Укинати притворите на Темелко и Поповски


Скопје, 16 мај, 2018 - 16:13 (META) 

Основниот суд Скопје 1 им ги укина притворите на поранешниот началник во МВР, Оливер Поповски кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, како и на градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во предметот на СЈО „Титаник“.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, постапувајќи по предлог на одбраната на Поповски, опфатен со обвинителниот акт поврзан со настаните во Собранието на Македонија, донесе решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката притвор со понудена гаранција во недвижен имот, со кое по правосилноста на решението и запишување на хипотеката од страна на Агенцијата за катастар, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување присуство во текот на постапката на обвинетиот му се определуваат мерки за претпазилвост и тоа: Обврска на обвинетиот да се јавува еднаш неделно на одговорно службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање“, се вели во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Кривичниот совет го укина и куќниот притвор на Темелко обвинет во предметот „Титаник“ на СЈО, по претходно барање на одбраната, а како гаранција е понуден недвижен имот.

Судот донел решение со кое го уважи предлогот за укинување на мерката куќен и го уважува предлогот на СЈО, со кој заради обезбедување присуство во текот на постапката, му се определуваат мерки за претпазливост и тоа, обвинетиот има обврска еднаш неделно да се јавува во Основен суд Ресен и привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.


Одложена расправата за „Титаник“, адвокатите бараат време за увид во доказите


Скопје, 2 април, 2018 - 12:16 (META) 

По речиси два часа изнесување на приговори од адвокатите на обвинитетите, пред почетокот на главната расправа за случајот „Титаник“, судијата Осман Шабани го одложи рочиштето за 12 април, за да им даде на бранителите дополнтелно време за увид во доказниот материјал од Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Четворица од адвокатите приговорија на листите на доказите доставени со цедињата заедно со обвинителниот акт. Тие приговараа дека во тие цедиња имало нови докази или пак недостасувале докази кои им биле приложени во текот на истражната постапка.

На таквите наводи реагираше обвинителката Лиле Стефанова од СЈО која кажа дека поголем дел од адвокатите веќе ги добиле уредно доказите и дека новите приговори се неосновани.

Дополнително, Боро Тасевски, адвокат на дел од обвинитите, меѓу кои и на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, побара јавно објавените прислушувани разговори да бидат изземени од доказите, а во прилог на тоа го наведе решението на Кривичниот совет за оценка на обвинителен акт при Основен суд Скопје 1, од ноември 2015 година.

Тој рече дека неговиот клиент Темелко кој за судењата патува од домашен притвор во Ресен, не може да издржи долго време да седи во судницата, поради неговата здравствена состојба.

Судијата Осман Шабани рече дека Судскиот совет тоа го има предвид, и дека секогаш кога на обвинетиот ќе му биде лошо, соодветно ќе реагира.


ВМРО-ДПМНЕ го одложи протестот за Темелко за следната недела


Скопје, 26 ноември, 2017 - 16:59 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го одложи протестот за притворот на градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, што беше најавен за вечерва пред Владата и го презакажа за 3 декември, соопшти партијата.

Протестот беше најавен како реакција на продолжувањето на притворот на Темелко, но Кривичниот суд викендов донел решение со кое ја укина ваквата мерка и ја замени со куќен притвор.

Како што потврдија од судот, ваквата одлука е донесена по добиено позитивно мислење од Специјалното јавно обвинителство.

Темелко е еден од обвинетите за изборни нерегуларности, во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Тој беше уапсен во Скопје на 26 септември.


Темелко излегува од притвор, судот ја заменил мерката со куќен притвор


Скопје, 26 ноември, 2017 - 14:13 (META) 

Градоначалникот на општина Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, обвинет во случајот „Титаник“ на СЈО, од истражниот затвор „Скопје“ во населбата Шуто Оризари ќе биде префрлен во домашен притвор.

Кривичниот суд во Скопје донел решение со кое мерката притвор се заменува со куќен притвор, потврдуваат од судот.

Како што информираат од судот, одлуката била донесена по добиено позитивно мислење од Специјалното јавно обвинителство.

Неколку граѓански организации, како и ВМРО-ДПМНЕ, бараа укинување на притворот на Темелко, пред сè поради неговата влошена здравствена состојба.

Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вечерва најави протест пред Владата против притворот на градоначалникот на општина Пустец.

Темелко е еден од обвинетите за изборни нерегуларности, во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Тој беше уапсен во Скопје на 26 септември.


ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира пред Владата против притворот на Едмонд Темелко


Скопје, 26 ноември, 2017 - 12:41 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе организира протест против продолжувањето на притворот на градоначалникот на општина Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, потврди за „Мета“ директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

Протестот треба да почне во 19 часот пред Владата, а потоа присутните граѓани, според информациите во медиумите, ќе се упатат пред судот.

Опозициската партија деновиве реагираше на притоворот на Темелко, меѓу другото и поради тоа што тој бил во многу лоша здравствеа состојба.

Вчера медиумите пренесоа дека Кривичниот суд му го продолжил притворот на Темелко за нови 30 дена.

Според ВМРО-ДПМНЕ, одлуката за притвор е резултат на политичките притисоци и нема никаква основа за негово продолжување. Притворот на Темелко, според партијата, преминува во казна наместо мерка за обезбедување на присуство на осомничениот.

Инаку, градоначалникот на општина Пустец е еден од обвинетите за изборни нерегуларности, во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Тој беше уапсен во Скопје на 26 септември.


Груевски до Мета: Притворот на Темелко е политички притисок, тој е борец за човекови права


Скопје, 20 ноември, 2017 - 20:52 (META) 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и претседателот на Албанија, Илир Мета, на денешната средба разговарале за македонско-албанските односи, за актуелната политичка состојба и за стратешките приоритети на Република Македонија, информираат од партијата.

Груевски посочил дека во поглед на остварувањето на приоритетот за влез во НАТО, значајна е поддршката на сите земји членки на Алијансата, вклучително и поддршката на Република Албанија.

„Воедно, Груевски го отвори и случајот со притворот на Едмонд Темелко, кој е единствениот Македонец по потекло, градоначалник во Република Албанија. Тој истакна дека одлуката за притвор е резултат на политички притисок и не е заснована на правни принципи. Груевски изрази загриженост за неговата здравствена состојба, која е влошена и која е доказ за нечовечко однесување и постапување спрема човекот кој е борец за човекови права и градоначалник во општина во Албанија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски посочил дека од соседните држави треба да се очекува политика на заемно почитување и придонес за зајакнување и за исполнување на приоритетите. Според него, занимавањето и нагласувањето на етноцентристички теми и идеи не придонесуваат за развој на добра атмосфера и на меѓусебна доверба.


Едмонд Темелко доби уште 30 дена притвор


Скопје, 27 октомври, 2017 - 17:34 (META) 

Основниот Суд Скопје 1 го продолжи притворот за уште 30 дена на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој беше уапсен кон крајот на минатиот месец.

Темелко, обвинет за изборни малверзации во случајот „Титаник“ на СЈО, и понатаму  ќе остане во Истражниот затвор „Скопје“.

Тој е во притвор од 26 септември, а во „Титаник“, освен него, обвинети се и Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески.


Македонска алијанса бара безусловно ослободување на Темелко


Тирана, 27 септември, 2017 - 10:37 (META) 

Македонската партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) порача дека најостро го осудува притворањето на Едмонд Темелко, градоначалник на општина Пустец, под обвинение за изборни нерегуларности за локалните избори во Република Македонија во 2013 година.

Од партијата велат дека Темелко не се криел од никого и редовно се јавувал во суд, според тоа што му било наложено. Велат дека немало забрана тој да ја напушта Македонија.

„МАЕИ потврдува дека Едмонд Темелко секојдневно ги извршуваше работните обврски градоначалник на општина Пустец во Република Албанија чиешто државјанство и пасош, исто така, ги поседува, но никогаш не се криел, ниту се дал во бегство, туку редовно се јавувал секоја среда, прво во Основниот суд Скопје 1, а потоа во Основниот суд Ресен, во согласност со претходно утврдените мерки на претпазливост при што му беше одземен само македонскиот пасош. МАЕИ укажува дека иако Специјалното јавно обвинителство и Основниот суд Скопје 1 знаеја дека Едмонд Темелко е државјанин и на Република Албанија, никогаш не му беше изречена мерка на претпазливост со којашто му се забранува да ја напушта територијата на Република Македонија!“, се вели во партиското соопштение.

МАЕИ смета дека приведувањето на Едмонд Темелко претставува навреда за сите Македонци во Република Албанија и „е дел од оркестрираната асимилација од албанската држава и бугарската пропаганда!“.

Партијата бара претседателот на Република Македонија веднаш да го помилува Едмонд Темелко, имајќи ја предвид и неговата нарушена здравствена состојба.


Едмонд Темелко е во полициска станица во Скопје


Скопје, 26 септември, 2017 - 18:23 (META) 

Градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, обвинет во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности во 2013 година, е во полициска станица, велат од МВР, не појаснувајќи дали сам се пријавил или бил приведен од полицијата.

По распитот во полициска станица, Темелко, според решението на судот, треба да биде спроведен во 30-дневен притвор во истражниот затвор во Шутка. Мерката притвор беше определена откако СЈО утврдило дека обвинетиот Темелко не ги почитувал мерките за редовно јавување во судот, па била побарана построга мерка.

Според некои информации во медиумите, Темелко, иако бил под забрана да излегува од Македонија, неколкупати ја минал границата со албанска лична карта.


Основниот суд му определи 30-дневен притвор на Едмонд Темелко


Скопје, 25 септември, 2017 - 19:31 (META) 

Основниот суд во Скопје го прифатило барањето на СЈО за притвор на Едмонд Темелко, потврдија за „Мета“ од Кривичниот суд во Скопје.

На градоначалникот на општината Пустец во Албанија му е одреден 30-дневен притвор за случајот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година.

Медиумите пишуваат дека СЈО побарало притвор за Темелко затоа што и покрај тоа што имал забрана да не ја напушта Македонија, тој во изминатиот период неколкупати ја минал границата, користејќи албански исправи за идентификација.

Темелко ќе почне да го издржува притворот откако ќе биде пронајден и спроведен во истражен затвор.

Во случајот „Титаник“ на СЈО се гонат и ексминистри и политичари, меѓу кои и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски.