Парите од Владата нема да ги деблокираат сите општини?


Берово, 3 декември, 2018 - 13:44 (META) 

Донесувањето на законот со кој се обезбедуваат околу 50 милиони евра владини пари за општините, во блокираните општини донесе надеж дека конечно ќе успеат да се ослободат долговите таложени со години, но и прашања дали ќе успеат во тоа. Четири од 11 општини во Источна Македонија – Делчево, Берово, Зрновци и Пехчево се уште работат со блокирани сметки и определен месечен лимит.

Општина Берово е првата општина која објави јавен повик со кој ги повикува доверителите да ги пријават побарувањата. Во преговорите ќе бараат отпис од каматите и 15 отсто од долгот. Фирмите-доверители што ќе го прифатат тоа, според одредбите од законот, ќе имаат предност во склучувањето на договорите.

Меѓутоа, уште во старт наишле на првични проблеми. Главниот доверител на Општина Берово е АДГ „Пелагонија“ од Скопје во стечај, кому општината му должи половина милион евра. Тоа е и половина од вкупниот долг. Градоначалникот Звонко Пекевски вели дека преговорите ќе треба да ги води не со еден, туку со повеќе субјекти, кои се во Одборот на доверители на АДГ „Пелагонија“.

-Преговорите сè уште не сме ги почнале официјално, но имаме сложена работа, бидејќи во прашање се интересите на повеќе компании во Одборот на доверители на „Пелагонија“ – вели Пекевски.

Берово ќе добие 47,8 милиони денари од Буџетот.

Некои од градоначалниците на општините веќе имале првични неофицијални разговори, меѓутоа наишле на различни реакции. Сметаат дека перспективите во тие преговори ќе зависат од тоа дали компаниите сакаат итно и по секоја цена да ги наплатат долговите. Има и такви компании, велат градоначалниците,  кои не сакаат да се откажат од ништо што им следува  со закон. Дел од нив имаат и извршни решенија од суд.

Општина Пехчево деновиве ќе објави повик до доверителите. Најголемиот доверител е компанијата „Конти хидропласт“, која работела на изградба на водовод.

– Сè уште не сме разговарале со оваа компанија, но имаме и други доверители, кои очекуваме да се пријават на повикот. Парите од државниот буџет може да бидат основа за деблокада на сметката, но има уште да се враќа, бидејќи претходните градоначалници прекумерно ја здолжиле општината – изјави Драган Тренчовски, градоначалник на Општина Пехчево, која добива 62,4 милиони денари од државниот буџет.

Законот за финансиска поддршка на општините што беше донесен на крајот на октомври, наиде на различни реакции. Задолжителните и блокирани општини сметаат дека финансиската помош е добредојдена, бидејќи и по една година, новите градоначалници не успеаваат да ги одблокираат сметките.

Дел од општините кои се во подобра финансиска кондиција се на став дека со законот, централната власт упатува порака на толеранција на расипништвото и непочитување на правото.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, законот го оправда со зборовите „општините знаат дека нема втор пат да има ваква мерка“.


Агенција за вработување започна со обуките за претприемништво


Скопје, 14 мај, 2018 - 13:14 (META) 

Агенцијата за вработување денеска ги почна обуките за претприемништво кои се дел од програмата за самовработување, како дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година.

Обуките за претприемништво ќе се одвиваат од денеска во шест центри за вработување, односно во Скопје, Тетово, Велес, Гостивар, Прилеп и Кочани. Селектираните кандидати ќе ги посетуваат обуките во групи во времетрање од четири дена се до 5 јули годинава.

Во програмата се вклучени 1.518 учесници, кои треба да развијат  индивидуални капацитети за претприемништво и да отпочнат сопствен бизнис. Најдобро рангираните кандидати ќе се вклучат во следниот чекор, поддршка за подготовка на бизнис план и со тоа ќе бидат чекор поблиску до остварување на нивната посакувана идеја за сопствен бизнис.

Финансиската поддршка која ќе ја добијат лицата за отворање на сопствен бизнис е од 246.000 до 307.500 денари или до 615.000 денари доколку се основа субјект од два содружника.


Отворен конкурсот за поддршка до 3.000 евра за преработувачката индустрија


Скопје, 6 март, 2018 - 12:17 (META) 

Министерството за економија денеска отвори конкурс за поддршка на фирми од преработувачката индустрија кои сакаат да создадат нов производ, да изработат студии на пазарот или да развиваат нова марка, како и за енергетска ефикасност или набавка на софтвер.

За оваа намена се предвидени 2,5 милиони денари (40.600 евра), а фирмите ќе може да добијат пари во висина од 75 отсто од трошоците, но не повеќе од 180.000 денари по барател.

На конкурсор може да конкурираат само фирми што имаат главна приходна шифра во секторот преработувачка индустрија, без оглед на големината. Еден барател може да поднесе пријава и барање само за една активност, но корисник на субвенција не може да биде деловен субјект кој добил државна помош за иста активност во претходните две години.

Парите ќе се доделуваат по принципот „прв дојден прв услужен“, а крајниот рок за доставување на барањата е 31 август 2018 година.


Владата ги декласифицира договорите за државна помош со странските инвеститори


Скопје, 29 август, 2017 - 19:52 (META) 

Владата одлучи да се декласификацират доверливите информации и договори за доделување државна помош, склучени помеѓу Владата и странски инвеститори во Република Македонија, соопшти владината прес-служба.

„Со одлуката на Владата, во согласност со Законот за класифицирани информации и во согласност со препораките на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, поведена е постапка според која Владата на РМ ќе ги направи јавни сите информации и договори за доделување државна помош со странските инвеститори“, стои во соопштението.

По ваквата одлука, Агенцијата за странски инвестиции и техничко-индустриските развојни зони, како и сите други министерства и државни органи што поседуваат класифицирани информации и договори за државна помош, треба да поведат постапка за достапност на овие информации и договори.

Рокот за обелоденување на документите е седум дена. Иницијативата за декласификација на информациите и на договорите за државна помош за странските компании е мерка предвидена со планот „3-6-9“.


Парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми


Скопје, 7 декември, 2016 - 16:52 (META) 

Во периодот од 2007 до 2015 година, потрошени се вкупно 159 милиони евра за привлекување или поддршка на странските директни инвестиции, се вели во истражувањето „Вистинската цена на евтината работна сила: Политики за привлекување на странски директни инвестиции во Македонија, 2007-2015“ на Институт за општествени и хуманистички науки, кое беше објавено денеска.

Анализирани се 25 фирми кои имаат добиено државна помош, чијшто број на вработени во 2015 година изнесува 12.600 лица.

– Кога вкупниот износ на средства што државата ги исплатила за поддршка на странските фирми (159 милиони евра) ќе се подели со вкупниот број на вработени (12.600), се добива дека државата издвојува околу 12.580 евра за едно работно место. Просечната плата во фирмите во 2015 година изнесува 261 евро, што е значајно пониско од државниот просек од 360 евра. За целиот анализиран период, фирмите оствариле нето-добивка од вкупно 235 милиони евра, што е два и пол пати повеќе од платите што ги исплатиле. Најголема добивка остварила „Џонсон Мети“, 227 милиони евра, а по неа е „Ван Хул“ со 10,3 милиони евра – се вели во истражувањето.

Во него се додава дека со оглед на тоа што средствата кои државата ги исплатила за привлекување и за поддршка на странските инвестиции (159 милиони евра) се значајно повисоки од платите кои овие фирми ги исплатиле (92,1 милион евра), може да се заклучи дека државата директно генерира дел од нето-добивката на овие фирми.

Всушност, заклучокот од истражувањето е дека парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми.

Една од препораките на ова истражување е да се прекине со политиките на издвојување огромни државни средства за привлекување странски инвеститори. Со овие политики парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми, кои потоа ги кршат работничките права и несоодветно ги третираат работниците.