесува за намалување на бројот на заболени и смртноста од вакцино-превентабилните заболувања. Според СЗО со вакцинирањето се спасуваат два до три милиони деца во светот, секоја година, вели епидемиологот д-р Катерина Ставридис.

– Последен случај на дифтерија во Македонија е регистриран во 1976 година, неонатален тетанус не е регистриран од 1993 година, а последен случај на детска парализа или полио е регистриран во 1987 година. Од 2002 година нашата земја, заедно со земјите од Европскиот регион е прогласена за земја „ослободена“ од полио. Сите овие факти говорат за бенефитите од колективната имунизација, а треба да е доволен показател за тоа, зошто е важно луѓето да се вакцинираат – вели за „Мета“, д-р Катерина Ставридис, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

Таа додава дека ефективноста на вакцините варира во зависност од видот на вакцината.

– Но, за повеќето вакцини 80-99 отсто од вакцинираните лица се заштитени од болестите против кои се вакцинирани. Доколу вакцинирано дете или возрасен заболи, што најчесто е резултат на послабиот имун одговор на организмот, сепак сиптомите кај овие лица се многу полесни, а можностите за компликации се помали – вели д-р Ставридис.

Во нашата земја секоја година се објавува Календарот за имунизација  кој е во согласност со Правилникот за имунизација, според кој е одреден распоредот и редоследот на вакцините. Многу е важно да се почитува Календарот за имунизација, децата редовно, навреме и на точно одредена возраст да се вакцинираат за да се постигнат најдобри ефекти од вакцинацијата.

Докторката потенцира дека имунизацијата e едно од најголемите достигнувања во историјата на медицината.

– Вакцинацијата директно придонесува за намалување на бројот на заболени и смртноста од вакцино-превентабилните заболувања. Според СЗО со вакцинирањето се спасуваат два до три милиони деца во светот, секоја година – нагласува Ставридис.


Ангеловска-Бежоска: Поскапиот бензин нема да предизвика позначајна инфлација


Охрид, 6 јуни, 2018 - 16:04 (META) 

Поскапиот бензин нема да предизвика позначајни инфлаторни притисоци и стапката на инфлација во земјава годинава нема да биде повисока од два проценти, одговори на новинарско прашање гувернерката Анита Ангеловска – Бежоска, на конференцијата која се одржува во Охрид.

Народна банка го очекувала растот на цените на нафтата на светските берзи, а се прогнозира дека тој тренд ќе продолжи и оваа година.

– За нас како Централна банка растот на цената на нафтата е очекуван. Во фазата на макроекономските проекции ние ги следиме сите тековни движења, очекувањата на аналитичарите, така што цената не е за изненадување, уште повеќе што по неколку години пад на цената на нафтата минатата година покажа нагорен тренд, а очекувањата се тоа да продолжи и оваа година – вели Ангеловска –  Бежоска.

Според неа, сепак не е исклучено дека скапите горива ќе имаат секундарен ефект врз другите производи, па Народна банка треба да го измери тоа влијание.

– Сепак многу ќе зависи колку притисоците од тој ценовен ефект кај нафтата ќе се пренесе на останатите производи па оттаму евентуално да се види некој секундарен ефект. Имајќи ги предвид сите движења и очекувања со цените на нафата, нашата проекција за оваа година е двопроцентна инфлација што е во линија и со нашата поставена цел за одржување ниска и стабилна инфлација – вели Ангеловска – Бежоска.


Либански компании презентирале проекти за енергетиката и за туризмот


Скопје, 22 јуни, 2017 - 13:36 (META) 

Претставници на либански компании во Македонија, на средбата со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, презентирале неколку потенцијални инвестициски проекти од енергетиката, со посебен фокус на обновливите извори на енергија, туризмот, лесната индустрија и од областа на мултимедијално рекламирање.

„Владата е отворена за странски инвестиции, добродојдени се нови инвеститори кои ќе донесат иновации, современи технологии и производи со повисока додадена вредност, а секој проект ќе биде вреднуван и од аспект на тоа какво влијание ќе има врз економијата“, истакнал Анѓушев.

Македонско-либанските деловни релации се интензивираа пред околу две години, додека Либанско-македонскиот бизнис-совет е воспоставен минатата година.


Проектираниот пораст на БДП за годинава е 3,5 проценти


Скопје, 28 јануари, 2016 - 16:07 (META) 

Домашниот бруто-производ во третиот квартал од минатата година оствари годишен пораст од 3,5 проценти, што е во согласност со октомвриската проекција, иако стапката на пораст е малку повисока од очекуваната, објави Народна банка.

– За разлика од претходниот период, клучен поединечен двигател на порастот во третиот квартал е личната потрошувачка, при постојани позитивни движења на пазарот на труд и засилување на кредитирањето на домаќинствата. Дополнителен придонес за порастот на потрошувачката имаа пониските цени на енергентите, преку нивното позитивно влијание врз домаќинствата – се вели во извештајот на Народна банка.

Проектираниот пораст на домашниот бруто-производ за 2016 и за 2017 година изнесува 3,5 проценти и 4 проценти. Се очекува дека главен носител на порастот ќе претставуваат извозниот сектор и инвестициите, кои ќе дадат позитивни преносни ефекти врз пазарот на труд и дополнително ќе ја поттикнат потрошувачката на домаќинствата.


Компаниите заработиле 30 милиони евра од соработката со странските инвеститори


Скопје, 19 октомври, 2015 - 14:32 (META) 

Домашните компании заработиле 30 милиони евра од активностите кои ги направиле за странските инвеститори, информираше новоизбраниот претседател на советот на странски инвеститори, Штефан Петер, на прес-конференцијата посветена на ефектите на странските инвестиции во развојот на домашната економија.

Според Петер, соработката на домашните компании со странските инвеститори има мултиплицирачки ефекти преку генерирање поголем економски пораст, придонес кон вработувањата и трансфер на знаења и на технологии кон македонскиот бизнис-сектор.

– Во текот на изминатите неколку години, Македонија успеа да произведе високотехнолошки производи, како катализатори или автобуси, покрај традиционалнита метало-преработувачка, текстилната и хемиската индустрија. Извозот од зоните во 2014 година беше за 52 проценти поголем во однос на извозот во 2013 година, а според процените, на среден рок, треба да очекуваме извоз од околу 2 милијарди евра – изјави Петер.

Странските инвестиции во првата половина на 2015 година изнесуваат 121 милион евра, во цела 2014 година 330 милиони евра, додека вкупниот извоз на компаниите, само од слободните економски зони, минатата година изнесуваше повеќе од една милијарда евра.

Според Петер, странските инвеститори кои веќе работат во Македонија генерално се задоволни од економските реформи, кога станува збор за подобрувањето на бизнис-климата, но, сепак, остануваат многу предизвици кои на долг рок треба да се надминат.