Бројот на туристи лани зголемен за 16,3 отсто во однос на 2016 година


Скопје, 12 јануари, 2018 - 13:05 (META) 

Бројот на туристи, во периодот јануари-ноември 2017 година е зголемен за 16,3 проценти во однос на истиот период од претходната година, и тоа, кај домашните туристи има зголемување за 5,7 проценти, а кај странските има зголемување за 23,5 проценти, објави Државниот завод за статистика.

За истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 12,2 проценти, кај домашните туристи има зголемување за 4,6 проценти, а кај странските има зголемување за 22,6 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во ноември 2017 година изнесува 50.869, а бројот на ноќевањата изнесува 115.749.


Просечната нето-плата во септември изнесувала 23.229 денари


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:57 (META) 

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември 2017 изнесува 34.127 денари, додека просечната нето-плата изнесува 23.229 денари, а во овој месец 1 отсто од вработените не зеле плата. Просечната плата, односно и нејзиниот бруто-износ и нето-износот биле поголеми за 4,6 отсто отколку во истиот месец во 2016 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемувањето во периодот од една година најмногу се должи на порастот на просечната плата во секторот уметност, забава и рекреација, каде бруто-платата се зголемила за  26,3 отсто, а нето-платата се зголемила за 32,1 отсто.

Просечната плата, и бруто и нето, во септември годинава пораснала и во однос на претходниот месец, односно август годинава, што повторно се должи на зголемувањето на платите во секторите уметност, забава и рекреација, со 13,8 отсто пораст на бруто-платата, односно 17,1 отсто на нето-платата.


Цените и трошоците за живот се зголемиле во октомври


Скопје, 7 ноември, 2017 - 14:48 (META) 

Трошоците за живот и цените во малопродажбата во октомври годинава се зголемиле за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Голем пораст на цените има во категоријата прехранбени производи, односно забележано е поскапување на оризот за 3,6 отсто, на компирот за 3,2 отсто, на млекото и на јогуртот за 1,9 отсто, на сувото овошје и на јаткастите производи за 1,8 отсто. Шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи поскапеле за 0,9 отсто, месото за 0,8 отсто, а другите пекарски производи и другите прехранбени производи за 0,5 отсто.

Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 6,2 отсто, обувките за 4,2 отсто, кај автомобилите за 3,9 отсто, болничките услуги за 2,6 отсто, гасот за домаќинствата за 2,2 отсто, течните горива и мазива за сопствени сообраќајни средства за 2 проценти, стоматолошките услуги за 1,7 отсто, теписите и другите покривки за под за 1,3 отсто и кај облеката за 0,5 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 7,4 отсто, замрзнатото овошје за 1,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 1 процент и кај јајцата за 0,9 отсто.

Инаку, за период од една година, зголемувањето на трошоците за живот и на цените е многу поголемо. Така, инндексот на трошоците за живот во октомври 2017 година, во споредба со октомври 2016 година, бележи пораст од 1,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи пораст за 4,3 отсто, соопштува ДЗС.


Нето-платата во мај изнесувала 22.889 денари


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:33 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата во мај годинава изнесувала 22.889 денари, а бруто-платата била 33.640 денари, објави Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата во секторите рударство и вадење камен (14,2 проценти), стручни, научни и технички дејности (5,8 проценти) и преработувачка индустрија (5,5 проценти).

Во мај годинава, 1,2 отсто од вработените не примиле плата.


Просечната нето-плата во април изнесувала 22.672 денари


Скопје, 23 јуни, 2017 - 11:25 (META) 

Просечната месечна нето-плата по вработен во април изнесува 22.672 денари и во однос на истиот месец лани бечежи зголемување од 1,4 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување е резултат, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна нето-плата исплатена во секторите информации и комуникации (22,4 проценти), рударство и вадење камен (14,7 проценти) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (6,1 отсто).

Просечната месечна бруто-плата по вработен во април 2017 година изнесува 33.296 денари. Во април, 0,9 проценти од вработените не зеле плата.


Бројот на туристи во првиот квартал е зголемен за 10,7 проценти во однос на лани


Скопје, 12 јуни, 2017 - 15:00 (META) 

Во првиот квартал на 2017 година во однос на истиот период лани, бројот на туристите е зголемен за 10,7 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 9,4 проценти, а кај странските има зголемување за 11,4 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во истиот период има зголемување и кај бројот на ноќевањата и тоа за 9,8 проценти. Кај домашните туристи бројот на ноќевања бележи зголемување за 3,4 проценти, а кај странските има зголемување за 14,6 проценти.

Бројот на туристите во април изнесувал 68.047, а бројот на ноќевањата изнесува 140.081. Во однос на истиот месец лани, бројот на туристи е зголемен за 18,4 проценти, а бројот на ноќевањата е зголемен за 18,6 проценти.


СДСМ: Јавниот долг во првиот квартал од годинава е зголемен за 28,3 милиони евра


Скопје, 2 мај, 2017 - 16:25 (META) 

Јавниот долг во првиот квартал од 2017 година во апсолутен износ е зголемен за 28,3 милиони евра, а во најновиот извештај Министерството за финансии лажно сака да прикаже негово намалување пресметано како процент од домашниот бруто-производ (БДП), велат од СДСМ.

Оттаму додадваат дека иако пред 40 дена, Министерството за финансии јавно се огради од методологијата на пресметка на БДП на Државниот завод за статистика, сега во своите пресметки ја прифаќа, па „дури и ја надградува“.

„Миноски во извештајот на Министерството за финансии нелогично пресметал дека домашниот  бруто-производ за 2017 година ќе изнесува неверојатни 10 милијарди и 300 милиони евра. Направени се сериозни статистички злоупотреби со кои Министерството за финансии во последните 40 дена го зголемува износот на БДП за нереални 890 милиони евра за да прикаже фиктивно намалување на јавниот долг како процент од БДП“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека „новата реформска влада посветено и транспарентно ќе раководи со јавните финансии, а ќе ги преиспита и сите злоупотреби направени со пари на граѓаните“.


Бројот на туристите е зголемен за 13,4 отсто во првите два месеци во однос на лани


Скопје, 12 април, 2017 - 13:37 (META) 

Во првите два месеци годинава, бројот на туристи е зголемен за 13,4 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика. Кај домашните туристи има зголемување за 12,7 проценти, а кај странските за 13,9 проценти.

Во истиот период, бројот на ноќевањата е зголемен за 11,1 отсто, и тоа кај домашните туристи има зголемување за 4,2 проценти, а кај странските има зголемување за 16,6 проценти.

Бројот на туристите во февруари изнесувал 36.869 лица, а бројот на ноќевања бил 79.860.


Беса обвинува дека Заводот за статистика објавува неточни информации


Скопје, 16 февруари, 2017 - 12:45 (META) 

Движењето Беса им сугерира на странските експерти да му постават неколку прашања на Државниот Завод за Статистика, затоа што, како што велат, институцијата давала неточни информации.

„Како се случи за време кога имаше обид за попис на населението во 2011-та, од вкупно 39 групи на државни инструктори, ниту еден не беше предводен од Албанец? Како се случи, од осумте сектори, ниту еден сектор не е предводен од Албанец? Зошто во последните неколку години бројот на Албанците вработени во оваа институција постојано паѓа? Зошто на Албанците кои имаат завршено високо образование не им се прифаќаат дипломите и се уште продолжуваат да се сметат како вработени со средно образование“, стои во соопштението на Беса и се додава дека ова се само некои од точките за кои тие би сакале да ги информираат експертите од Еуростат, но и пошироката јавност.


СДСМ: Груевски ќе мора да објасни како толку успешно штедел и се богател


Скопје, 1 февруари, 2017 - 17:38 (META) 

Никола Груевски ќе треба да објасни како успеал да заштеди 230.000 евра, колку што официјално пријавил во најновиот aнкетен лист за имотната состојба, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „додека поранешниот премиер осиромаши повеќе од 500.000 граѓани, штедел и по 10.000 евра месечно“.

„Според последните пријавени податоци лани, заштедил речиси 20.000 евра. Ова може да се види ако се споредат неговите анкетни листови од последните три години. Доколку оваа пријавена заштеда се подели на 12 месеци, тогаш излегува дека обвинетиот Груевски месечно штедел околу 1.500 евра,“ се вели во реакцијата на СДСМ.

Од оваа партија истакнуваат дека „случајно или не, висината на оваа сума е слична на сумата што поранешниот премиер ја добива како апанажа од државата, од пари на граѓаните на Македонија“.

СДСМ прашува „од што живеел тогаш Груевски кога можел да ја штеди целата плата од апанажата?“

„Сумата што за една година Груевски ја ставил на книшки е речиси 60 месечни просечни плати, односно на работник кој зема просечна месечна плата и тоа пресметана според контролираниот Државен завод за статистика (ДЗС), потребни му се цели пет години за да го заработи она што Груевски го заштедил за една година. Граѓаните знаат дека поранешниот премиер и криминалната власт во заминување изнеле и повеќе од 5 милијарди евра нивни пари по странски сметки во земјите кои важат за даночни раеви“, се вели во соопштението на СДСМ.