„Транспаренси“ го честиташе транспарентниот избор на новите антикорупционери


Скопје, 8 февруари, 2019 - 16:33 (META) 

Транспаренси Интернешенел Македонија (ТИМ) му честита на Собранието „за ефикасното спроведување на постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата“ и на претседателката Билјана Ивановска и на другите членови им посака  успешна работа во справувањето со корупцијата „како еден од најголемите проблеми кој го нагризува македонско општество“.

– Ја добивте довербата во една транспарентна и отворена постапка, во која беше спроведен и делумен ветинг за проверка на вашиот интегритет. Сега ја имате нашата поддршка вашето знаење, искуство и интегритет да ги ставите во функција на справување со големиот проблем на корупцијата. Нашата поддршка и соработка секогаш ќе ја имате на располагање  – рече претседателката на ТИМ и прв претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата д-р Слаѓана Тасева.

Таа порача дека постапката за избор на членови била транспарентна и дека избраните кандидати имаат личен интегритет и компетенција вршење на за оваа многу важна функција во општеството.

– Транспарентната постапка за избор на членови на ДКСК, која обезбедува да се натпреваруваат личности кои навистина ги исполнуваат формалните услови, кои имаат компетенција  и кои манифестирале личен интегритет, за првпат е утврдена со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси усвоен во јануари оваа година. Собранието на Република Македонија покажа подготвеност да го прифати предизвикот и да овозможи постапка за избор во која ќе учествиваат и претставници на институции и невладини организации, а во интервјуто да учествуваат и претставници од невладините организации и медиумите. Ова е првпат ваков модел на избор да се применува било каде во светот и затоа очекуваме истиот да биде прифатен како позитивен пример и добра практика – порача Тасева.


Изборот на новите антикорупционери денеска на комисија, па на собраниска пленарка


Скопје, 8 февруари, 2019 - 10:40 (META) 

Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе се утврди предлог-листата за именување на претседател и членови на Државната  комисија за спречување на корупцијата, односно за новите антикорупционери.

Потоа таа листа ќе оди на гласање во Собранието.

Во Законодавно-правната комисија ќе се дискутира и за предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации, по скратена постапка, во второ читање, а во таа комисија  и во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во второ читање, ќе биде Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по скратена постапка.

Се очекува и денеска претседателот на Собранието да ги распише претседателските избори.


Антикорупциска: Комисија која од борец стана творец на корупција (визуелизација)


Скопје, 3 декември, 2018 - 9:27 (META) 

Државната комисија за спречување на корупцијата беше формирана во 2002 година како клучно тело во спречување и справување со коруптивното однесување на носителите на функции и злоупотреби на јавните пари.

Првиот состав на новото тело го оправда ентузијазмот и надежите – покрена неколку капитални случаи и единствениот антикорупциски предмет со судска разрешница – „Бачило“.

Но, веќе по парламентарните избори во 2006 година и со новиот, втор состав на Антикорупциската нејзиниот учинок, заедно со надежта, почна да бледнее, за главното „куче-чувар“ од корупцијата многу брзо да ги истапи забите, а на крај и да ги изгуби овците.

Иронично, во последниот свој состав, Антикорупциската беше распуштена поради – корупција.

Еве што и како работела комисијата, кој раководел со неа и колку сработила во овие 16 години:


Антикорупциска не работи 7,5 месеци, Собранието расправаше за нов закон


Скопје, 23 ноември, 2018 - 16:53 (META) 

Антикорупциската комисија, клучното државно тело за спречување корупција и судир на интереси, веќе седум и пол месеци не функционира откако во март последниот претседател Игор Тантуровски поднесе оставка, а од 2 април членовите беа „испратени“ на одмор на неопределено време.

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска одржа јавна расправа за предлог-законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој треба да постави нов модел за Државната комисија за спречување на корупција.

Според заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата би броел 7 члена, кои ќе бидат професионалци и ќе бидат избирани по транспарентна постапка со административна селекција и спроведување на интервју, јавно на собранискиот канал. Кандидатите за членови на Комисијата во последните 10 години не смеат да бидат пратеници, членови на Влада, донатори на политичка партија или да вршеле функција во органи на политичка партија.

Слаѓана Тасева од „Транспаренси интернешнел“ оцени дека новиот закон е исчекор во борбата со корупцијата и побара поддршка од пратениците за да може Комисијата да прерасне во независен орган на контрола и превенција на корупцијата.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации побара во изјавите за имотната состојба да се нотирани и дополнителните приходи од кирии, авторски права и членство во управни одбори.

Пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов предложи на крајот од мандатот на избраните и именуваните лица да се испита потеклото на имотот.

Според последните податоци на интернет страницата на Антикорупциската комисија, која треба да брои седум членови, во моментов во нејзиниот состав се м-р Сузана Таскова Аџикотарева и Најдо Спасевски.

Новиот закон треба да постави нов модел за функционирање на комисијата, која последните неколку години речиси и не функционираше и имаше сериозни пропусти во работата.

Според министерката за правда, Рената Треневска Дескоска, новиот закон ги зајакнува ингеренциите на комисијата, која ќе има и можност да ги проверува банкарските сметки и имотот на функционерите.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која учествува и на јавната расправа, но и во процесот на поставување на новиот модел, нагласува дека новата комисија мора да соработува со граѓанскиот сектор, кој преку јавно испитување на кандидатите мора да го има клучниот збор во изборот на идните антикорупционери.

„Клучен чекор кон подобрена работа на антикорупциското тело како ДКСК е избор на личности со интегритет, идеја и кои ќе уживаат доверба од потенцијални партнери во медиумите и граѓанското општество“, нагласува Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Според Платформата, новиот закон за антикорупција потребно е подобро да ги дефинира правилата за избор на членови на комисијата, чиј избор мора да биде јавен, со јавен распит на сите кандидати. Потребен е фокус на искуство покрај образованието, а особено на искуство во услови на ограничени или неповолни услови. Во новиот закон, според граѓанските организации, мора да бидат дефинирани и услови под кои членовите на комисијата можат да се разрешат.


Претседателот на Антикорупциска комисија, Тантуровски поднесе оставка


Скопје, 6 март, 2018 - 12:17 (META) 

Претседателот на антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, официјално поднесе оставка од својата функција, дознава „ТВ21“.

Во документот Тантуровски вели дека оставката ја поднесува од здравствени и семејни причини.

Тантуровски е втор антикорупционер кој се одлучи на ваков чекор, по вчерашната оставка на членот и поранешен претседател на ДКСК, Горан Миленков.

Извори од антикорупциска за „ТВ21“ велат дека оставки најавиле и членовите Жаклина Дамчевска и Сејди Халили.

Оставките следуваат неколку дена по скандалозниот извештај од внатрешната ревизија направена во комисијата, која покажува дека дел од членовите фалсификувале патни налози за да земат повисоки суми за патни трошоци и ненаменски трошеле буџетски средства.

Актуелниот состав на комисијата е именуван на 14 април 2015-та година.


Горан Миленков од Антикорупциска комисија поднесе оставка


Скопје, 5 март, 2018 - 14:13 (META) 

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата и поранешен претседател, Горан Миленков си поднесе оставка, објави „Телевизија 24“.

Миленков ја потврдил информацијата за телевизијата, но не сакал дополнително да коментира ништо.

Засега не се познати причините за неговата оставка и дали ќе следуваат нови. Оставката следува по скандалот за ненаменски трошења на дел од членовите на ДКСК.


Тантуровски: Нема да поднесам оставка затоа што не чувствувам одговорност


Скопје, 2 март, 2018 - 14:21 (META) 

Јас не чувствувам одговорност, не бев посочен како одговорен ниту во извештајот и од тие причини немам намера да поднесам оставка, изјави за „А1 он“, претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, по обелоденувањето на скандалот за трошењето во Комисијата.

– Извештајот беше направен за интерна употреба, но целта на неговото објавување во јавноста беше единствено да се дискредитира Комисијата и нејзините членови. Тоа што беше објавено е парафразирано и е далеку од вистината. Целта на извештајот беше да се дадат препораки за тоа како да се постапува за одредени недоследности – рече Тантуровски.

Тој тврди дека случувањата во последните денови се политички притисок врз него и работата на Комисијата. Тој гарантира дека нема корупција во Антикорупциската комисија. Тантуровски рече дека извештајот не може да биде официјално споделен со јавноста.

Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на Комисијата, што беше објавен во медиумите, покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци.

Дополнително, како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоците за ручеци и вечери во ресторани, што членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата на чело со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова-Аџикотарева и Сејди Халили, кои на оваа функција во ДКСК се од април 2015.


ОЈО ќе го истражува трошењето пари во Антикорупциска


Скопје, 1 март, 2018 - 13:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека, по допрен глас, оформило предмет за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.

„По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“, велат од ОЈО.


ВМРО-ДПМНЕ побара мислење од Антикорупциска за расправата за Зврлевски


Скопје, 8 август, 2017 - 12:33 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија денеска до Државната комисија за спречување корупција поднесоа барање за мислење во однос на собраниската расправа за разрешувањето на републичкиот јавен обвинител Марко Зрлевски.

„Собраниската седница на која се расправа за разрешувањето на јавниот обвинител, почната на 5 јули, сè уште е во тек, а тоа е во спротивност со член 8-а, став 1, алинеја 4 од Изборниот законик, според кој од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори за градоначалник или членови на советот, односно до конституирање на советот на општините и на градот Скопје, не може да се почне со постапка за вработување нови лица или постапки за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а воедно почнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случај на итни и неодложни работи“, се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму, како што велат, очекуваат Државната комисија за спречување корупција што поскоро да даде мислење дали постои законска пречка во текот на периодот од распишување на локалните избори да се расправа за точката за разрешување на Зврлевски, за која велат дека не е „итна и неодложна“.


Тантуровски уште една година ќе биде прв антикорупционер


Скопје, 13 април, 2017 - 15:08 (META) 

Членовите на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница едногласно му дале уште еден едногодишен мандат на актуелниот претседател на Комисијата, Игор Тантуровски.

„На денешната 182. седница на Државната комисија за спречување на корупцијата, во согласност со Законот за спречување на корупцијата и со деловникот за работа на комисијата, поради истекот на мандатот на претседателот, се спроведе избор на претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата едногласно за претседател повторно го избраа д-р Игор Тантуровски“, стои во соопштението на Антикорупциската комисија.

Претседателот на ДКСК се избира од редот на постојните членови на комисијата, со мандат од една година и со право на уште едно именување.