Шекеринска: Како никогаш досега потребно ни е единство за брзо членство во НАТО и во ЕУ


Скопје, 17 август, 2017 - 14:47 (META) 

За доброто на нашата Република Македонија, за доброто на сите нејзини граѓани како никогаш досега потребно ни е единство без оглед на пол, вера, етничка припадност и политичка провиниенција да се обединиме кон целта сите заедно во најскора иднина да застанеме под државното знаме кое гордо ќе се вее како знаме на држава, полноправна членка на НАТО и на Европската Унија.

Ова денеска го истакна министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, која ја отвори музејската изложба „25 години Армија на Република Македонија“ во Воениот музеј во Скопје, а по повод 18 Август – Денот на АРМ.

На изложбата ќе бидат поставени опрема, оружје, фотографии и ексклузивитети од вооружувањето на специјалните единици од 25-годишниот историјат на Армијата.

– Армијата на Република Македонија е секогаш прва кога тоа е потребно за државата и за граѓаните, а тоа го покажуваат примерите и со помошта во справувањето со неодамнешните пожари, минатогодишните поплави, и секогаш кога државата се наоѓа во услови на загрозеност и криза. Во изминатиов период нашата Армија помина низ повеќе процеси на трансформација. Од регрутен систем денес имаме целосна професионализирана армија која нуди еднакви можности на припадниците на двата пола. Армијата беспрекорно ги извршуваше сите стратешки одлуки на највисокото државно раководство и вашите успеси беа и остануваат еден од главните двигатели на Република Македонија во евроатлантската интеграција – рече министерката, додавајќи дека припадниците на АРМ се најдобрите претставници на Македонија во меѓународната заедница, за што говори учеството во меѓународните мисии во Авганистан, Ирак, Босна, Либан…

На отворањето на изложбата во Воениот музеј во Скопје, присуствуваа и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, министерот за култура Роберт Алаѓозовски, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, високи претставници во Министерството за одбрана и АРМ, амбасадори и воени аташеа во Македонија.


Усвоена Римската декларација за иднината на ЕУ


Рим, 25 март, 2017 - 16:23 (META) 

Шефовите на државите и на владите на земјите членки на Европската Унија во Рим ја усвоија Декларацијата за иднината на Унијата во која се нагласува дека ЕУ ќе остане неподелена.

Освен тоа, во Декларацијата се вели дека ЕУ ќе напредува со различни брзини и сили во ист правец и дека ќе биде отворена за оние европски земји што ги почитуваат и вложуваат напори да ги уважат европските вредности.

Римската декларација е усвоена на 60-годишнината од потпишување на договорот за основање на Унијата во Рим. Новиот документ дава политички и програмски насоки за утврдување на идните неопходни промени.

Во Декларацијата се укажува дека ЕУ е соочена со невидени предизвици како на светската така и на домашната сцена, дека постојат регионални конфликти, тероризам, миграционен притисок, протекционизам и социјална и економска нееднаквост.

„Унијата ќе ја направиме посилна и отпорна низ уште поголемо единство и солидарност помеѓу нас и со почитување на заедничките права“, се вели во Декларацијата.

Лидерите на државите нагласија дека во следната деценија сакаат Унија која ќе биде безбедна, напредна, конкурентна, одржлива и социјално одговорна со волја и со способност да одигра клучна улога во светот и да се соочи со глобализацијата.


Членови на Левица најавија формирање фракција во партијата


Скопје, 8 декември, 2016 - 14:46 (META) 

Членови и основачи на партијата Левица најавија дека ќе формираат внатрешна фракција во партијата – „Единство“, чија цел, како што рекоа денеска на прес-конференција, ќе биде да се обедини членството и партијата да се врати на вистинскиот пат, пренесува „Канал 77“.

Причините за формирање на фракцијата, како што велат тие, се организациските и стратешки грешки на актуелните раководни органи на партијата.

„Во изминатата година Левица покажа храброст, знаење, желба за промени, но не и политичка зрелост и мудрост. Не беше донесен стратешки план, туку беа исполнувани желбите на одредени лидери. За да се оствари тоа, беше прекршен статутот на партијата и беа употребени лаги и манипулации со членството. Беа искажани закани за бркање од партијата и дисциплински постапки. Ние не ја формиравме Левица за да формираме нови диктатори, туку за да формираме нови лидери“, изјави Маријан Ненов, еден од основачите на Левица.

Според Ненов, опозицијата ѝ понудила на партијата сигурни пратенички места, но, како што рече, некој намерно ги отежнувал преговорите за партијата самостојно да излезе на избори.

Од фракцијата ги отфрлија како лага информациите што Левица денеска ги соопшти, дека Основниот суд Скопје 2 го одбил барањето за донесување привремена мерка за забрана на партијата Левица да учествува на предвремените парламентарни избори и со тоа потврдил дека одлуката за самостоен настап е легитимна.

„Тие од судот пред ден-два добија претставка за да се произнесат по тужбата, што значи дека таа е сè уште активна“, истакна Маријан Ристески, основач на Левица, пренесува „Канал 77“.


Трамп повика на единство на Денот на благодарноста


Вашингтон, 24 ноември, 2016 - 12:25 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, по повод Денот на благодарноста повика на единство на нацијата.

Низ призмата на тоа што тој го нарекува „долга и болна“ изборна кампања, Трамп рече дека емоциите во земјата се „сурови“.

– Дојде време да почнеме да ги лечиме нашите разлики, но тензиите не можат да исчезнат преку ноќ – рече Трамп.

Тој призна дека на многумина веројатно им останала „горчина“ по изборите.

– Тоа не оди бргу, но сега имаме шанса заедно да создадеме нова историја и да донесеме вистински промени во Вашингтон, да овозможиме сигурност на градовите и реален просперитет во нашите заедници – рече Трамп.


Иванов од Пелинце повика на национално помирување


Скопје, 2 август, 2016 - 13:33 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска од Меморијалниот комплекс во Пелинце им го честита Илинден и првото заседание на АСНОМ на македонските граѓани и порача дека историјата покажала дека секогаш кога сме поделени, ние сме и поробени, а секогаш кога сме сплотени, сме слободни.

– Но, ние веќе бевме помудри за два Илиндена, и за две изгубени можности. И немаше да дозволиме да ја повториме грешката. Од вториот до третиот Илинден, од АСНОМ 1944-та, до 8 септември 1991-та, како народ ние ја научивме втората лекција. А тоа е дека кога се сомневаме во себе ‒ губиме, а кога веруваме во себе ‒ победуваме. Верувавме и победивме. Гласавме за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава – рече Иванов.

Тој истакна дека светот повторно се наоѓа во период на голема трансформација.

– Ова е време на длабоки кризи и крвави конфликти, на пропаднати држави и разорени општества. Време на милиони бегалци и мигранти кои се во потрага по среќа. Ова е доба на радикални идеологии кои метастазираат и зафаќаат млади, отфрлени и незадоволни поединци од европските гета. На европскиот хоризонт се надзира нова реалност. Европската Унија ги избриша внатрешните без да ги утврди и заштити надворешните граници. Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брексит, наместо да се обединува и проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и намалува – рече претседателот и додаде дека во вакви услови, многу нешта не зависат од нас.

Според Иванов, геополитичките игри, економските кризи, големите миграциски бранови, тековите на геопрофитот, транснационалните ризици и закани од организиран криминал и тероризам, се само дел од глобалните процеси што влијаат и врз нас. Сепак, како што рече некои нешта кои зависат од самите нас.

– Секоја држава е онолку суверена колку што ја контролира својата територија. Сфативме дека ако прво сами себеси не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне. Затоа, наместо реактивни, решивме да бидеме проактивни – рече Иванов, посочувајќи ги успешните обиди за справување со безбедносните закани од насилен екстремизам и тероризам.

– Речиси секојдневните терористички напади во Европа и во светот се новата реалност. Како држава, ние мора да се навикнеме да живееме и да функционираме во таква реалност. Во вакви сложени услови, повеќе од кога било порано сите ние мора да бидеме сплотени и единствени – рече Иванов.

Говорејќи за политичката криза тој го поздрави постигнатиот договор и рече дека треба државните интереси да се стават над личните.

– Но, сега доаѓа потешкиот дел. А тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија. Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори. Медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам. Новинарите мора да бидат чувари на вистината и да бидат совест на општеството. Цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам, од демонизирање на оние со кои не се согласуваат. Ги повикувам нашите европски и евроатлантски партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади. Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис – рече Иванов, истакнувајќи дека за иднина ни треба единство, а за единство ни е потребно помирување.


Левица: Го поздравуваме најавениот бојкот за изборите на 5 јуни


Скопје, 7 април, 2016 - 13:17 (META) 

Го поздравуваме најавениот бојкот за изборите на 5 јуни и се надеваме дека СДСМ овојпат ќе остане доследeн на овој став, велат од политичката партија Левица.

„Последните случувања околу изборите се само потврда на нашиот одамна изнесен став дека до фер избори не може да се дојде преку никакви договори со корумпираниот и криминален режим. До фер избори може да се дојде единствено преку експертска влада, која би имала мандат од барем една година за да се обезбедат минимум услови за регуларни избори. До ваква влада може да се дојде единствено преку притисок од македонските граѓани“, пишува во соопштението на партијата.

Од партијата велат дека календарски, пролетта дојде пред петнаесетина дена, но време е да дојде и до општествена пролет.

„Време е да ги заживееме протестите! Се гледаме на барикадите“, пишува во соопштението на Левица.


Г.Г.Стефан: Единството треба да биде нашата најголема сила


Штип, 10 мај, 2015 - 14:41 (META) 

Да се помолиме за душите на загинатите и за здравје на повредените, побара поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во говорот по осветувањето на црква во Штип. При тоа, поглаварот се осврна на актуелната состојба и последните настани од Куманово.

– Вчерашните случувања во Куманово, потврдија дека кога ќе заборавиме на обврските кон народот и кога партиските и личните интереси ни се поважни, поинаку и не може да биде. Време е конечно да сфатиме дека единството треба да биде нашата најголема сила и гаранција за нашето опстојување. Господ нека ни помага да го разбереме тоа, но што поскоро! Во овој миг, да си спомнеме и да се помолиме за здравје на повредените и за душите на загинатите полицајци. Господ да им дарува царство небеско – рече г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА рече дека се променивме на подобро со изградбата на верските храмови, но ни требаат уште промени во меѓусебните односи и почитувањето едни кон други.

– Нашето богољубие најдобро ќе го потврдиме со нашето човекољубие. Не можеме да го сакаме Бога, кого не го гледаме, а го мразиме братот што го гледаме, предупредува светиот апостол Јован. Народот рекол „Кога двајца се караат, третиот користи“, односно кога двајца се караат, третиот по двјацата ќе удри – рече поглаварот на МПЦ-ОА во Штип.