Богов: Граѓаните треба финансиски да се едуцираат, за да се избегнат ризици


Скопје, 11 мај, 2018 - 14:45 (META) 

Многу од проблемите при глобалната финансиска криза беа предизвикани од недоволната информираност и знаење на потрошувачите, рече денеска гувернерот Димитар Богов на отворање на настанот „Денови на финансиската писменост“ во „Скопје сити мол“ кој ќе трае до недела.

Затоа, како што кажа, важно е инстититуциите да ги едуцираат граѓаните за основните познавања од финансиската сфера.

„Она што во минатото беше читањето и пишувањето денес тоа се компјутерите и финансиската писменост. Потребно е подигањето на свеста за во иднина да се избегнат ТАТ, One coin, современи финансиски шеми кои носат финансиски ризици“, рече Богов и им порача на граѓаните да бидат внимателни и повеќе да се информираат од надлежните институции за финансиите и ризиците.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека со граѓанскиот буџет, целта била јавните финансии да се приближат до граѓаните, за тие полесно да разберат како се трошат нивните пари. Апелираше до нив, да ги дадат своите сугестии за тој да биде поразбирлив.

Тридневниот настан во „Скопје сити мол“, ќе овозможи едукација преку изложбен дел каде посетителите ќе можат да се информираат за сите финансиски параметри во врска со теми кои ги засегаат, ќе има презентации на одредени производи од учесниците, како и финансиско-едукативни активности за најмладите.


Се одбележува Глобалната недела на парите, младите ќе учат да штедат


Скопје, 15 март, 2018 - 10:22 (META) 

Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација ја одбележува Глобалната недела на парите од 12 до 18 март, а активностите ќе продолжат во текот на целиот месец.

Ова тело го сочинуваат Народна банка, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, кои во соработка со Бирото за развој на образованието и Сојузот на микрофинансиски организации ќе организираат посети од страна на повеќе основни и средни училишта од Скопје и од останатите градови, како и од руралните средини во просториите на петте регулатори.

„Веќе шест години по ред се организираат активности од овој вид, а целта е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на институциите што ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи“, се вели во соопштението на Народна банка.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), ја подигнува свеста кај младите преку учење за тоа како функционираат парите, вклучувајќи го штедењето, вработувањето и претприемаштвото.

Целта е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на раната финансиска едукација, со што ќе им помогне да станат свесни за своите финансиски права, ќе им ја олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе ги развие нивните финансиски вештини.

Темата за оваа година на Глобалната недела на парите е „Парите имаат значење“, со намера младите луѓе да научат мудро да управуваат со парите што ги поседуваат и да штедат за својата иднина.


Како образовниот систем да се справи со предизвикот на медиумската писменост


Скопје, 22 февруари, 2018 - 16:33 (META) 

На полето на медиумска писменост во образованието се работи, но недоволно и несистематски, беше заклучокот од конференцијата со наслов „Медиумската писменост во Македонија: во или вон образованието“, која се одржа денес во Скопје во организација на Високата школа за новинарство и односи со јавноста.

Едукацијата за медиумската писменост е неопходна во основното и средното образование во земјава, но прашањето е како таа да се постави во рамките на образовниот систем, при што се појавуваат многу пречки кои бараат заедничка акција за нивно надминување.

Проблеми има со едукација на самите наставници, потоа како предизвик се појавува и фактот што во многу училишта се работи во две смени, така што тие се среќаваат со недостиг на простор во кој на оваа тема би се работело после часовите, евентуално како дел од факултативната настава.

На конференцијата се дискутираше и за тоа, дали таа да биде посебен предмет или не, и беше посочено дека во часовите по македонски јазик веќе се зачнуваат и теми од медиумската писменост, со цел на учениците да им се помогне во справувањето со лажните вести и политичките манипулации кои секојдневно се појавуваат во медиумите.

Сепак, се смета дека технологијата, која денес е достапна и на располагање како никогаш досега, ќе биде од голема помош во медиумското описменување и во рамките и надвор од образовниот процес, а беше презентирана и Стратегијата за образование 2018-2025, која треба да даде насоки како ќе се одвива медиумската писменост во образовниот процес.

Сите овие прашања ги расправаа професори и наставници, како и претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Канцеларијата на Европската унија во Скопје, како и претставници од невладиниот сектор и од медиумите.

На конференцијата беа промовирани и иницијативите на ова поле како што се Коалицијата за медиумска писменост и Мрежата за медиумска писменост, во која членуваат редица невладини организации и која работи со поддршка на Агенцијата за аудио и аудио и медиумски услуги (АВМУ).

За тоа како граѓанскиот сектор во Велика Британија работи на полето на медиумската писменост говореше Лидиа Ел Кури од Институтот за различности во медиумите до Лондон, а беа претставени локални и медиумски иницијативи на овој план.


Дескоска на Светски конгрес на отворени образовни ресурси во Љубљана


Љубљана, 19 септември, 2017 - 17:10 (META) 

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, учествува на Вториот светски конгрес на отворени образовни ресурси (ООР), кој се одржува од 18 до 20 септември во Љубљана во организација на УНЕСКО и на Владата на Република Словенија.

Годинешната тема на конгресот е „ООР за инклузивно образование и образование со еднаков квалитет: Од посветеност до акција“, а ќе бидат одбележани 15-годишнината од промовирањето на концептот на отворени образовни ресурси од УНЕСКО, како и петгодишнината на Париската декларација за ООР.

„Концептот на отворени образовни ресурси (ООР) се однесува на сите образовни ресурси кои се отворени и достапни за слободна употреба за едукативни и за истражувачки цели. На тој начин им овозможува на сите можност за подобрување на квалитетот и проширување на пристапот до учебници и други форми на едукативни содржини за да се катализира иновативната употреба на содржината и да се поттикне создавањето на ново знаење“, велат од Министерството.

Целта на конгресот е да се истражат можностите за создавање на уште поголема достапност на ресурсите во образованието, да се промовираат најдобрите светски практики и да се дадат препораки за унапредување на достапноста на едукативните содржини.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ направи цунами во здравството


Скопје, 9 септември, 2017 - 10:55 (META) 

„Ова што го прави СДС на сопствениот народ и држава е рамно на цунами. Изминативе 100 дена од доаѓањето на власт неспособната влада на СДС ветуваше разно-разни реформи и подобрување на услугите во здравството, а од сето тоа македонските граѓани не видоа ништо“, обвини денеска Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција пред Министерство за здравство.

Таа рече дека владата на СДСМ во првите недели направила реваншистичка смена на дирекорите во јавното здравство, а не набавила ниту еден нов медицински апарат или опрема.

– Ветувањето за зголемување на платата на докторите за 100.000 денари, СДС не го реализира ниту за 1 денар. Укинат е ургентниот интернистички центар при кампусот „Мајка Тереза“. Запрени се дури и проектите за едукацијата што врвните странски стручњаци и лекари ја правеа во Македонија, а тоа беше организирано од страна на владата – рече Стојаноска.

Таа порача и дека „неспособноста на владата на СДСМ“ се гледа и во тоа што „за една недела умреа 10-тина дечиња по разни болници, а за ова одговорност од СДС немаше“.


„Мост“: Изборите поминаа со низа нерегуларности и притисоци врз гласачите


Скопје, 13 декември, 2016 - 14:42 (META) 

Граѓанската асоцијација „Мост“ оценува дека изборниот ден поминал со висока излезност на граѓаните, имало нерегуларности во постапката на гласање и постоеле сериозни индиции за поткуп и за притисоци врз гласачите на одредени гласачки места.

Набљудувачите на гласачките места забележале агитирање на гласачи, зголемен број на случаи на фотографирање на гласачките ливчиња зад параваните, што според нив, укажува на индиции за поткуп и за притисоци кои се случувале надвор од гласачките места. Тие забележале и обиди за групно и семејно гласање, како и нарушена тајност на гласањето.

– Вечерта по завршувањето на гласањето, кај дел од општинските изборни комисии забележан е неред и хаотична работа, како и поправање на технички грешки во записниците доставени од избирачките одбори. Дополнително, неколкупати е забележано доставување на гласачки кутии кои не биле запечатени со сигурносни ленти, со што е направена повреда на постапката за пакување и за заштита на доверливиот изборен материјал – велат од „Мост“.

Оттаму потсетуваат дека на неколку дена пред изборите, на веб-страницата за проверка во избирачкиот список се појавија технички проблеми, односно поголем број граѓани реагираа дека не можат да се пронајдат во него.

Во однос на работата на општинските изборни комисии, од „Мост“ заклучуваат дека тие не биле доволно обучени за начинот на избор на членовите на избирачките одбори, како и за ракување со софтверот.

За ДИК, од „Мост“ велат дека имало неконзистентност во однос на инструкциите за новото упатство на ДИК за важечко ливче, според кое само заокружувањето е валиден начин на обележување на гласачкото ливче.


Стопанска комора на Македонија и Народна банка потпишаа меморандум за соработка


Скопје, 26 октомври, 2016 - 16:13 (META) 

Стопанската комора на Македонија и Народната банка потпишаа меморандум за соработка во областа на унапредување на финансиската едукација.

Целта на оваа соработка е да се подигне финансиската свест кај населението во земјата, да се подобри финансиската писменост кај младото и возрасното население и тоа да стекне соодветни вештини и знаења што ќе му овозможат да донесува рационални и ефективни одлуки при управувањето со парите и со финансиските услуги и производи.

– Улогата на комората е преку здруженијата во рамките на комората да ја информира и да ја поттикнува бизнис-заедницата да даде поддршка за спроведување проекти на полето на финансиската едукација, во согласност со нивните можности и интереси – велат од Стопанска комора.


Кулинарски специјалитет од Тајланд предизвикува рак на црниот дроб


Банкок, 14 јуни, 2015 - 15:00 (META) 

Тим научници и лекари од Тајланд се обидуваат да ги сменат навиките за исхрана на дел од населението во североисточниот дел од земјата, откако било откриено дека кулинарскиот специјалитет што го подготвуваат од свежа риба е главниот виновник за големата стапка на заболени од рак на црниот дроб, се вели во сторијата објавена од „Би-Би-Си“.

Јадењето кое се нарекува „кои плаа“ (koi plaa), жителите на посочениот регион го подготвуваат од мали риби, кои откако ситно ќе ги исечат, ги мешаат со локални треви, лимета и со живи црвени мравки. Специјалитетот го служат свеж, без да го готват.

Со децении кај дел од популацијата на североистокот на Тајланд биле констатирани екстремно високи стапки на заболување од рак на црниот дроб, кој кај мажите бил неколкупати повисок од светскиот просек.

Иако причината за тоа подолго време била поврзувана со воспаление на црниот дроб, предизвикан од паразити откриени во сировата риба, дури во последната децинија се прават напори за едукација на луѓето да ги сменат навиките на исхрана и, пред сè, да го готват „кои плаа“ за да ги убијат паразитите пред да ги изедат.

„Поврзаноста меѓу јадењето и високата стапка на заболувања ја проучуваме во нашите лабаратории повеќе од 30 години. Откривме дека паразитите во црниот дроб предизвикуваат реакција на имунолошкиот систем, кој доведува до воспаление, кое по повеќе години доведува до рак“, појаснува д-р Банчоб Срипа, од лабараторијата за испитување на тропски болести на Универзитетот „Кон Каен“.

Неговиот тим открил дека во некои заедници на североистокот на Тајланд, дури 80 отсто од луѓето биле инфицирани од овие паразити, дел од нив деца на четиригодишна возраст.

Според лекарите, ракот ретко се развива пред педесеттата година од животот, но кога ќе се појави, мали се шансите на пациентите да преживеат.


Финансиска едукација за учениците преку интерактивна детска игра


Скопје, 12 март, 2015 - 16:44 (META) 

Преку интерактивна детска игра, учениците од ОУ „Александар Македонски“ денеска имаа можност да се запознаат со постоењето на финансиските ризици, а индиректно со тоа да се запознаат со тоа дека осигурувањето претставува важен елемент како да се справат со тие ризици. Кампањата е дел од одбележувањето на „Глобалната недела на парите“, во организација на Агенцијата за супервизија на осигурување и на Министерството за образование.

Заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, истакнува дека е неопходно учениците да се вклучат во процесот на едукација во делот на менаџирање на ризиците и на средствата.

– Министерството за образование и наука во целост се вклучи во одбележувањето на глобалната недела на парите, која на светско ниво и во рамки на Република Македонија се реализира од 9 до 16 март. Министерството и органите во неговиот состав констатираа дека е неопходно најмладите, односно учениците да се вклучат во целиот процес бидејќи голем број научни сознанија докажаа дека навременото информирање и едукација кај учениците од најмлади години, во делот на менаџирањето на ризиците и на средствата, како и со нивното управувањето е многу значајно доколку со тоа се почне од најрани години – истакна Спировски.

Според Климе Попоски, претседател на Агенцијата за супервизија на осигурување, иницијативата е во насока на рана финансиска едукација на децата за да бидат свесни и финансиски едуцирани.

– Анализите на неодамнешната финансиска светска криза, чии последици сè уште се чувствуваат, покажаа дека една од причините за финансиската криза беше недоволната финансиска едуцираност на населението во управувањето со заштедите, односно носењето погрешни финансиски одлуки. Анализите укажуваат дека раната финансиска едукација на младите може да биде клучен фактор во целокупниот долгорочен процес на финансиска едукација на населението, коешто на крај ќе донесе поголема финансиска стабилност – рече Попоски.

Тој информира дека Агенцијата во кампањата е вклучена со низа иницијативи, преку изработка на информативни материјали, брошури како и со денешната интерактивна детска игра со која, како што рече, треба да се влијае на свеста кај младите за постоењето на ризиците, а индиректно со тоа да се запознаат со фактот дека осигурувањето претставува важен елемент како да се справат со ризиците.


Македонски специјалисти ќе се едуцираат во Лион


Скопје, 28 ноември, 2014 - 13:29 (META) 

Македонски лекари-специјалисти за гастроентерохепатологија, дигестивна хирургија, анестезиологија и за патологија ќе заминат на повеќемесечна едукација во реномираниот францускиот Универзитетски клинички центар во Лион.

Како што соопшти Министерството за здравство, станува збор за едукација фокусирана на трансплантација на црн дроб. Едукацијата беше договорена за време на денешната средба на министерот за здравство Никола Тодоров, со проф. Оливие Бојлд, докажан експерт во областа на трансплантација на црн дроб, и проф. Лионел Бадет, директор на хируршкиот оддел во Клиничкиот центар во Лион.

На средбата е договорено во оваа здравствена установа да се врши едукација на македонски доктори од повеќе хируршки области.