!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поради уцена притворен државниот секретар за транспорт на Романија


Букурешт, 14 ноември, 2017 - 10:08 (META) 

Обвинителите од Националната антикорупциска управа на Романија, вчера под обвинување за уцена го притворија Нинел Церцел, државен секретар во Министерството за транспорт на Романија.

Случајот на антикорупционерите е поврзан со  инцидент од 31 октомври годинава, кога во еден од вагоните на воз натоварен со амониум нитрат избил мал пожар, а Министерството за транспорт и националната компанија ЦФР Марфа не го третирале случајот како сериозен инцидент, велат обвинителите.

Следниот ден Церцел побарал од менаџерот на Центарот за транспорт за зоната Брашов да си даде оставка ако не сака да биде отпуштен, иако инцидентот со возот не се случил на територија под негова надлежност. Државниот секретар за транспорт на менаџерот му рекол и дека ако си даде оставка, нема да се поведе дисциплинска постапка против него, а ќе стане советник во Советот на општина Брашов и подоцна пак ќе добие работно место во компанијата ЦФР Марфа. Но, менаџерот не го прифатил тоа и пријавил.

Церцел сега е во 30-дневен притвор, а премиерот Михај Тудосе го разреши од функцијата.


Именуван новиот државен секретар во Министерство за економија


Скопје, 25 јули, 2017 - 12:36 (META) 

На предлог на ЛДП, денеска Зоран Павловски е именуван за нов државен секретар во Министерството за економија.

Павловски, член на Либерално-демократската партија, на ова место доаѓа од позицијата раководител на сектор за администрирање приходи, локален економски развој и за стратешко планирање во Општина Куманово, со искуство во развој на локална економија, поддршка во развој на мали и на средни претпријатија, претприемништво, туризам, занаетчиство и угостителство.


Османи го презентирал планот „3-6-9“ на амбасадорите од ЕУ и на Рот


Скопје, 11 јули, 2017 - 13:28 (META) 

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, во просториите на Делегацијата на Европската Унија го презентирал планот „3-6-9“ пред амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ.

– Во овој план се опфатени реформите што Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од три месеци, односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на прецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните шест и девет месеци – рекол Османи, нагласувајќи дека Владата се залага за обезбедување транспарентност и инклузивност, со вклучување на опозицијата.

Планот претходно тој го презентирал и на Државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.

– Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и за зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажа со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција. Тоа се потврди на последователните самити во Виена и во Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела – истакнал Османи.

„Двајцата соговорници се оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен и дека со посветеност ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ“, се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања.


Заев: Не би сакале да се повтори 24 декември, не ги кажуваме тактиките на партијата


Скопје, 26 април, 2017 - 19:06 (META) 

„Постојат многу алтернативи, не ги кажуваме тактиките на партијата бидејќи може да предизвикаат чекори од нашиот опонент, па тоа да доведе до несакани состојби. Но, отворено зборувам дека не би сакале да се повтори 24 декември или нешто што е згрозувачко за македонската јавност. Видовме на што се подготвени ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за „24 Вести“ на прашањето за можностите за решавање на политичката криза.

Заев смета дека парламентарното мнозинство има право и обврска да си преземе одговорност за водењето на парламентот преку избор на претседател од своите редови.

Лидерот на СДСМ го повтори партискиот став дека нема амнестија на криминалот, ниту нови парламентарни избори и дека Груевски мора да ја предаде власта.

Тој сакал заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, в понеделник да биде пречекан од нов претседател на Собранието.


Рекс Тилерсон на чекор да стане нов државен секретар на САД


Вашингтон, 24 јануари, 2017 - 10:12 (META) 

Одборот за надворешна политика на Сенатот на САД со тесно мнозинство (11:10) гласови го поддржа изборот на Рекс Тилерсон за нов државен секретар на САД.

Иако никој во последните 40 години не добил толку скромна поддршка на Одборот, се очекува поранешниот директор на нафтениот гигант „Ексон мобајл“ сепак да го помине конечното пленарно гласање на Сенатот – горниот дом на американското собрание, што се очекува да се случи следната недела.

Тилеросон е спорен поради неговите бизнис и други блиски врски со Русија и со нејзиниот претседател Владимир Путин.

Сенатот вчера, исто така, го поддржа изборот на републиканскиот конгресмен Мајк Помпео за нов директор на ЦИА.

Новиот американски претседател Доналд Трамп јавно ја критикуваше ЦИА поради тврдењето дека Русија, наводно, влијаела на резултатот на изборите преку хакирање на електронската пошта на Демократската партија за време на предизборната кампања.

Трамп вчера одлучи САД да го напуштат Транспацифичкиот договор за слободна трговија со 12 азиски земји за што рече дека било во интерес на американските работници.


Државната секретарка во МВР, Анастасија Илиеска, стана директорка на УЈП


Скопје, 6 јули, 2016 - 13:14 (META) 

Државната секретарка во МВР, Анастасија Илиеска, стана директорка на Управата за јавни приходи (УЈП), потврдија од Владата за „Мета“.

– По изборот на Кирил Миноски за министер за финансии, заради тековно извршување на функциите на институцијата, Владата одлучи директорот на подрачната единица на УЈП во Скопје, Петар Есмеров, привремено да биде назначен за вршител на должноста директор на УЈП. На минатата седница, Владата ја именуваше Анастасија Илиеска за директор на УЈП, а Петар Есмеров ќе продолжи да ја извршува позицијата директор на подрачната единица на УЈП-Скопје – изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев.

Денеска, на дневен ред на пленарната седница на Собранието е измената на Законот за внатрешни работи, при што клучната измена е државниот секретар во Министерството за внатрешни работи (МВР) да го именува Владата на предлог на ресорниот министер, наместо тој да се избира од редовите на раководните лица во МВР.


Измени на Законот за внатрешни работи: Државниот секретар во МВР да го именува Владата


Скопје, 6 јули, 2016 - 10:21 (META) 

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи (МВР) да го именува Владата на предлог на ресорниот министер, наместо тој да се избира од редовите на раководните лица во МВР. Ова е клучната измена во Законот за внатрешни работи што денеска е на дневен ред на пленарната седница на Собранието.

„Имајќи ја предвид досегашната практична примена на законот, се утврди дека е потребно поинакво позиционирање на државниот секретар во Министерството за внатрешни работи. Наместо да се избира од редот на раководните работници во Министерството, со овој закон се предлага ова лице да биде именувано и разрешувано од Владата на Република Македонија, по предлог на министерот за внатрешни работи“, стои во собраниските материјали за измена на законот.

Според предлог-измените на Законот за внатрешни работи, покрај членот 43, кој се однесува на именувањето државен секретар, во оовој контекст се менува и членот 41 од Законот, односно наместо досегашните осум категории во кои се класифицираат работните места во МВР, со измените нивиот број ќе изнесува седум.

Седницата на која пратениците треба да гласаат за предложените измени, по скратена постапка е закажана за денеска во 12 часот.


Кери утре во посета на Брисел и на Лондон


Вашингтон, 26 јуни, 2016 - 15:41 (META) 

Американскиот државен секретар, Џон Кери, утре ќе ги посети Брисел и Лондон, по историскиот референдум во четвртокот, на кој Британците одлучија да ја напуштат Европската Унија.

Се очекува Кери да упати пораки со поддршка од Соединетите Американски Држави до Лондон и до Брисел.

Тој во Брисел треба да има средба со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, а во Велика Британија е најавен состанок со шефот на британската дипломатија, Филип Хамонд.


Спасовски: Владата создаде услови за пуч во МВР


Скопје, 22 април, 2016 - 15:13 (META) 

Владата создаде услови за извршување пуч во МВР, изјави денеска на прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој истакна дека е оневозможен од страна на Владата да раководи со Министерството, „во овие исклучително тешки моменти за државата“ и да одговара за „последиците од ваквиот свесно креиран хаос во министерството“.

– Владата, од неразјаснети за мене причини, не ја испочитува мојата јасно изразена волја преку оставката што ја поднесов на 6 април 2016 година од функцијата министер за внатрешни работи и не ја достави до Собранието. Од друга страна, Владата двапати ги поништи решенијата и правилниците донесени од моја страна. Со тоа органот кој треба да биде чувар на Уставот и на законите во Република Македонија, со своите незаконски одлуки целосно го дерогираше правниот систем и направи целосен хаос во функционирањето на Министертвото за внатрешни работи – изјави Спасовски.

Според министерот за внатрешни работи, и покрај сите укажувања, предупредувања и наредби доставени до директорите на органите во МВР и до сите вработени во министерството, Владата со одлуката донесена ноќта пред распуштањето на Собранието го задала завршниот удар на правниот систем во Македонија и на нормалното функционирање на МВР.

– Замислете, Владата му забрани на министерот за внатрешни работи да потпишува документи, а со тоа и да раководи со органот. Не постои држава во светот каде што е позната ваква небулозна наредба издадена од највисокиот извршен орган на земјата – вели Спасовски, додавајќи дека освен што му е забрането да ги извршува своите надлежности како министер, Владата ги потикнала другите функционери во министерството да ги спроведат нејзините незаконски одлуки и да вршат кривични дела.

Спасовски тврди дека последните два дена директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и државниот секретар на МВР, надвор од законот, издавале усни наредби за одземање на канцелариите, менување на бравите, исклучување на службените картички на дел од вработените чии решенија Владата незаконски ги поништи.

– Со овој чин, фактички и директорот на УБК и државниот секретар, од своја страна ги потикнуваат вработените да извршуваат кривични дела, преку реализирање на овие оперативни задачи, за кои се одговара според Кривичниот законик. Според информациите што ги имам, државниот секретар ја презема улогата да раководи со МВР. Сигурно ви е јасно дека со тоа се создава безвластие и комплетен хаос во Министерството за внатрешни работи. Јас сум министер за внатрешни работи и не прифаќам никакви палијативни решенија и комбинации на заедничко раководење со министерството, па, според тоа, не прифаќам ни наметната одговорност за надлежности кои свесно ми се одземени – изјави Спасовски на денешната прес-конференција.


Државниот секретар на Ватикан во посета на Македонија


Скопје, 18 март, 2016 - 9:47 (META) 

Државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, од денеска престојува во дводневна официјална посета на Македонија.

Кардиналот ќе биде гостин на скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, во Скопската бискупија. Предвидено е Паролин да се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов и со други државни претставници.

Паролин ќе присуствува на свечен благослов и на инаугурација на новата бискупска резиденција со присуство на верските поглавари, цивилните власти и на дипломатскиот кор, по што во скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ ќе има средба со свештениците и со монашките заедници.

Утре кардиналот Паролин ќе ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза, археолошкото наоѓалиште Стоби, привремениот транзитен центар за мигранти „Винојуг“ и парохиската црква „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, како и катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.