Бочварски најави стадион во Штип според стандардите на ФИФА


Штип, 6 ноември, 2018 - 16:44 (META) 

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски понуди нов проект за граѓаните, на отчетот за неговата едногодишна работа. Станува збор за проектот за стадион со хотелски комплекс и две трибини со капацитет за 5.900 гледачи според стандардите на ФИФА, каде би можела да игра и репрезентацијата.

Стадионот не беше во позначајните проекти од неговата програма, но синоќа, на отчетот, градоначалникот рече дека стадионот каде игра фудбалскиот клуб „Брегалница“ е во многу лоша состојба, а Штип заслужува да има стадион со кој ќе се гордее.

– Се работи на проектот, кој е 800.000 денари, инаку, знаете, претходниот градоначалник направи проект, кој не можеше да помине никаде, ни во општината. Не можело да се издаде дозвола на тој проект – рече Бочварски.

Пред присутните беше понудена анимација за тоа како ќе изгледа новиот стадион, во кој општината и ФФМ во 2016 година, веќе вложија половина милион евра. Сепак, градоначалникот не појасни од каде пари за новата реконструкција.

На отчетот на Бочварски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговори дека „она што го сработил градоначалникот не е поврзано со неговата изборна програма, туку е дел од неговата секојдневна работа, нешто што секој градоначалник треба да го извршува“.

Неодамна, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов, го повика Бочварски на дуел на медиум, кој градоначалникот би го избрал, каде би зборувале за тоа што се смени во градот една година откако ги презеде СДСМ. На ова Бочварски одговори дека неговиот отчет ќе биде одговор на сите дилеми на Јорданов.


Заев: Ќе прифатам ТВ-дуел со Мицкоски кога ќе каже дека е против бојкот


Скопје, 12 септември, 2018 - 12:44 (META) 

Премиерот Зоран Заев, по средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи, рече дека ќе прифати дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кога тој јавно ќе соопшти дека е против бојкот на референдумот.

– Кога ќе соопшти дека е против бојкот, нека каже и нека избере медиум. Себеси се сметам за промотор на дебатата. Бојкотирањето на иднината на Македонија не заслужува дебата. Ќе прифатам дебата кога ќе каже дека е против бојкотирањето – рече Заев.

Мицкоски доцна синоќа го повика Заев на телевизиски дуел откако го повика членството на ВМРО-ДППМНЕ да постапува по сопствено убедување и само да реши дали ќе гласа или ќе го бојкотира референдумот на 30 септември.


ТВ дуелот помеѓу Заев и Мицкоски ќе трае час и половина


Скопје, 23 мај, 2018 - 11:45 (META) 

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска на прес-конференција во Владата рече дека вечерашниот дуел меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе трае час и половина.

Ова е прво вакво соочување по речиси две децении меѓу првите луѓе на власта и опозицијата. Дебата ќе почне вечерва во 20 часот на Македонската радио телевизија.

Заев и Мицкоски во ТВ дуелот, под работен наслов „Една година власт, една година опозиција“, ќе се соочат за повеќе теми – преговорите за името, надворешната и внатрешната политика, економијата, реформите, долговите и други актуелни теми.


Заев подготвен за ТВ-дуел, Груевски размислува


Скопје, 7 октомври, 2016 - 13:35 (META) 

Дебатата за економските политики помеѓу министерот за финансии, Кирил Миноски, и дополнителниот заменик-министер за финaнсии, Кире Наумов, од 16 септември и вчерашната (6 октомври 2016) помеѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и дополнителниот заменик-министер, Оливер Андонов, и покрај сите слабости, сепак се зрак надеж за повеќе од деценија закочените меѓусебни соочувања на политичарите.

Тоа ја наметна дилемата дали е можен ТВ-дуел помеѓу лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Никола Груевски.

За СДСМ нема никаков проблем нивниот лидер да се појави на ТВ-дуел со неговиот политички ривал.

– Зоран Заев секогаш е подготвен да оди на дебата со Груевски. Ние и го повикуваме Груевски на дебата, во кое било време и медиум. Истото важи и за кој било претставник на СДСМ со претставник на ВМРО-ДПМНЕ – ни изјави портпарлот на СДСМ, Петре Шилегов.

Oд ВМРО-ДПМНЕ, пак, ниту ни потврдија ниту негираа дали Груевски е подготвен за дуел со лидерот на опозицијата.

– Треба да размислиме и во зависност од агендата ќе се произнесеме – ни изјави Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на владејачката партија.

Од информативната редакција на МТВ велат дека прават планови за дебатни емисии, но ќе ги обелоденат кога ќе се распушти Собранието.

– Подготовките се во тек и ќе правиме дебати со политичарите пред изборите. Секако дека сакаме дебата помеѓу Заев и Груевски, а кој не би сакал – велат од МТВ за „Мета“.

Никола Груевски избегнува телевизиско соочување уште од 2006 година, кога и дојде на власт.

Новинарот Алексадар Чомовски ја имал таа чест, пред една деценија, во неговата емисија „Чуму“ на телевизијата А1, да биде последното ТВ-соочување помеѓу Груевски и Заев, но во поширок состав. Тогаш, на Чомовски му гостувале Груевски, како премиер, со својот „мини-кабинет“ и Заев, како потпретседател на СДСМ, со повеќе експерти и новинари.

Досега јавноста не била сведок на директен ТВ-дуел на претставниците на најголемите македонски партии откако тој ја предводи ВМРО-ДПМНЕ од 2003 година.

Покана за соочување доби на предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога претседател на СДСМ беше Радмила Шекеринска. Тогаш преку видеоспот, непосредно, пред изборите, Шекеринска побара ТВ-дуел, а на Груевски му порача „да не бега од женска сукња“.

Претходно, покана за телевизиско соочување до лидерот на ВМРО- ДПМНЕ и тогашен премиер упати и поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Од позиција на премиер и прв човек на владејачката партија, Никола Грувески не прифати ниту една од овие понуди.

Интересно е дека и Бранко Црвенковски го одби повикот за дебата што во 2002 година му го упати тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.

Последниот телевизиски дуел на лидери на партии се случи во 1998 година, пред парламентарните избори, кога во студиото, еден спроти друг, седнаа тогашните лидери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Љубчо Гергиевски.

Прв македонски политичар што одби телевизиско соочување беше поранешниот претседател Киро Глигоров. За претседателските избори во 1994 година, тој одби да се соочи со својот противкандидат, Љубиша Георгиевски.

На претседателските избори во 2004 година, тогашните кандидати на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бранко Црвенковски и Сашко Кедев, имаа телевизиско соочување.

По телевизиското соочување на МТВ меѓу актуелниот шеф на државата, Ѓорге Иванов, и неговите противкандидати пред претседателските избори во 2014 година, веднаш по завршувањето на дебатата, институтот „Павел Шатев“, како новина во истражувањето на јавното мислење во Македонија, спроведе телефонска анкета меѓу гледачите. Анкетата покажа дека Иванов бил убедлив победник во дебатата, што се потврди и на изборите.


Во дуелот Заев – Латас настрада новинарството


Скопје, 10 февруари, 2016 - 20:49 (META) 

Гостувањето на Зоран Заев на приватната и провладина телевизија „Сител“ кај уредникот Драган Павловиќ – Латас мина во директни напади и закани врз лидерот на СДСМ и во обид да се испровоцира напуштање на студиото.

Имаше малку нови информации од интерес за гледачите, а повеќе дуел со ниско професионално и новинарско ниво.

Единствената вест која е нова, а ја соопшти Заев, е дека на Специјалното обвинителство му предал вкупно 1 милион и 50 илјади прислушувани разговори.

„Лажеш како Турчин“, „Ти ќе ми кажеш“, „Ми ѕиркаш у шлиц, ми гледаш у кревет“, „Ајде да се кладиме“, „Ти не си мушкарац“, „Ти не си ми пријател да ме викаш началниче“, „Ќе те тужам“, „За поршето по двор шо се вози Вице, ќе ти земам џип со камера“, беа дел од канонадата слободни, речиси уличарски префрлања во кои предничеше уредникот Павловиќ – Латас.

Интервјуто ги запали социјалните мрежи, но додека сè уште траеше, предизвика дури и реакција на „Твитер“ на евроамбасадорот Аиво Орав, кој се чуди и прашува дали ова е балансирано известување на медиумите.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, исто така, преку „Твитер“ испрати слична порака: „Фер и балансирано? Ве молам. Македонските медиуми можат многу подобро од ова“.