Анѓушев: Продажбата на ЕДС беше максимално транспарентна


Скопје, 25 април, 2018 - 15:49 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев за продажбата на неговата компанија ЕДС на грчката национална компанија за производство на електрична енергија ППЦ рече дека транзицијата на сопственоста ќе трае дваесетина дена.

– По финасиската трансакцијата, согласно законите во Македонија ќе си платам персонален данок и средствата што сум ги добил од продажбата ќе ги прикажам во мојот анкетен лист. Им посакувам на сите,  политиката да не се меша во реалниот бизнис. Трансакцијата беше максимално транспарентна и евалуацијата на цената беше извршена од две меѓународни куќи што беа ангажирани од грчката компанија да направат проценка – рече Анѓушев одговарајќи на прашање пред почетокот на форумот „Инвестиции за долгорочен економски развој“.

Од продажбата, 90 отсто од средствата, или 4,8 милиони евра, ќе легнат на негова сметка, а 10 отсто на сметката на „Фероинвест“.

– Преговарањето за цената не беше лесен процес, бидејќи станува збор за интернационална компанија која е присутна во неколку држави во ЈИЕ. Компанијата сум ја развивал од нула, како старт-ап во сите држави во време кога беше стопирана либерализацијата. Доколку продолжеше либерализацијата на пазарот на електрична енергија, веројатно ќе имаше поголема вредност, – додаде Анѓушев.

Тој објасни дека грчката компанија ППЦ е гигант во енергетскиот сектор во регионот со годишен промет од пет милијарди евра и 15 милијарди евра капитал во електрани и далекуводи.

– Со таков ветер зад грбот, ЕДС ќе има прекрасна иднина, бидејќи пазарот на електрична енегија во Југоисточна Европа допрва ќе се развива. Тоа е шанса за компанијата, за сите вработени и за земјава – рече Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека директорот на ППЦ им дал гаранции на 40-на вработенти во ЕДС дека ќе се ги задржат работните места


Анѓушев за 4,8 милиони евра ја продаде ЕДС на грчкото Електростопанство


Скопје, 25 април, 2018 - 12:20 (META) 

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, сопственик на компанијата за трговија со струја ЕДС, денеска го потпиша договорот со Грчката национална компанија за производство на струја ППЦ, со кој ЕДС станува целосно во сопственост на грчкото електростопанство.

Како што соопштија компаниите, ЕДС, која преку своите подружници работи во Словачка, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Грција и Бугарија, е продадена за 4,8 милиони евра.

– Со овој договор зад ЕДС имаме гигант во производство на струја што се очекува дека ќе ја направи ЕДС поконкурентна на пазарот. Тоа значи дека клиентите ќе имаат добри услови и  уште поголема сигурност – изјави Анѓушев.

На сличен став е и главниот извршен директор на ППЦ, Емануел М. Панајотакис.

– Со купувањето на ЕДС, исклучителна компанија која за неколку години се разви и стана значајна компанија за трговија со електрична енергија, ППЦ влегува на пазарот за електрична енергија на нашата соседна земја  на најдобар можен начин. ЕДС во сопственост на ППЦ ќе стане уште помоќна компанија, со оглед на портфолиото што го имаме и развојните планови дефинирани за време на купувањето – рече Панајотакис.

ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Нејзината основа дејност е  производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти.

ППЦ е исто така сопственик на електродистрибутивната мрежа на Грција којашто стопроцентно ја води филијалата „ХЕДНО”, како и на ППЦ Обновливи извори – една од пионерските компании во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори.

ППЦ има подружници во Бугарија, Турција и Албанија.


Кафемати за светски брендови ќе се произведуваат во ТИРЗ-Прилеп


Скопје, 19 февруари, 2018 - 15:51 (META) 

Германската компанија „ВИК“ ќе почне со прозводство на кафемати за светски познати брендови во ТИРЗ Алинци –Прилеп, беше истакнато денеска на прес-конференција во Владата.

По Кина и Индонезија, Македонија е третата дестинација во која „ВИК“ отвора производствен погон со почетна инвестиција од 6 милиони евра и 60 работни места. За следните пет години, планирано е инвестицијата да се зголеми на 12 милиони евра и да има 1.000 нови вработувања.

Според вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, значајно за оваа фабрика е што покажала интерес за соработка со македонското стопанство, односно добавувачи ќе бидат македонски компании.

– Компанијата ќе добие помош согласно законот за ТИРЗ, но и помош предвидена со новите мерки од планот за економски раст. А тоа значи ослободување од данокот на добивка, персоналниот данок, царински давачки, но не и ослободување од социјалните придонеси, кое претходната влада го користела како дискреционо право. Со новите мерки, компанијата ќе има право на поврат на 10 проценти од инвестициите и 10 проценти ако освојат нови пазари. За отворање на секое работно место со нето-плата од 18.000 денари тие ќе можат да направат поврат 20 проценти од средствата – објасни Анѓушев.

Директорот на „ВИК Македонија“, Хелмут Румлер, рече дека освен што ќе произведуваат и ќе користат локални производи и работна сила, тие ќе се грижат и за животната средина и струја за производство ќе користат преку фотоволтаици.

На новинарско прашање во врска со судбината на „Веибо груп“ и штрајкот на работниците, Анѓушев појасни дека не постојат реални услови за исполнување на договорот кој оваа компанија го потпишала со претходната влада. Компанијата не можела да најде 2.000 работници за 150 евра плата, како што и било ветено, па оттука и пропаднала обврската за изградба на 400.000 метри квадратни за изградба на ТИРЗ во Крива Паланка. Потоа, „Веибо груп“ купиле производствен капацитет во Крива Паланка, но се без работа и ликвидност.

– Сметката им е блокирана и заостануваат со неисплатени три плати на работниците. Имаат побарувања од страна и на градежни компании и една банка. Во овој случај има две решенија, или да донесат капитал и да ја санираат состјбата, така што ќе продолжат со деловните активности или ќе отидат под стечај. Добрата работа е тоа што и ако отидат под стечај нивниот капитал е поголем од барањата на доверителите и вработените, така што работниците ќе бидат обесштетни – појасни Анѓушев.

Прашан за купо-продажбата на неговата компанија „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС), на грчкото електростопанство, Анѓушев појасни дека процесот е пред 0Комисијата за заштита на конкуренција и бидејќи се работи за компанија која работи во девет држави, процесот ќе потрае.

Тој додаде дека, кога компанијата ќе се продаде ќе ја објави и сумата која не може да ја открие во оваа фаза на купо-продажба.


ВМРО-ДПМНЕ: Дали Грција го награди Анѓушев за лицитирањето со ново име?


Скопје, 17 јануари, 2018 - 14:20 (META) 

Мошне симптоматично е што истовремено додека засилено се одвиваат преговори помеѓу Грција и Република Македонија, во услови кога Заев е убеден дека ќе го реши името, вицепремиерот Кочо Анѓушев лицитира со имиња на државата а потоа ја продава неговата фирма на грчкото електростопанство, порача  Христијан Делев на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

– Целата јавност беше сведок дека Анѓушев од позицијата вицепремиер срамно лицитираше со имиња за Република Македонија и кажа дека за него е прифатливо промена на името на државата. Тој дури и нафрлаше и имиња Горна, Северна и Нова Македонија, кои како што кажа за него се прифатливи. Набргу по ваквата изјава на вицепремиерот Анѓушев следеше информација дека грчката државна компанија за производство на електрична енергија ќе ја купува ЕДС на Кочо Анѓушев, информација која ја потврдија и од фирмата на вицепремиерот – рече Делев.

Тој побара вицепремиерот да ја открие сумата што ќе ја добие за фирмата.

– Кочо Анѓушев мора да ги отстрани сите сомнежи дека продажбата на неговата фирма би се користела за евентуална награда за решавање на спорот за името по волја на Грција. Тој треба да каже на јавноста која е реалната вредност на неговата фирма? Постои сериозна загриженост во јавноста дека разликата од реалната и продажната вредност би можела да биде надомест за промената на името на Македонија? – рече Делев, порачувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи на промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту на решенија кои задираат во македонскиот идентитет и го негираат постоењето на македонскиот јазик и народ.


Грчкото електростопанство ја купува ЕДС на вицепремиерот Анѓушев


Скопје, 11 јануари, 2018 - 15:48 (META) 

Грчката национална компанија за производство на струја, „Паблик пауер корпорејшн“ ППЦ (Public Power Corporation) ја почнала постапката за купување на компанијата „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС) на вицепремиерот Кочо Анѓушев, информираат од компанијата.

Од таму се додава дека, постапката за целосно купување на групацијата ЕДС со сите нејзини подружници на Балканот, ќе се реализира откако одобрение за тоа ќе издаде македонската Комисија за заштита на конкуренција.

ЕДС преку своите подружници работи во Словачка, Унгарија, Романија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Македонија, Грција и Бугарија.

Со купувањето на еден од најголемите балкански трговци со струја, ППЦ ќе влезе и во бизнисот со трговија со струја и ќе го прошири своето портфолио.

„ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката, со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над 5 милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е сопственик и на „Хедно“, која ја врши дистрибуцијата на струјата до потрошувачите во Грција, како и на ППЦ Обновливи извори  – една од компаниите пионери во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори“, се вели во соопштението.

 

 


EДС на Анѓушев бара спогодбено раскинување на договорот со МЕПСО


Скопје, 5 октомври, 2017 - 12:52 (META) 

Компанијата „Енерџи деливери солушн“ (ЕДС) побара спогодбено раскинување на договорот со МЕПСО за испорака на електрична енергија за покривање на загубите во електропреносниот систем на Македонија потпишан во декември 2016 година.

Во барањето доставено од компанијата до МЕПСО, стои дека причина за барањето е избегнување на секаков можен сомнеж за судир на интерес по назначувањето на сопственикот на компанијата, Кочо Анѓушев, за вицепремиер задолжен за економски прашања.

„Поради перцепцијата во јавноста дека функцијата заменик-претседател на Владата и позицијата доминантен сопственик во компанијата која испорачува, односно продава електрична енергија на акционерско друштво во државна сопственост, како што е МЕПСО, претставува судир на интерес, бараме договорот да биде спогодбено раскинат и ЕДС ДОО Скопје да биде ослободен за испорака на електрична енергија за ноември 2017 година“, стои во барањето на компанијата доставено до МЕПСО.


Заев за случајот „Фероинвест“: Покрај законите, важен е и етичкиот однос


Скопје, 14 септември, 2017 - 16:00 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска не одговори на новинарско прашање дали ќе се повлече од сопствеништвото на неговите компании, во кои се и фирмата „Фероинвест“ која учествува на државен тендер на компанијата ЕЛЕМ и на компанијата ЕДС,, еден од најголемите трговци со струја.

– Стојам тука исправен пред вас и пред јавноста да ги разјаснам политиките на Владата. Фирмите имаат управители и менаџери и јас искрено немам време да комуницирам со нив. Ви порачувам ним да се обратите со сите прашања – одговори Анѓушев на новинарско прашање по прес-конференцијата, на која заедно со премиерот Зоран Заев го презентираше владиниот план за економски пораст.

По одговорот се уфрли премиерот Заев, кој ги повика новинарите внимателно да го следат процесот со тендерот за ЕЛЕМ и нагласи дека покрај законите, важен е и етичкиот однос.

– Важно ми е учеството на Анѓушев во Владата, но важно е тие компании да продолжат да функционираат и вработените да добиваат плати. Тоа е актуелна тема и јас ви порачувам да го следите процесот. Постојат закони кои верувам дека нема да бидат прекршени, но тоа не е доволно. Етичкиот дел е исто така важен. Не можеме да очекуваме дека луѓе кои се избрани како претставници од коморите ќе ги пуштат да пропаднат своите компании. Особено оваа е 90 отсто извозно ориентирана. Но, тоа не дава право да биде било што неетичко. Мора сè да биде транспарентно и отворено докрај – посочи Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за новиот центар за медиуми во Владата, премиерот објасни дека тој е изграден од претходната власт и колку и да изгледа тоа непријатно во време на лоша економска состојба, Владата е решена да користи сè што е платено и направено, оти во некои случаи уривањето би било многу скапо.

– Ако ова го урнеме, тоа можеби би чинело и 50 отсто од вредноста што е дадена за да се направи – рече Заев.


ЕДС со најголем процент во снабдување на слободниот пазар со електрична енергија


Скопје, 11 декември, 2015 - 16:02 (META) 

Според анализата на МЕПСО за функционирањето на пазарот на електрична енергија во 2015 година, „Енерџи деливери солушн“ (ЕДС) има најголем процент на предадена електрична енергија кон потрошувачи во период од јануари до август тековната година.

Во својот осврт, македонскиот електропреносен систем-оператор ги има земено предвид сите учесници на пазарот на електрична енергија. Тоа вклучува 60 самостојни учесници, 250 учесници кои настапуваат преку снабдувачи на електрична енергија, 32 трговци и снабдувачи на електрична енергија и шест балансни групи составени од снабдувачи, потрошувачи и од производители на електрична енергија.

Компанијата за доставување електрична енергија ЕДС се издвојува од другите трговци и снабдувачи на пазарот со висок процент од 45,62 отсто.