!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Корупцискиот магнет „Синохидро“ и спинот на Груевски


Скопје, 12 јули, 2017 - 9:57 (META) 

Интервју на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на ТВ Нова:

Прашање: Земавте ли пари од Кинезите?

Одговор: Никакви пари не сум земал, какви пари, тоа се државни фирми, државни компании, на памет не ми паднало такво нешто!

[Извор: ТВ Нова, (од 19.48) датум: 07.07.2017]

Ваквиот одговор на Груевски имплицира како небаре да не можело да се земе никаква провизија, никакво мито од кинеските фирми, кои учествуваа на тендерот за изградба на патиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, затоа што, ете, тие биле „државни фирми, државни компании“, па заради тоа нему ни на памет не му „паднало такво нешто“. Ваквиот одговор имплицитно кажува дека земањето мито како да е небаре незамисливо или во најмала рака многу тешко токму заради државната сопственост на овие фирми.

Но, ова е многу далеку од вистината. Имено, корупцијата во Кина е раширена далеку повеќе кај државните компании отколку кај приватните, како што тоа и редовно се случува во еднопартиските држави и генерално во земјите со голем деловен сектор во државна сопственост и каде што контролните механизми на демократската држава се неразвиени или не постојат. Потоа, кинеските државни фирми се огромни. На пример, на листата на 225 светски компании, кои се глобални лидери во инженеринг и градежништво, првите пет се кинески, а „Синхидро“, компанијата која го доби тендерот за автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип е на 14. место во светот. Заради ова, зделките кои ги договараат кинеските државни фирми се големи, а со тоа и корупцијата е на високи суми.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Колку таа корупција во кинескиот државен сектор е раширена, најдобро покажува и фактот што пред само две години, кинеските власти одеднаш приведоа дури 115 директори од најголемите државни фирми токму поради сомневања за корупција. Покрај ова, околу 150 директори и други високи службеници во државните кинески компании беа репатрирани од цел свет во Кина, откако побегнаа поради сомневања дека биле корумпирани. Значителен дел од нив беа пребегнати во европските земји со кои Кина нема договори за екстрадиција.

„Синохидро“, пак, која е компанија во склоп на кинескиот државен енергетски џин „Power China“, е посебна приказна кога станува збор за корупцијата. „Синохидро“, како прво, е огромен. Во моментов работи во 72 земји на 486 градежни објекти од различни видови, чија вкупна вредност е 43 милијарди евра. Голем дел од овие проекти, како и автопатиштата кај нас, се финансирани од кинеската „Ексим банка“.

Во некои земји, просто е зачудувачки како проблемите со кои компанијата се соочува се слични на тие кај нас. На пример, во Еквадор „Синохидро“ гради хидроцентрала и како што овде има проблеми со клучките и трасата на автопатот Кичево – Охрид, таму има проблем со очекуваното производство на електрична енергија, кое се смета дека ќе биде двојно помало од предвиденото, што значи дека има проблеми со студијата за исплатливост, а покрај ова забележани се еколошки проблеми, како и корупција. Слично како и овде.

Во Африка, пак, Африканската банка за развој (АБР, нешто слично како ЕБОР – Европската банка за обнова и развој) го стави „Синохидро“ на црна листа и го натера да се согласи на сеопфатна проверка дали ги почитува нејзините правила, откако беше откриено дека се вршени измами во тендерските постапки и договорите за работа во Уганда. „Синохидро“ во Африка доби тендери и во Зимбабве за зголемување на капацитетите на две електрични централи со вкупен износ од 533 милиони долари, но проблемот е во тоа што овој износ е двојно повисок од тој што е платен за слична зделка на другата страна од истата држава. За тоа колку или дали се натплатени автопатиштата кои ги гради „Синохидро“ во земјава, тешко е да се утврди. Како што е познато, со оглед на тоа што стануваше збор за кинески пари, на тендерот можеа да се јават само кинески фирми, а во однос на понудата на второпласираната „China International Water & Electric Corporation“ (CWE), Специјалното јавно обвинителство вели дека со неа воопшто не е ни преговарано и од неа не е воопшто побарано да достави дополнителна понуда. Но, сличен ваков случај со натплаќање имаме кај еден друг автопат, оној од Демир Капија до Смоквица, кој го гради грчки „Актор“, каде што веќе има завршена истрага од страна на Бирото за борба против корупција на ЕУ (OLAF) и каде што се смета дека е прифатена понуда која е далеку поскапа од најниската, како и дека натплатениот износ е околу 100 милиони евра.

Истрагата на АБР утврди и дека во текот на тендерската постапка за изградбата на пат во Уганда се правени измами во кои е вмешан „Синохидро“ и како дел од договорот за да не ѝ се забрани на компанијата да учествува на тендери во период од три години, таа ќе биде под засилен надзор, а потоа и ќе биде оценувана дали ги подобрила своите корпоративни практики за воопшто да може да продолжи да учествува во зделки финансирани од АБР. Инаку, во рамките на тендерот за изградба на патот во Уганда, откриено е дека „Синохидро“ поднел неточни референци за искуството кое го имал во изградбата на вакви патишта и за учество во вакви проекти. Имено, референците кои се поднесени се однесувале на патишта кои сè уште не биле довршени и не биле дадени во употреба, што не е дозволено според стандардите на АБР, известува „Хералд“, најголемиот весник во Зимбабве, со седиште во престолнината Хараре.

Покрај ова, кога сме веќе кај црните листи, Светската банка објави јавна опомена на својата веб-страница до „Синохидро“ (која на веб-страницата на банката ќе стои објавена една година – од 29 јуни 2016 до 29 јуни 2017, значи уште две и пол недели) заради тоа што има големи изгледи дека кинеската компанија била вмешана во измамнички практики, односно скрила дека платила провизии на друг субјект за да влијае врз процесот кој се одвивал во рамки на тендер финансиран од Светската банка. Ова, според правилата на банката е забрането. „Синохидро“, имено, има платено 6,9 милиони долари на локална консултантска фирма откако има добиено тендер за изградба на хидро-електрична централа во Мали, вреден 172,6 милиони долари, а финансиран од Светската банка. И во периодот од декември 2013 година, па сè до јуни 2016, на „Синохидро“ му беше забрането да учествува на тендери финансирани од Светската банка зашто беше под т.н. рана привремена суспензија, за оваа забрана да биде отстранета во јуни 2016 година и компанијата за помине со казна која се состоеше од отслуженото време и јавната опомена. Но, она што е интересно за нас е фактот што македонските власти знаеле за овој проблем на „Синохидро“ (Македонија е членка на Светската банка и нејзини претставници имаат пристап до интранетот на банката каде што е објавена оваа одлука), односно знаеле дека компанијата е под забрана да учествува на тендери финансирани од Светската банка, но немале проблем да ја изберат како компанија која би ги градела автопатиштата во земјава кога тие се финансирани од кинеската „Ексим банка“.

Сето ова покажува дека корупцијата кај државните кинески фирми е и тоа како раширена, а кај „Синохидро“ особено. Токму затоа ваквата изјава на Груевски, во која тој искажува чудење и невозможност за корупција кај кинеските државни фирми, а особено „Синохидро“, ја сметаме за спин.


ЕБОР и НЛБ ќе ги поддржуваат жените претприемачи со 300.000 евра


Скопје, 25 јануари, 2017 - 13:58 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Нова љубљанска банка (НЛБ), потпишаa договор за поддршка на жените претприемачи во Македонија.

ЕБОР ќе обезбеди три милиони евра кредит на НЛБ, за финансирање на мали и средни претпријатија, управувани од жени.

Програмата е креирана за промовирање на претприемништвото кај жените, помагајќи им на малите и на средните претпријатија (МСП) управувани од жени, во пристапот до финансии и до советодавни услуги, овозможувајќи им да остварат пораст во работењето.

Програмата комбинира финансирање, техничка поддршка и деловни советодавни услуги за поддршка на МСП управувани од жени. Tехничката помош и советодавните услуги се кофинансирани од владите на Луксембург и на Шведска.

„Оваа програма е особено значајна бидејќи им овозможува на нашите клиентки пристап до кредити во износ до 300.000 евра за финансирање на основни средства, но и на средства за тековно работење, по многу поволни услови, со рок на отплата до пет години. Воедно, нуди нефинансиска поддршка, преку советодавни услуги за изработка на бизнис-стратегија, маркетинг, сметководство и информатичка технологија,“ изјави претседателот на управниот одбор на НЛБ, Антонио Аргир.

ЕБОР реализира проекти во Македонија од 1993 година и досега има инвестирано повеќе од 1,6 милијарда евра, во повеќе од 100 проекти во земјата.


ЕБОР одржа работилница за компаниите за стока за широка потрошувачка


Скопје, 26 мај, 2016 - 11:47 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одржа работилница за начините за зголемување на конкурентноста и градењето на извозните капацитети на македонските компании за стока за широка потрошувачка.

Учесниците разговараа за најдобрите меѓународни пракси во индустријата, пазарните трендови и стратегиите за развој на извозот.

– Свесни сме дека компаниите имаат потреба од финансирање на нивните бизниси, но потребно им е практично знаење за подобрување на работењето и растот. ЕУ и ЕБОР креираа посебна програма за користење на финансиските инструменти, основана под Фондот за развој и иновација на претпријатијата. Нашата цел е да ја подобриме подготвеноста за инвестирање на малите бизниси, кои се носител на економијата на Западен Балкан – изјави раководителот на економскиот оддел во Делегацијата на Европска унија во Македонија, Јаромир Левичек.

Малите и средни претпријатија играат важна улога во економијата на Македонија и учествуваат со 21,5 отсто во производството, а заедно со агро-секторот придонесуваат со околу 10 проценти во БДП.

Преку проектот за советодавни услуги на ЕБОР наменет за компаниите во земјата, во рок од една година се зголеми обртот за скоро 50 отсто, а продуктивноста забележа раст од над 50 отсто во над 70 отсто од компаниите, кои ги прошируваа нивните бизниси. Повеќе од половина од нив, бележат значајно креирање на работните места, а над 20 отсто успеваат да обезбедат надворешни фондови за финансирање на нивниот раст.

 


ЕБОР со 64 милиони евра ќе ја кредитира изградбата на патот Штип – Радовиш


Скопје, 18 ноември, 2015 - 15:05 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе ја зајакне транспортната инфраструктура со финансирање на модернизацијата на македонската национална патна мрежа со кредит до 64 милиони евра, соопшти ЕБОР.

Финансирањето ќе се искористи за подобрување на 39 километри од националниот патен правец што ги поврзува градовите Штип и Радовиш.

Како дел од патот А4, подобрениот патен правец ќе ги поврзе и новиот автопат Миладиновци – Штип, автопат кој води до секцијата каде што се сечат двата југоисточни паневропски коридора (Коридор 8 и Коридор 10).

 


ЕБОР поддржува одржлив развој на македонските државни патишта


Скопје, 10 ноември, 2015 - 13:49 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри зголемување на постојниот кредит за 21 милион евра за поддршка на понатамошните подобрувања на мрежата на македонските државни патишта, во делот помеѓу Штип – Кочани и Раец – Дреново.

Со новопредложениот проект, двете ленти од патот ќе се задржат, должината на патот ќе се зголеми за 28 километри, а износот на вкупното финансирање ќе се зголеми за 21 милион евра.

Првичниот заем од 74 милиони евра кон Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), беше потпишан во ноември 2014 година. Клучен елемент во инвестицијата е подобрување на безбедноста на патот.

– Ние ја гледаме потребата за развој на инфраструктурата во земјата како еден од клучните приоритети за ЕБОР во Македонија. Добро развиени и современи регионални транспортни конекции ќе го зајакнат регионот и ќе го подобрат пристапот на оддалечените области до поголемите пазари. Во прилог на ова, подобрениот дизајн на продолжувањето на патот ќе резултира во значајно зголемување на безбедоста – изјави првиот потпретседател на банката, Фил Бенет, на церемонијата за потпишување што се одржа во Лондон.

Министерот за финансии, Зоран Ставрески, се заблагодари за поддршката на ЕБОР за овој важен државен проект.

– Поврзувањето на македонските региони, преку националните патишта и меѓународните конекции, го гледаме како економски приоритет. Овој проект е од корист за сите ѓраѓани на Македонија и носи одржлив економски развој – изјави Ставрески.

ЕБОР почна да инвестира во македонската економија во 1993 година. До денес, во земјата има потпишано повеќе од 90 проекти со кумулативен нето-износ од повеќе од 1,5 милијарда евра.

 


ЕБОР: Негативните ризици по економијата произлегуваат од големиот пораст на јавниот долг


Лондон, 6 ноември, 2015 - 14:29 (META) 

Mакедонската економија ќе продолжи со порастот со интензивна стапка и со зголемување од 3,5 проценти во 2015 и во 2016 година, се вели во извештајот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за регионалната економска иднина.

Во него се наведува дека значајни негативни ризици произлегуваат од внатрешно-политичките проблеми и од големиот пораст на јавниот долг.

Според извештајот, сè поголемите бројки во делот на извозот, значително зголемени во првата половина од годината, се главниот двигател на ваквите економски резултати.


Промовиран портал за електронски набавки, во соработка со ЕБОР


Скопје, 17 септември, 2015 - 15:59 (META) 

Стопанската комора на Македонија во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) организираше презентација на порталот за електронски набавки.

Порталот ECEPP им овозможува на клиентите на Европската банка за обнова и развој да спроведат електронска набавка на стоки и на услуги за проекти во јавниот сектор, финансирани во целост или делумно од ЕБОР.

Откако ќе направат едноставен процес на регистрација, новиот систем на доставувачите им овозможува да ја добијат тендерската документација за договори во согласност со политиките и со правилата за набавка на ЕБОР по електронски пат, без никакви трошоци.

Порталот ECEPP овозможува доставувачите да поднесат шифрирана електронска понуда, гарантирајќи безбедност и доверливост, а потоа во исто време преку интернет се отвораат понудите, по конкретниот завршен рок за поднесување понуди, со автоматско известување до сите учесници околу клучните тендерски податоци.

На презентацијата присуствуваа триесетина претставници на компании-членки на Стопанската комора на Македонија. АД МЕПСО е првиот македонски корисник на платформата за Е-набавки на ЕБОР.

Подетални информации може да се добијат на следниот линк:  http://www.ebrd.com/. Порталот за Е-набавки како пилот-проект се спроведува во Македонија, Косово и во Молдавија.


ЕБОР одобри два милиони евра за проширувањето на оптичката инфраструктура


Скопје, 3 јуни, 2015 - 15:07 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобри кредит во висина од два милиони евра на компанијата „Неотел“, со кој се финансира проширувањето на оптичката инфраструктура на широкопојасната мрежа во Македонија.

Подобрените услуги ќе овозможат зголемување на бројот на корисници на широкопојасен интернет во Македонија, кој останува да биде речиси на половина од нивото на европскиот просек од 27,7 проценти покриеност на корисници од населението во земјата.


ЕБОР одобрува грантови за македонските компани


Скопје, 18 април, 2015 - 11:02 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одобрува грантови за консултантски услуги за компаниите од Македонија.

Повисоки грантови ќе добијат мали компании со помалку од 50 вработени, фирми што се наоѓаат во помалку развиените региони на кои им треба советување за стратегија, деловни процеси или инженерски решенија.

Проектите за енергетска ефикасност, стратегија, деловни процеси, инженерски решенија и финансиско известување, исто така, ќе добијат повисок грант.

Повеќе информации за критериумите според кои ќе се доделуваат грантовите може да се најдат на веб-страницата www.ebrd.com.

 


ЕБОР ќе ѝ даде кредит на Македонија за Коридор 8 и за патишта


Скопје, 5 декември, 2014 - 16:16 (META) 

Европската банка за обнова и развој и Македонија денеска потпишаа договор за кредит од 145 милиони евра, со кој ќе се финансира модернизирањето на железничката инфраструктура и зајакнувањето на регионалните транспортни врски на земјата.

Со кредитот кој му се дава на ЈП „Македонски железници“, се обезбедуваат средства за продолжување на втората фаза од изградбатра на источниот дел од паневропскиот коридор 8. Со овие средства, треба да се заврши делницата од 34 километри на железничкиот коридор, кој ќе овозможи поврзување на брегот на Црно Море во Бугарија со брегот на Јадранско Море во Албанија, но и со Турција. Целиот проект се проценува на 600 милиони евра.

– Изградбата на железничкиот коридор 8 има повеќекратна политичка и економска важност. Тоа е добра можност за воспоставување мост меѓу Западот и Истокот. Откако целосно ќе биде изградена железничката пруга, патувањето од Скопје за Истанбул, по копнен пат, ќе биде пократко за час и половина – рече министерот за финансии, Зоран Ставрески, додавајќи дека ова е голем проект за Македонија, кој ќе придонесе за изградба на одржлив економски пораст на прекуграничната трговија.

Истовремено, ЕБОР и македонската влада денеска потпишаа договор за кредит од 160 милиони долари, со кој ќе се се овозможи изградба на три експресни пата и на еден автопат.

Првата транша од 74 милиони, ќе се искористи за реконструкција на патот Штип – Кочани, како и за изградба на пат меѓу селата Раец и Дренови.