Намалени цените на индустриските производи на домашниот пазар


Скопје, 27 јули, 2018 - 13:37 (META) 

Продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар, во јуни се пониски за 0,3 проценти на месечно ниво, а за 0,8 проценти на годишно ниво, соопшти Државниот завод за статистика.

Во јуни 2018, во споредба со мај годинава, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски во групите eнергија за 0,6 проценти, капитални производи за 0,3 проценти, интермедијарни производи, освен енергија за 0,2 проценти и нетрајни производи за широка потрошувачка за 0,1 проценти.

Во споредба, пак, со јуни 2017 година, продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар се пониски во групите енергија 7,3 проценти и капитални производи 0,6 проценти.


Пораст од 8,9 отсто на бројот на вработени во индустријата за една година


Скопје, 29 јуни, 2018 - 15:29 (META) 

Во мај годинава во индустријата биле вработени 8,9 отсто повеќе луѓе отколку во истиот месец во 2017 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на работниците во секторот Рударство и вадење на камен во мај 2018 година, во однос на мај 2017 година, бележи пораст од 1,7%. Во секторот Преработувачка индустрија порастот во истиот период изнесувал 9,9%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, опаднал за 0,2 отсто.

Во периодот јануари – мај годинава, пак, имало 7,5 отсто повеќе вработени во индустријата во однос на истиот период минатата година.


Џафероски: Се штитиме и спасуваме со опрема која е донација уште од ЈНА


Скопје, 27 февруари, 2018 - 14:05 (META) 

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), од своето формирање до минатата година, не успеала целосно да го воспостави системот за заштита и спасување, рече директорот на ДЗС, Аднан Џафероски, на средбата со новинарите на која информираше за состојбата во Дирекцијата, во која, како што кажа, наследил долг од 70 милиони денари (милион и 135.000 евра).

Според него, до неговото доаѓање на функцијата, несоодветно се водела кадровска политика, посебно во поглед на изборот на раководителите. Наследениот долг, пак најмногу отпаѓа на неисплатени услуги за механизација која е користена во елементарни непогоди.

Тој рече дека со неговото доаѓање на чело на Дирекцијата ги реактивирал 64-те тимови за брз одговор кои во моментов се на дообука, а претходно не функционирале, не биле соодветно опремени и не се спроведувале стандардните процедури.

Џафероски се пожали и дека во ДЗС во последните десет години не се направени никакви инвестции, освен трите авиони за гасење пожар кои се набавени во 2009 година. Голем дел од опремата бил дониран уште од ЈНА, a и другата опрема е главно од донации.

Новиот директор се пофали дека откако дошол на функцијата, за првпат навреме и законски извршил сервисирање на авионите што се подготвени за гасење на пожари за следната сезона. Тој рече дека набавиле и дрон што ќе превенира во пожарите, односно ќе се интервенира веднаш онаму каде има мал пожар да не се прошири.  Оваа инвестиција, вели то, е многу исплатлива отколку да се прават превентивни летови со авионите, што трошат по две до три илјади евра од лет.

Директорот најави посебна прес-конференција на која ќе информира за состојбата со материјално-техничките средства кои ги користи ДЗС во справувањето со елементарните непогоди, меѓу кои се и средствата од меѓународни донатори.


ДЗС: Излеаната вода од реките се повлекува, водостојот се нормализира


Скопје, 3 декември, 2017 - 14:57 (META) 

Водостојот на реките е во опаѓање, а водата на излеаните места веќе почнува да се повлекува, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата додаваат дека од страна на единиците на локална самоуправа и на јавните комунални претпријатија, преземени се сите активности за нормализација на состојбата со излевањето на водотеците. Според ДЗС, во моментот нема потреба од ангажирање на силите и на средствата на Дирекцијата за заштита и спасување доколку не дојде до влошување на состојбата и на хидрометеоролошките услови.

Управата за хидрометеоролошки работи, исто така, информира дека според податоците од хидролошките станици низ земјата, се забележува намалување на водостојот на реките. Исклучок се поединечни хидролошки станици кои се лоцирани во долните теченија на реките и кај кои е регистрирано извесно зголемување, што е очекувано.

„И овие зголемувања се незначителни, така што се очекува нивно постепено стабилизирање. Во текот на денешниот ден се очекува врнежите да престанат и водостојот на реките низ земјава постепено да почне да се намалува“, велат од УХМР.


ДЗС: Се преземаат мерки за спречување поплави, неколку места се критични


Скопје, 2 декември, 2017 - 14:03 (META) 

На одредени места постои опасност од излевање на водата надвор од речните корита, предупредија од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Од дирекцијата велат дека зголемување на нивото на водата е забележано на реките Треска, Радика, Сатеска, Кичевска, по горниот тек на Вардар во атарот на селото Раотинце, како и на нивните притоки.

„Подрачните одделенија за заштита и спасување, во соработка со единиците на локална самоуправа, извршија увид на критичните точки на водотеците. Се преземаат мерки за спречување поплави“, велат од ДЗС.

Од ДЗС додаваат дека будно ја следат состојбата на терен и дека силите за заштита и спасување се во состојба на зголемена мобилност, поради најавите за интензивирање на врнежите од дожд наредните денови.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вели дека се во постојан контакт со Управата за хидрометеоролошки работи.

– Ја следиме состојбата и штом ќе добиеме соодветни сознанија, односно официјални потврди, ќе се спроведат сите процедури што се во наша надлежност – изјави Николовски по презентацијата на предлог-буџетот за земјоделство за 2018 година.


Просечната нето-плата во септември изнесувала 23.229 денари


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:57 (META) 

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември 2017 изнесува 34.127 денари, додека просечната нето-плата изнесува 23.229 денари, а во овој месец 1 отсто од вработените не зеле плата. Просечната плата, односно и нејзиниот бруто-износ и нето-износот биле поголеми за 4,6 отсто отколку во истиот месец во 2016 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемувањето во периодот од една година најмногу се должи на порастот на просечната плата во секторот уметност, забава и рекреација, каде бруто-платата се зголемила за  26,3 отсто, а нето-платата се зголемила за 32,1 отсто.

Просечната плата, и бруто и нето, во септември годинава пораснала и во однос на претходниот месец, односно август годинава, што повторно се должи на зголемувањето на платите во секторите уметност, забава и рекреација, со 13,8 отсто пораст на бруто-платата, односно 17,1 отсто на нето-платата.


ЦУК: Пожарот кај село Требовље сè уште е активен


Македонски Брод, 1 август, 2017 - 12:43 (META) 

Пожарот во атарот на село Требовље е сè уште активен кај местото Лутоец и покрај патот што води од селото Самоков, односно кај местото Дреноец, кој се протега низ борова шума од двете страни на патот. Жариштето е кај местото Јасикоец, кое се наоѓа во непосредна близина на патот и населеното место Растеш, соопштува Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во моментов во активностите за гаснење на пожарот ангажирани се подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) од Македонски Брод, Прилеп и од Кичево. Се очекува да пристигнат уште лица од ДЗС, месно население, територијални противпожарни единици од Македонкси Брод, Скопје, Куманово и од Кавадарци, еден авион на ДЗС, војници од гарнизонот во Кичево, работници од ЈП „Македонски шуми“- подружници Македонски Брод и Кавадарци и од општина Македонски Брод.

Според ЦУК, гаснењето е отежнато поради големината на просторот, лошиот терен, високата температура и ветерот, како и поради тоа што станува збор за површина со борови.


Зголемување на прометот на храна, пијалаци и на тутун во трговијата на мало


Скопје, 31 јули, 2017 - 13:22 (META) 

Во трговијата на мало, во јуни годинава во однос на истиот месец лани, зголемување на прометот е забележано кај храната, пијалаците и кај тутунот за 6 проценти, како и кај горивата за автомобили за 8,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Намалување на прометот во трговијата на мало е забележано во групата непрехранбени продукти, освен гориво, за 9,3 проценти.


ДЗС: Во некои региони потребна е дополнителна механизација за расчистување на снегот


Скопје, 26 јануари, 2017 - 16:00 (META) 

Локалните власти во Зелениково, Чучер – Сандево и во Липково побарале дополнителна градежна механизација за справување со снежните наноси, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Од дирекцијата велат дека во регионите зафатени со снежни наноси, биле ангажирани четири градежни машини.

ДЗС, како што изјавуваат оттаму, била подготвена да интервенира со дополнителна механизација за справување со снежните наноси на поголем дел од територијата на Македонија.

За наредните денови УХМР предивидува суво, но многу студено време, со температура под минус 10 Целзиусови степени.


ДЗС: Оспособени за сообраќај повеќе патни правци во општина Студеничани


Скопје, 8 јануари, 2017 - 18:40 (META) 

Со ангажирање градежна механизација, во текот на денешниот ден оспособени за сообраќај на моторни возила се патните правци кон Долно и Горно Количани, Црвена Вода, Китка, Маркова Сушица, Цветово, Осинчани, Бела Црква, Елово и кон Црн Врв во општина Студеничани, додека на патниот правец кон викенд-населбата Мала Река сè уште се работи, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување.

Поради вонредно ниската температура, градежната механизација ангажирана во општина Зелениково имала проблеми при активирањето во утринските часови, поради што била ангажирана дополнителна механизација.

Во општина Дебар, како што се наведува во соопштението на ДЗС, упатената механизација сè уште работи на расчистување на патните правци кон Горно Косоврасти, Гари, Осој и ком Татар и Елевци.

На стариот патен правец од Куманово кон Свети Николе, во текот на вчерашниот ден биле завеани возила и камион на „Македонија пат“. Вработени од подрачните одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување од Куманово и од Свети Николе со возила заедно со припадници на полицијата се упатиле од двете страни да дојдат до завеаните кои биле извлечени.

ДЗС апелира до граѓаните ако не е неопходно да не заминуваат на пат, да носат топла облеки и консумираат топли пијалаци. Доколку треба да работат на отворено, тоа да се прави со паузи.