!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Стотина средношколци од Охрид отворено застанаа зад „За заедничка Македонија“


Охрид, 20 март, 2017 - 12:37 (META) 

Средношколци од Охрид од утринава застанаа зад протестите на движењето „За заедничка Македонија“.

Околу стотина ученици од средното техничко училиште „Св. Наум Охридскки“, средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ и од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, се собраа на градскиот плоштад.

Носејќи го државното знаме, скандираа дека се за зачувување на унитарниот карактер на државата и за поддршка на политиката на претседателот Ѓорге Иванов.

Тие тврдат дека никој не ги организирал, туку спонтано ги напуштиле училиштата за да се приклучат кон барањата да не се воведе двојазичност во земјава и да се зачува унитарноста на државата.

Некои од учениците рекоа дека имале поддршка од директорите и најавија ново собирање в среда.


ВМРО-ДПМНЕ: Тиранската платформа значи директно мешање во внатрешните работи


Скопје, 13 март, 2017 - 10:04 (META) 

„Меѓу тиранската платформа и државните и национални интереси на својот народ, аболираниот криминалец Зоран Заев ја одбра платформата. Тиранската платформа значи директно мешање во внатрешните работи на Македонија“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „овојпат Заев ја продава цела Македонија, само за да ја засити својата патолошка желба за власт без поддршка од народот“.

– Зоран Заев, играјќи по нотите од Тирана, е подготвен да направи Влада со Зијадин Села, човекот кој јавно признава дека сака да ја смени македонската химна и македонското знаме и дека не постои македонски идентитет. Зоран Заев и СДСМ само да се доберат до власт, која изворно не им припаѓа, затоа што не победиле на изборите од 11 декември, мораат да прават секакви отстапки на штета на унитарноста на Македонија – се додава во соопштението.

Во него, исто така, се вели дека „Зоран Заев и СДСМ се подготвени на целосна двојазичност на државата, двојазични амблеми на војската и на полицијата, двојазични банкноти и монети, прогласување за геноцидни народи на: Турците, Србите, Бугарите, Хрватите, Словенците, Црногорците, Германците, Италијанците, како и прогласување за геноциден и својот сопствен народ“.

– Крајно време е Зоран Заев да покаже барем малку државност и чувство на припадност кон сопствениот народ, да смогне сили и да ѝ каже не на платформата од Тирана, да ја прифати понудата на ВМРО-ДПМНЕ со што ќе се обврзе да не ја реализира тиранската платформа. Доколку Зоран Заев до таа мера е импресиониран од платформата од Тирана, нека прифати парламентарни избори заедно со локалните избори во мај и нека излезе пред граѓаните со барањата од Тирана – се вели во соопштението.


„Цивил“: МВР да ги спречи нападите врз новинари, активисти и врз јавни личности


Скопје, 11 март, 2017 - 11:25 (META) 

„Цивил“ – Центар за слобода го осуди физичкиот напад врз новинарот на Телевизија 24 во текот на протестите вчеравечер.

„Ова не е изолиран инцидент и станува очигледно дека насилството е дел од имиџот на протестите од самиот почеток. Се тепаат новинари кои ја вршат својата работа, да ја информираат јавноста за настаните. Се напаѓаат активисти за човекови права и јавни личности. Тоа е неприфатливо и мора веднаш да престане! „Цивил“ – Центар за слобода го повторува својот повик до МВР, веднаш да преземе итни мерки да го спречи насилството врз медиумските работници и воопшто“, порачаа од „Цивил“

Невладината организација ги повика граѓаните кои трпат притисоци да учествуваат во какви било политички активности против својата волја, случајот да го пријават во „Цивил“ на monitor@civil.mk, на телефонскиот број 02 / 520 91 76 или на ФБ-профилот на организацијата.


Новинар на ТВ 24 доби удар со стап од знаме на протестот во Скопје


Скопје, 10 март, 2017 - 21:49 (META) 

Новинарот Христијан Баневски вечерва бил удрен по глава со стап од знаме на протестот на „За заедничка Македонија“ во Скопје. За инцидентот информираше Телевизијата 24, која извести дека Баневски бил првин вербално нападнат, а потоа го добил ударот по глава.

– На денешниот протест екипата на Телевизија 24 повторно беше вербално, но и физички нападната, кога еден од подржувачите со знаме во раката се упати кон нашата екипа и силно замавна. За среќа, не дојде до поголем инцидент. Организаторите се оградија од инцидентот со образложение дека било случајно и ненамерно – рече Баневски во прилогот.

На 28 февруари, на протестот организиран од иницијативата „За заедничка Македонија“ беа брутално претепани снимателот и новинарот на „А1он“, Влатко Желчески и Александар Тодески.


СДСМ: Само ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се закана за унитарноста на Македонија и за единството на граѓаните


Скопје, 10 март, 2017 - 19:57 (META) 

Заробени во историјата, омразата и во лицемерството, со желба за спас на криминалот и на личните богатства, токму ВМРО-ДПМНЕ на Груевски и неговите соработници се единствената закана за унитарноста на државата и за единството на граѓаните, порачува СДСМ во одговорот на прес-конференцијата на Антонио Милошоски, по обраќањето на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, до јавноста.

„Квалитетниот живот за сите граѓани, суверенитетот и стабилноста на Република Македонијa, членството во НАТО и во Европската Унија и демократијата се несфатливи и недостижни вредности за ВМРО-ДПМНЕ и за Никола Груевски, бидејќи сè што тие правеа во изминатите години беше уништување на овие вредности и уништување на достоинството на граѓаните. Програмата на новата влада што денеска беше претставена од страна на претседателот Зоран Заев е гаранција за унитарноста и за целовитоста на државата. Концептот на едно општество содржан во програмата е единствената гаранција за безбедноста и за спокојот на граѓаните и за сегашноста и за иднината на Република Македонија“, одговори СДСМ.

Партијата вели дека „Македонија ќе биде еднакво општество за сите, демократска, слободна и просперитетна држава во која сите ќе бидат важни, бидејќи така одлучија околу 700.000 граѓани“.


Османи: Двојазичните банкноти и униформи не се неуставни


Тетово, 10 март, 2017 - 17:13 (META) 

И двојазичните банкноти и униформите ќе бидат уставни, вели портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, во изјава за „Радио Слободна Европа“ по денешната прес-конференција на Зоран Заев. Лидерот на СДСМ рече дека тие би биле спротивни на уставните одредби, односно дека така сугерирале експертите што ги консултирала неговата партија.

– Ние сметаме дека се целосно во рамки на Уставот, како што и пасошите што се користат низ цела територија, па и надвор се двојазични веќе со децении – изјави Османи.


Битолските советници даваат „двојазични“ и „криминални“ сугестии за филмот за Талески


Битола, 10 март, 2017 - 14:41 (META) 

Кавгите во битолскиот Совет за документарниот филм на градоначалникот Владимир Талески ги премина локалните граници. На советничката говорница се развиори македонското знаме и се покажуваа лажни банкноти отпечатени на албански јазик.

Откако опозицијата не успеа да го запре снимањето на филмот за трите мандати на битолскиот градоначалник Владимир Талески, таа побара во филмот барем да биде делот за криминалите и за притворот на Талески, кој е под истрага на СЈО. Тогаш на говорницата излезе советникот на ВМРО-ДПМНЕ , Пеце Милевски, го растегна македонското знаме и извади лажни банкноти од 50 и 100 денари напишани на албански јазик.

– За ова ли сакате да снимаме филм, за двојазичноста на Заев и за парите што ќе бидат на албански јазик? Или сакате да снимаме филм за протестите сега, за унитарна Македонија, а? – праша Милевски, предизвикувајќи бурна реакција кај советниците од двете страни.

На Милевски му реплицираше советникот на СДСМ, Томе Наумов, кој го обвини за антипатриотизам.

– Вие не сте против Албанците, Вие сте против Македонците – рече Наумов.

Претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, уште еднаш ја прекина седницата, за да ги смири страстите, опоменувајќи ги советниците да се фокусираат на кварталниот извештај за буџетот на Општина Битола и на завршната сметка за 2016 година бидејќи, како што рече, ако не се изгласа до 15 март, потоа не ќе може, зошто ќе се распушти Советот.


Ученици од техничкото училиште во Битола протестирале против двојазичноста


Битола, 1 март, 2017 - 11:14 (META) 

Неколку десетици ученици од средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“ од Битола претпладнево, околу 10 часот, ја прекинале наставата и излегле во училишниот двор на протест против двојазичноста.

Учениците велат дека сами се организирале преку социјалните мрежи, бидејќи не се согласуваат со моменталната политика во државата „да учат албански јазик“. Учениците кои не протестирале, останале во училишните клупи.

Еден од учениците, учесник во протестот, вели дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.

– Нашето училиште е најхрабро, протестите почнуваат, а ќе продолжиме и утре и задутре. Се организираме да излеземе и на плоштадот Магнолија и да протестираме на Широк сокак. Се надеваме дека во наредните денови ќе ни се приклучат и други училишта – вели тој.

Директорот на училиштето не одговараше на нашите телефонски повици, додека професори во училиштето велат дека денеска во училиштето има просветни инспектори.


„За заедничка Македонија“: Иванов да не му го даде мандатот на Заев


Скопје, 28 февруари, 2017 - 19:58 (META) 

Неколку илјади граѓани со патриотски песни и со транспаренти на кои беше испишано „Македонија на Македонците“, „Проклети да се предавниците“ и „Нашите предци ова парче го платиле со крв“, вечерва излегоа на улиците на Скопје, Прилеп, Кичево, Куманово и на Штип и се приклучија кон протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ организиран „поради прифаќањето на албанската платформа од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.

На протестот во Штип, како што јавува дописникот на „Мета“, учествуваа пратеници и членови на советот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како и градоначалниците на Велес, Пехчево, Свети Николе и на Штип. Тие не сакаа да даваат изјави, туку накратко рекоа дека тука се во својство на граѓани. На собирот присуствуваа и граѓани од околните места. Тие побараа претседателот Ѓорге Иванов да не му го даде мандатот на Заев, а во спротивно ќе бараат да си поднесе оставка од претседателската функција.

Најмасовен беше собирот во Скопје, кој почна пред Влада на Република Македонија, а маршот заврши пред Собранието.

На протестот, на кој се виореа македонското и знамето со сонцето од Вергина, режисерот Борис Дамовски се заблагодари за големото присуство, порача дека ова е граѓански собир и апелираше да нема шовинистички и националистички извици.

– Не дозволувајте да не обојат како што сакаат, тука постојат само две бои, црвена и жолта. Обележете ја. Бараме, ние жителите на оваа држава, даночните обврзници на оваа држава, да се донесе земјата во ред. На било кои избори, без разлика кој за кого гласал и без разлика кој да дојде на власт, да ги почитува демократските избори и резултати, да нема математики – рече Дамовски.

Пред граѓаните се обратија поетот Сашко Кокулев и ликовниот уметник Коле Манев, кои побара партиите со граѓаните да подготват платформи за заедничка Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не гласаат за редефинирање на Македонија, а претседателот Ѓорге Иванов да го почитува Уставот.

 


Битолски Широк сокак излепен со лажни банкноти на албански јазик


Битола, 28 февруари, 2017 - 10:48 (META) 

Битолски Широк сокак утрово беше преплавен со лажни банкноти од 1.000 денари отпечатени на албански јазик, како и со летоци на кои пишува „Казна од 5.000 евра за секој што не знае албански јазик“.

Акцијата најверојатно се случила доцна во ноќта, летоците и лажните банкноти се расфрлани насекаде, па вработените од Јавното претрпијатие „Комуналец“ со млазови вода се обидуваа да ги одлепат од гранитните плочки.

– Како ги залепиле се чудам, ниту метла ниту вода не ги вади – се пожали една од вработените во ЈП „Комуналец“ која утрово имаше задача да го исчисти Широк сокак.

Акцијата се совпаѓа со најавите на социјалните мрежи за нов марш по Широк сокак против воведувањето двојазичност на целата територија во државата.

– Црвената линија ја поминавте, црвено-жолтата, не! Под овој слоган утре во 17 часот од Плоштад Магнолија до Музеј во Битола ќе се одржи мирен марш – стои во пораката што се шири на социјалните мрежи.

Битолчани герила-акциите со лажни банкноти ги практикуваат од минатата година, како еден од начините за протест и за отпор поради актуелните случувања во државата и во градот.

Лани битолчани отпечатија пари со ликот на градоначалникот Владимир Талески, во вредност од 360.000 евра и ги фрлија банкнотите врз него за време на јавен настан.