Фестивалот „Егзит“ прогласен за шампион на регионалната соработка


Сараево, 15 март, 2018 - 10:42 (META) 

Светски познатиот музички фестивал „Егзит“ (EXIT) е прогласен за шампион на регионалната соработка на Западен Балкан за 2017 година. Признанието вчеравечер во Сараево му го врачи Регионалниот совет за соработка (РСС).

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, врачувајќи ја наградата на основачот на „Егзит“, Душан Ковачевиќ, истакна дека „фестивалот со универзални музички содржини ги надминува културолошките, политичките и сите други разлики и ни нуди ново време и прозор кон светот на иднината во духот на толеранцијата, разбирањето и просперитетот, на што сите треба да се угледаме“.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), чиј основач и полноправен учесник е и Република Македонија. Ова тело со седиште во Сараево е формирано во 2008 во Софија и е наследник на поранешниот Пакт за стабилност. РСС годинава одбележува десетгодишен јубилеј.

Од минатата година со усвојувањето на Повеќегодишниот акционен план за земјите од Западен Балкан на самитот во Трст,  Советот е одговорен заедно со Европската комисија за унапредување на соработката со владите од регионот и изградба на единствен економски простор, како дел од претпристапниот процес за зачленување во Европската унија.


Томиќ на Заев му пренела позитивни и конструктивни реакции од Србија


Скопје, 1 септември, 2017 - 14:06 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со српската амбасадорка во земјава, Душанка Дивјак–Томиќ, која изразила благодарност за конструктивноста во унапредувањето на соработката помеѓу Македонија и Србија, соопшти владината прес-службата.

Томиќ на Заев му ги пренела „позитивните и конструктивни реакции од Србија за понатамошна блиска соработка“.

– Пренесувам и благодарност за поддршката од Владата на Македонија, седиштето на Транспортната заедница да биде во Белград. Тоа што генералниот секретар на Транспортната заедница е од Република Македонија е само потврда за определбата од двете страни, за негување и за развивање на нашите пријателските односи – изјавила Томиќ.

Заев, пак, рекол дека македонската влада е определена да развива добрососедски односи и низ проактивната улога во регионалната соработка да придонесе за евроатлантските перспективи на целиот регион. Тој нагласил дека Србија е традиционален пријател на Македонија и дека Македонија е насочена кон позитивни односи.

На средбата Заев и српската амбасадорка Дивјак-Томиќ договориле да се направи рекапитулар на потпишаните, а досега нереализирани документи за соработка помеѓу двете држави и да се пристапи кон нивна скорешна имплементација.

Официјален Белград пред две недели го повлече целиот персонал од српската амбасадата во Скопје и ги обвини македонските власти за „многу офанзивни разузнавачки активности“ насочени против Србија.
По интензивна комуникација на меѓудржавно ниво, персоналот се врати во амбасадата, која по враќањето и на амбасадорката фукнционира нормално.


Дачиќ: Зошто ви пречат српските, а не американските, германските и другите разузнавачи


Белград, 29 мај, 2017 - 15:06 (META) 

Многу интересно е што, како што пишуваат некои медиуми, во македонското Собрание во текот на нередите имало и претставници на други странски служби, но Македонија не ги повика нивните амбасадори на разговор, рече шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.

Тој нагласи дека амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак-Томиќ, имала коректен разговор во македонското Mинистерство за надворешни работи, каде беше повикана поради присуството на Горан Живаљевиќ, советник во српската амбасада и офицер на српската разузнавачка агенција БИА, во Собранието на 27 април. Притоа, како што рече Дачиќ, не се зборувало за мерки против него.

Српскиот министер за надворешни работи, одговарајќи на новинарско прашање, нагласи дека е чудно што од сите претставници на странски служби во македонското Собрание, се реагирало само за српскиот претставник.

– Не забележав дека Македонија ги повика нивните амбасадори да ги праша што прават таму… Не може да ви пречат само српските претставници, а да не ви пречат американските, германските, француските и други – рече Дачиќ.

Шефот на српската демократија, сепак, рече дека Србија ќе се труди да има најдобри односи со соседите, но и дека таа ќе се однесува со нив така како што тие се однесуваат со неа.


Српската амбасадорка во МНР го објаснувала присуството на Живаљевиќ во Собранието


Скопје, 26 мај, 2017 - 13:54 (META) 

Амбасадорката на Србија Душанка Дивјак – Томиќ денеска беше повикана во македонското Министерство за надворешни работи во врска со присуството на советникот на амбасадата Горан Живаљевиќ во Собранието за време на насилните настани.

Амбасадорката одби да даде било каков коментар, но од МНР наведуваат на средбата било изразено незадоволство и загриженост поради недозволеното присуство на акредитиран српски дипломат Македонија во Собранието за време на насилните настани на 27 април. Од МНР побарале детално појаснување на „причините и околностите за присуството на Живаљевиќ“.

„Беше укажано дека ваквата активност на посоченото лице не придонесува за јакнење на меѓусебната доверба како и унапредување на добрососедските односи и соработка, за што двете земји се залагаат. Воедно, беше изразено очекување дека во натамошна меѓусебна комуникација на надлежните органи на двете држави ќе бидат разјаснети и утврдени сите околности на случајот и следствено ќе бидат преземени соодветни активности, во согласност со законите и меѓународното право“, стои во соопштението.

Од МНР соопштуваат дека амбасадорката ги потврдила заложбите за натамошно развивање и унапредување на соработката и добросососедството меѓу двете држави, а притоа биле искажани ставови и појаснувања на линија на неодамнешните изјави на премиерот и новоизбран претседател на Република Србија, Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи на Република Србија, Ивица Дачиќ.


Српската амбасадорка во Македонија била повикана на разговор во МНР


Скопје, 25 мај, 2017 - 20:39 (META) 

Амбасадорката на Србија во Македонија, Душанка Дивјак Томиќ денеска била повикана на разговор во Министерство за надворешни работи (МНР) за да го објасни присуството на српскиот разузнавач и нејзин советник Горан Живаљевиќ во Собранието за време на инцидентите на 27 април, објави веб-порталот „мкд.мк“.

Според информациите од МНР, најверојатно амбасадорката ќе отиде на разговор утре.

„Македонија во овој случај ќе се однесува согласно Виенската конвенција, а тоа значи дека овој случај може да резултитра и со протерување од земјата на српскиот дипломат“, изјавиле од МНР.