!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

МФ: Oпозицијата e против редовните фискални инструменти


Скопје, 13 септември, 2016 - 16:01 (META) 

И во случај Министерството за финансии да ги откаже сите аукции на државни хартии од вредност до крајот на годината, што би предизвикало нарушување на финансискиот пазар во земјава, опозицијата сигурно би барала друг начин да прикаже дека државата се презадолжува, се вели во реакцијата на Министерство за финансии по повод соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во соопштението се наведува дека „Македонија веројатно е единствена земја во светот каде опозицијата заради дневно-политички поени тргнува против фискални инструменти што секаде во светот се издаваат на редовна основа“.

– Секој може да направи споредба колку државни хартии од вредност се издадени од почетокот на годината и колку средства се вратени во стопанството годинава, тоа се јавно достапни податоци на веб-страницата на Министерството и секој може да увиди дека нето-задолжувањето врз основа на државни хартии од вредност е значително намалено. Аукцијата што денеска не се одржа беше предвидена со календарот за државни хартии од вредност, исто како и други шест аукции кои изминативе месеци беа предвидени, а не се одржаа. Сепак, тие аукции опозицијата не ги спомнува, бидејќи не се вклопуваат во приказната за „презадолжување“ – се вели во реакцијата на Министерство за финансии.


МФ ја откажа денешната аукција на државни записи


Скопје, 13 септември, 2016 - 10:35 (META) 

Министерството за финансии нема да ја одржи аукцијата на државни записи предвидена за денеска, во согласност со календарот објавен на веб-страната на институцијата.

Од Министерството велат дека аукцијата е откажана во насока на сведување на домашното нето-задолжување врз основа на државни хартии од вредност кон нула, со што ќе се остават повеќе ликвидни средства во стопанството за кредитирање на бизнисот.

Ова е седма аукција што Министерството ја имаше предвидено, а не ја одржа. Во септември доспеваат за враќање осум аукции, а во согласност со календарот предвидени се две нови аукции.


Државата се задолжи со 25 милиони евра на домашниот пазар


Скопје, 17 август, 2016 - 9:47 (META) 

Државата се задолжи со нови 25,3 милиони евра преку издавање на хартии од вредност на домашниот финансиски пазар.

Министерството за финансии издаде едногодишни записи од 17,5 милиони евра и 7,8 милиони евра преку 10 и 15 годишни обврзници.

Од опозициската партија СДСМ реагираат дека „и покрај тоа што минатиот месец граѓаните беа задолжени со еврообврзница од 450 милиони евра, државата повторно ги задолжи гараѓаните на домашниот пазар.“

-Јавниот долг е на историски износ од пет милијарди евра, односно над 50 проценти од бруто-домашниот производ – се вели во реакцијата на СДСМ.


Контраспин: Долгот преку државни записи изнесува 617 милиони евра и не „се приближува кон нула“


Скопје, 1 август, 2016 - 11:40 (META) 

Спин: „Во изминативе два месеци се откажани дури три предвидени аукции на државниот пазар. Нето-задолжувањето по однос на државни записи се приближува кон нула.“ [Извор: Министерство за финансии, датум: 27 јули 2016 г.]

Контраспин: Овој дел од соопштението на Министерството за финансии претставува спин. Како и да се обидувате да го протолкувате, ова единствено може да се сфати дека задолжувањето преку државни записи на државата „се приближува кон нула“, односно дека државата повеќе речиси и да нема долгови направени преку овој финансиски инструмент – државните записи, пишува „Вистиномер“.

Во секој случај, ваквото соопштение на Министерството за финансии, во најмала рака, предизвикува чудење. Како е можно нето-задолжувањето по однос на државни записи да приближува до нула кога на крајот на јуни задолжувањето со овој финансиски инструмент изнесуваше 621,75 милиони евра (37,95 милијарди денари)?

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


ВМРО-ДПМНЕ: Средствата од ДХВ се за финансирање на редовните расходи од буџетот


Скопје, 3 мај, 2016 - 17:02 (META) 

„Уште во 2003 година, тогашниот министер за финансии има донесено стратегија за развој на пазарот на државни хартии од вредност, во која се вели дека државните хартии од вредност (ДХВ) ќе ѝ помагаат на Владата за поефикасно финансирање на буџетскиот ликвидносен јаз кој е детерминиран од временската неусогласеност на јавните приходи и расходи, односно буџетскиот дефицит, и истовремено за поддршка на развојот на финансиските пазари. Во стратегијата се наведува и дека овој начин на финансирање на буџетскиот дефицит е многу поевтин и помалку ризичен на надворешни шокови и на финансиски кризи“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на дополнителниот заменик-министер за финансии во оставка, Кире Наумов.

Во него се додава дека СДСМ се обидува „по секоја аукција на државни хартии од вредност да манипулира со јавноста и да нанесе штета“.

– Ние уште еднаш ќе истакнеме дека средствата од државните хартии од вредност се користат за финансирање на редовните расходи предвидени во буџетот кој е изгласан од Собранието и ако нешто имаа да кажат од СДСМ, требаше да кажат кога се гласаше буџетот – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.