!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Повеќе од милион луѓе во Истанбул на годишнината од обидот за пуч


Истанбул, 16 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Повеќе од еден милион Турци во Истанбул синоќа беа на гигантскиот собир наречен „Епопеја на победата за демократија“, со кој беше одбележана првата годишнина од обидот за државен удар, што се случи на 15 јули лани.

Мостот над Босфор, наречен Мост на мачениците на 15 јули, кој е долг 1,5 километар, беше исполнет со луѓе, а според некои проценки, имало повеќе од еден еден милион лица. Пред една година мостот беше заземен со тенкови. Притоа  беа убиени повеќе луѓе, но тенковите беа запрени и не им беше дозволено да минат на другиот брег, што беше одлучувачки момент за неуспехот на пучот.

Точно на тоа место беше отворен меморијалот на мачениците од пучот на 15 јули, во кој загинаа 249 лица, а 2.100 беа ранети.

Синоќешниот собир почна со огромна поворка, на чие чело беа претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата сопруга Емине. Фатени за рака, тие минаа пеш од домот до мостот, заедно со голема група луѓе, меѓу кои семејствата и блиските на жртвите на превратот.

– Овој мост пред една година беше сведок на најкрвавиот злосторнички преврат во нашата историја. Но истата таа ноќ, тој стана и сведок на победата. Како и денеска луѓето во рацете имаа единствено знамиња. Но тие имаа посилно оружје. Својата вера – рече Ердоган.

Ердоган од Истанбул замина за Анкара, каде по полноќ учествуваше на седницата на парламентот во спомен на жртвите, која почна во 2.32 минути по локално време, кога парламентот беше подложен на напад од турски „Ф-16“ за време на пучот. Опозициските пратеници го бојкотираа настанот.

Во говорот во Анкара, Ердоган изјави дека ќе го потпише законот за враќање на смртната казна доколку му биде доставен.


ВМРО-ДПМНЕ изразува сочувство за убиените во обидот за државен удар во Турција


Скопје, 16 јули, 2017 - 11:14 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ изразува најдлабоко сочуство за сите што ги загубија животите при обидот за државен удар во Република Турција, посочуваат од партијата во соопштение.

„Сликите и снимките од минатогодишниот 15 јули засекогаш ќе останат врежани во сеќавањата не само на турскиот народ, туку и на сите кои имаат посебна почит и симпатии кон Турција. Република Турција и турскиот народ биле и остануваат докажан пријател на Република Македонија. Меѓусебните односи секогаш биле проткаени со заемна почит и пријателство и очекуваме врските со Република Турција да се продлабочуваат и во иднина. Демократските избори се единствениот начин на кој една власт може да ја добие честа да ја управува државата“, се вели во соопштението.


Се апсат десетици лица во две турски министерства поради наводна поврзаност со Ѓулен


Анкара, 6 јуни, 2017 - 14:11 (META) 

Обвинителството во Анкара издаде десетици наредби за апсење на вработени во две турски министерства во рамките на истрагата за организацијата ФЕТО на проповедникот и опозиционер Фетулах Ѓулен, јави турската телевизија „Си-ен-ен Турк“.

Наредби за апсење се издадени за 30 вработени во турското Министерство за образование и за 17 вработени од Министерството за транспорт, навигација и за комуникација. Осомничените лица се корисници на мобилната апликација „бајлок“, што се смета дека била користена за комуникација меѓу организаторите за подготовка и за реализација на обидот за државен удар во Турција во јули минатата година.

Турските власти сметаа дека обидот за преврат на 15 јули е извршен од организацијата ФЕТО на муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД. Ѓулен ги отфрла обвиненијата.


СДСМ: Народот е декларираното парламентарно мнозинство, а не Груевски и Милошоски


Скопје, 27 април, 2017 - 16:49 (META) 

Антонијо Милошоски најмалку може да зборува од име на народот, затоа што тој додека ги убедувал граѓаните во политиките на ВМРО-ДПМНЕ, знаел дека ги лаже и си барал спас во нотар, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конфренцијата на Милошоски.

„Каков државен удар? Парламентарното мнозинство е власт во државата и ја презема одговорноста да ги носи одлуките за деблокада на демократските процеси, што ќе почне со избор на нов собраниски претседател. А тоа е само удар врз криминалните интереси на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Предупредуваме да не помисли некој да постапува спротивно на Уставот и на државните интереси на Македонија. Тоа се тешки казниви дела за што се одговара“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ додаваат дека Никола Груевски и Антонијо Милошоски не се народот, туку дека народот е декларираното парламентарно мнозинство.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев и СДСМ се обидоа да изведат државен удар во Собранието


Скопје, 7 април, 2017 - 9:48 (META) 

Зоран Заев и „злосторничкото здружение околу него“ вчера се обидоа да изведат државен удар, да спречат дискусија во законодавниот дом и да ги замолкнат сите што говорат против тиранската платформа, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

„Криминалецот Заев и злосторничкото здружение околу него е избезумено. Ветуваа двојазичност, дебати за химната, грбот и за знамето. Ветуваа промена на банкнотите, двојазични униформи и федерализација. Ветуваа државни функции и со молчење ги одобруваа сите навреди и негирања на македонскиот идентитет. Ветуваа, но не им помина. Македонскиот народ ги прочита и им застана на пат. Македонскиот народ им порача дека не прифаќа ниту тиранска платформа, ниту тиранска влада“, стои во соопштението.

Оттаму повторуваат дека ВМРО-ДПМНЕ „како сериозна и одговорна партија“ понудила излез од политичката криза преку „Манифестот за единствена Македонија“.

„Овој манифест е гаранција на унитарниот карактер на Македонија и најдобар одговор на негирањата кон македонскиот народ, државните симболи и иредентизмот кој го промовираат домашни, но и странски субјекти. Наместо кон сопствениот народ, СДСМ има долг кон наркодилерите и кон криминалците со кои соработува. Затоа стравот на граѓаните од идните политички дејства на СДСМ е оправдан“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Заев: Иванов изврши државен удар со одлуката да не го даде мандатот


Скопје, 1 март, 2017 - 19:18 (META) 

„Ѓорге Иванов, со одлуката да не го даде мандатот за состав на влада, за што е обврзан со Уставот, изврши државен удар. Државата ја внесе во длабока криза со несогледливи последици по граѓаните“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, откако претседателот Ѓорге Иванов одлучи да не му го даде мандатот.

Со оваа одлука, како што рече Заев, тој прави уставно-државна криза со тоа што ја негира мнозинската волја на граѓаните и поднесените 67 потписи на избрани пратеници во Собранието на Македонија и спречува легален и легитимен трансфер на власта.

– Со ваквото однесување, Иванов уште еднаш се стави во улога на заштитник и соучесник на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам јавно да порачам, СДСМ и јас како претседател нема да дозволиме никој да си игра со иднината на државата за лични, политички и за криминални цели – изјави Заев.

Тој ги повика граѓаните да не подлегнат на никакви провокации, да останат смирени и преку демократски процеси да се случи формирање на нова влада, која, како што рече, ќе биде фокусирана на реалните потреби на граѓаните и на владеење на правото.

Заев истакна дека Иванов мора да ја повлече одлуката и да го додели мандатот бидејќи уставно е обврзан.

На новинарско прашање што ќе се случува доколку претседателот не ја повлече одлуката, Заев уште еднаш апелираше да се остане со смирени глави.

– Горчината во душата денеска, утре отвора нови перспективи – одговори Заев.

За средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во седиштето на СДСМ, Заев рече дека требало да разговараат за контурите на работните групи по добивањето на мандатот, за програмата, за кадровските решенија, но по одлуката на Иванов, таков разговор немало.

Во однос на тоа што е договорено со ДУИ, Заев уште еднаш повтори дека сè е во рамките на Уставот и во насока на зајакнување на унитарноста на државата.

За посетата на високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, Заев истакна дека таа утре доаѓа за да се најде решение како да ѝ помогне на државата.

– Немаме алтернатива како земја освен полноправно челнство во ЕУ. Ќе разговараме за перспективите на државата за членство во ЕУ, интересите на граѓаните, ќе понудам свои решенија за забрзување на процесот и за спроведување на реформите – изјави Заев.

За граѓаните кои протестираат, тој додаде дека правото на протест е граѓанско право, но и дека се обидува да ја разбере логиката и разумноста зошто се протестира.

– Нашата земја отсекогаш била мултиетничка, таква сме ја наследиле. Унитарноста може да биде зацврстена ако имаме еднакво општество и квалитетен живот за сите граѓани. Граѓаните кои протестираат се изманипулирани за да го штитат Никола Груевски и бандата околу него од појавата на суд – рече Заев.


„Цивил“: Иванов уште еднаш го прегази Уставот и го охрабри насилството


Скопје, 1 март, 2017 - 18:20 (META) 

„Ѓорге Иванов, човекот кој на власт дојде преку изборна измама организирана од партијата во заминување од власт, и кој, според релевантни правни експерти, го прекрши Уставот на Македонија повеќепати досега, денеска уште еднаш го стори тоа“, се вели во реакцијата на невладината организација „Цивил“, откако претседателот Ѓорге Иванов одлучи да не го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за да формира влада.

– Со својот настап, тој го одобри и го охрабри насилството на кое сме сведоци овие денови. Накратко, Иванов со своето обраќање не понуди решение, туку го прегази Уставот и ја продлабочи политичката криза во Македонија. Сега преостанува избраните пратеници во парламентот да ги искористат постојните уставни и законски можности, да го „премостат“ Иванов, кој е крајно деструктивен елемент во македонската политика, и да го ефектуираат своето мнозинство  – велат од „Цивил“.


Во Туруција уапсен директорот на весникот „Џумхуриет“


Анкара, 11 ноември, 2016 - 16:25 (META) 

Турската полиција го приведе директорот на опозицискиот весник „Џумхуриет“ на истанбулскиот аеродром, една недела по апсењето на девет уредници и новинари.

Правосудните власти им одредиле притвор на главниот уредник и на неговиот помошник за време на судењето на кое се обвинети дека го поддржувале обидот за државен удар, извршен на 15 јули.

Директорот Акин Аталај е приведен на аеродромот „Ататурк“ по враќањето од Германија и е однесен на распит.

Откако властите го спречија обидот за државен удар во јули, повеќе од 110.000 судии, наставници, полицајци и службеници се суспендирани или отпуштени, а околу 36.000 лица се уапсени во големата чистка што ја поведе претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Критичарите ја обвинуваат турската власт дека сака да го згасне гласот на отпорот.

Според законот за вонредна состојба, воведена по обидот за државен удар, полицијата може осомничените да ги држи во притвор и до 30 дена, а судот одлучува дали затвореникот за време на судењето ќе биде во затвор или на слобода.

Турција од јули досега згасна повеќе од 130 медиуми, а таквиот чекор Западот го оцени како задушување на медиумската слобода.


Издадени налози за апсење на 189 судии и обвинители во Турција


Анкара, 14 октомври, 2016 - 13:16 (META) 

Турските власти издадоа налог за апсење на 189 судии и обвинители во земјата во рамки на истрагата за неуспешниот државен удар од 15 јули, јавуваат турските медиуми.

Лицата се обвинети за користење на апликацијата „бајлок“, која, како што наведуваат властите, била средство за комуникација на пучистите.

Меѓу осомничените се претставници на министерството за правда, судии на Касациониот суд и на Државниот свет. Од судовите во Истанбул осомничени се 30 судии, а другите се од други градови во Турција.

Турската влада за организирање на пучот го обвини муслиманскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој во доброволен егзил живее во САД.

Повеќе илјади лица се притворени по неуспешниот државен удар во Турција, а десетина илјади вработени во државните институции се обвинети или суспендирани.


Најмасовниот собир по обидот за пуч најавен за денеска во Истанбул


Истанбул, 7 август, 2016 - 10:35 (META) 

Стотици илјади луѓе се очекува да излезат во Истанбул, каде за денеска е најавен најмасовниот собир на граѓани по неуспешниот обид за државен удар во Турција, минатиот месец, јавуваат светските агенции. Собирот се очекува да биде последен по демонстрациите што изминативе три недели секојдневно се одржуваат во Турција.

Приврзаниците на Партијата на правдата и развојот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган излегуваат на улица секоја ноќ, по обидот за пуч.

Собирот, под паролата „Демократија и маченици“, ќе биде одржан под силни безбедносни мерки, а Ердоган ги повика и лидерите на опозициските партии, освен на прокурдската партија ХДП, да им се обратат на насобраните граѓаните.

Митингот ќе биде одржан на истанбулскиот плоштад Јеникапи, а според прогнозите на дел од турските медиуми, на него се очекува да се соберат дури 3,5 милиони луѓе.

Собирот ќе биде пренесуван во живо на огромни екрани ширум целата земја, а екран ќе биде поставен и во Пенсилванија, САД, каде во доброволен егзил живее имамот Фетулах Ѓулен, кого Ердоган го обвинува дека стои зад обидот за пуч.

„Еден огромен екран ќе биде поставен на уште едно место. Знаете каде? Во Пенсилванија. Пораката ќе биде испратена“, изјавил Ердоган.

Досега своето учество на собирот го потврдиле и двајца лидери на опозициските партии.