Државниот инспекторат не нашол докази дека Дрисла загадува, ОЈО ќе продолжи со проверките


Скопје, 24 октомври, 2018 - 13:05 (META) 

Државниот инспекторат за животна средина во одговорот до надлежниот јавен обвинител навел дека депонијата Дрисла не загадува над дозволените граници, информираат од ОЈО Скопје од каде побарале информации од Инспекторатот постапувајќи по предмет оформен по допрен глас во јануари годинава за кривично дело Загадување на животната средина и природата во врска со работењето на депонијата Дрисла.

„Државниот инспекторат за животна средина во одговорот до надлежниот јавен обвинител наведува дека депонијата Дрисла постапува согласно Спогодбата постигната во Министерството за животна средина и просторно планирање, а извршените мерења во кругот на депонијата за квалитетот на амбиентниот воздух покажале дека резултатите од мерењето се во дозволените граници според европското и националното законодавство“, информираат од ОЈО.

Од таму додаваат дека и покрај ваквиот одговор, надлежниот јавен обвинител ќе продолжи со проверките во насока на утврдување на фактите во предметот.


Инспекторатот со дрон го снимал и следел дивото фрлање и палење отпад


Скопје, 1 февруари, 2018 - 11:23 (META) 

На подрачјето на Скопје состојбата со загадениот воздух е веќе под прагот на алармирање, извести Државниот инспекторат за животна средина на својата Фејсбук страница, повикувајќи се на податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот од 31 јануари.

„Се прекинува епизодата за надминување на прагот за алармирање за две мерни места во Скопје Лисиче и Ректорат за два последователни дена, бидејќи концентрациите за PM10 се под дефинираниот праг согласно легислативата“, соопшти Инспекторатот.

Оваа институција вчера вршела набљудување со изнајмен дрон над местата од кои може да се создава загадување на воздухот и откривање на прекршителите.


Од големите загадувачи, инспекторите утврдиле проблеми и ја казниле само „Дрисла“


Скопје, 4 јануари, 2018 - 14:06 (META) 

Инцинераторот, односно направата во која гори медицински отпад во скопската депонија „Дрисла“ е единствениот од 15-те големи капацитети контролирани од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), за кој во последниов период се изречена казнени мерки.

„Дрисла“ доби казна од 8.500 евра и обврска до средината на февруари да вгради соодветни филтри.

Директорот на инспекторатот, Мирослав Богдановски денеска, презентирајќи ги програмата за работа и буџетот на Инспекторатот во 2018 година ги повика граѓаните на бројот 193 да ги пријавуваат сите случаи на оган на отворено, но и на други извори на загадување на животната средина, порачувајќи дека со зголемениот буџет државниот инспекторат годинава ќе работи засилено.

Инспекторите и по неколку пријави за загадување на територијата на општина Карпош не утврдиле прекршоци, објасни директорот на ДИЖС.

– Во последниот период се направени 15 вонредни контроли на големи капацитети е притоа е изречена една мерка – рече Богдановски.

Буџетот на Државниот инспекторат за животна средина за 2018 година е поголем за 10 милиони денари, односно 60 отсто повеќе отколку во 2017 година, што ќе овозможи вработување нови 6-7 инспектори, а ќе се набави и нова опрема.

За малењето на медицинскиот отпад во Дрисла тој рече дека ќе се врши до средината на февруари само по три часа дневно, и тоа само кога има поволни метеоролошки услови.

– Не можеме целосно да го затвориме, оти тоа е единствениот таков капацитет во земјава, и ќе се јави голем проблем ако се натрупа медицински отпад – рече Богдановски.

 


Богоев и Макрадули договориле дополнителни мерки против загадувањето во Карпош


Скопје, 22 ноември, 2017 - 18:32 (META) 

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска имал средба со заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, и со директорот на Државниот инспекторат за животна средина, Мирослав Богдановски, на која било разговарано за дополнителни мерки за намалување на загадувањето на воздухот во оваа општина.

Како што се наведува во соопштението на Општина Карпош, на средбата биле утврдени задачи кои треба да се реализираат во претстојниот период.

Богоев нагласил дека локалната самоуправа ќе продолжи со секојдневните контроли и дежурствата на инспекторите, додавајќи дека во изминатиот период биле санкционирани повеќе потпалувачи на секундарен отпад, што е еден од најчестите загадувачи на воздухот.

Заменик-министерот за животна средина, Макрадули, истакнал дека Министерството за животна средина и просторно планирање ќе спроведе детална анализа и лоцирање на објектите кои загадуваат на територијата на општина Карпош.

Во соопштението се наведува дека Општина Карпош ќе продолжи со чистење на дивите депонии, како и со оградување и со осветлување на исчистените места за да не се повтори загадувањето, а најавени се и нови, специјализирани контејнери за селектирање отпад.